Манга
Shingeki no kyojin(превод:Нападот на џиновите)
Пишува:Хаѓиме Исајава
Црта:Хаѓиме Исајава
Жанр:Eпска фантастика,стимпанк,акција,авантура,хорор,шонен
Издавач:Kodаnsha
Списание:Bessatsu shonen magazine
Година на издавање:2009
"На тој ден,човештвото се сети на ужасното чувство да си под нивното стапало,на понижувањето да бидеш како затворена птица............"
Ерен Јегер
Во 2009 година младиот мангака Хаѓиме Исајава поднесува примерок од својот авторски труд на главните уредници на манга списанието Weekly shonen jump,со надеж дека тука ќе може да си изгради завидна кариера како манга автор.Но бива одбиен со образложение дека неговото дело не се совпаѓа со нивниот концепт за тоа што треба да биде шонен манга(а така испадна најдобро за него бидејќи не можам да замислам како Исајава би се справувал со секојдневните цензури кои би му ги наметнувале од уредништвото).Потоа се обраќа до Kodаnsha каде препознаваат голем потенцијал во неговата работа и добива место во нивното списание Bessatsu shonen magazine.Останатото е легенда.
Shingeki no kyojin предизвика голема турбуленција во светот на мангата.Дело кое не доби никаква помпа и рекламирање успеа да се најде меѓу најчитаните манги во првите 3 месеци со преку 500 000 продадени примероци,притоа симнувајќи доста познати наслови,меѓу кои и Bleach,а критичарите го величаат до небеса.Која е оваа манга,за што се работи и колкаво е нејзиното значење во светот на мангата?
Приказната не води во еден фиктивен свет налик средновековна Европа,каде последните припадници на човештвото живеат во град без име,град кој е последна линија на одбрана и опстанок од нивниот најголем непријател-џиновите.Нивното потекло е непознато и се знае само дека немаат интелигенција,немаат репродуктивни органи,нивната висина варира од 3 до 15 метри и се хранат само со луѓе.Градот е опкружен со бедемот Марија висок 50 метри,доволно висок да и најголемиот џин не може да се искачи.Веќе 100 години неговите жители живеат мирно и безбедно.Меѓу нив е и нашиот јунак Ерен Јегер кој ноншалантно си се шетка со својата другарка Микаса Акерман,се додека во еден момент не се чуе страотен татнеж.Ерен како и другите го вперува погледот кон дел од бедемот каде се создава прашина и гледа како еден колос,висок 60 метри,без кожа и обвиен во пареа потсмевливо гледа кон градот и го руши бедемот како песочен замок.Џиновте влегуваат и тогаш масакрот почнува.Ерен не знае што да прави во сета таа паника и за да биде несреќата поголема тој е заглавен во рушевини.Мајка му го спасува и го доверува на еден војник кој и ветува дека ќе се грижи за него додека таа го одвлекува вниманието на џиновите што се приближуваат.Последниот спомен на Ерен за мајка му е како еден од џиновите ја џвака.Преживеаните се повлекуваат во другата половина на градот заштитена со повисокиот бедем Роса,и кога Ерен си доаѓа при себе си дава ветување дека ќе ги истреби џиновите од лицето на земјата.
Иако Shingeki спаѓа во категоријата шонен има многу малку допирни точки со шонен мангите,а под шонен зборувам за денешните шонени кои ја следат Dragonball формулата на Акира Торијама.Овде нема да наидете на мало дете кое ја буди внатрешната сила со упорен тренинг и дисциплина и им дава поуки на поразените непријатели да не прават лоши дела,нема мудар но перверзен и духовит учител,непријателите не се појавуваат по редослед послаб,слаб,јак и не се докрајчуваат со супер потези(океј,некои од потезите се сепак кул),па дури и хуморот отсуствува.Ако веќе мора да се прават паралели Shingeki по својата атмосфера,меѓучовечки односи,борба на добро и зло и карактеристики на ликовите повеќе личи на сеинен манги од типот на Devilman од Го Нагаи и Berserk од Кентаро Миура.Во најмрачните мигови човештвото е далеку од сплотено-луѓе си ги одземаат животите само за да не завршат како оброк,војници се бунтуваат и дезертираат од своите позиции само за да бидат со своите најблиски,се случуваат предавства кога најмалку ги очекувате,а Ерен на кој во главата му се врти само желба за одмазда распламтена со гнев наликува на Акира Фудо/Гатсу во неговата борба со демоните/апостолите,а ако има нешто што позајмува од Dragonball концептот тоа е помошта што Ерен ја добива од неговите пријатели(иако тимската работа не гарантира дека ќе се преживее до наредниот ден).
Акционите сцени се мајсторски направени.Нема да ве замaраат херои кои ги извикуваат имињата на своите напади пред да го зададат ударот или се навраќаат во минатото каде сигурно нешто трауматично им се случило,борбите се динамични како во чистокрвни акциони филмови и обично зафаќаат околу пола танкобон.
Ако има нешто разочарувачко тоа е начинот на кој Исајава ги црта човечките ликови.Додека му треба време за да се испраксира на тоа поле таков проблем нема кога ги црта џиновите.А џиновите сјаат во сета своја гротесктност и деформираност и предизвикуваат морници како оние кои ги добиваме додека слушаме/гледаме/читаме хорор дела.
Исајава кој своите идеи ги црпеше од сеинен наслови успеа да го собере најдоброто од нив и да го спакува во продукт за помлада публика,а резултатот е повеќе од јасен-мангата излегува веќе 3 години и за тоа време создаде свој препознатлив идентитет кој го издвојува од остатокот денешни шонени и укажува дека не е неопходно да се следат препознатливите шеми за успех за да се стекне попоуларност меѓу тинејџерската публика.
Нема коментари:
Објави коментар