петок, 30 мај 2008 г.

Избор на филм за следната недела

За следната проекција која ќе се одржи на 6 ти Јуни предложени се 6 филма за кои е отворена анкета за гласање на десниот дел од блогот.
Подолу ќе ставам и краток осврт на филмовите за да знаете за што сакате да гласате.
Освртите се како што беа дадени од нивните предложувачи со мало дополнување за тие што немеше опис.

1. Царска Борба (Battle Royale, Batoru rowaiaru)

Контраверзен филм, по контраверзна книга, која дигна
прашина и во Јапонија, а и на Запад. Брутален филм со крвави сцени,
како Петок 13-ти со пушки. Истовремено, моќен филм кој ја критикува
политичката и социјалната состојба во Јапонија. Филмов е добитник на
повеќе награди во Јапонија. Заради големата популарност снимен е втор
дел во 2003: "Battle Royale II: Requiem"

2. Табу (Taboo, Gohatto) 1999

Се работи за филм од режисерот Нагиса Ошима кој во 2000 година бил номиниран за златната палма.

Филмот се случува во ерата на Шогуните и главните ликови се самураи. Фабулата се гради врз меѓусебните односи на самураите, стриктните воени правила и страстите кои се раѓаат во таквата атмосфера. Контраверзен филм кој ја обработува хомосексуалната љубов која и не бил табу во тоа време во Јапонија, особено кај самураите. Централна личност е младиот самурај Кано, околу кој се плетат интриги и убиства.

Филмот е доста интересен и ни покажува една поинаква култура во едно друго време. Според жанрот може да се сврсти во драма трилер и историски. Има сцени со самурајски борби, вежбања во доџо и доста елементи од јапонската култура во тоа време.

3. Санџуро (Sanjuro)

Филм од познатиот режисер Акира Куросава.

4. Мијамото Мусаши (Мiyamoto Musashi)

Првиот дел од трилогијата посветена на познатиот самурај.

5. Кога последниот меч беше извлечен (When the Last Sword is Drawn)

Филм за самураи.


6. Ран (Ran)

Уште еден филм од Куросава

четврток, 29 мај 2008 г.

Кукли на разорната моќ на љубовта

Петок, 30 Мај, во 20:30 часот Културен центар Точка

Оваа недeла Јапанорама во соработка со Метаморфозис ви го претставува филмот Кукли на познатиот јапонски режисер Такеши Китано.

Кукли е незаобиколен фаворит на вистинските љубители на филмската уметност, пред сè бидејќи е едно сериозно визуелно филмско доживување раскажано преку немата експресија на недофатното.

Филмот претставува колаж од дејствија раскажани преку живописни и напати надреални сцени, кои пленат со својот симболички потенцијал и длабоки пораки.

Фабулата е создадена од три, навидум едноставни приказни, кои раскажуваат за несовладливата, екстремната и понекогаш разорувачка моќ на љубовта која секогаш фасцинира.
Таа е суштинскиот двигател на нештата во животот, и скоро е невозможно да и се спротивставиме.

Самиот филм се вика Кукли и ликовите во филмот ги споредува со куклите на Bunraku (традиционален јапонски куклен театар), пренесувајќи ни ја идејата дека луѓето во однос на љубовта се како куклите придвижени од луѓето, да ги играат своите улоги во татарот на животот.

Филмот има добиено две златни награди, а бил номиниран за венецискиот златен лав и за награда на Јапоската академија.

Погледнете ги:

понеделник, 26 мај 2008 г.

9ти Japan Expo во Франција – најголема презентација на Јапонската култура во Европа и 29ти Japan Expo во САД – обид за зближување на двете нации

Japan Expo се смета за најбитниот настан за презентација на Јапонската култура на тлото на Европа. Оваа година се одржува од 3-6 Јули, во Parc d’expositions Paris-Nord Villepinte. Самата манифестација опфаќа широк дијапазон на аспекти на Јапонија, тргнувајќи од Мангата и Анимето, преку cosplay–от, па се до боречките вештини, јапонската мода и уметност.
Тоа станува место каде се повикуваат и собираат дизајнери, уметници, mangaka, артисти итн. и каде им се презетираат на нивните фанови. Изобилува со модни ревии, проекции на пред-премиери, конференции и демонстарции на борeчки вештини, разни видео игри, и секако – Караоке!, како и концерти и изложби.
Тука е линкот до сајтот на оваа манифестација, а дел од работите се преведени и на англиски. Овде има и некои статистики од Wiki. А на овој линк може да се видат фотографии од минатогодишната манифестација, и може да ни послужи како инспирација.

Исто така, тоа го има и во САД, и е со подолга традиција, и е во oрганизација на Фондацијата Japan Expo основана во 1980 година. Но во основа ја има истата цел како и погоренаведениот настан, а се одржува на 13 и 14 Декември во Los Angeles Convention Center South Hall. Повеќе инфо тука.

И се разбира, ако некој се наоѓа во билизина за време на одржувањето на овие настани, би било одлично ако ни пренесе искуства од истите!

недела, 25 мај 2008 г.

FLCL - аниме мини серија

Некои велат дека оваа серија им е интересна поради брзото темпо. Јас повеќе би рекол дека тоа се должи на неконзистентноста на темпото. Нерегуларната промена на брзина на настаните.

FLCL или пак Fooly Cooly (википедиа) е мини серија од 6 епизоди која следи едно 12 годишно момче Naota и неговиот пат кој созревањето.

За разлика од повеќето аниме серии или играни филмови што сум ги гледал, FLCL прикажува многу повесела престава за животот. Без разлика дали се работи за катаклизмични настани или пак за едноставно бизарни нешта. Суптилно спакувано во нешто повеќе од 2 и пол часа, оваа мини серија ќе ви постави повеќе прашања одколку одговори. Но, кој рече дека треба да биде сé одговорено?

Поради должината на ова дело, претпоставувам дека не би било хумано да се прикажува на Јапанорама. Сепак, строго го препорачувам на луѓе кои сакаат да видат нови ставови и малку подинамична симболика. Лесно може да го најдете. Ако не сте снаодливиот тип на луѓе, побарајте копија од мене.

И за крај: предупредување! Доколку почнете да го гледате со било каков вид на скептичност, престанете! Само ќе си го потрошите времето. Во било кој друг случај, ви посакувам да уживате во гледањето на оваа мини серија, исто толку колку што уживав јас.

сабота, 24 мај 2008 г.

Јапанорама No.3 - бизарна рефлексија на слики од потсвеста

Сликата зборува многу повеќе од самите зборови. Таа успева да ги долови нечујните делови на нарацијата и дијалогот, кои многупати се круцијални во толкувањето на вистината и на есенцијата. Во атмосфера на исчекување, започна нашата пловидба по лавиринтите на сонот, испреплетени со силна симболика, проткајана со митолошки, религиозни и надреални елементи. Искрено, целото време пред очи ми излегуваа сликите на Bosch, на кои најмногу ме наведуваше карактеристичниот безвременски лик на девојчето, демонските статуи и целата атмосфера.

За целото време, во главата на гледачот се јавува тивката фрустр
ација на перцепцијата на доминантното сивило на опкружувањето, кое е сетирано во еден напуштен и зафрлен град, кој на моменти се чини дека е под вода, како некое длабоко, во потсвеста,закопано сеќавање. Единствено нешто што претставува референца за потврда на скаменетоста на целата околина е егзистенцијата на девојчето, кое има мисија да го одгледува и чува ангелското јајце. Нејзината оддаденост на тоа е толку голема, што во ниеден момент не го доведува во прашање своето делување, и покрај секој обид за разнишување на истото, од страна намистериозниот човек кој ненадејно, но според мене ни најмалку случајно, влетува во целата таа мрачна и придушена атмосфера. Кршењето на јајцето е симбол на почеток, симбол на трансформација и еволуција на самата личност. Симболиката е насочена кон дејствијата кои се случуваат секому длабоко во потсвеста, која не секогаш дава логични констелации на лица, места и настани, а сепак изобилуваат со надреални, а кај некои и со религиски моменти. Филмот како да претставува бегство од денешниот свет на материјалните вредности, каде владеат законите на суровата логика и логичкото следство на нештата. Тој се издига високо над тоа ниво, укажува на динамиката на скриеното делување на потсвесното, каде се рушат сите конвенционални законистости.

Беше вистинско задоволсвто да се види огромната посетеност и на оваа Јапанорама, што укажува на тоа дека нашево поднебје навистина има потенцијал за стварање на трајни вредности и вкоренување на традиции. Се надевам дека вака ќе продолжиме и понатаму, во Точка и наредната недела.

четврток, 22 мај 2008 г.

Изложбата на Маруко – почеток кој многу ветува

Иако дел од делата ги имав видено на deviant art, гледајќи ги во нивната оригинална форма во специфичната атмосфера на кафулето Чипка, се добива сосема нов впечаток и едно сосема поинакво доживување на истите. Моите впечатоци ќе ги пренесам, пред се, од аспект на љубопитен набљудувач.

Она што ми падна во очи, е начинот на кој делата комуницираат со набљудувачот. Тажниот замислен поглед на ликовите од повеќето од делата, ни открива дел од интимата на авторот, кој го бара своето место под сонцето од една страна, но од друга страна, со талент кој ја надминува неговата фактичка возраст, си го трасира патот кон успехот. Изложбата беше еден вид на автопортрет, преку кој присутниот ненаметливо открива кој всушност е авторот, и што е она со кое тој секојдневно се бори во неговиот внатрешен свет, а кое толку многу сака да излезе од него... и сето тоа пренесено преку manga style цртеж, на огромно задоволство на сите нас присутните.

Во иднина, очекувам уште поголеми успеси, на теми кои ќе зреат заедно со авторот и ќе се одразуваат на неговото творештво, а сите ние останатите ќе се гордееме и радуваме затоа што токму една ваква личност е дел од нашите редови. Во секој случај, изложбата и повеќе од доволно придонесе за разубавувавње на нашата Јапанорама.

Update: Слики од изложбата на Маруко и од членовите на групата (како и дел од авторите на блогов) може да видите тука.

среда, 21 мај 2008 г.

Надреална анимирана приказна со симболи од потсвесното

Петок, 23 Мај 2008, 20:30 часот, Културен Центар Точка

Оваа недела, Јапанорама продолжува со уште едно аниме, кое по својата атмосфера е продолжение на денешната изложба на манга цртежи на младиот Маруко во Чипка.

Ангелско јајце (Angel's egg) е длабок и надреален анимиран филм.
Напишан e и режиран од креаторот на познатиот сејберпанк класик „Ghost in the shell“, Mamoru Oshii, и од многумина е сметан за ремекдело.

Улиците на празниот град каде што живее девојчето, кое го чува ангелското јајце, потсеќаваат на познатите слики на Де Kирико, а целата атмосфера на филмот е апсурдна и потсвесна како од најчудните соништа.

Филмот изобилува со симболика, како и референции од различни митологии, а целото дејство се гради врз малку дијалог, многу музика и многу повеќе визуелна динамика.

Најинтересно е што за филмот не постои официјално издадено објаснување за неговото значење, што го прави повеќе да наликува на големите дела на мајсторите на уметноста.

Филмот е од 1985 година, но анимацијата е фасцинантна при доловувањето на реалното помешано со имагинарното и симболичкото.

Футуристички рачни часовници

Tokyoflash e дом на многу откачени рачни часовници. Новиот Infection е уште еден непрактичен high-tech додаток, кој е навистина оригинален со начин на отчитување на времето. Имено, користи 27 пулсирачки LED (диоди), во три бои - 12 црвени за часовите, 11 жолти за групи од 5 минути, 5 зелени за поединечни минути.... комплицирано...

П.С. Плус испорачуваат *worldwide*(???)

вторник, 20 мај 2008 г.

Chashitsu - Sora no ana

Chashitsu(茶室), (соба за чај/куќа за чај), накратко, е простор во кој се врши церемонијата на служење на чај. Воглавно ги граделе зен свештеници, потоа трговци, самураи и владетели, во потрага по едноставност и мир, како што се и начелата на зен филозофијата. Започнале да се градат во средината на 16. век во Sengoku периодот, како самостојни објекти или како дел од поголеми објекти (приватни домови, светилишта, храмови, училишта итн.).

Chashitsu постои како духовен простор на една личност. Потоа доаѓаат гости, носејќи го со себе својот личен духовен простор. И овде, низ церемонијата на чајот, разговарајќи, ја делат заедно духовноста на моментот, за на крај да се вратат секој на своето.

Овие 4 што ги одбрав се дела на Fujimori Terunobu. Тој е професор на Универзитетот во Токио по историја на архитектурата. Најмногу се занимава со проучување на еволуцијата на јапонските градови и со Meiji периодот. Почнува да проектира објекти дури на своја 45 годишна возраст. Како што вели тој, бидејќи најчесто овие простори се замислени и проектирани од мајстори на церемонијата на чајот, тој и оние неколку славни јапонски архитекти (Isozaki Arata, Ando Tadao, Kuma Kengo и Tanugishi Yoshio) кои ја имале честа да проектираат вакви простори, им го посветиле целото свое внимание, знаење и капацитет.



Tan-ken, Forum сала за конференции, Arai, Niigata (1999)
516 m2, tan-ken 18 m2


Ku-an, Kyoto (2003), 5,4 m2, 4 m висина


Takasugi-an, Chino, Nagano (2004), 6,2 m2, 10 m висина
* нели личи ко од цртаните на Miyazaki??*


Chashitsu tetsu, Hokito, Yamanashi (2005)
6 m2, на 4 м висина


Професор Фуџимори учествуваше и на Биеналето во Венеција 2006, заедно со ROJO, кадешто привлече големо внимание, заради својата надреалистичност и очигледната блискост со природата. А оваа година, ќе биде и еден од предавачите на Конгресот на UIA (Светска асоцијација на архитекти) во Торино. Wish I was going....

Анкета

На десната страна од блогов поставена е анкета за гласање за филм кој сакате да се прикажува овој петок во Точка на третата Јапанорама.

Можете да избирате само по еден филм, за побрз да ја решиме работава :)

Знам дека е прекасно поставена анкетава, но за следната недела ќе се стави цела недела унапред.
Се надевам ќе го избереме најдобриот.

Еве неколку видеа од секој од нив и IMDB рејтинг:

недела, 18 мај 2008 г.

сабота, 17 мај 2008 г.

Јапанорама No. 2 - уште една успешна мисија!

Сите дојдовме подготвени да плачеме... Најавата за анимето, а и се она што како информација ни беше достапно, укажуваше на тоа дека пред нас претстои голем предизвик - справување со трагедијата за неизбежноста на случувањата во време на војна. Судирајќи се со мачното и исполнето со борба за опстанок секојдневие на Seita и неговата преслатка топчеста сестричка Setsuko, присутните во Точка не можевме, а да не се соживееме со нив.

Целото аниме се чинеше дека е надвор од овој свет. Во целата таа трагедија, авторите многу суптилно ги имаат вклопено светулките, и нивната тажна симболика, давајќи и притоа посебна мекост на целата ситуација, и можноста барем за момент да ни се одвлече вниманието од војната. Исто така, изобилува со сцени кои од една страна би можеле и да се изостават од анимацијата, но од друга страна тие се мостот преку кој се гради односот на гледачот со самото дело, и преку кои уште пореално и поболно се доближуваа страдањето на двете деца.

Ми се чини дека никогаш нема да ја заборавам прекрасната насмевка на малата Setsuko, која за целото време си живееше во својот детски свет кој не умее даразликува војна од мир, радувајќи им се на бонбончињата и на светулките.

Голема благодарност до Метаморфозис и до Точка заради тоа што имаа голем удел во овој наш заеднички потфат. Генерално гледано, ова беше уште едно успешно дружење на заљубениците во анимето и Јапонија.
Се гледаме на 23 Мај, повторно во Точка!

четврток, 15 мај 2008 г.

Изложба на Муриками

Од изложбата на Murakami.

На 5 арил Јапонскиот поп уметник Такаши Муриками ја отвори својата ретроспективна изложба во бруклинскиот музеј која ќе трае сè до 13ти Јули.

Знам дека нема да тркнете до таму да ја видите изложбата, па затоа еве некои преземени фотографии.

Тука повеќе за настанот

Тука повеќе слики од изложбата


kiki



and-then-red-and-727



flower room

Update: Една од скулптурите на Муриками „Осамениот каубој“ е продадена за 15 милиони долари.

Sensu & Uchiwa, деликатните пријатели на девојките во лето

Sensu и Uchiwa... Ги обожувам поради нивниот несекојдневен дизајн и практичната намена во летните денови. На македонски, пандан на овие два термина би биле лепеза и ладало. Инаку, sensu-то во Јапонија активно се користи од VII век, најпрво во вид на hinoki ладалки, направени од ендемскиот вид на чемпрес Chamaecyparis obtusa. Подоцна, хартиените sensu се прават со инсертирање на хартија на скелет направен од бамбус, кој едноставно се собира.

Најголем подем производството на sensu-то, доживува во Kyoto, како долгогодишен политички и културен центар. Биле многу брзо прифатени од страна на благородништвото, за чии цели се создале прекрасни дизајни на декорации. Во XIV век, благородништвото дури нарачувало sensu-а за да бидат во тренд со Noh и Buyo, a подоцна и за церемонијата за чај.

