недела, 23 септември 2012

Сезоната на светулките во Јапонија - Hotaru-gari

Крајот на мај и почетокот на јуни е сезона на светулките во Јапонија. Нивното набљудување (hotaru-gari), проследено во голема тишина е дел од долговековната традиција на Јапонија и еден од типичните детали на јапонските лета. Додека во многу култури, светулките се мрачни предвесници, во јапонската, светулките или hotaru имаат позитивна, големa и повеќезначна вредност.
Нам, на љубителите на анимето, познати ни се моќните сцени од Inuyasha, Mushishi, Hotaru no Haka (Grave of the Fireflies) и слични, каде во мирната атмосфера и тишината покрај брегот на реката, во лето, светулките лебдат во големи роеви. Всушност, тоа се сцени инспирирани од реалните глетки во летните денови покрај реките во Јапонија.

Светулките најчесто се поврзуваат со Hitodama - легендарно битие од јапонскиот фолклор, кое е опишано како зеленкасто-сина огнена лебдечка топка со тeнок опаш, која се претвора во илјада црни бубачки или парченца јаглен штом ја допре земјата. Hitodama се всушност душите на неодамна починатите кои го бараат својот мирен премин. Ова е само една од симболиките кои ги носат светулките во Hotaru no Haka. Во Inuyasha на пример, имаат друга симболика, онаа на страствената  љубов, каква што е опишувана во јапонската поезија уште од Man'you-shu односно, антологијата на 8-от век.

Светулките се нежни суштества чии ларви бараат чисти реки или оризови полиња богати со минерали, што значи дека нивната пријатна светлина е ретка во урбаната средина. Сепак, тоа не спречило генерации на жители во јапонските градови да ги идеализираат инсектите, а особено во последните години дури и да конструираат настани на нивно набљудување во бетонската џунгла на главниот град. Денес може да се набљудуваат светилките во Токио во Шибуја, во Фуреаи ботаничката градина или  пак да се посети Центарот за одгледување на светулки во Итабаши. Постојат повеќе резервати и ботанички центри, па дури и хотели кои нудат туристички посети и уживање во стаклени градини каде може да се погледнат светулките. Тоа веројатно би биле добра станица за секој што ја посетува Јапонија во периодот на мај и јуни.

Интересно, оваа година, градот Токио изведе и времено светлечко шоу во реката Сумида, како дел од Хотару фестивалот на светулките. Илјада пластични топки, од која секоја содржи по една светло сина LED, беа пуштени по текот на реката како посвета на светулките кои во минатото во голем број ја населуваа реката Сумида. Дизајнот на топките беше ориентиран кон заштита на околината со LED кои се полнат на сончева светлина, со таква големина која нема да им дозволи да бидат изедени од рибите, како и со план да бидат повторно собрани понатаму по текот на реката. Топките неформално беа наречени “молитвени ѕвезди“ алудирајќи на културната вредност на реката како средство за мирен премин на душите, што мене многу ме потсети на Тourou Nagashi. Но за тоа во некој нареден пост.

вторник, 11 септември 2012

За великанот-Втор дел






Како што веќе наведов во претходниот дел Осаму Тезука напиша и нацрта околу 700 манга стрипови кои заедно ја надминуваат бројката од 150 000 страници.Невозможно е да ја прочитате целата негова збирка освен ако сакате да потрошите добар дел од вашите години само на еден автор па фокусот во втората половина ќе биде само на оние дела кои оставија најголем впечаток на домашната и светската стрип сцена (што на некој начин е неправедно бидејќи имам читано кратки нф и хорор раскази од Тезука кои како ремек дело можат да се рамнат со серијата The twilight zone).И, со која манга да го скршам мразот?

Tetsuwan Atom/Astroboy.Првото поглавје за авантурите на детето робот Астро излезе во 1952 г. и е приказна за еден свет каде луѓето и роботите жиеват заедно.Докторот Тенма,брилијантен научник раководи со министерството за наука на Јапонија и е надлежен за доста тајни проекти на владата,пред се со изработката на оружје од врвна технологија наменето за војската.Доктор Тенма прекинува со својата работа кога неговиот син ќе загине во сообраќајна несреќа.Скршен од оваа трагедија Тенма се решава да стори се што може да го врати синот во светот на живите па така создава робот по негов лик.Детето робот е неверојатна копија на син му,речиси е ист по физичкиот опис и карактер.Ама речиси.Доктор Тенма знае дека ова дете е само машина која го имитира однесувањето на неговиот син и не можејќи да се помири со фактот дека не може да го сака на ист начин како што го сакаше сопственото дете се одлучува да го продаде Астро на локалниот циркус.После долго време професор Очаномизу,новиот министер на местото на доктор Тенма го спасува Астро од мизерувањето во циркусот,го посвојува и го учи за добрините на човештвото.Добрината што старателот ја пренесува врз Астро е пресудна бидејќи токму таа ќе го обликува Астро како нешто повеќе од дете-робот; како пријател на човештвото,како помирувач помеѓу луѓето и роботите и како заштитник на светот од било какво зло.





Jungle Taitei/Kimba the white lion.Предмет на многу контроверзии поради сличноста на Кимба со The lion king на Дизни ова е приказна за белите лавови Панџа и Елиза кои живеат во џунгла недопрена од луѓето. Но нивниот мир престанува во моментот кога Панџа ќе биде убиен од ловокрадци,а трудната Елиза заробена и ставена во карго брод за Америка.Се пораѓа во својот кафез и на лавчето му го дава името Кимба.Нејзината утеха во синчето трае само еден месец кога бродот потонува поради бура,а само Кимба ќе преживее.Насукан на брег во место кое е далеку од неговиот дом тој ќе биде згрижен од луѓе,а нивната топлина ќе го увери Кимба во постоењето на добри и праведни луѓе кои на секое живо суштество гледаат со рамноправност и тоа ќе биде негов поттик да најде одговор на прашањето-можна ли е мирна коегзистенција помеѓу луѓето и животните,прашање на кое бара одговор додека се враќа во својата џунгла.





Buddha или поточно животот и учењето на Буда на начин како што Тезука го замислил.Древна Индија,време на расцепкани и завојувани кралства,кралства каде луѓето се поделени на касти (индиски класен систем) составен од брамани,воини,трговци,земјоделци,робови и прогонети,време на војни,суши,поплави,глад и болести.Кралот на Капилаватсу,Шудодана и неговата сопруга  Маха Маја во својот сон добиваат пророштво од брамани дека ќе добијат син кој еден ден ќе стане најголемиот владетел на светот.Обајцата се пресреќни,но сопругата нема да го види лицето на своето новороденче бидејќи умира на пораѓање.Кралот со тек на време ја лечи тагата додека истовремено го подготвува своето дете Сидарта за кралските должности што го очекуваат.Но судбината има друга намера за Сидарта па така момчето кое знае само за луксузен живот во палатата ја напушта без знаење на другите за да види што има надвор од кралските зидини.Придружуван од бандитот Тата кој има моќ да ги контролира животните Сидарта гледа работи кои ја уништуваат неговата претстава за светот; угнетеноста на подредените касти,ропството,омразата и презирот на богатите спрема сиромавите,алчноста,негрижата,предавствата,болестите на луѓето и нивната смрт.Овие глетки ќе го натераат Сидарта да се запраша зошто има страдања,дали може да ги снема и дали човек може да се спаси од смртта?Барајќи совет од еден брамански свештеник што да прави понатаму браманецот му одговара дека Сидарта мора да го напушти своето семејство и да стане монах.Само на тој начин ќе дојде до своите одговори,а тие сознанија ќе ги предава на своите ученици.Сидарта е пред дилема-дали да седне на престолот како би управувал со своето мало кралство или да остави се зад себе во потрага по непознатото?





Black Jack или докторското алтер его на Осаму Тезука.Иако Тезука после завршувањето на своите медицински студии нема фатено ни скалпер во рака поради љубовта кон стрипот (тоа и стравот на Тезука од крв) тоа не го спречило да биде доктор на хартија.А неговото алтер его е неверојатно.Секогаш кога некој е тешко повреден или болен,а се наоѓа во состојба од која нема враќање докторите не се нафаќаат да го третираат таквиот тип на пациенти.Наместо тоа тие секогаш на помош го викаат докторот Блек Џек.Но повикувањето на Џек носи со себе проблеми-прво,тој не е повеќе регистриран доктор бидејќи лекарската комора му ја има одземено лиценцата поради судир на интереси со своите колеги,второ,докторот секогаш е облечен нетипично за доктор,односно има црн костим и црна наметка небаре е Дракула (кој нормален доктор би се облекувал така?) и трето,докторот секогаш бара висока сума на пари за своите услуги,независно дали пациентот е богат или сиромашен или дали е старец,трудна мајка или дете.Но сепак,сите го бараат за помош.Докторот сигурно изгледа како кретен само поради овој опис,но тоа е само ако го гледаме површински.Блек Џек е најдобриот хирург во Јапонија,способен е да спаси живот во невозможни ситуации,нешто што за другите доктори е необјасниво.Добро,но зошто наплатува милиони јени дури и ако пациентот нема пари?Од прва изгледа дека докторот е бескрупулозен,но неговите барање за надомест се всушност еден испит на моралност,човечност и доблесност.Преку неговото барање за наплата открива кој до каде се спремен да спаси свој или нечиј живот и дали е себичен за тоа.





На пример има едно поглавје каде по една бродска несреќа повредени се еден редок вид на дива мачка,бебенце и корумпиран пратеник.Докторот прегледувајќи ги го одредува распоредот за третман-прва е мачката како најтешко повредена,потоа бебето а на крај пратеникот.Мајката на бебето се сложува да почека додека пратеникот се заканува дека ќе го пикне Џек во затвор ако не биде прв.Џек ги игнорира неговите закани и завршува со пациентите.Пратеникот го носи пред суд,а Џек му вели дека му пронашол рак кој може да го спречи под услов пратеникот да ја повлече тужбата и да плати за бебето.A ако се прашувате дали Џек блефира за ракот одговорот е не.BURN!


четврток, 6 септември 2012

За великанот-Прв дел

Веќе една година сум дел од јапамк блог-екипата во која поставувам рецензии од манги,но во ниту еден момент не ми текна да оставам малку време да напишам текст за човекот без кој ќе немавме можност да уживаме во мангата и аниме серијалите,господинот Осаму Тезука,чии дела се инспирација и културно влијание не само во неговата родна земја туку и во светот.






Осаму Тезука е роден на 3 ноември 1928 година во Тојонака,Јапонија.На рана возраст се сели со родителите во Такаразука во префектурата Хјого.Како дете многу е импресиониран од приспивните приказни на мајка му,стриповите и цртаните филмови како Бети Буп или од Дизни кои ги гледал со татко му во домашните кино сали,нешто што битно ќе му влијае во неговата кариера.До својата 18 годишна возраст има нацртано и напишано повеќе од 13 стрипови додека истовремено се занимавал со биологијата на инсектите.На 18 години се запишува на Медицинскиот универзитет во Осака,но како студент по општа медицина не покажува страст и љубов кон медицината како што е случај со стрипот.Кога се наоѓа на голема раскрсница во животот што да одбере понатаму ја прашува мајка си за совет,на што таа одговара- "одбери го тоа што ти го сака срцето".Тезука дипломира медицина и ја остава настрана за да стане стрип автор.

Е сега да се рабереме,Тезука не е творец на мангата.Мангата како јапонски стрип постои во Јапонија уште од 20тите години од 20 век.А мангата во тоа време е стрип правен по урнек на класичните американски стрипови кои пред се се авантуристички.Тезука знае дека стрипот како млад дел од јапонската култура може да се промени и да се развие во многу правци,па така во своите стрипови внесува многу елементи кои ќе го редефинираат самиот стрип во светски рамки.Една од тие промени е во самиот дизајн на ликовите кои се доста карикатурално прикажани,со нетипични телесни пропорции и големи очи ала Бети Буп(Тезука отворено признава дека токму Бети Буп му е еден од најомилените цртани ликови),но најважниот аспект од неговата работа во мангата е во приказната и начинот на кој ја презентира.Тезука верува дека стрип приказните не се само приказни за суперхерои како го млатат негативецот и имаат вишок време за да излезат со својата девојка на состанок па затоа вметнува сериозни теми и содржини во време каде владеат јунаци како Супермен,Тин Тин,Тарзан,Конан итн.И наместо да се држи до форматот на раскажување преку додавање повеќе текстови за објаснување на некоја ситуација или дејства на ликовите тој ја применува филмската техника на раскажување,секој кадар да ни се чини кинематографски.Ваков потег во тоа време се смета за ризичен-зошто деца и тинејџери би сакале да читаат приказни со "длабочина",ликови од крв и месо со свои предности и маани,негативци кои и можеби не се негативци,херои за кои не знаеме дали ќе го спасат денот,филозофски теми,религија?Нормално пропратено со насилство,крв и доза на други непријатности.Во Јапонија доживува огромен успех,неговите манги се читани како од младите така и од старите,а другите мангаки го следат неговиот пат.





Но тука не застанува Тезука.Во 1961 г. ја основа својата прва продукциска куќа Mushi productions подоцна преименувана во Tezuka productions со цел да продуцира аниме серии.Во 1963 г. oваа продукциска куќа го прави своето прво аниме-Tetsuwan Atom(Astroboy) кое се емитува на Fuji Televison.Tetsuwan atom сепак не е првото аниме воопшто бидејќи во 1961 г. се појавува Оtogi manga calender кое по свој стил е премногу слично со цртаните на Дизни.Иако не влегува во историјата како прво аниме сепак Tetsuwan atom остава свој белег како прва јапонска цртана серија без Дизниево влијание,серија со свој оригинален стил и начин на раскажување,а воедно преку тоа аниме јапонската анимација оди по пат поинаков од оној на западната.

Низ годините името на Тезука стои зад многу реномирани манги и анимеа,но додека е популарен во Јапонија неговиот труд поминува со многу тешкотии и контроверзии во САД,првенствено поради фактот што сериите на Тезука се цензурирани и менувани за да одговараат на вкусот на американската публика,додека пак некои серии се жртва на тежок плагијат(Дизни ги откупи правата за Kimba the white lion само за да не ја прикажува во САД,а во 90тите го прави The lion king,копија на Кимба и воедно најпрофитабилниот Дизниев филм на сите времиња,не давајќи му благодарност,а камоли ситна пара на Тезука за оригиналот).

Во осумдесеттите Тезука се помалку време посветува за создавање аниме и манга,оставајќи други да работат на неговите проекти.Во 1988 г. му е дијагностициран рак на дебелото црево,а на 9 февруари 1989 г. го напушта овој свет оставајќи го зад себе огромното творечко наследство.Се претпоставува дека има створено преку 700 манги,сите заедно бројат преку 150 000 страници.Во неговата родна Такаразука е отворен музеј во негова чест,додека во Токискиот национален музеј за модерна уметност има простор каде е изложен дел од неговиот опус.

Продолжува во вториот дел.