четврток, 6 септември 2012 г.

За великанот-Прв дел

Веќе една година сум дел од јапамк блог-екипата во која поставувам рецензии од манги,но во ниту еден момент не ми текна да оставам малку време да напишам текст за човекот без кој ќе немавме можност да уживаме во мангата и аниме серијалите,господинот Осаму Тезука,чии дела се инспирација и културно влијание не само во неговата родна земја туку и во светот.






Осаму Тезука е роден на 3 ноември 1928 година во Тојонака,Јапонија.На рана возраст се сели со родителите во Такаразука во префектурата Хјого.Како дете многу е импресиониран од приспивните приказни на мајка му,стриповите и цртаните филмови како Бети Буп или од Дизни кои ги гледал со татко му во домашните кино сали,нешто што битно ќе му влијае во неговата кариера.До својата 18 годишна возраст има нацртано и напишано повеќе од 13 стрипови додека истовремено се занимавал со биологијата на инсектите.На 18 години се запишува на Медицинскиот универзитет во Осака,но како студент по општа медицина не покажува страст и љубов кон медицината како што е случај со стрипот.Кога се наоѓа на голема раскрсница во животот што да одбере понатаму ја прашува мајка си за совет,на што таа одговара- "одбери го тоа што ти го сака срцето".Тезука дипломира медицина и ја остава настрана за да стане стрип автор.

Е сега да се рабереме,Тезука не е творец на мангата.Мангата како јапонски стрип постои во Јапонија уште од 20тите години од 20 век.А мангата во тоа време е стрип правен по урнек на класичните американски стрипови кои пред се се авантуристички.Тезука знае дека стрипот како млад дел од јапонската култура може да се промени и да се развие во многу правци,па така во своите стрипови внесува многу елементи кои ќе го редефинираат самиот стрип во светски рамки.Една од тие промени е во самиот дизајн на ликовите кои се доста карикатурално прикажани,со нетипични телесни пропорции и големи очи ала Бети Буп(Тезука отворено признава дека токму Бети Буп му е еден од најомилените цртани ликови),но најважниот аспект од неговата работа во мангата е во приказната и начинот на кој ја презентира.Тезука верува дека стрип приказните не се само приказни за суперхерои како го млатат негативецот и имаат вишок време за да излезат со својата девојка на состанок па затоа вметнува сериозни теми и содржини во време каде владеат јунаци како Супермен,Тин Тин,Тарзан,Конан итн.И наместо да се држи до форматот на раскажување преку додавање повеќе текстови за објаснување на некоја ситуација или дејства на ликовите тој ја применува филмската техника на раскажување,секој кадар да ни се чини кинематографски.Ваков потег во тоа време се смета за ризичен-зошто деца и тинејџери би сакале да читаат приказни со "длабочина",ликови од крв и месо со свои предности и маани,негативци кои и можеби не се негативци,херои за кои не знаеме дали ќе го спасат денот,филозофски теми,религија?Нормално пропратено со насилство,крв и доза на други непријатности.Во Јапонија доживува огромен успех,неговите манги се читани како од младите така и од старите,а другите мангаки го следат неговиот пат.





Но тука не застанува Тезука.Во 1961 г. ја основа својата прва продукциска куќа Mushi productions подоцна преименувана во Tezuka productions со цел да продуцира аниме серии.Во 1963 г. oваа продукциска куќа го прави своето прво аниме-Tetsuwan Atom(Astroboy) кое се емитува на Fuji Televison.Tetsuwan atom сепак не е првото аниме воопшто бидејќи во 1961 г. се појавува Оtogi manga calender кое по свој стил е премногу слично со цртаните на Дизни.Иако не влегува во историјата како прво аниме сепак Tetsuwan atom остава свој белег како прва јапонска цртана серија без Дизниево влијание,серија со свој оригинален стил и начин на раскажување,а воедно преку тоа аниме јапонската анимација оди по пат поинаков од оној на западната.

Низ годините името на Тезука стои зад многу реномирани манги и анимеа,но додека е популарен во Јапонија неговиот труд поминува со многу тешкотии и контроверзии во САД,првенствено поради фактот што сериите на Тезука се цензурирани и менувани за да одговараат на вкусот на американската публика,додека пак некои серии се жртва на тежок плагијат(Дизни ги откупи правата за Kimba the white lion само за да не ја прикажува во САД,а во 90тите го прави The lion king,копија на Кимба и воедно најпрофитабилниот Дизниев филм на сите времиња,не давајќи му благодарност,а камоли ситна пара на Тезука за оригиналот).

Во осумдесеттите Тезука се помалку време посветува за создавање аниме и манга,оставајќи други да работат на неговите проекти.Во 1988 г. му е дијагностициран рак на дебелото црево,а на 9 февруари 1989 г. го напушта овој свет оставајќи го зад себе огромното творечко наследство.Се претпоставува дека има створено преку 700 манги,сите заедно бројат преку 150 000 страници.Во неговата родна Такаразука е отворен музеј во негова чест,додека во Токискиот национален музеј за модерна уметност има простор каде е изложен дел од неговиот опус.

Продолжува во вториот дел.

Нема коментари: