петок, 9 мај 2008 г.

Rōkyoku 浪曲

Подолу можете да видите една прекрасна анимација од доста познатиот јапонски аниматор Koji Yamamura наречена Atama-Yama (Планина Глава). Една од поинтересните работи во ова анимирано филмче, покрај оригиналната анимација е специфичната нарацијата, за која и сакам да ви зборувам.

Се работи за Rōkyoku (исто наречено naniwabushi), специфичен стар јапонски начин на раскажување приказни развиен пред 150 години. Оваа техника на раскажување ги комбинира нарацијата (tanka) со пеењето (fushi). Изведувачот стои позади маса покриена со платно со висока столица во позадина, а од другата страна има друга одделна висока маса за чајарник. За разлика од rakugo (тип на комино раскажување - за ова може друг пат да пишувам) каде што изведувачот седи на перниче, овде тој опфаќа поголем дел од визуелното поле и има доволно место за движење. Иако изгледа дека на сцената има само еден изведувач, зад екранот на десната страна се наоѓа скриен свирач на шамисен, кој е свртен кон раскажувачот и ја прати приказната со звук на шамисенот или гласовни ефекти. Во зависност од реакциите на публиката, временските ограничувања и слични околности, изведувачот може да скрати, продолжи или измени делови од приказната. Свирачот на шамисен мора постојано да го следи изведувачот со поглед и да го одржува текот на приказната. Наоѓањето на вистински свирач на шамисен е исто така клучно колку и самата изведба на раскажувачот.

Рокјоку раскажувањето било доста популарно за време на ерата на радиото (пред да го убие телевизијата ;). Така постепено почнало рокјокуто да изумира. Сега постои само едно место во Токио, каде што може да се присуствува на жив рокјоку перформанс. Mokubatei првите 10 дена од месецот ги посветува на рокјоку изведби. За 2000 јени (околу $15) можете да слушате шест изведувачи, секој по 30 минути.

Kunimoto Takeharu е рокјоку изведувачот кој го слушате во цртаниот Глава Планина. Тој е рокјоку изведувач кој во исто време е и свирач на шамисен (значи две во едно :), а колку е добар може да забележите и на филмот. Уживајте!


Atama-yama
Uploaded by pixeltoo


edit: Бидејќи филмот беше тргнат од You Tube, го апдејтирав од друг извор.

Нема коментари: