понеделник, 17 ноември 2008

Јапанорама 10 – Анимиран хорор и реална комедија

Вторник, 18 ноември 2008, Точка, 20:30

Овој вторник ја имаме десетта јубилејна и шаренолика Јапанорама.

Сладок јапонски микс на хорор аниме, саркастична комедија и „afterparty" музика и дружба.

Прво ќе го гледаме краткиот анимиран филм Kakurenbo (Криенка)– приказна за една опасна игра, која децата по потрага за авантура, сепак ја играат под улиците на Токио. Филмот е комбинација на уникатна анимација, источна мистика и хорор акција. Најинтересното за ова аниме е тоа што е направен целосно со 3D технологија, а е постигнат ефект на многу добро изведена 2D анимација.

Во вториот половина час ќе погледнеме неколку скечеви од познатото комичарско дуо во ЈапонијаRahmensна една претходна Јапанорама го гледавме нивниот краток филм armchair theory). Овој пат ќе прикажеме дел од нивната серија пародични видеа (The Japanese tradition)за традиционалните елементи на јапонската култура, видени низ визурата на белиот човек (т.н. white man concept). Нивниот суптилен приод, кој ја трансцендира пародијата на своето, пародизирајќи го оној кој ја гледа таа пародија, ни ги подотвора вратите кон вистинско разбирање на јапонскиот хумор што неретко ни изгледа луд и несфатлив.

Третиот дел од ова наше 10-то дружење ќе го посветиме на запознавање, дискутирање, делење искуства и слушање јапонска музика.

Ве чекаме во поголем број.

Овозможено од (http://japan.mk) и К.Ц.Точка

недела, 2 ноември 2008

Помеѓу сонот и траумата

Вторник, 4 ноември од 20:30 часот во Културен Центар Точка

Јапанорама 9


Можете ли да замислите вистинско остварување на сон?

Сатоши Кон, во неговиот филм Папурика, ни покажува „остварување" на сон на целиот свет со целата негова блескавост и бизарност вклопени во едно прекрасно визуелно доживување на грозоморната шареноликост на симулакрумот.

Паприка е анимиран филм за потсвеста, желбите и стравовите на човекот, претставен преку современа психотерапија, што му овозможува на терапевтот да му помогне на пациентот, навлегувајќи во неговиот сон и водејќи го во надминување на своите трауми.

Комбинацијата на живите бои на јапонската анимација со сериозноста на навлегувањето во мистериозните мрачни предели на човековата психа, создава една безмалку шизофренична атмосфера што го допира прашањето на вистинските причинители кои би можеле да доведат до загрозување на човековиот опстанок. Неодоливата анимација, која нè преплавува со зашеметувачки бои, им дозволува на надреалните случувања да навлезат длабоко во нашите мисли без при тоа да ги алармираат одбранбените механизми за возменирувачката содржина на пораките испратени во симболиката на тие случувања.

По проекцијата, може да се запрашате, колку денешните илузии, кои секојдневно сè повеќе се материјализираат околу нас се далеку од сонување со отворени очи?

Филмот бил номиниран на многу интернационални фестивали, меѓу кои и за венецискиот златен лав, а при тоа 4 пати е наградуван.

Линкови:

Паприка на IMDB: http://www.imdb.com/title/tt0851578/

Рецензија за Паприка на anime news network: http://www.animenewsnetwork.com/review/paprika

Трејлер на филмот: http://www.youtube.com/watch?v=NclRSeV4pBA


Официјален сајт на филмот:
http://www.sonypictures.com/homevideo/paprika/index.html


Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. Точка

сабота, 1 ноември 2008

Ergo Proxy - Светот низ очите на квази-индивидуалноста

Кога првиот пат го прочитав насловот на ова аниме, беше напишано со маркер на пар дискови. Еден пар меѓу дузина. После неколку месеци откако ги изгледав сите останати аниме серии што ги имав, на ред стигна и Ergo Proxy.
Кога ја погледнав првата епизода, останав збунет. Неможев да сватам зашто досега не сум помислил да ја гледам серијава. Нејсе, иако сеуште не свесен за природата на авантурата во која што се впуштам, решив да ја изгледам оваа аниме серија што е можно по скоро.
Серијата започнува со класичната "film noir" основа. Престава на утопистичкиот живот на протагонистот (материјална, социјална и психофизичка благосотојба), наеднаш почнува да се руши и да си ги покажува своите трули темели. Вечното бегство и не знаењето на тоа кој ти верува т.е. на кого можеш да веруваш, го прави почетокот на оваа аниме серија безмалку возбудлив. Низ велот на енигматичноста и искуствата на Real и Igi, како и осамениот живот на имигрантот Vincent, серијава срамежливо ќе започне да ја открива насоката во која се упатува. Повеќеслојниот приказ на откривањето на човекот, како индивидуа и како алатка во поголемата машинерија на општеството, како рационално суштество и како ментален склоп кој не прави никаква смисла, е само еден од квалитетите што оваа аниме серија ги содржи.
Мрачниот амбиент е изненадувачки моќен, со оглед на тоа што добар дел од случувањата се проследени преку ден. Секогаш имаш чувство дека неволјата се крие позади следниот агол. Можеби за ова е парцијално виновна и музиката, која совршено се вклопува со сликата.
Визуелниот аспект може да разочара добар дел од потенцијалната публика. Минималистичкиот пристап најчесто се покажува доста продуктивен. Гледачот не е бомбардиран со непотребна информација и може опуштено да ја следи главната приказна, но минималистичниот пристап понекогаш и иритира.
Воглавно, Ergo Proxy е серија, пријатна за окото, увото и умот. Топло ја препорачувам на сите, особено на обожавателите на postcyberpunk и сличните на него жанрови.