Се прикажуваат објави со етикета Јапанорама. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Јапанорама. Прикажи ги сите објави

среда, 15 јуни 2011 г.

Јапанорама 21- Summer Wars

Кога станува збор за аниме посебно за оние филмови кои се наменети за целото семејство, ретко кој може да му го преземе приматот на фантастичниот Miyazaki. Но, има неколку режисери кои би можеле да се борат за неговиот трон. Во случајов, Hosoda Mamoru, кој нам ни е познат по Toki wo Kakeru Shoujo (The Girl Who Lept Through Time), а можеби и по филмовите на Dragonball и Digimon.

Оваа Јапанорама бр. 21 ви го претставуваме неговото последно дело - Летни Војни (Sama Wozu), долгометражен анимиран филм од 2009-та, кој уште од своето појавување доживеа одлични критики.
Филмот содржи доста познати елементи, но и богатсво од карактери и нивни забавни меѓуодноси. Мошне свежо ни го прикажува и имагинарниот и виртуелен свет ОЗ, чија анимација може да се спореди со уметничките дела на Murakami Takashi. Летни Војни на места е мелодраматичен, во разглобувањето на фамилијарните врски и меѓучовечките односи, но и возбудлив, во прикажувањето на позитивните страни на социјалните мрежи на глобалниот Интернет и потенцијалната опасност од погрешното користење на вештачката интелегенција и виртуелните авторитети.

Ве очекуваме, во сабота 18.06.2011 во 20.00 часот во просториите на Клуб на новинари.

P.S. Преводот е на македонски, а влезот е бесплатен. ;)

четврток, 2 јуни 2011 г.

Јапанорама 20 - 13 Assassins


Оваа сабота 04. јуни во 20.00 часот, во веќе познатите простории на Клуб на новинари во Скопје, за прв пат оваа сезона ќе презентираме игран филм, по избор на нашите членови.
Станува збор за последниот филм на Такаши Миике - 13 Убијци (Jûsan-nin no shikaku), епска самурајска приказна, полна со карактери, а истовремено многу едноставна.

Во Едо периодот на Јапонија, кога веќе не постојат самураи, еден веќе стар самураи мастер добива задача да го убие бескруполозниот, суров и мазохистички Лорд од кланот на Шогунот, пред тој да стане повлијателен на политичко поле во Јапонија. За таа цел, искусниот самурај собира 12 убијци, докажани и недокажани самураи, на очигледно самоубиствена мисија против малата армија од војници на Лордот.

Филмот е донекаде омаж на, на сите нас добро познатите дела на Акира Куросава, но со насилство типично за самиот Миике (иако не до границите на Ichi the Killer, сепак не е за оние со слаб стомак)

Се гледаме во сабота!

среда, 18 мај 2011 г.

Јапанорама 19 - The Sky Crawlers

Новата Јапанорама, овој пат во недела 22 мај, 20:30 часот, во Клуб на новинари ви го прикажува анимираниот филм The Sky Crawlers (Sukai Kurora スカイ・クロラ) .

Златната двојка од култниот „Ghost in the shell“, Мамору Оши (режија) и Кенџи Каваи (музика), во 2008 се споија повторно во креацијата на уште едно прекрасно уметничко дело, кое дури по две години, ние решивме да ви го прикажеме со македонски превод.


Сукаи Курора e од оние филмови, што после гледањето ве оставаат да мислите на него со недели, иако додека го гледате не ви изгледа толку моќно. Toj не е динамичен како „Ghost in the Shell“ или апстрактен како „Angel egg“, но е нешто поинакво, нешто комбинирано и во исто време длабоко и опивно. Преку една тивка атмосфера пропратена со безвременската музика на Кенџи Каваи, ставена во контрапункт со брзи борбени акции на небото, Оши ја допира нашата потсвест поттикнувајќи размислувања за смислата на животот, постоењето и бескрајниот круг на времето. Слично како и во „Ghost in the shell“ и овде се разгледуваат прашањата за идентитетот и самосвеста при создавањето на вештачки живот, само што место киборзи, овде имаме клонови.

Филмот е доста добро прифатен и од критиката. Баше во официјалната селекција на филмскиот фестивал во Торонто и на 65 -тиот Венециски фестивал, каде што ја доби наградата за иновативна дигитална технологија искористена во филм (Future Film Festival Digital Award). Исто така има добиено и три награди на Каталонскиот интернационален фестивал Ситгес: награда на критиката Џозе Луис Гуарнер, најдобра музика за филм (за Кенџи Каваи) и најдобар филм за млада публика.

Подетална рецензија на филмот може да прочитате на блогот на еден наш член:
poljaff_>>manga & anime<< - The sky Crawlers

Погледнете го краткиот трејлер, колку за да ја насетите атмосферата, и се гледаме во недела.


понеделник, 11 април 2011 г.

Со Самурај X и Јапанорама 17 на Сакура 2011

Традиционално пратејќи ја Сакура, фестивалот на цветање на црешите, кој се слави на улица Максим Горки во организација на Самураj Доџото од Скопје, Јапа.нет.мк се придружува со нова проекција на Јапанорама.
Фестивалот за Ханами, традициналнo гледање на црешовите цветови, во Јапонија е поврзан со почетокот на школската и фискалната година, па така и новата Јапанорама е прва годинава, а седумнаесетта по ред воопшто. Овој пат сме во нов простор, во Клубот на новинари на 16.04.2011 (сабота) во 20.00 часот ќе уживате во драматичната, трагична и едноставно прекрасна приказна: Samurai X: Trust & Betrayal (или Rurouni Kenshin: Tsuiokuhen), оригинална видео анимација (OVA/OAV) составена од 4 полчасовни епизоди.
Ова е измислена сторија поставена во историската рамка на Bakumatsu периодот во Јапонија. Анимето раскажува за Химура Кеншин, за детето кое беше, бесчуствителниот убиец кој мораше да стане и за гревовите за кои подоцна се искупува носејќи го својот sakabatō (мечот со превртено сечило). За тоа како стана легендарниот Battōsai и како ја носи својата лузна со форма на Х на лицето (оттука, самураи Х).
Ликовите се впечатливи и привлечни елементи кои ја дополнуваат грандиозноста на целата анимација. Наспроти нивното споро градење низ текот на анимето, прикажани се крвави и брзи сцени на борби со мечеви во реалистичната техника. Ова аниме успева воодушевувачки успешно да го искомбинира насилството и динамиката на борбите со трагичните ликови и приказната која ги поврзува.

Се надеваме дека автентичниот приказ на Јапонија и историскиот период во кој се одвива дејството ќе бидат доволни интересни да ви го задржат вниманието во двочасовната проекција за отварање на новата сезона на проекции на Јапанорама.

четврток, 27 мај 2010 г.

„Јапанорама 16“ посветена на „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“

Денешната презентација во „Ла кања“, во организација на неформалната група македонски љубители на јапонската култура „Јапан@мк“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација - аниме

Шеснаесеттата „Јапанорама“, која ќе се одржи вечерва во „Ла кања“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација. Првиот дел од проекциите е закажан за 20 часот, а вториот во 21.45 часот. Притоа, паралелно ќе бидат прикажани дела посветени на антологијата на кратката анимација, насловени „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“, кратки анимации базирани на добропознатата приказна за „Матрикс“, сите од значајни јапонски автори.

- Честопати генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку во романите, па затоа овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација - велат членовите на групата „Јапан@мк“, која ги организира ваквите дружења.

„Јапан@мк“ е неформална група македонски љубители на јапонската култура, чија цел е на едно место да се соберат луѓето што се фасцинирани од јапонската анимација - аниме, мангата (јапонски стрип), боречките вештини, јапонскиот јазик и јапонската култура воопшто. На тој начин тие ја промовираат оваа поинаква култура во земјава. Досега организирале повеќе проекции на јапонски играни, документарни и анимирани филмови, демонстрирање на јапонскиот ритуал на подготвување чај, изложба на младиот македонски манга-автор Маруко Аква Мизу, хаику-читања, посети на бонсаи-паркот, како и учество на фестивалот на црешите „Сакура“. Групата постои од февруари 2008 година, а од април истата година е активна и преку блогот japmk.blogspot.com, на кој пишуваат дваесетина членови, од кои тројца-четворица се поактивни. Нема ограничување на темите, сé додека се поврзани со Јапонија. Нивниот првичен план било блогот подоцна да прерасне во сајт, но оваа идеја сé уште чека реализација.

- Активностите не запираат, бидејќи секогаш се наоѓа некој што има барем малку време и желба да направи нешто за групата. Од година во година, од месец во месец, се пријавуваат сé повеќе членови кои пројавуваат интерес за нешто што е дел од јапонската култура. Изненадени сме, на пример, од тоа колкав дел од младината во Македонија знае што се аниме и манга, следејќи ги притоа актуелните наслови од таа култура - велат од „Јапан@мк“ и додаваат дека на „Јапанорама“ често доаѓаат и голем број посетители што не се членови на групата.

(превземено од Нова Македонија)

сабота, 22 мај 2010 г.

Jапанорама 16 - Genius Party (part 1) vs Animatrix

Како што често генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку романи, овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација, double feature. За среќа постојат доволно добри автори и доволно храбри продуцентски куќи - во случајов Madhouse Studios и Studio 4oC, кои често прават интересни компилации од аниме. Од многуте интересни наслови, одлучивме овој пат да пресечеме - од едната страна се Genius Party, првиот дел авторските дела посветени на Антологијата на кратката анимација, a од друга страна Animatrix, кратките анимации базирани на добропознатата приказна за Matrix, секако, повторно од значајни јапонски автори.


Genius Party (part 1) vs Animatrix


Еве го и распоредот на прикажување:
20.00h
Genius Party (Genius Party) 5min
The Second renaissance pt.1 (Animatrix) 10min
The Second renaissance pt.2 (Animatrix) 10min
Shanghai dragon (Genius Party) 15min
Kid's story (Animatrix) 10min
Program (Animatrix) 10min
Deathtic 4 (Genius Party) 15min

Пауза од 30min

21.45h
World record (Animatrix) 10min
Beyond (Animatrix) 10min
Doorbell (Genius Party) 15min
Detective story (Animatrix) 10min
Matriculated (Animatrix) 10min
Limit cycle (Genius Party) 15 min

Уживајте повторно со Јапан@мк и Ла Кања, во среда 26.05.2010 во 20.00 часот
Овој пат аниме-ата остануваат со англиски subs.

Линкови за Genius Party (2007): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site
Линкови за Animatrix (2003): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site

петок, 14 мај 2010 г.

Јапанорама 15 - една приказна за едно пријателство

преземено од блогот на poljaff


Место интро за претходната Јапанорама, еве еден субјективен ривју од мене. Sword of the stranger, изгледан по 4-ти. Зошто оставена 8-цата од мене на MAL? Зашто станува збор за навистина добро аниме.

Прво, и за мене лично многу битно, анимацијата на акционите сцени е неверојатно динамична и беспрекорна. Нешто што е сосема јасно кога ќе се спомене BONES и Ando Masahiro. Човекот стои зад клучните анимации на Cowboy Bebop: Knocking on heaven's door, Fullmetal Alchemist, Eureka 7, Metropolis, MS Gundam SEED Destiny, Jin-Roh the Wolfbrigade... Need I say more

Позадинската музика, во епски димензии ги доловува бескрајните пејсажи и брзите дуелите. На моменти ќе се запрашате од кој свет доаѓаат зурлите и гајдите, и дали не сме со јапонците еден народ во две земји. На моменти, јас барем го имав впечатокот, особено при изливите на чест и достоинство, дека го гледам Последниот Мохиканец со музиката на Trevor Jones и Randy Edelman.
Приказната од друга страна, не е нешто особено, односно не е нешто што не може да се раскаже во две реченици. Како што Еден дечко тоа го направи во најавата за филмот на Facebook. Битно, има логика, не е незамислива и мачна за размислување. Ликовите се доволно обработени со едноставни црти кои веднаш ви го доловуваат карактерот. А и spagetti western/real action a-la-Kurosawa самурајските сцени на припрема на дуелите. Thumbs up од овој субјективен самонаречен критичар. А според реакциите во LaKana, во Скопје, и публиката уживаше во уште едно визуелно доживување наречено Јапанорама.


сабота, 10 април 2010 г.

Japanorama 13 @La Kaňa



И се случи чудо, и тоа предвремено божиќно. По пауза од речиси година дена, по 13ти пат Japan@mk во соработка со La Kaňa има задоволство да ви го претстави култното аниме “Токиските кумови” (Tokyo Godfathers), и воедно да го означи почетокот на новото дружење во рамките на оваа манифестација за 2010 година.

Ова аниме - ремек дело на Сатоши Кон, претставува своевидно соочување на гледачот со суровата реалност на токискиот бездомник, пресликана без онаа стандардна патетичност во предавањето на егзистенционалната нота со која е проткаена приказната. Напротив, авторот преку низата на случувања врзани за минатото и сегашноста на одлично извајаните ликови, јасно дава до знаење на гледачот, дека животот сам по себе е чудо, без разлика на условите во кои се егзистира. Низ приказната, која започнува, навидум наивно, кога фамозното трио го наоѓа напуштеното бебе на Божиќната вечер, гледачот суптилно патува низ нивните животи и заедно со нив се бори против сите внатрешни демони кои ги беа одвеле во бездомничкиот прогон.

Само за потсетување за оние кои веќе присуствувале на некои од проекциите на Јапанорама, Сатоши Кон е автор и на фантастичното Paprika.

Вредно да се погледа и да се ужива во секоја минута од ова дело, ве покануваме да ни се придружите на 14.04.2010 година во La Kaňa, со почеток во 19 и 15.

BTW, филмот е со јапонски dub и македонски sub, се’ благодарение на Marya-san & Влатко

линкови до imdb, ANN и MAL

>

среда, 8 април 2009 г.

Нова сезона на Јапанорама со 5 сантиметри во секунда

Петок, 10 април 2009, Културен центар ЦК, 20.30.часот
Со бавното будење на црешите, полека се враќаме со проекциите на јапонски аниме и играни филмови.

Во новата Јапанорама бр. 11 ќе уживаме на нова локација. Овој пат Културен центар ЦК ги отвора своите врати за новата сезона на проекции. И додека, Јапонците моментално уживаат во ханами, во цутењето на црешите по парковите, храмовите и светилиштата низ Јапонија, ние ќе се обидеме да ви ја претставиме убавината на растењето и животот низ розовите облаци од црешови цветови на нашата нова проекција во Скопје.

Едно од ремек-делата на Mаkoto Shinkai, а веќе ги споменавме She and her cat, и Voices of a distant star (кој го прикажувавме на Јапанорама 6), e и прекрасната драма 5 centimeters per second. Целото име на анимираниот филм е 5 Centimeters Per Second: a chain of short stories about their distance (秒速5センチメートルアチェインオブショートストリーズアバウトゼアディスタンス Byōsoku Go Senchimētoru a chein obu shōto sutorīzu abauto zea disutansu) Опфаќа 3 сегменти насловени како Cherry Blossom (桜花抄 Ōkashō), Cosmonaut (コスモナウト Kosumonauto), и 5 Centimeters per Second (秒速5センチメートル Byōsoku 5 Senchimētoru) со вкупна должина од околу 1 час.

Дејството се одвива околу Takaki Touno, во 90-тите години на минатиот век во Јапонија и раскажува за неговото пријателство и разделба со Akari Shinohara, за нивниот однос низ растењето, проткаено со едно постојано тажно расположение. Дејството е всушност недостаток од дејство, од акција; раскажува повеќе за тоа како светот ги менува луѓето, наместо за тоа како луѓето го менуваат светот.

Анимацијата е, очекувано, фантастична. Рачно нацртаните сцени се доволни да го привлечат вниманието - доволно за да ви ја доловат убавината на животот и емоциите.
Сето тоа надополнето со прекрасната пиано музика на Tenmon.

Како што вели Shinkai, за разлика од неговите претходни дела, во ова нема вклучено ниту sci-fi, ниту фантастични елементи. Се сконцентрирал на прикажувањето на реалниот свет, низ една поинаква перспектива, низ секојдневните борби со времето, просторот, луѓето, љубовта.



Погледнете го трејлерот и деталните информации на ANN

Се надеваме дека ќе бидете предизвикани да дознаете што има всушност брзина од 5 цм/сек. овој петок, во Културен центар ЦК (на ул. Илинденска бр. 38, поранешна Точка, до ИТ маркетот, кај Влада на Република Македонија)

Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. ЦК

четврток, 9 октомври 2008 г.

„Светот е убав затоа што не е" - Патувањето на Кино

Вторник 14.10.2008, 20:30ч. Културен Центар Точка

Овој пат Јапанорама ќе ве запознае со оној дел од аниме уметноста, кој од љубителите на аниме прави најголеми зависници – аниме сериите.

Ќе гледаме две епизоди од серијата „Kino no tabi (Kino's journey)" – Патувањето на Кино.

"Land of Adults -Natural Right-"
"Otona no Kuni" (大人の国)

"Three Men Along the Rails -On the Rails-"
"Rēru no Ue no Sannin no Otoko" (レールの上の三人の男)

Серијата го раскажува патувањето на Кино низ светот преку посета на различни замислени земји.

Секоја од непосетоечките земји всушност ни претставува еден од општетвените аспекти, различните последици на човековото здружување, социјални турбуленции, разновидни општетвени поделби и форми на човеково делување во различни историски периоди, на некој начин претставувајќи ја човековата природа и нејзиниот удел во градењето на овој неубав, но убав свет.

Една од повторуваните фрази во серијата е „Светот не е убав, затоа е". Патувањата на Кино ја изтражуваат „убавината во радикална смисла" како што кажува и самиот аниме режисер Ryutaro Nakamura, така што бруталноста, осаменоста, апсурдот, опресијата и трагедијата се често претставени во контраст со сочувството и бајковитата атмосфера на анимето.

Серијата е направена според новелата Kino's Journey: the Beautiful World (キノの旅 -the Beautiful World- Kino no Tabi -the Beautiful World-?) која, според својата прикриена длабочина многумина ја споредуваат со „Малиот принц".

Овозможено од Japan@mk и К.Ц. Точка

понеделник, 30 јуни 2008 г.

Шестата Јапанорама

Имав убаво претчуство за оваа Јапанорама. Одличен избор на филм и анимеа, задволително полна Точка и се разбира одлична атмосфера во услови на топла летна вечер!
~ ~ ~
Одамна се немам вака искрено смеено, како што тоа беше случај со Armchair theory! На сосема занимлив, хумористичен и деталистчки начин спакуван the ultimate рецепт за постанување на јапонски "фраер", кој успеа да не насмее сите во публиката, но и да ни покаже, дека сепак искреноста е она кое без исклучок успева кај сите!
Се надевма дека наскро ќе може да ни станат достапни и останатите делови од серијалчето Japanese Tradition!
~ ~ ~
Иако го имав гледано, Voices of a distant star сеуште ми беше занимлив. Иако главната приказна претставува една сосема обична љубовна приказна, таа е сосема добро искористена за да може авторот да ни долови едно сосема друго сознание, за релативноста на времето. Сето тоа се согледува низ комуникацијата на главните ликови, многу суптилно, без употреба на математички формули и комплексни објаснувања. За Микако поминуванешто повеќе од година, а за Нобору дури 9, но кога се во прашање искрени чуства, времето како да престанува да постои, а разликите стануваат незначителни. Во секој случај, добра тема за размилсување.
~ ~ ~
И доаѓаме до мојот фаворит на вечерта, Комедија. Во услови на мрачна атмосфера и одлична анимација, предадена ни е приказната за девојчето кое го бара Црниот Мечувалец кој живее во црната шума, за да ја спаси Ирска од Англичаните. Занимливо е што тој бара определен тип на книга како против услуга.
Во целата темнина на местото на живеење и на неговото постоење, ригидноста во односите со околината и луѓето, бизарниот начин на кој се смееше повторно читајќи го четивото кое го доби од девојчето укажа дека сепак, секој сака once in a while да избега од својата реалност и да си приушти по некое задоволство!
~ ~ ~
Огромна благодарност до Милена и Никола за несебичната поддршка и проекторот, на Точка, на сите кои присуствуваа и на сите оние кои веруваат во Јапанорама!

четврток, 26 јуни 2008 г.

Јапанорама 6!!! Не пропуштајте!!!

Летна и освежувачка Јапанорама со три кратки филмови

Петок 27 Јуни, К.Ц. Точка 21. часот

Јапанорама се враќа во летно издание со три кратки филма како вистинска свежина за летно уживање.

Комбинацијата е за сите вкусови, зачинета со хумор, естетика и фантазија.
Прво, ќе го пуштиме краткиот јапонски филм „Теорија од фотеља“ (Armchair Theory) кој не запознава со тоа како вистинските јапонски мажи им се додворуваат на девојките. Сето тоа раскажано на уникатен начин со користење на генијалниот јапонски хумор полн со паметна иронија и слатки досетки.

Вторите два пократки филмови се јапонски анимации (аниме) едниот раскажува приказна од иднината, а другиот од минатото.

„Гласови од далечната ѕвезда“ (Voices of a Distant Star) не внесува во една љубовна прикзна на далечина, која се случува во 2046г.

А филмот „Комедија“ (Kigeki) се случува во Ирска за време на војната за независност и раскажува за еден црн мечувалец кој ја знае вистинската вредност на книгите.

Траење:
• Теорија од фотеља – 30 мин
• Гласови од далечната ѕвезда – 25 мин
• Комедија – 10 мин


Се гледаме на Јапанорама 6 во Точка со почеток од 21 часот.
Организирано од Japan@mk

четврток, 5 јуни 2008 г.

Јапонска крвава нарација која длабоко го критикува општеството

Петок, 06ти Јуни 2008 од 21:00ч во Културниот Центар Точка, проекција на јапонски
филм.

Овој јуни „Јапанорама" ќе го започне со проекција на еден од најконтравернзите јапонски филмови „Царска борба" на јапонскиот режисер Кинџи Фукасаки.

„Царска борба" (Batoru rowaiaru) е филмска адаптација на истоимената, и исто толку контроверзна книга од јапонскиот автор Кошун Таками.
За оваа сторија се вели дека американците никогаш не би се нафататиле да ја режираат, но бруталната и сурова приказна за младите јапонски бунтовници го привлече вниманието не само на публиката во Јапонија, туку и на онаа од Запад.


Дејствието во филмот се одвива во Јапонија и ја пренесува приказната на јапонската влада која презема екстремни мерки за справување со младата деликвенција во земјата.

Недисциплинираните ученици се испратени на пуст остров каде мора да се борат за своите животи.
Со оружје и храна во рака, нивната задача е едноставно да се убиваат едни со други.
Оној кој останува жив, се враќа во општеството.

Преку кравави и провокативни сцени, насилство и непрекината напнатост, филмот упатува јасна критика на политичката и социјалната состојба во денешна Јапонија.

Филмот е добитник на 7 филмски награди меѓу кои и наградата за најдобар филм од Јапонската филмска академија.
Поради големата популарност, во 2003 снимен е и втор дел под наслов "Battle Royale II: Requiem", а постојат и гласини дека американците спремаат римејк.

Тука погледнете го трејлерот

Овозможено од Japan@mk во соработка со Точка

петок, 30 мај 2008 г.

Избор на филм за следната недела

За следната проекција која ќе се одржи на 6 ти Јуни предложени се 6 филма за кои е отворена анкета за гласање на десниот дел од блогот.
Подолу ќе ставам и краток осврт на филмовите за да знаете за што сакате да гласате.
Освртите се како што беа дадени од нивните предложувачи со мало дополнување за тие што немеше опис.

1. Царска Борба (Battle Royale, Batoru rowaiaru)

Контраверзен филм, по контраверзна книга, која дигна
прашина и во Јапонија, а и на Запад. Брутален филм со крвави сцени,
како Петок 13-ти со пушки. Истовремено, моќен филм кој ја критикува
политичката и социјалната состојба во Јапонија. Филмов е добитник на
повеќе награди во Јапонија. Заради големата популарност снимен е втор
дел во 2003: "Battle Royale II: Requiem"

2. Табу (Taboo, Gohatto) 1999

Се работи за филм од режисерот Нагиса Ошима кој во 2000 година бил номиниран за златната палма.

Филмот се случува во ерата на Шогуните и главните ликови се самураи. Фабулата се гради врз меѓусебните односи на самураите, стриктните воени правила и страстите кои се раѓаат во таквата атмосфера. Контраверзен филм кој ја обработува хомосексуалната љубов која и не бил табу во тоа време во Јапонија, особено кај самураите. Централна личност е младиот самурај Кано, околу кој се плетат интриги и убиства.

Филмот е доста интересен и ни покажува една поинаква култура во едно друго време. Според жанрот може да се сврсти во драма трилер и историски. Има сцени со самурајски борби, вежбања во доџо и доста елементи од јапонската култура во тоа време.

3. Санџуро (Sanjuro)

Филм од познатиот режисер Акира Куросава.

4. Мијамото Мусаши (Мiyamoto Musashi)

Првиот дел од трилогијата посветена на познатиот самурај.

5. Кога последниот меч беше извлечен (When the Last Sword is Drawn)

Филм за самураи.


6. Ран (Ran)

Уште еден филм од Куросава

четврток, 29 мај 2008 г.

Кукли на разорната моќ на љубовта

Петок, 30 Мај, во 20:30 часот Културен центар Точка

Оваа недeла Јапанорама во соработка со Метаморфозис ви го претставува филмот Кукли на познатиот јапонски режисер Такеши Китано.

Кукли е незаобиколен фаворит на вистинските љубители на филмската уметност, пред сè бидејќи е едно сериозно визуелно филмско доживување раскажано преку немата експресија на недофатното.

Филмот претставува колаж од дејствија раскажани преку живописни и напати надреални сцени, кои пленат со својот симболички потенцијал и длабоки пораки.

Фабулата е создадена од три, навидум едноставни приказни, кои раскажуваат за несовладливата, екстремната и понекогаш разорувачка моќ на љубовта која секогаш фасцинира.
Таа е суштинскиот двигател на нештата во животот, и скоро е невозможно да и се спротивставиме.

Самиот филм се вика Кукли и ликовите во филмот ги споредува со куклите на Bunraku (традиционален јапонски куклен театар), пренесувајќи ни ја идејата дека луѓето во однос на љубовта се како куклите придвижени од луѓето, да ги играат своите улоги во татарот на животот.

Филмот има добиено две златни награди, а бил номиниран за венецискиот златен лав и за награда на Јапоската академија.

Погледнете ги:

сабота, 24 мај 2008 г.

Јапанорама No.3 - бизарна рефлексија на слики од потсвеста

Сликата зборува многу повеќе од самите зборови. Таа успева да ги долови нечујните делови на нарацијата и дијалогот, кои многупати се круцијални во толкувањето на вистината и на есенцијата. Во атмосфера на исчекување, започна нашата пловидба по лавиринтите на сонот, испреплетени со силна симболика, проткајана со митолошки, религиозни и надреални елементи. Искрено, целото време пред очи ми излегуваа сликите на Bosch, на кои најмногу ме наведуваше карактеристичниот безвременски лик на девојчето, демонските статуи и целата атмосфера.

За целото време, во главата на гледачот се јавува тивката фрустр
ација на перцепцијата на доминантното сивило на опкружувањето, кое е сетирано во еден напуштен и зафрлен град, кој на моменти се чини дека е под вода, како некое длабоко, во потсвеста,закопано сеќавање. Единствено нешто што претставува референца за потврда на скаменетоста на целата околина е егзистенцијата на девојчето, кое има мисија да го одгледува и чува ангелското јајце. Нејзината оддаденост на тоа е толку голема, што во ниеден момент не го доведува во прашање своето делување, и покрај секој обид за разнишување на истото, од страна намистериозниот човек кој ненадејно, но според мене ни најмалку случајно, влетува во целата таа мрачна и придушена атмосфера. Кршењето на јајцето е симбол на почеток, симбол на трансформација и еволуција на самата личност. Симболиката е насочена кон дејствијата кои се случуваат секому длабоко во потсвеста, која не секогаш дава логични констелации на лица, места и настани, а сепак изобилуваат со надреални, а кај некои и со религиски моменти. Филмот како да претставува бегство од денешниот свет на материјалните вредности, каде владеат законите на суровата логика и логичкото следство на нештата. Тој се издига високо над тоа ниво, укажува на динамиката на скриеното делување на потсвесното, каде се рушат сите конвенционални законистости.

Беше вистинско задоволсвто да се види огромната посетеност и на оваа Јапанорама, што укажува на тоа дека нашево поднебје навистина има потенцијал за стварање на трајни вредности и вкоренување на традиции. Се надевам дека вака ќе продолжиме и понатаму, во Точка и наредната недела.

четврток, 22 мај 2008 г.

Изложбата на Маруко – почеток кој многу ветува

Иако дел од делата ги имав видено на deviant art, гледајќи ги во нивната оригинална форма во специфичната атмосфера на кафулето Чипка, се добива сосема нов впечаток и едно сосема поинакво доживување на истите. Моите впечатоци ќе ги пренесам, пред се, од аспект на љубопитен набљудувач.

Она што ми падна во очи, е начинот на кој делата комуницираат со набљудувачот. Тажниот замислен поглед на ликовите од повеќето од делата, ни открива дел од интимата на авторот, кој го бара своето место под сонцето од една страна, но од друга страна, со талент кој ја надминува неговата фактичка возраст, си го трасира патот кон успехот. Изложбата беше еден вид на автопортрет, преку кој присутниот ненаметливо открива кој всушност е авторот, и што е она со кое тој секојдневно се бори во неговиот внатрешен свет, а кое толку многу сака да излезе од него... и сето тоа пренесено преку manga style цртеж, на огромно задоволство на сите нас присутните.

Во иднина, очекувам уште поголеми успеси, на теми кои ќе зреат заедно со авторот и ќе се одразуваат на неговото творештво, а сите ние останатите ќе се гордееме и радуваме затоа што токму една ваква личност е дел од нашите редови. Во секој случај, изложбата и повеќе од доволно придонесе за разубавувавње на нашата Јапанорама.

Update: Слики од изложбата на Маруко и од членовите на групата (како и дел од авторите на блогов) може да видите тука.

среда, 21 мај 2008 г.

Надреална анимирана приказна со симболи од потсвесното

Петок, 23 Мај 2008, 20:30 часот, Културен Центар Точка

Оваа недела, Јапанорама продолжува со уште едно аниме, кое по својата атмосфера е продолжение на денешната изложба на манга цртежи на младиот Маруко во Чипка.

Ангелско јајце (Angel's egg) е длабок и надреален анимиран филм.
Напишан e и режиран од креаторот на познатиот сејберпанк класик „Ghost in the shell“, Mamoru Oshii, и од многумина е сметан за ремекдело.

Улиците на празниот град каде што живее девојчето, кое го чува ангелското јајце, потсеќаваат на познатите слики на Де Kирико, а целата атмосфера на филмот е апсурдна и потсвесна како од најчудните соништа.

Филмот изобилува со симболика, како и референции од различни митологии, а целото дејство се гради врз малку дијалог, многу музика и многу повеќе визуелна динамика.

Најинтересно е што за филмот не постои официјално издадено објаснување за неговото значење, што го прави повеќе да наликува на големите дела на мајсторите на уметноста.

Филмот е од 1985 година, но анимацијата е фасцинантна при доловувањето на реалното помешано со имагинарното и симболичкото.

вторник, 20 мај 2008 г.

Анкета

На десната страна од блогов поставена е анкета за гласање за филм кој сакате да се прикажува овој петок во Точка на третата Јапанорама.

Можете да избирате само по еден филм, за побрз да ја решиме работава :)

Знам дека е прекасно поставена анкетава, но за следната недела ќе се стави цела недела унапред.
Се надевам ќе го избереме најдобриот.

Еве неколку видеа од секој од нив и IMDB рејтинг:

сабота, 17 мај 2008 г.

Јапанорама No. 2 - уште една успешна мисија!

Сите дојдовме подготвени да плачеме... Најавата за анимето, а и се она што како информација ни беше достапно, укажуваше на тоа дека пред нас претстои голем предизвик - справување со трагедијата за неизбежноста на случувањата во време на војна. Судирајќи се со мачното и исполнето со борба за опстанок секојдневие на Seita и неговата преслатка топчеста сестричка Setsuko, присутните во Точка не можевме, а да не се соживееме со нив.

Целото аниме се чинеше дека е надвор од овој свет. Во целата таа трагедија, авторите многу суптилно ги имаат вклопено светулките, и нивната тажна симболика, давајќи и притоа посебна мекост на целата ситуација, и можноста барем за момент да ни се одвлече вниманието од војната. Исто така, изобилува со сцени кои од една страна би можеле и да се изостават од анимацијата, но од друга страна тие се мостот преку кој се гради односот на гледачот со самото дело, и преку кои уште пореално и поболно се доближуваа страдањето на двете деца.

Ми се чини дека никогаш нема да ја заборавам прекрасната насмевка на малата Setsuko, која за целото време си живееше во својот детски свет кој не умее даразликува војна од мир, радувајќи им се на бонбончињата и на светулките.

Голема благодарност до Метаморфозис и до Точка заради тоа што имаа голем удел во овој наш заеднички потфат. Генерално гледано, ова беше уште едно успешно дружење на заљубениците во анимето и Јапонија.
Се гледаме на 23 Мај, повторно во Точка!