четврток, 31 јули 2008 г.


Малку чадо психологија...


     Баш денес си се запрашав зошто имам огромна желба да ја учам јапонската церемонија на чајот иако знам дека самиот процес на учење подразбира клечење еден па до неколку часа дневно (или барем неколку пати неделно) и тоа неколку години со цел да се дојде до некое солидно ниво! Во западниот дел на Европа јапонската церемонија на чајот е прилично изучувана за што сведочат доволен број на училишта (особено во Германија) кои ја нудат оваа услуга. Меѓутоа, моето прашање очигледно си го поставиле бројни псиолози кои се обиделе да дадат одговор на истото. Претпоставките се различни; постои хипотезата дека токму прецизноста и строгоста на дисциплината привлекуваат обсесивни-компулсивни личности (ќе се воздржам од коментари :) Од друга страна, голем дел од учениците на јапонската церемонија на чајот се луѓе со тенденција да бидат видно неорганизирани и хаотични, што кај некои со текот на изучувањето на чадо се менува односно тие стануваат поорганизирани. За многумина (а тука би се вклучила и себе) церемонијата претставува еден вид строго организирана уметност. Добро е да се спомне дека во периодот на најголемиот развој на чадо во Јапонија (за време на Meiji-ерата - Meiji-jidai 明治時代) односно последната третина од 19тиот и 20тиот век подготовката на чај не била прогласена, ниту официјално се сметала за уметност. Како и да е, голем е бројот на оние кои тврдат дека изучувањето на јапонската церемонија на чајот дефинитивно помага при редуцирање на стресот а дневното конзумирање на чај несомнено го подобрува здравјето.



      Чадо е поврзан со многу убави нешта - чинот на приготвување и служење на чај го облагородува оној кој го приготвува и служи. Смиреноста на целата церемонија придонесува истата да биде споредувана со медитација. Чајот традиционално се служи во друштво на пријатели во окружување кое ја симболизира хармонијата во природата а истовремено е и уметнички стилизирано. Големите учители тврдат дека целта на чајот е “да помогне при градењето на личноста и карактерот” што без сомнение е директна последица на упорноста, истрајноста и толеранцијата кои се неизбежни при сериозното осознавање на чадо. Ултимативно, целта на чадо треба да е духовното усовршување.

     Односот помеѓу ученикот и учителот во текот на изучување на чадо е навистина посебен. Qyotei го означува учителот, додека mizuya sensei е називот на сите кои се стремат кон qyotei. Односите помеѓу поискусните и помалку искусните ученици (и најголемиот учител е сепак ученик во споредба со некој друг авторитет) се прилично изразени. По само еден ден ученикот станува sempai за оние кои сеуште не се инволвирале во изучување на чадо, додека за останатите претставува kohai. Почитта кон учителот, ученикот се очекува да ја изразува преку формални поздрави. Во текот на изучувањето ученикот треба да создаде еден вид телесна меморија односно да усоврши одредени движења преку нивно повторување. Не е дозволено запишување на белешки во текот на учењето. Притоа, ученикот треба до самиот крај (додека не биде постигнато одредено задоволително ниво) да ја заржи менталната состојба на почетник без притоа да си дава на значење заради научената техника. 


    Смислата на пиењето на чајот за многумина се состои во активирање на сите сетила и негова истовремена конзумација преку повеќе сетила. Постои една мошне интересна и фасцинантна област во психологијата која е токму поврзана со естетиката на чадо и се нарекува интерсетилна свесност или синестезија. На пример, Сен Сошисту (Sen Soshistu) го опишува пиењето на чајот како активност не само на сетилото за вкус, туку и на очите, носот, ушите и рацете. Според јапонските традиции, пиењето на чајот претставува прочистување на петте сетила (вид, мирис, слух, допир и вкус) а преку нив и пречистување на шестото сетило - умот. Учителот Хамамото Сошун (Hamamoto Soshunќе истакне дека чајот ги синхронизира и хармонизира сите шест сетила и затоа преку ритуалот на пиење на чајот може да се постигне многу специфична ментална смиреност. Во поемата на Сен Сотан (Sen Sotan), пиењето на чајот е споредено со шумолењето на дрвјата на една ѕumi-e.

   Уште една димензија на пиењето на чајот е просторот во кој се изведува церемонијата – прилично празна и едноставна соба во која единствено се слушаат звуците на таби чорапите при газењето на татамите, звукот на водата што врие во лончето и звукот на мешањето на чајот. Ова претставува идеална техника за отстранување на стресот и поминување некое време со себе и со драги пријатели. 

3 коментари:

Marivche рече...

Штета што не присуствуваше на нашава церемонија на чајот... навистина беше супер, иако седев само на првиот дел.
Се надевам дека ќе организираме нешто слично, ама помасовно во иднина! Широкава јавност навистина треба да се запознае со церемонијата на чајот!

kiwi рече...

Леле знам, и јас бев тажна што ја пропуштив церемонијата... А за популаризација на церемонијата ништо подобро нема да заврши работа од отварање на tea house во Скопје. И тоа во парк, на пример во бонсаи паркот. Да не постои веќе нешто слично?

Marivche рече...

Колку што јас знам... не... ајде се надевам ќе се направи нешто занимливо наскоро...Ќе го научиме Скопје чај да пие... а и цела Македонија:)))))))))))))))))))))))))