четврток, 27 мај 2010 г.

„Јапанорама 16“ посветена на „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“

Денешната презентација во „Ла кања“, во организација на неформалната група македонски љубители на јапонската култура „Јапан@мк“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација - аниме

Шеснаесеттата „Јапанорама“, која ќе се одржи вечерва во „Ла кања“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација. Првиот дел од проекциите е закажан за 20 часот, а вториот во 21.45 часот. Притоа, паралелно ќе бидат прикажани дела посветени на антологијата на кратката анимација, насловени „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“, кратки анимации базирани на добропознатата приказна за „Матрикс“, сите од значајни јапонски автори.

- Честопати генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку во романите, па затоа овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација - велат членовите на групата „Јапан@мк“, која ги организира ваквите дружења.

„Јапан@мк“ е неформална група македонски љубители на јапонската култура, чија цел е на едно место да се соберат луѓето што се фасцинирани од јапонската анимација - аниме, мангата (јапонски стрип), боречките вештини, јапонскиот јазик и јапонската култура воопшто. На тој начин тие ја промовираат оваа поинаква култура во земјава. Досега организирале повеќе проекции на јапонски играни, документарни и анимирани филмови, демонстрирање на јапонскиот ритуал на подготвување чај, изложба на младиот македонски манга-автор Маруко Аква Мизу, хаику-читања, посети на бонсаи-паркот, како и учество на фестивалот на црешите „Сакура“. Групата постои од февруари 2008 година, а од април истата година е активна и преку блогот japmk.blogspot.com, на кој пишуваат дваесетина членови, од кои тројца-четворица се поактивни. Нема ограничување на темите, сé додека се поврзани со Јапонија. Нивниот првичен план било блогот подоцна да прерасне во сајт, но оваа идеја сé уште чека реализација.

- Активностите не запираат, бидејќи секогаш се наоѓа некој што има барем малку време и желба да направи нешто за групата. Од година во година, од месец во месец, се пријавуваат сé повеќе членови кои пројавуваат интерес за нешто што е дел од јапонската култура. Изненадени сме, на пример, од тоа колкав дел од младината во Македонија знае што се аниме и манга, следејќи ги притоа актуелните наслови од таа култура - велат од „Јапан@мк“ и додаваат дека на „Јапанорама“ често доаѓаат и голем број посетители што не се членови на групата.

(превземено од Нова Македонија)

Нема коментари: