четврток, 30 април 2009

Јапанорама 12 – Несекојдневно аниме во комбинација со хаику

30.04.2009, 20 и 30 во к.ц. ЦК

Во последниот ден од Април, го имаме тоа задоволство да ве поканиме на едно малку поинакво издание на Јапанорама. Дванаеската ќе биде во знакот на крткото аниме Pale Cocoon и хаику поезијата, и ќе биде продолжение на случувањата од прославата на Сакурата на 25 Април годинава.
Pale Cocoon е едно несекојдневно аниме за кое poljaff на својот блог ќе напише:

“Замислете да постоиме без минато, да не се сеќаваме на ништо од историјата. Светот да не познава океани, планини, сонце и месечина. Да го живееме секој ден во потрага по сеќавањата за нас и Земјата, впишани во дигитални записи кои лебдат некаде во етерот. Работиме само на тоа да ги „откопаме“, анализираме и дотераме тие записи на слики, да ги подредуваме и да ги ставаме во некаков контекст, нaдевајќи се дека ќе ја откриеме вистината за светот кој некогаш не’ опкружувал. Се’ додека не ја откриеме...
…Pale Cocoon, кратка sci-fi анимација, за реалноста која следи, ако продолжиме да се однесуваме безгрижно со светот окoлу нас...”

Во продолжение следува читањето на хаику поезија, на Владимир Мартиновски и неговите пријатели, кои со својот придонес, низ хаику стиховите ќе ја збогатат оваа Јапанорама на огромно задоволство на сите присутни.

За таа цел, ве покануваме во културниот центар Ц.К. во 20 и 30 да бидете дел од оваа Јапанорама.

Телефони на соларна енергија

Меѓу многуте вести од јапонскиот дизајн на Миланската недела на дизајн оваа година беа презентирани и концепти за телефони на сончева енеригија. При тоа, да не дојде до забуна, соларната енергија би била дополнителна при полнење на телефоните. Трите модели од линијата на "Solar Phone Concepts" на KDDI, за прв пат беа претставени CEATEC JAPAN 2008. Нивната комерцијализација и пошироко производство допрва ќе се одлучува. Но, сепак, нешто навистина интерсно во светот на технологијата.

Првите два модели за дизајн на MILE дизајн студиото.

Voyage е трибјут на 40 години од слетувањето на Месечината, кога соларните панели се слика на новата ера во свемирот. Потсеќа на огромната вселенска меѓународна станица високо над нас.
Gem e подарок од Мајката Земја како најблизок пријател на Сонцето. Со своите фотоволтни келии ја складира енергијата на Сонцето и ви блеска во вашиот џеб како скапоцен камен.

Soup e состојба на висока температура и густина за време на Создавањето на Вселената кога просторот и времето не познаваат граници и се меѓусебе зависни, како што денес мобилнитетелефони се зависни од меиловите, музиката, камерата, Интернетот... Дело е на младиот и успешен дизајнер Hironao Tsuboi.

Погледнете ги и другите дизајни од KDDI. Кога е во прашање дизајнот, нема ниту еден модел од овие кај нас што би го преферирала пред некој од овие модели. На пример, јас би гласала за Ishicoro моделот од 2002 :)

недела, 26 април 2009

Каиба

Бидејќи обично гледам повеќе анимеа паралелно и немам дупка помеѓу завршување на едно и почнување со друго никако не стигнувам да напишам пост за некое. Додуша им оставам простор на колегите тука кои имаат повеќе стаж од мене :)



И кога веќе решив да пишам, зашто го избрав Каиба? Бидејќи е едно од најоригиналните анимеа што сум ги гледала, почнувајќи од анимацијата, која со себе го повлекува целиот начин на претставување на приказната, но и специфичната нарација, оригиналните амбиенти и неповторливите ликови.

На прв поглед, токму тој оригинален цртеж може и да ве одврати од гледањето на оваа серија. Делува детски и необуздано, чудно. Но баш тоа на Каиба му дава една нова димензија која не сме навикнати да ја добиваме во никое друго аниме.

Иако таговите на anime news network се (adventure, drama, fantasy, psychological, romance, science fiction, thriller) приказната во голем дел е сајберпанк. Додека го гледав, целата атмосфера во длабочината на симболите кои можеа да се наѕрат зад чудните ликови и случувањата ме потсеќаше на книгите на Вилијам Гибсон. Но, кога ќе речам сајберпанк, не мислам на ништо од тоа што ќе ви падне прво на памет кога ќе го слушнете зборот.



Неколку главни линии на целосниот плотлајн:
Мемориски чип, чипче во кое можат да се зачуваат сите сеќавања на некој човек и дури и тој да умре (односно неговото тело) чипот може да се стави во друго тело и тој да продолжи да живее. Користејќи ја оваа можност авторот низ целата серија ни ги префрла ликовите од едно во друго тело, градејќи го нивниот карактер надвор од надворешниот изглед, па дури и независно од првите впечатоци.
Сложена нарација без многу објаснувања. Без предупредување ќе се сретнете со шифтање на хронолошкиот редослед на настаните, а кога на тоа ќе му го додадете и неконзистентниот изглед на ликовите, може да се заклучи дека се работи за типична јапонска сложена приказна, каде што работите постепено ви се откриваат, а целосно ви се разјаснуваат на крај. Јас искрено уживам во приказни кои се раскажани на начин кој ми го размрдува мозокот, така да Каиба ептен ми се погоди.
Социјална тематика. Не би го ставила во сајберпанк само поради технологијата која овозможува целосна модификација на телото, доколку не беше засегната и социјалната театика. Екстремни разлики помеѓу богатите и сиромашните, дистописка атмосфера, подгревачи на револуција...
Романса. Нема добра приказна, ако во неа нема ниту една љубовна сцена, а тек кога љубовта ќе се внесе како ултимејт причина за победа на злото, колку и да е клише ни ги задоволува потребите за здрава катарза.

Накратко да ве воведам. Каиба е момче кое се разбудува на непознато место со потполна амнезија. Единствен клу му е прврзокот што го носи околу врат со блурната слика на една девојка. Ние заедно со него го откриваме тој сосем непознат свет, барајќи го неговиот идентитет, менувајќи различни средини (планети, луѓе и сл.) низ различни тела, од различен  пол, па дури и вид. Приказната постепено ни се одвиткува низ многу различни човечки стории и трагедии во светот на изгубени сеќавања, пазар на тела  и сомнителни револуции, со поместена хронологија и помешани идентитети. Следи една сцена, која е дел од една многу потресна приказна. Воедно можеби и спојлер за тие што решија да го гледаат.



Сè на сè, доколку ја надминете чудната анимација, на која сигурно не се навикнати и на прво гледање ќе ви делува детски и забегано, ќе уживате во едно длабоко и широко патување кое вистински ќе ве однесе на една чудна авантура во еден сосем поинаков свет полн со симболи што потсеќаат на случувањата во нашиот. Топло ви препорачувам да му дозволите на ова оригинално аниме да ги освои вашите срца.

петок, 24 април 2009

Сакура 2009

Исто како лани дојде време за прославата на цветањето на јапонските цреши, додуша со мало задоцнување, но подобро некогаш отколку никогаш.

Поради годинашниот термин на Велигденските празници (токму кога јапонските цреши беа во полн цвет) како и променливото и нестабилно време кое следеше, годинешната Сакура ќе се одржи со мало закаснување и со скратана програма.

Во сабота на 25ти април во 11 часот на истата локација - улица Максим Горки, кај Лондон кафе ќе се одржи годашната прослава на цветањето на јапонските цреши во нашиот град. Со почит кон јапонската култура и естетика оваа година на Сакура фестивалот ќе можете да гледате демонстрација на јапонски боречки вештини: карате до, аики до, џуџутсу, иаи до, кен до.



За најмалите ќе има презентација на вештината оригами, и наши млади претставници ќе се погрижат да го запишат вашето име со јапонски букви. Ве очекуваме во поголем број, заедно да ја прославиме убавината претставена преку будењето на пролетта и природата.

Културната програма ќе продолжи во четврток, 30ти април, во културниот центар ЦК, за чии детали ќе ве известам накнадно.

четврток, 23 април 2009

Мали планети воТокио

Ако се чудите што ли е ова - сосема е „јасно“- метро станицата во Shinbasu, Tokyo.

Ова е еден интересен концепт на фотографија со стереографска композиција и креативно доживување на сопствениот град - во случајот со фотографот со nickname heiwa4126 на Flickr тоа е Токио


Дали можете да го замислите вистинскиот „обичен“ свет? На пример, овој прекрасен калеидоскоп може да го погледенете и вака

Како ли би изгледале планетите на Скопје?

вторник, 14 април 2009

Луди јапонски апликации

После толку романтика и музика на болгов, еве уште нешто „романтично“. Јас лично, потполно се изненадив кога го видов ова, колку е „impersonal“. GPS технологија, овој пат за телефони кои ја имаат таа функција, и тоа..за забележување на згодни девојки или момци.

На пример, сте виделе некого симпатичен пред некоја продавница, сте биле срамежливи да им пријдете, па во апликацијата го запишувате времето, локацијата, и дали било момче или девојче. Да речеме дека е момче. Ако и тоа ја внесе истата информација (дека забележало згодно девојче т.е. вас), телефонот / апликацијата ќе ве извести за тоа, сте се поклопиле, па нема место за срам. Меѓутоа, пазете се, зашто апликацијата ќе ви каже и ако имате ривали за истата личност, на пример, другарката што била со вас.
Апликацијата се вика Hitomebo и е бесплатна. Името доаѓа од Hitomebore што може да се преведе како “љубов на прв поглед“, а апликацијата е дело на компанијата за развој на апликации за мобилни телефони YourMind. Наводно, идеата произлегла од личното искуство на еден од директорите кој упорно тврди дека ова не е апликација за лични контакти, односно dating site, веројатно затоа што во Јапонија постојат посебни регулативи за таквите сајтови.

Момци и девојки, бидете директни! Не потпаѓајте под влијанијата на новите технологии. Секогаш е подобро личен пристап, отколку апликација да ви каже дека си одговарате со некого, верувајте :)

сабота, 11 април 2009

Japanese music REALLY rocks

Морам да се надоврзам на постот на Би со кој целосно се согласувам и воедно со вас да споделам една прекрасна песна, која неможам да престанам да ја слушам последниве 2-3 месеци :)

Flumpool - Hana ni Nare (花になれ)




Lyrics (English):

Breath also dies out along the road loop line
underneath the faded stars and dark sky
I wonder since when I've started looking for
my individuality and the recipe of the way of life

That lost thing called "magnificence"
I'll go get it back, The worn out dream
just as I buried it in the sand in my childhood
I dedicate this song to me 10 years later

Laugh, cry, sing, become a flower
be in full bloom and one day overflow with radiance
No matter how impatient I get, I'll definitely react
without worrying about the future

I called your name so many times it can't be counted
I wonder if you're smiling somewhere
Our voice that we released into the night sky
disappears within the hustle and gently wraps around us

The repeating days have become unpleasant
shall we try shining more splendidly?
Even if blossoms fall, rather than eternally blooming dry flowers
let's become wholehearted cherry blossoms

Laugh, cry, sing, and become a flower
Blossom fully, then one day overflow your radiance
No matter how impatient I get, I'll definitely react
without caring about the future

I called your name so many times they can't be counted
that warmth lingering in the palm of my hand
Our voice that we vowed back then disappears into the hustle
and petrifies in the city that I was in with you

Before I realized it I became scared of getting hurt
Still as a flower bud, I'm always looking for a shining place
tomorrow as well for sure

How far do I need to go so we can laugh together?
Freedom, hope, dreams.. I wonder, are they as wonderful as I think?
Are they glittering as much as I think?
(Holding) the future inside this heart...

I called your name so many times it can't be counted
I wonder if you're smiling somewhere
Our voice that we released into the night sky
disappears within the hustle and gently wraps around us



Линк до одличен сајт кај што може и да го видите текстот и на Јапонски, дури и да си ja пуштите песната на repeat (нешто што неможе да се направи на YouTube) ТУКА.
Официјален сајт на Flumpool: http://www.flumpool.jp

среда, 8 април 2009

Нова сезона на Јапанорама со 5 сантиметри во секунда

Петок, 10 април 2009, Културен центар ЦК, 20.30.часот
Со бавното будење на црешите, полека се враќаме со проекциите на јапонски аниме и играни филмови.

Во новата Јапанорама бр. 11 ќе уживаме на нова локација. Овој пат Културен центар ЦК ги отвора своите врати за новата сезона на проекции. И додека, Јапонците моментално уживаат во ханами, во цутењето на црешите по парковите, храмовите и светилиштата низ Јапонија, ние ќе се обидеме да ви ја претставиме убавината на растењето и животот низ розовите облаци од црешови цветови на нашата нова проекција во Скопје.

Едно од ремек-делата на Mаkoto Shinkai, а веќе ги споменавме She and her cat, и Voices of a distant star (кој го прикажувавме на Јапанорама 6), e и прекрасната драма 5 centimeters per second. Целото име на анимираниот филм е 5 Centimeters Per Second: a chain of short stories about their distance (秒速5センチメートルアチェインオブショートストリーズアバウトゼアディスタンス Byōsoku Go Senchimētoru a chein obu shōto sutorīzu abauto zea disutansu) Опфаќа 3 сегменти насловени како Cherry Blossom (桜花抄 Ōkashō), Cosmonaut (コスモナウト Kosumonauto), и 5 Centimeters per Second (秒速5センチメートル Byōsoku 5 Senchimētoru) со вкупна должина од околу 1 час.

Дејството се одвива околу Takaki Touno, во 90-тите години на минатиот век во Јапонија и раскажува за неговото пријателство и разделба со Akari Shinohara, за нивниот однос низ растењето, проткаено со едно постојано тажно расположение. Дејството е всушност недостаток од дејство, од акција; раскажува повеќе за тоа како светот ги менува луѓето, наместо за тоа како луѓето го менуваат светот.

Анимацијата е, очекувано, фантастична. Рачно нацртаните сцени се доволни да го привлечат вниманието - доволно за да ви ја доловат убавината на животот и емоциите.
Сето тоа надополнето со прекрасната пиано музика на Tenmon.

Како што вели Shinkai, за разлика од неговите претходни дела, во ова нема вклучено ниту sci-fi, ниту фантастични елементи. Се сконцентрирал на прикажувањето на реалниот свет, низ една поинаква перспектива, низ секојдневните борби со времето, просторот, луѓето, љубовта.



Погледнете го трејлерот и деталните информации на ANN

Се надеваме дека ќе бидете предизвикани да дознаете што има всушност брзина од 5 цм/сек. овој петок, во Културен центар ЦК (на ул. Илинденска бр. 38, поранешна Точка, до ИТ маркетот, кај Влада на Република Македонија)

Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. ЦК

недела, 5 април 2009

Suzuka и Fuji Speedway - јапонските стази во Формула 1

На 27 Март 2009 година (ако се земат в предвид и тренинзите) официјално започна овогодинешната сезона на Формула 1 во Австралија. Но она кое ќе биде од интерес во овој пост се јапонските стази за Ф1, "Fuji Speedway" и "Suzuka", иако Гран При-то на Јапонија за оваа сезона е сеуште далеку, односно е закажанo за 4 Октомври.
Тркачката историја во Ф1 Јапонија започнува во 1976 година, на "Fuji Speedway" , стаза долга 4.563 km, со капацитет од 22.288 гледачи, лоцирана на околу 40 km од Yokohama. Но тркачката "традиција" била прекината веќе во 1977, поради сударот на Жил Вилнев и Рони Петерсон, како и смртта на двајца гледачи кои Вилнев ги "поткачил" со своето Ферари. Инаку, историјата на "Fuji Speedway" започнува во 1963 година, но поради недостаток на средства, било отсатпено од оригиналната замисла за изградбата на стазата според планираното. Подоцна таа преминува во сопственост на "Mitsubishi Estate Co.", поради инвестициите на компанијата во траката. Во 1965 била конвертирана во обичен пат (road course), но поради закосената кривина, била прогласена за опасна, бидејќи на неа се случувале често сообраќајни несреќи. Веќе во 1967 година, стазата е доградена за да се избегнат овие несреќни случаеви, што се покажало успешно, а во '76 започнала првата Ф1 сезона во Јапонија.
По погоре споменатиот несреќен случај предизвикан од Вилнев, Ф1 трките во Јапонија се враќаат по 10 години, во 1987 година, и тоа на 5.807 km долгата "Suzuka", која се наоѓа во Нагоја, а има капацитет од околу 100.000 гледачи. Оригинално била замислена како тест стаза на "Honda", а дизајнирана од страна на John Hugenholtz. Таа е една од поретките стази која има форма на 8 (figure 8 layout), а решението за вкрстувачките интерсекции е во конструкција на соодветен мост (overpass). Како една од најстарите стази на светот, таа била место каде се оддржувале едни од највозбудливите трки, а дури 9 пати на "Suzuka" бил одлучуван и победникот во Формула 1.
По најавата на FIA, на 24 Март 2006, било одлучено во 2007 година "Suzuka" да биде напуштена за Ф1 трки, во корист на "Fuji Speedway" која е во сопственост на "Toyota", но останува да биде стаза на која се одржуваат други тркачки настани. Ф1 трките две години по ред (2007 и 2008) се одржуваа на реконструираната "Fuji Speedway", но на 8 Септември 2007 донесена е одлука "Suzuka" повторно да биде вратена во игра. Бидејќи самата одлука за нејзино исфрлање од Ф1 била дочекана со незадовлство, што од фановите, што од возачите, на кои на многумина таа им била омилена, враќањето на "Suzuka" е дочекано со големо задоволство. Од сега па натаму, стазите ќе се менуваат.
Спонзор на Јапонското Гран При е Телевизијата Фуџи, а на следниве линкови може се информирате за сите Јапонци кои учествувале во Формула 1 трките (прв дел/втор дел), како и преглед на историјатот на јапонски Ф1 тимови во комбинација со нивни возачи . Најбрзиот круг на "Suzuka" го има постигнато Ралф Шумахер во 2001 година, 1 мин, и 14,448 сек, додека рекордот на "Fuji Speedway" датира од 1977 година, постигнат од страна на јужноафриканскиот возач Џоди Шектер од 1мин и 14,300 сек. На "Suzuka"се возат 53, додека на "Fuji Speedway" 67 круга.
Според мое мислење, "Suzuka" е визуелно најатрактивната стаза во светот, мошне комплексна, но и со солидни можности за претекнување.

