Бидејќи обично гледам повеќе анимеа паралелно и немам дупка помеѓу завршување на едно и почнување со друго никако не стигнувам да напишам пост за некое. Додуша им оставам простор на колегите тука кои имаат повеќе стаж од мене :)
И кога веќе решив да пишам, зашто го избрав Каиба? Бидејќи е едно од најоригиналните анимеа што сум ги гледала, почнувајќи од анимацијата, која со себе го повлекува целиот начин на претставување на приказната, но и специфичната нарација, оригиналните амбиенти и неповторливите ликови.
На прв поглед, токму тој оригинален цртеж може и да ве одврати од гледањето на оваа серија. Делува детски и необуздано, чудно. Но баш тоа на Каиба му дава една нова димензија која не сме навикнати да ја добиваме во никое друго аниме.
Иако таговите на anime news network се (adventure, drama, fantasy, psychological, romance, science fiction, thriller) приказната во голем дел е сајберпанк. Додека го гледав, целата атмосфера во длабочината на симболите кои можеа да се наѕрат зад чудните ликови и случувањата ме потсеќаше на книгите на Вилијам Гибсон. Но, кога ќе речам сајберпанк, не мислам на ништо од тоа што ќе ви падне прво на памет кога ќе го слушнете зборот.
Неколку главни линии на целосниот плотлајн:
Мемориски чип, чипче во кое можат да се зачуваат сите сеќавања на некој човек и дури и тој да умре (односно неговото тело) чипот може да се стави во друго тело и тој да продолжи да живее. Користејќи ја оваа можност авторот низ целата серија ни ги префрла ликовите од едно во друго тело, градејќи го нивниот карактер надвор од надворешниот изглед, па дури и независно од првите впечатоци.
Сложена нарација без многу објаснувања. Без предупредување ќе се сретнете со шифтање на хронолошкиот редослед на настаните, а кога на тоа ќе му го додадете и неконзистентниот изглед на ликовите, може да се заклучи дека се работи за типична јапонска сложена приказна, каде што работите постепено ви се откриваат, а целосно ви се разјаснуваат на крај. Јас искрено уживам во приказни кои се раскажани на начин кој ми го размрдува мозокот, така да Каиба ептен ми се погоди.
Социјална тематика. Не би го ставила во сајберпанк само поради технологијата која овозможува целосна модификација на телото, доколку не беше засегната и социјалната театика. Екстремни разлики помеѓу богатите и сиромашните, дистописка атмосфера, подгревачи на револуција...
Романса. Нема добра приказна, ако во неа нема ниту една љубовна сцена, а тек кога љубовта ќе се внесе како ултимејт причина за победа на злото, колку и да е клише ни ги задоволува потребите за здрава катарза.
Накратко да ве воведам. Каиба е момче кое се разбудува на непознато место со потполна амнезија. Единствен клу му е прврзокот што го носи околу врат со блурната слика на една девојка. Ние заедно со него го откриваме тој сосем непознат свет, барајќи го неговиот идентитет, менувајќи различни средини (планети, луѓе и сл.) низ различни тела, од различен пол, па дури и вид. Приказната постепено ни се одвиткува низ многу различни човечки стории и трагедии во светот на изгубени сеќавања, пазар на тела и сомнителни револуции, со поместена хронологија и помешани идентитети. Следи една сцена, која е дел од една многу потресна приказна. Воедно можеби и спојлер за тие што решија да го гледаат.
Сè на сè, доколку ја надминете чудната анимација, на која сигурно не се навикнати и на прво гледање ќе ви делува детски и забегано, ќе уживате во едно длабоко и широко патување кое вистински ќе ве однесе на една чудна авантура во еден сосем поинаков свет полн со симболи што потсеќаат на случувањата во нашиот. Топло ви препорачувам да му дозволите на ова оригинално аниме да ги освои вашите срца.
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар