четврток, 17 октомври 2013

Blame

 

















Blame                                                                                                  
Манга                                                                                                  
Пишува и црта: Цутому Нихеи
Жанр: научна фантастика, сајберпанк, акција, авантура,     сеинен
Број на книги: 10


Можеби на Земјата, можеби во иднината.



Во еден од претходните текстови посветив внимание на сајберпанкот, поджанр на научната фантастика кој се однесува на високиот технолошки развој во дистописки држави, голем број на политички заговори и задкулисни игри зад секој можен агол и често поставуваните прашања за врските човек - машина. Но како би изгледал сајберпанкот ако некој го превзеде мотото на "висока технологија - низок стандард" и го постави во свет неконвенционален за сајберпанк сетинг? Би изгледал како нешто излезено од мангата Blame на авторот Цутому Нихеи. Нихеи дебитира на манга сцената со Biomega, серијал исполнет со многу акција, малку дијалог, одлична атмосфера, добар цртеж исполнет со многу вчудоневидувачки детали и кул моторџија. Во 1998 година се прославува со Blame, која многумина ја нарекуваат сајберпанк верзијата на Алиса во земјата на чудата.




Еден млад човек патува со дете во еден огромен метален лавиринт. На крајот од лавиринтот има мост. На мостот се нападнати од киборзи (во светот на Blame се наречени силиконски суштества) кои ловат случајни минувачи поради нивните клетки. Детето е убиено, а другиот сопатник ги уништува напаѓачите со неговиот Гравитациски зрачен емитер (GBE), пиштол со моќ да пробие било каква површина. Почетните неколку поглавја се збунувачки бидејќи немаме претстава што точно се случува. Се' што знаеме е дека човекот се вика Кили (по условувањето на детето пред неговата смрт), тој талка од еден до друг непознат крај и често влегува во судар со познати и непознати суштества. Сепак, кога ќе дојде во град каде живеат џиновски луѓе добиваме одговор на некои мистерии - Кили е во потрага по Net Terminal Genes, генетски маркер кој го имаат оригиналните луѓе (ние), кои го отвараат пристапот до компјутерскиот терминал на Мегаструктурата позната како Град и се воедно клучот за запирањето на хаотичното ширење на Мегаструктурата од страната на Градителите. Премногу лош и збунувачки опис од моја страна, следниов опис ќе разјасни многу работи.



Ако одиме хронолошки, во еден период на Земјата човештвото креира еден многу комплексен компјутерски систем наречен Нетсфера кој раководи со машини наречени Градители, нивната задача е да градат огромни зданија кои ги знаеме како Мегаструктурата која е поделена на катови како кај зграда. Поради некоја непозната причина луѓето ја губат контролата врз Нетсферата и таа продолжува да ја врши својата работа ширејќи ја Мегаструктурата без престанок. Ова ширење предизвикува човештвото постепено да се преселува во катовите на Градот, најверојатно предизвикано поради црпењето на сите можни ресурси на Земјата од Нетсферата наменето за нови градби. Човештвото со тек на време се еволуира и адаптира за живот во свет на силиконска материја, метал и електроника, делејќи се на различни видови - едни евоуирале во тоа да бидат високи, други да бидат поиздржливи на физички повреди и радиоактивни зрачења, трети стануваат инсектоиди губејќи човечка самосвест, функционирајќи како заедница на пчели итн.   Ова е светот во кој талка Кили, кој добро знае дека Нетсферата нема да престане со проширувањето се додека не биде исклучена од некој кој го има генетскиот маркер на оригиналните луѓе. Но наоѓањето на таков маркер е невозможна мисија - оригиналните луѓе одамна се мртви, повеќето заедници каде Кили наминал немаат евиденција за некој жител со таков маркер, а и да го најде му претстои уште поголем товар - да го пронајде терминалот на Нетсферата, кој би можел да се наоѓа на било кое место во Мегаструктурата. Сепак тој не се откажува од потрагата знаејќи дека по маркерот трагаат и припадниците на The safeguard, виртуелна програма на Нетсферата, способна да запоседне силиконски тела, со мисија да ја уништи секоја можна закана на Нетсферата.


Она што е највпечатливо за Blame е самиот свет. Иако многу сај фај фанови се навикнати на сајберпанк темите од филмови и серии како Ghost In The Shell, Psycho Pass, Akira, Johnny Mnemonic за дистописки градови, огромен јаз помеѓу сиромашните и богатите и контролите на приватните корпорации врз државните институции, Нихеи се решава да го однесе сајберпанкот надвор од својата „комфор зона“, поаѓајќи од идејата дека постои неограничен потенцијал да се искористат идеите од овој поджанр на начин кој досега не бил искористен. Градот во Blame не знае за граници. Мегаструктурата не само што ја има опфатено Земјата туку и се шири кон другите планети на Сончевиот систем, асимилирајќи ги Месечината и Марс. Никој не знае колкава е големината на Градот, ни колку катови содржи. Има евиденции од разни човечки цивилизации за бројот на човечките и трансчовечките раси, но таа евиденција е некомплетна со оглед на тоа што многу малку од просторот е истражен. Секој кат е посебен свет - во некои катови важат посебни закони на физиката, некои катови се своевидни временски капсули во кои ако заглавиш, престојот од неколку минути значи дека поминале неколку години во надворешниот свет, некои катови се празни со антигравитационо поле, но се премногу големи и за да стигнеш на следниот кат потребно е да поминеш дистанца долга најмалку 100 000 километри, а некои катови во себе содржат необична фауна на сајберsверови и џиновски бубачки. Секој кат е едно бизарно изненадување за Кили кој најдобро знае дека и засолништата кои ги нудат човечките заедници претставуваат лажна сигурност. Недовербата е неговиот најголем сојузник.



Дијалозите во Blame се сведени на минимум. Нарацијата е препуштена на сликите. Наместо да се опише дека пиштолот на Кили е моќен, Нихеи на неколку страници покажува колкава е моќта на Гравитацискиот емитер. Наместо да стои опис „Мегаструктурата е огромна и мрачна“ Нихеи прикажува како Кили талка низ лавиринт или под темни неба со месеци, а одвреме навреме тишината е прекината со бучавата на машините или звукот на експлозии. Да се каже дека цртежот ја надополнува приказната е неточно бидејќи токму цртежот е клучен во спроведувањето на приказната. Затоа добро е да се посвети внимание на дејствата на ликовите и деталите на некои места бидејќи постои добра шанса да се пропушти битен дел од приказната. Самиот цртеж е и повеќе од импресивен. Лавиринти од ескалатори, метални кули-игли, машински блокови кои ја менуваат својата местоположба, комплекс згради „закачени“
наопаку се само дел од величествените и бизарни зданија во Blame. Со оглед на тоа што Нихеи студирал архитектура не е изненадување што многу често сретнуваме интересни градби во текот на целата серија.


Blame е исполнет со многу акција. Многу јасно се прикажани и лесни се за следење. Нема да сретнете досадни реплики насред борби, иритирачки флешбекови и дијалози. Само чиста, хард кор акција проследена со разорната моќ на Гравитацискиот емитер на Кили секогаш кога на патот ќе му се испречат силиконски суштества, Safeguard војници или полициски авторитети од организираните заедници.


Ретко која манга може истовремено да понуди интензивна акција, неверојатна уметност и ментална гимнастика во обид да се склопат делчињата од сложувалката на Градот. Иако содржи многу малку дијалог, а ликовите не се добро разработени поради тоа што се always on the rails, Blame е мало освежување кое отстапува од многу манга/аниме клишеа.