сабота, 4 април 2009

MyAnimeList.net

MyAnimeList.net е еден од линковите на нашиот блог, десно, под насловот Други Јапонски Сајтови. Тоа е бесплатен портал за аниме и манга фановите. Креиран е од нула за корисниците да имаат брз и едноставен начин да ги каталогизираат своите манга и аниме колекции. Над 13.000 корисници секој ден се вклучуваат на сајтот да ја потпомогнат, дополнат или развијат најголемата социјална заедница на фанови и дата база на аниме и манга. Базата постојано се надополнува, а особено со оние кои се најавени за иднина - одлично за пополнување на Plan to watch/read листата. Базата е креирана и активно ја одржува (со исклучок на проблемите одвреме на време со хостирањето, повторно да напоменам -бесплатен портал!), значи активно ја одржува господин Garrett Gyssler, на MAL познат како Xinil, а заедницата е водена од модератори и корисници од целиот свет.


Сите корисници имаат свој профил, на кој се претставуваат себеси, своите омилени анимеа и манги, карактери од истите и личности - творци, режисери, цртачи, seiyuu (актери на гласовите), автори на музика и сл. Секој корисник има своја аниме и манга листа, во која забележува што гледал/читал, што планира, што оставил за некогаш, а што засекогаш. На листата можете да дадете своја оценка за анимето/мангата, да ставите таг/ознака, да запишете кога сте го гледале, на што сте го гледале (ТВ, ДВД), од коjа fansub група и сл. Можете да пишувате свој блог, да креирате пријателства, да ги споредувате своите аниме/манга листи и компатабилност во вкусовите со пријателите, да ги гледате нивните последни апдејти на листата; да членувате во клубови и разни клупски активности, да пишувате критики, споредби, да разменувате мислења, да читате разни новости од индустријата и светот на анимето и мангата, и секако, да читате и пишувате постови на прилично обемниот форум под најразличните теми. Дури имате и апликација на се’ попопуларниот Facebook, на која вашите пријатели можат да ги видат последните апдејти на вашата листа.

Еве на пример како изгледа страницата на популарниот Death Note

Секое аниме и манга имаат своја страница со комплетни детали за приказната, ликовите, актерите, авторите, слики, критики, препораки, линкови до оригиналните страници, AnimeDataBase, Wikipedia и AnimeNewsNetwork страниците. Секој лик, актер или автор имаат своја страница со краток опис. Вие ја имате таа слобода да додавате манга, аниме, карактери, актери и автори, до модераторите, кои по проверката на веродостојноста ги внесуваат во датотека.


Додека не ја креирате својата листа, а и откако ќе ја креирате, еве неколку примери на листи и профили на некои наши членови: Bi, poljaff, Еден дечко (Sveznajko), Marya (Astartha)... Пробајте, бесплатно е, информативно, а има навистина голем избор на податоци, па и активности. Има голема заедница на фанови од Балканот, зошто да не ја дополниме со нас од Македонија, кога очигледно не’ има многу, нели?

"Never before has it been this easy to share your anime or manga tastes and to discover new series. Welcome to MyAnimeList!"