Се прикажуваат објави со етикета Japanorama. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Japanorama. Прикажи ги сите објави

среда, 15 јуни 2011 г.

Јапанорама 21- Summer Wars

Кога станува збор за аниме посебно за оние филмови кои се наменети за целото семејство, ретко кој може да му го преземе приматот на фантастичниот Miyazaki. Но, има неколку режисери кои би можеле да се борат за неговиот трон. Во случајов, Hosoda Mamoru, кој нам ни е познат по Toki wo Kakeru Shoujo (The Girl Who Lept Through Time), а можеби и по филмовите на Dragonball и Digimon.

Оваа Јапанорама бр. 21 ви го претставуваме неговото последно дело - Летни Војни (Sama Wozu), долгометражен анимиран филм од 2009-та, кој уште од своето појавување доживеа одлични критики.
Филмот содржи доста познати елементи, но и богатсво од карактери и нивни забавни меѓуодноси. Мошне свежо ни го прикажува и имагинарниот и виртуелен свет ОЗ, чија анимација може да се спореди со уметничките дела на Murakami Takashi. Летни Војни на места е мелодраматичен, во разглобувањето на фамилијарните врски и меѓучовечките односи, но и возбудлив, во прикажувањето на позитивните страни на социјалните мрежи на глобалниот Интернет и потенцијалната опасност од погрешното користење на вештачката интелегенција и виртуелните авторитети.

Ве очекуваме, во сабота 18.06.2011 во 20.00 часот во просториите на Клуб на новинари.

P.S. Преводот е на македонски, а влезот е бесплатен. ;)

понеделник, 11 април 2011 г.

Со Самурај X и Јапанорама 17 на Сакура 2011

Традиционално пратејќи ја Сакура, фестивалот на цветање на црешите, кој се слави на улица Максим Горки во организација на Самураj Доџото од Скопје, Јапа.нет.мк се придружува со нова проекција на Јапанорама.
Фестивалот за Ханами, традициналнo гледање на црешовите цветови, во Јапонија е поврзан со почетокот на школската и фискалната година, па така и новата Јапанорама е прва годинава, а седумнаесетта по ред воопшто. Овој пат сме во нов простор, во Клубот на новинари на 16.04.2011 (сабота) во 20.00 часот ќе уживате во драматичната, трагична и едноставно прекрасна приказна: Samurai X: Trust & Betrayal (или Rurouni Kenshin: Tsuiokuhen), оригинална видео анимација (OVA/OAV) составена од 4 полчасовни епизоди.
Ова е измислена сторија поставена во историската рамка на Bakumatsu периодот во Јапонија. Анимето раскажува за Химура Кеншин, за детето кое беше, бесчуствителниот убиец кој мораше да стане и за гревовите за кои подоцна се искупува носејќи го својот sakabatō (мечот со превртено сечило). За тоа како стана легендарниот Battōsai и како ја носи својата лузна со форма на Х на лицето (оттука, самураи Х).
Ликовите се впечатливи и привлечни елементи кои ја дополнуваат грандиозноста на целата анимација. Наспроти нивното споро градење низ текот на анимето, прикажани се крвави и брзи сцени на борби со мечеви во реалистичната техника. Ова аниме успева воодушевувачки успешно да го искомбинира насилството и динамиката на борбите со трагичните ликови и приказната која ги поврзува.

Се надеваме дека автентичниот приказ на Јапонија и историскиот период во кој се одвива дејството ќе бидат доволни интересни да ви го задржат вниманието во двочасовната проекција за отварање на новата сезона на проекции на Јапанорама.

четврток, 27 мај 2010 г.

„Јапанорама 16“ посветена на „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“

Денешната презентација во „Ла кања“, во организација на неформалната група македонски љубители на јапонската култура „Јапан@мк“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација - аниме

Шеснаесеттата „Јапанорама“, која ќе се одржи вечерва во „Ла кања“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација. Првиот дел од проекциите е закажан за 20 часот, а вториот во 21.45 часот. Притоа, паралелно ќе бидат прикажани дела посветени на антологијата на кратката анимација, насловени „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“, кратки анимации базирани на добропознатата приказна за „Матрикс“, сите од значајни јапонски автори.

- Честопати генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку во романите, па затоа овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација - велат членовите на групата „Јапан@мк“, која ги организира ваквите дружења.

„Јапан@мк“ е неформална група македонски љубители на јапонската култура, чија цел е на едно место да се соберат луѓето што се фасцинирани од јапонската анимација - аниме, мангата (јапонски стрип), боречките вештини, јапонскиот јазик и јапонската култура воопшто. На тој начин тие ја промовираат оваа поинаква култура во земјава. Досега организирале повеќе проекции на јапонски играни, документарни и анимирани филмови, демонстрирање на јапонскиот ритуал на подготвување чај, изложба на младиот македонски манга-автор Маруко Аква Мизу, хаику-читања, посети на бонсаи-паркот, како и учество на фестивалот на црешите „Сакура“. Групата постои од февруари 2008 година, а од април истата година е активна и преку блогот japmk.blogspot.com, на кој пишуваат дваесетина членови, од кои тројца-четворица се поактивни. Нема ограничување на темите, сé додека се поврзани со Јапонија. Нивниот првичен план било блогот подоцна да прерасне во сајт, но оваа идеја сé уште чека реализација.

- Активностите не запираат, бидејќи секогаш се наоѓа некој што има барем малку време и желба да направи нешто за групата. Од година во година, од месец во месец, се пријавуваат сé повеќе членови кои пројавуваат интерес за нешто што е дел од јапонската култура. Изненадени сме, на пример, од тоа колкав дел од младината во Македонија знае што се аниме и манга, следејќи ги притоа актуелните наслови од таа култура - велат од „Јапан@мк“ и додаваат дека на „Јапанорама“ често доаѓаат и голем број посетители што не се членови на групата.

(превземено од Нова Македонија)

сабота, 22 мај 2010 г.

Jапанорама 16 - Genius Party (part 1) vs Animatrix

Како што често генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку романи, овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација, double feature. За среќа постојат доволно добри автори и доволно храбри продуцентски куќи - во случајов Madhouse Studios и Studio 4oC, кои често прават интересни компилации од аниме. Од многуте интересни наслови, одлучивме овој пат да пресечеме - од едната страна се Genius Party, првиот дел авторските дела посветени на Антологијата на кратката анимација, a од друга страна Animatrix, кратките анимации базирани на добропознатата приказна за Matrix, секако, повторно од значајни јапонски автори.


Genius Party (part 1) vs Animatrix


Еве го и распоредот на прикажување:
20.00h
Genius Party (Genius Party) 5min
The Second renaissance pt.1 (Animatrix) 10min
The Second renaissance pt.2 (Animatrix) 10min
Shanghai dragon (Genius Party) 15min
Kid's story (Animatrix) 10min
Program (Animatrix) 10min
Deathtic 4 (Genius Party) 15min

Пауза од 30min

21.45h
World record (Animatrix) 10min
Beyond (Animatrix) 10min
Doorbell (Genius Party) 15min
Detective story (Animatrix) 10min
Matriculated (Animatrix) 10min
Limit cycle (Genius Party) 15 min

Уживајте повторно со Јапан@мк и Ла Кања, во среда 26.05.2010 во 20.00 часот
Овој пат аниме-ата остануваат со англиски subs.

Линкови за Genius Party (2007): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site
Линкови за Animatrix (2003): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site

петок, 14 мај 2010 г.

Јапанорама 15 - една приказна за едно пријателство

преземено од блогот на poljaff


Место интро за претходната Јапанорама, еве еден субјективен ривју од мене. Sword of the stranger, изгледан по 4-ти. Зошто оставена 8-цата од мене на MAL? Зашто станува збор за навистина добро аниме.

Прво, и за мене лично многу битно, анимацијата на акционите сцени е неверојатно динамична и беспрекорна. Нешто што е сосема јасно кога ќе се спомене BONES и Ando Masahiro. Човекот стои зад клучните анимации на Cowboy Bebop: Knocking on heaven's door, Fullmetal Alchemist, Eureka 7, Metropolis, MS Gundam SEED Destiny, Jin-Roh the Wolfbrigade... Need I say more

Позадинската музика, во епски димензии ги доловува бескрајните пејсажи и брзите дуелите. На моменти ќе се запрашате од кој свет доаѓаат зурлите и гајдите, и дали не сме со јапонците еден народ во две земји. На моменти, јас барем го имав впечатокот, особено при изливите на чест и достоинство, дека го гледам Последниот Мохиканец со музиката на Trevor Jones и Randy Edelman.
Приказната од друга страна, не е нешто особено, односно не е нешто што не може да се раскаже во две реченици. Како што Еден дечко тоа го направи во најавата за филмот на Facebook. Битно, има логика, не е незамислива и мачна за размислување. Ликовите се доволно обработени со едноставни црти кои веднаш ви го доловуваат карактерот. А и spagetti western/real action a-la-Kurosawa самурајските сцени на припрема на дуелите. Thumbs up од овој субјективен самонаречен критичар. А според реакциите во LaKana, во Скопје, и публиката уживаше во уште едно визуелно доживување наречено Јапанорама.


сабота, 24 април 2010 г.

Japanorama 14 @La Kaňa


Јапанорама станува редовен настан благодарение на вашата поддршка. По успешната прва проекција оваа година, одлучивме да ја продложиме соработката со ЛаКања и оваа недела да ве поканиме на уште едно дружење.

Овојпат е редот на девојките да ви претстават еден дел од современата јапонска култура и значењето на идолите во светот на јапонските тинејџери. J-pop талентите Kyoko Fukada и Anna Tsuchiya, преку 100 минутната лесна комедија Kamikaze girls (Shumotsuma Monogatari) ќе ве внесат во светот на shoujou manga-та. Чудниот пат на случајноста ќе ги испреплети судбините на две сосема обични девојки, со сосема секојдневни приказни - Момоко, која е типичен претставник на ендемичниот моден тренд на јапонските „лолити“ од Harajuku и Ichiko, вулгарна припадничка на моторџиска банда од исклучиво груби девојки. Низ понекогаш оштри секвенци, понекогаш слатка атмосфера, ќе гледате театарска претстава со култни потенцијали инспирирана од стилот на големите светски режисери.

Се надеваме ќе уживате, повторно со нас, Ла Кања, среда 28.04.2010 во 20.00 часот. Ве очекуваме



Линк до IMDB

сабота, 10 април 2010 г.

Japanorama 13 @La Kaňa



И се случи чудо, и тоа предвремено божиќно. По пауза од речиси година дена, по 13ти пат Japan@mk во соработка со La Kaňa има задоволство да ви го претстави култното аниме “Токиските кумови” (Tokyo Godfathers), и воедно да го означи почетокот на новото дружење во рамките на оваа манифестација за 2010 година.

Ова аниме - ремек дело на Сатоши Кон, претставува своевидно соочување на гледачот со суровата реалност на токискиот бездомник, пресликана без онаа стандардна патетичност во предавањето на егзистенционалната нота со која е проткаена приказната. Напротив, авторот преку низата на случувања врзани за минатото и сегашноста на одлично извајаните ликови, јасно дава до знаење на гледачот, дека животот сам по себе е чудо, без разлика на условите во кои се егзистира. Низ приказната, која започнува, навидум наивно, кога фамозното трио го наоѓа напуштеното бебе на Божиќната вечер, гледачот суптилно патува низ нивните животи и заедно со нив се бори против сите внатрешни демони кои ги беа одвеле во бездомничкиот прогон.

Само за потсетување за оние кои веќе присуствувале на некои од проекциите на Јапанорама, Сатоши Кон е автор и на фантастичното Paprika.

Вредно да се погледа и да се ужива во секоја минута од ова дело, ве покануваме да ни се придружите на 14.04.2010 година во La Kaňa, со почеток во 19 и 15.

BTW, филмот е со јапонски dub и македонски sub, се’ благодарение на Marya-san & Влатко

линкови до imdb, ANN и MAL

>

среда, 8 април 2009 г.

Нова сезона на Јапанорама со 5 сантиметри во секунда

Петок, 10 април 2009, Културен центар ЦК, 20.30.часот
Со бавното будење на црешите, полека се враќаме со проекциите на јапонски аниме и играни филмови.

Во новата Јапанорама бр. 11 ќе уживаме на нова локација. Овој пат Културен центар ЦК ги отвора своите врати за новата сезона на проекции. И додека, Јапонците моментално уживаат во ханами, во цутењето на црешите по парковите, храмовите и светилиштата низ Јапонија, ние ќе се обидеме да ви ја претставиме убавината на растењето и животот низ розовите облаци од црешови цветови на нашата нова проекција во Скопје.

Едно од ремек-делата на Mаkoto Shinkai, а веќе ги споменавме She and her cat, и Voices of a distant star (кој го прикажувавме на Јапанорама 6), e и прекрасната драма 5 centimeters per second. Целото име на анимираниот филм е 5 Centimeters Per Second: a chain of short stories about their distance (秒速5センチメートルアチェインオブショートストリーズアバウトゼアディスタンス Byōsoku Go Senchimētoru a chein obu shōto sutorīzu abauto zea disutansu) Опфаќа 3 сегменти насловени како Cherry Blossom (桜花抄 Ōkashō), Cosmonaut (コスモナウト Kosumonauto), и 5 Centimeters per Second (秒速5センチメートル Byōsoku 5 Senchimētoru) со вкупна должина од околу 1 час.

Дејството се одвива околу Takaki Touno, во 90-тите години на минатиот век во Јапонија и раскажува за неговото пријателство и разделба со Akari Shinohara, за нивниот однос низ растењето, проткаено со едно постојано тажно расположение. Дејството е всушност недостаток од дејство, од акција; раскажува повеќе за тоа како светот ги менува луѓето, наместо за тоа како луѓето го менуваат светот.

Анимацијата е, очекувано, фантастична. Рачно нацртаните сцени се доволни да го привлечат вниманието - доволно за да ви ја доловат убавината на животот и емоциите.
Сето тоа надополнето со прекрасната пиано музика на Tenmon.

Како што вели Shinkai, за разлика од неговите претходни дела, во ова нема вклучено ниту sci-fi, ниту фантастични елементи. Се сконцентрирал на прикажувањето на реалниот свет, низ една поинаква перспектива, низ секојдневните борби со времето, просторот, луѓето, љубовта.



Погледнете го трејлерот и деталните информации на ANN

Се надеваме дека ќе бидете предизвикани да дознаете што има всушност брзина од 5 цм/сек. овој петок, во Културен центар ЦК (на ул. Илинденска бр. 38, поранешна Точка, до ИТ маркетот, кај Влада на Република Македонија)

Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. ЦК

понеделник, 17 ноември 2008 г.

Јапанорама 10 – Анимиран хорор и реална комедија

Вторник, 18 ноември 2008, Точка, 20:30

Овој вторник ја имаме десетта јубилејна и шаренолика Јапанорама.

Сладок јапонски микс на хорор аниме, саркастична комедија и „afterparty" музика и дружба.

Прво ќе го гледаме краткиот анимиран филм Kakurenbo (Криенка)– приказна за една опасна игра, која децата по потрага за авантура, сепак ја играат под улиците на Токио. Филмот е комбинација на уникатна анимација, источна мистика и хорор акција. Најинтересното за ова аниме е тоа што е направен целосно со 3D технологија, а е постигнат ефект на многу добро изведена 2D анимација.

Во вториот половина час ќе погледнеме неколку скечеви од познатото комичарско дуо во ЈапонијаRahmensна една претходна Јапанорама го гледавме нивниот краток филм armchair theory). Овој пат ќе прикажеме дел од нивната серија пародични видеа (The Japanese tradition)за традиционалните елементи на јапонската култура, видени низ визурата на белиот човек (т.н. white man concept). Нивниот суптилен приод, кој ја трансцендира пародијата на своето, пародизирајќи го оној кој ја гледа таа пародија, ни ги подотвора вратите кон вистинско разбирање на јапонскиот хумор што неретко ни изгледа луд и несфатлив.

Третиот дел од ова наше 10-то дружење ќе го посветиме на запознавање, дискутирање, делење искуства и слушање јапонска музика.

Ве чекаме во поголем број.

Овозможено од (http://japan.mk) и К.Ц.Точка

недела, 2 ноември 2008 г.

Помеѓу сонот и траумата

Вторник, 4 ноември од 20:30 часот во Културен Центар Точка

Јапанорама 9


Можете ли да замислите вистинско остварување на сон?

Сатоши Кон, во неговиот филм Папурика, ни покажува „остварување" на сон на целиот свет со целата негова блескавост и бизарност вклопени во едно прекрасно визуелно доживување на грозоморната шареноликост на симулакрумот.

Паприка е анимиран филм за потсвеста, желбите и стравовите на човекот, претставен преку современа психотерапија, што му овозможува на терапевтот да му помогне на пациентот, навлегувајќи во неговиот сон и водејќи го во надминување на своите трауми.

Комбинацијата на живите бои на јапонската анимација со сериозноста на навлегувањето во мистериозните мрачни предели на човековата психа, создава една безмалку шизофренична атмосфера што го допира прашањето на вистинските причинители кои би можеле да доведат до загрозување на човековиот опстанок. Неодоливата анимација, која нè преплавува со зашеметувачки бои, им дозволува на надреалните случувања да навлезат длабоко во нашите мисли без при тоа да ги алармираат одбранбените механизми за возменирувачката содржина на пораките испратени во симболиката на тие случувања.

По проекцијата, може да се запрашате, колку денешните илузии, кои секојдневно сè повеќе се материјализираат околу нас се далеку од сонување со отворени очи?

Филмот бил номиниран на многу интернационални фестивали, меѓу кои и за венецискиот златен лав, а при тоа 4 пати е наградуван.

Линкови:

Паприка на IMDB: http://www.imdb.com/title/tt0851578/

Рецензија за Паприка на anime news network: http://www.animenewsnetwork.com/review/paprika

Трејлер на филмот: http://www.youtube.com/watch?v=NclRSeV4pBA


Официјален сајт на филмот:
http://www.sonypictures.com/homevideo/paprika/index.html


Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. Точка