Uchiwa-та, исто така има долга традиција. Се добива така што на прачка (цевка) од бамбус се засекуваат тесни прачки кои се ставаат во рамка, исто така од бамбус, и од двете страни се облепува со “washi” хартија. За време на Heian периодот (794-1185) на Империјалниот двор се корителе во церемонијални прилики или како аксесоари на аристократијата. Имаат слична примена со sensu-то, а за време на Edo приодот, масовно започнале да се користат и од стана на обичното граѓанство. Најпозната традиционална работилница која изработува uchiwa e Komaruya. Најчесто, како мотиви за декорација ги земаат автентичните принтови од XVIII век, односно, приказ на национални празници, мотиви со црeшови дрва, или пак едноставни секојдневни активности, како пиење саке и.т.н. Имам чуено од една девојка, која беше на краток престој во Јапонија едно лето пред некоја година, дека ги даваат бесплатно на улица на минувачите.

И ден денес, се вели дека старите луѓе во Kyoto веруваат дека ладалките се користат правилно, само доколку се ладат други луѓе со нив, а не самиот себе. Со тоа, тие претставуваат начин да се искаже почит, благодарност и наклонетост кон некого. Не случајно се вели дека тие се хармонична комбинација на декорација и практичност, која претставува поврзување со минатото и традицијата, а и многу корисно средство за нашиве топли лета.
Сепак, овој линк укажува на тоа дека и деликатна работа како ладалката може да биде опасна и смтроносна, ако се употребува во вистински раце.

среда, 14 мај 2008 г.

Фотки Јапонија






Јапонија 2007 USA Summer Camp

Еднаш кога ќе тргнеш да патуваш неможеш да престанеш! Чувството те тера пак да заминеш некаде. Мислам дека е поради тоа што кога си сам таму некаде далеку и знаеш дека се потпираш исклучиво само на своите инстинкти, ти се зголемува самодовербата и знаеш дека ете баш во тие моменти се исполнуваш и се градиш како комплетна личност.

Јапонија беше само еден дел од моите патувања во 2006 и 2007 година, но сепак можеби најголем за мојата кариера и за моето работење на градење на себеси како комплетна личност. Личност која поради многуте искуства од типот сам во 1 часот по полноќ во метро во Чикаго и без место за спиење и практично без пари во малото градче Шимабара во Јапонија, почна да размислува во насока на апсолутно стопирање на лошите мисли во неговиот живот поради тоа што кога патуваш мораш едноставно да не продуцираш лоши мисли бидејќи лошите мисли носат незгодни и панични ситуации.
Јапонија е прекрасна! Тоалетните школки им се уште поневеројатни! ;) Ќе ви кажувам за ова искуство малце понатака =D

За сега ќе ги поделам моите најомилени фотографии од Јапонија со вас. Овие фотки се дел од мојата изложба која се спремам прво се разбира да ја поставам тука во мојот роден град во Тетово.
Уживајте!

вторник, 13 мај 2008 г.

Гробот на светулките - трогателен аниме класик за децата во војната

Петок, 16 Мај, 20 часот. Културен центар Точка.

Втората светска војна имаше и друга страна.
И освојувачите имаа цивили.
И во тие цивили имаше вистински деца, кои вистински страдаа.

Гробот на светулките е филм кој ќе ви ги покаже тие деца.
Ќе ја оголи пред вас суштината на таа војна со симболичката моќ на анимираниот јапонски филм.

Овој филм ќе ви ги разниша предрасудите и ќе ви ја покаже опачината на ослободителната војна, особено на онаа на Американците, која се одвиваше на јапонска територија.

Топла, интимна и болна приказна за остатокот од едно семејство во разрушената поствоена Јапонија. Брат и сестра кои невино го прифаќаат страдањето и не забораваат да ја живеат убавината на животот со полни гради. Ни пренесуваат една хармонична и мудра порака во хаосот на ужасниот апсурд на војната.


Оваа недела во петок на 16 ти Мај, во 20 часот, Јапанорама ви го претставува аниме класикот „Гробот на Светулките".
Филм кој не ги остави рамнодушни ни најголемите критичари веќе дваесет години.
Еден од нив е и големиот Роџер Еберт, чиј детален осврт на филмот може да го погледнете тука.

Тука погледнете го трејлерот.

Тука рејтингот на IMDB.

Филмот трае 89 минути.

Овозможено од Japan@mk во соработка со К.Ц. Точка и поддржано од Метаморфозис.

introduction to japanese food


Well, I am not an expert on anime or manga or japanese pop music or whatever, but I can talk about Japanese food. I will introduce Japanese food here as a series sometime.

This time, I just wanted to show a picture of a square watermelon that I found in Japan. This is specially made for a decoration or gift purpose. Our watermelon is usually round like Macedonians (^_^). In Japan, fruits are generally expensive. A cut-watermelon cup in the photo costs 200 yen, which is about 100 MKD, and usually tasteless compared to Macedonian watermelon.

It tells why I was pretty much impressed when I bought a whole watermelon in Macedonia first time.

Anyway.
From next post, I will introduce all kinds of Japanese food except sushi, which is not our usual home meal but most famous in the world. I am sure there are lots of publications about sushi and sushi manner or whatever, so rather I want to show more casual Japanese food so that when you visit Japan you can order from a menu without mistake (*^o^*)/


Today's word: watermelon = 西瓜(スイカ) suika

недела, 11 мај 2008 г.

Јапанорама бр.1 - кус осврт

На 08.05. 2008 во просториите на „Точка“ се одржа првата така наречена Јапанорама во рамките на која беше прикажан долгометражниот цртан филм (аниме) „Девојчето кое скокна низ времето“.
Се јави желба кај луѓето кои се „Јапанофили“ и СЕ прават од чист ентузијазам, да на различни начини и ја доближат јапонската култура на македонската (во случајов скопската) публика.
Првиот настан беше „Цветањето на црешите“ ( за кое можете да видите исцрпен материјал и фотки на блогов), а вториот настан се проекции на јапонски филмови.
Како дел од групава која го организираше настанот морам да признаам дека имавме бајаги проблеми (и нервози) додека да најдеме прожектор, но за среќа „Метаморфозис“ ни излегоа во пресрет и ни позајмија прожектор. Фала на „Метаморфозис“ за поддршката!

На проекцијата се појавија околу 40 тина луѓе. Имавме поставено 20 тина столчиња но, некако не фати шубе пред почетокот на филмот па решивме да додадеме уште столчиња и се изнендаивме пријатно дека сите беа пополнети.

Филмот беше имагинативен и полн со емоции, типични за Јапонците. Дури една девојка којашто седеше пред мене толку се соживеа со филмот, што гласно ги изјавуваше сите реакции на болка, тага и смеа. Филмот зборуваше за шансите кои ни се даваат во животот и како ги користиме (за жал обично неправилно и се зафркаваме, а тоа се должи на нашата незрелост т.е. детскост). Поракатa беше дека „времето не чека никого“ (Time waits for no one).

На повеќето присутни им се допадна филмот, некои си станаа и пред завршувањето, но сепак се работи за уметност која не може на сите да им е блиска. Некои немаа трпение да почекаат да се решат малите технички проблеми кои се појавија пред крајот на филмот, но кога се е од ентузијазам и аматерски, треба човек да биде потолерантен и да дава шанси (впрочем тоа беше и една од пораките на филмот:)

Па се гледаме на следната Јапанорама бр. 2, во петок (16.05.2008).
Бујрум! Yokoso!

Импресии од Јапанорама No.1

Не сум сигурен како да го започнам овој пост, но ќе се обидам. Себично ќе тргнам од себе и своите чуства.
Кога дознав дека ќе се одржува аниме проекција во културниот центар Точка во исто време чуствував среќа и страв. Страв од тоа што не знаев кое аниме ќе биде пуштено, те дали тоа аниме ќе биде соодветно. Се плашев да не биде полно со насилство или со теми какви што на луѓето уште не им се познати, па со тоа да не се претстави Аниме/Манга културата, како и цела Јапонија, во негативно светло. Но, за среќа, не беше така.

После часот по германски се стрчав до Tочка, која што веќе беше полна. Видов многу многу различни луѓе, кои што зачудено зуреа во мене. Веројатно мојот „апиренс“ ги шокирал, (не навлегувам во тоа каков шокот бил) но сè на сè не обрнував внимание на тоа. Седнав и почекав да почне. Кога почна, ми падна камен од срцето. 時をかける少女, Toki o Kakeru Shōjo е вистински избор на аниме. Иако мислев дека превод на македонски би бил по соодветен, и исто така некаква презентација пред тоа, бев задоволен.

После тоа останав со неколкумина луѓе, од кои некои автори на овој блог, и имавме мала конверзација.

После ова во мојата глава се вртеше само едно
„Мy dream to become a manga-ka isn't impossible"

(=^_^=)

петок, 9 мај 2008 г.

Rōkyoku 浪曲

Подолу можете да видите една прекрасна анимација од доста познатиот јапонски аниматор Koji Yamamura наречена Atama-Yama (Планина Глава). Една од поинтересните работи во ова анимирано филмче, покрај оригиналната анимација е специфичната нарацијата, за која и сакам да ви зборувам.

Се работи за Rōkyoku (исто наречено naniwabushi), специфичен стар јапонски начин на раскажување приказни развиен пред 150 години. Оваа техника на раскажување ги комбинира нарацијата (tanka) со пеењето (fushi). Изведувачот стои позади маса покриена со платно со висока столица во позадина, а од другата страна има друга одделна висока маса за чајарник. За разлика од rakugo (тип на комино раскажување - за ова може друг пат да пишувам) каде што изведувачот седи на перниче, овде тој опфаќа поголем дел од визуелното поле и има доволно место за движење. Иако изгледа дека на сцената има само еден изведувач, зад екранот на десната страна се наоѓа скриен свирач на шамисен, кој е свртен кон раскажувачот и ја прати приказната со звук на шамисенот или гласовни ефекти. Во зависност од реакциите на публиката, временските ограничувања и слични околности, изведувачот може да скрати, продолжи или измени делови од приказната. Свирачот на шамисен мора постојано да го следи изведувачот со поглед и да го одржува текот на приказната. Наоѓањето на вистински свирач на шамисен е исто така клучно колку и самата изведба на раскажувачот.

Рокјоку раскажувањето било доста популарно за време на ерата на радиото (пред да го убие телевизијата ;). Така постепено почнало рокјокуто да изумира. Сега постои само едно место во Токио, каде што може да се присуствува на жив рокјоку перформанс. Mokubatei првите 10 дена од месецот ги посветува на рокјоку изведби. За 2000 јени (околу $15) можете да слушате шест изведувачи, секој по 30 минути.

Kunimoto Takeharu е рокјоку изведувачот кој го слушате во цртаниот Глава Планина. Тој е рокјоку изведувач кој во исто време е и свирач на шамисен (значи две во едно :), а колку е добар може да забележите и на филмот. Уживајте!


Atama-yama
Uploaded by pixeltoo


edit: Бидејќи филмот беше тргнат од You Tube, го апдејтирав од друг извор.

Академска манга

Откако цел свет се зарази со магијата на аниме филмовите и манга стриповите, јапонците решија и поофицијално да го направат сето тоа академик.
Покрај приватните универзитети, кои порано почнаа да изучуваат манга и аниме, и државните престижни факултети го прифатија овој тренд.

Тие што се интересираат, а и ги бива за анимација или цртање сега имаат можност да го продолжат своето образовани во оваа специфича уметничка дисциплина. Најпознат универзитет е престижниот Tokyo University of the Arts, каде што постојат постдипломски студии на филм и нови медиуми (new media).



Други, таканаречени академски средини, кои нудат изучување на манга и аниме се следните: Tokyo Polytechnic University, Osaka Electro-Communication University, and Kyoto Seika University, на кои што постојат факултети за манга од 2000. Часови за манга исто се нудат на Nagoya Zokei University of Art & Design и Gakushuin University - на последниов се постдипломски - кои започнуваат, односно започнале во Април 2008.

Најинтересно е што во Јануари оваа година Vantan Career School, кое имало свои кампуси во Токио и Осака, лансирало Косплеј курс Cosplayers Course за изучување на производство на костими, специјални ефекти на шминки и други аспекти на уметноста на косплејот :) (облекување како личности од манга и аниме).

Извор: Trends in Japan

среда, 7 мај 2008 г.

Палома пет денари?


Во Јапонија е се скапо и нема скоро ништо бесплатно, но за „паломи“ нема зијан. На секое пофреквентно место се делат пакетчиња хартиени шамивчиња со реклама на нив. Добра замена за флаери кои се бескорисни. Имам и кутија за „паломи“ домашна изработка. На домашниот буџет не ми влијае многу, но е добро чисто за утеха дека освен воздухот има и нешто друго „гага“.

вторник, 6 мај 2008 г.

доза јапoнска поезија

Цвет

Латиците се студени и влажни на допир.
Небаре од нив извираат бои.
Однатре, цветот е налик на длабока долина.
Влакненца му растат во средиштето.
Изгледа небаре следниот миг
ќе каже нешто чудно.
Никогаш не сум знаела што да правам со цветот
кога го гледам.
Го гризам. Има малку киселаст вкус
и не ми дава никаква идеја.
Учителот ме тера да ги учам имињата на цвеќињата,
но јас не сакам.
Застаната овде сред полето
ми е сосема доволно.
Ме чешка кожата на босите петици.
Сонцето се кренало во висина на моето чело.
Ме исполнува звукот, мирисот и вкусот на воздухот.
Мора ли човек нешто постојано да прави?
Цвеќињата само си цветаат
И така всушност живеат.

Шунтаро Таникава
препев на македонски: Зоран Анчевски


Shuntaro Tanikawa е роден во 1931 година во Токио и е син на познатиот јапонски филозоф Тецузо Таникава. Поезија почнал да пишува од својата рана младост, а првата книга Дваесет милијарди светлосни години од самотијата, која доживува огромни тиражи, ја објавил на дваесетгодишна возраст (1951). Тој исто така е познат и како драмски писател, филмски, телевизиски и радио сценарист. Ја посетил Македонија како учесник на Струшките вечери на поезијата. Во склоп на истите, во 2005, бил издаден и на македонски јазик во поетска збирка под наслов Дреболии.


Девојчето кое скокна низ времето - незаборавно аниме кое ќе ви го стопли срцето

Четврток, 08.05.2008, 21 часот во К.Ц.Точка

(Слушај музика од филмот)

Ги знаете ли оние филмови по чие гледање се чувствувате како да сте биле на долго и прекрасно патување, а тоа чувство не ве напушта неколку дена?
„Девојчето кое скокна низ времето" е еден таков филм, во кој може да ги пронајдете вашите најдлабоки, скоро архетипски, спомени за некое долго убаво лето.
Покрај визуелната магија на постојано синото небо прошарано со огромни меки кумулонимбуси и носталгичната музика, филмот ни прикажува една постојано интересна и непредвидлива приказна со многу пресврти и силни емоции. Иако името сугерира научна фантастика, главниот двигател е личноста на девојчето (Макото) заплетканo во комплексниот развој на пријателството и љубовта во самракот на детството.



Филмот има освоено многу награди на повеќе јапонски и интернационални фестивали,
од кои можеби најзначајни се оние кои го прогласиле за анимиран филм на годината,
а најпрестижна е онаа која ја доделува јапонската академија (еквивалентна на американскиот оскар).
Базиран е на новела за возрасни од шеесетите, но преработена и прилагодена според модерните навики.



Овој филм ќе го гледате во рамките на првата епизода од македонската Јапанорама во четврток на 8ми Мај 2008 од 21 часот.
Овозможено од Japan@mk во соработка со К.Ц. Точка, а поддржано од Метаморфозис.

Режисер: Хосода Мамору
Анимација / Јапонија / 2006 / 98 мин

Погледнете го трејлерот

И официјалниот сајт на филмот

понеделник, 5 мај 2008 г.

L

Само што дознав дека во февруари излегол нов филм поврзан со манга серијата Death Note, а го обработува најкул ликот L (се чита: еру). Филмот се вика L: Change the WorLd и колку што разбрав има сосем различна фабула и ликови од тој со нотесот.



Јас се заљубив во оваа серија (Death Note) уште на првите страници на мангата и на сите што ја немате прочитано, а отсекогаш сте сакале Шерок Холмс причици, логички загатки и задачи, топло ви ја препорачувам. On line може да ја читате тука.
Откако ја прочитав мангата го симнав и анимето (ако ја чувам листата на епизоди на рапидшер, после ќе ви ја прикачам) и исто беше супер. Боите и сенките му даваат нова димензија, а музиката и режијата се сосем на место.

Знам дека има и live action movie во два дела, ама според инсертите што ги гледав на јутјуб не ме врза. Но откако прочитав дека плотот е малку изменет и работите се малку повеќе како што ни одговараат ;) решив еден ден да го гледам. Може тоа да биде и во Точка на јапанорама, ако некој го има да го споедели.

Како и да е, постов е за најновиот Death Note сиквел, кој не е поврзан со главната приказна, но според изгледот на трејлерите ќе е нешто супер. Особено ме радува што е за L и само за L и го нема Раито :)). И особено ми се допаѓа тоа што овој L (живиот) ептен личи на цртаниот L.

Авантурите на Јутаро

Многу слатка и откачена јапонска приказна раскажана низ слики во стар јапонски стил.
Оваа подолу баш личи на бранот на Хокусаи.



За да ја прочитате целата приказна кликнете тука.

петок, 2 мај 2008 г.

World's End Girlfriend

World's End Girlfriend, или скратено WEG, е едно од моите понови музички откритија годинава (океј, ве молам сеа немој да почнете со тоа дека WEG е passe, и дека вие со години ги слушате по дома, што ви здосадиле веќе).

Ни самиот не знам како дојдов WEG. И не знам како би ја опишал музиката на типов, Katsuhiko Maeda. And since writing about music is like dancing about architecture, еве еден клип па доколку ви се бендиса, прочепкајте по нетов, торенти и симнете што сакате.