недела, 16 јуни 2013

The Big O

The Big O
Аниме ТВ серија
Жанр: научна фантастика, крими трилер, mecha
Студио: Sunrise
Режисер: Катајама Казујоши
Број на епизоди: 26
Време на прикажување: 13.10.1999 - 19.01.2000















Роџер Смит: "Имам неколку домашни правила, Дороти, и додека живееш кај мене очекувам да ги почитуваш."
Дороти: "Какви правила?"
Роџер Смит: "Првото правило е она до кое најмногу се придржувам. Ако останеш овде ќе носиш црна облека."
Дороти: "Твојата модна смисла е ужасна."


Во 1999 година, Катајама Казујоши и Сато Кеиѓи, режисери од Sunrise Studios, креираа аниме серија која после само 13 епизоди имаше слаба популарност кај домашната публика. Но после многу молби и парични понуди од Cartoon Network, Adult Swim, Toonami и Namco Bandai за втора сезона, Катајама и Кеиѓи ја продолжија серијата, на голема радост на Американската и Европската публика. Тоа што се сметаше за домашен неуспех стана култен класик кај западната публика.

Серијата се вика The Big O.



Добредојдовте во градот Парадигма, кој носи и друго име - градот Амнезија. Во овој град кој неодоливо потсетува на Њујорк од 30 - тите години од 20 - от век со научно фантастичен шмек се има случено еден необичен феномен. Имено, пред 40 години населението го изгуби памтењето. Никој не знае кој или што го сторило тоа, никој не се сеќава што правел и што имал пред феноменот и полека се трудат да си ги вратат сеќавањата, во град кој одново треба да го спознаат и одгатнат неговите мистерии. Со овој товар не се обременети генерациите после феноменот. 




Дел од таа генерација е Роџер Смит, преговарач по занимација. Преговарачите се лица со широк опсег на работни задачи - можат да вршат детективски работи, можат да средуваат минорни правни работи како чување тестаменти, но можат да работат и како посредници помеѓу странки, независно колку е "чиста" работата. Еден ден ќе биде ангажиран од страна на богат индустријалец да преговара со Бек, ситен криминалец кој ја има киднапирано ќерката на индустријалецот. Работата е едноставна - се што треба да направи Роџер е да му ја предаде бараната сума на пари во замена за девојката. Лесно, зарем не? Освен ако очекуваме да се случи некое клише, како на пример лошиот тип да ја измами другата страна. Тоа се случува, а тоа не му се допаѓа на Роџер бидејќи како преговарач тој има свој сет на правила и чест на почитување и доверба кај странките. Кога работите ќе тргнат наопаку ќе го повика својот џиновски робот кој се вика Big O за да го добие својот дел од договорот. Штом се средат работите Роџер открива дека девојката, која се вика Дороти е андроид, а неговиот клиент никогаш немал деца. Случајот се продлабочува со смртта на клиентот, а бидејќи клиентот не одредил каква ќе биде судбината на Дороти, Роџер се решава да ја прими во неговиот дом, каде ќе му помага во чувањето на куќата и ќе му асистира во решавањето на работите кои го засегаат како преговарач.



Зошто една ваква серија, која во основа има интересна приказна е занемарена од Јапонците? Затоа што Катајама во повеќе наврати призна дека оваа серија е претежно инспирирана од работите кои ги сакал како дете и тинејџер - американските детективски noir тв серии од 30 - тите до 60 -тите години од 20 - от век како што е The Untouchables, научно фантастичните филмови од калибарот на Metropolis, па дури и бендови како Queen и други работи кои не наишле на голема популарност во неговата држава.





Најавната шпица на The Big O е многу слична со песната Flash од Queen

Градот Парадигма личи на скоро совршена копија на Њујорк и други градови од времето на Американската прохибиција и растот на мафијашките гангстерски групи, малку "нашминкан" со футуристички елементи извадени од Metropolis. Но не е само градот кој во себе го има noir духот. Жителите на градот живеат "заглавени во noir времето" - автомобилите со кои се возат, облеката која ја носат, начинот на кој се изразуваат, џезот и усната хармоника која се слуша на локалните радио станици, ноќните џез клубови каде се собира "кремот" на општеството, скриените коцкарници на мафијашите... 




Но една од најголемите инспирации на Катајама за The Big O, поточно за главниот лик, Роџер Смит е Batman, иконата на DC Comics. Многу работи се позајмени од Мрачниот Витез кој се заколнал на вечна борба против криминалот. Роџер живее во голем дворец, има свој личен батлер кој се вика Норман Бург и исто како Алфред му помага на својот газда во задачите кои Роџер ги извршува. Самиот Роџер е олицетворение на Брус Вејн - богат, вози црн автомобил
опремен со најмодерни геџети кои му се од корист кога ќе се најде во небрано, има одлични детективски и street smart вештини, боречките вештини му се на завидно ниво и никој друг, освен Дороти и Норман не знае дека тој го управува The Big O, џиновскиот робот кој служи како последна линија на спроведувањето правда во градот Парадигма.



Сепак Катајама прави круцијална разлика кога го креира својот протагонист. Иако Роџер Смит делува како заштитник на градот во секоја епизода, тој има други цели кои го мотивираат - потрагата по минатото на градот. Секоја епизода ни дава нова мистерија за Парадигма, а секој одговор нови прашања. Што е тоа што имале старите генерации? Што е тоа што ни оставиле во наследство? Дали бришењето на сеќавањата е за доброто на новите поколенија да се заштитат од нешто ужасно што се случило пред 40 години или тоа било само случајност? Дали кошмарите на поединци се сеќавањата кои сакаат да испливаат на површина на непријатен начин?


Не се знае дали остварувањето на желбите на Роџер Смит во оваа неуморна детективска одисеја се на повидок, но едно е сигурно - кога се прави неизбежна споредба помеѓу ликови кои се слични од многу аспекти околу тоа кој е подобар, како во случајот на Роџер Смит и Мрачниот Витез, треба да се има на ум - Роџер има џиновски робот, Бетмен нема.