Ако постои нешто што може да го илустрира буквалното сфаќање на насловот тоа веројатно би било netsuke-то. Netsuke е мал украс направен од дрво, коска, рог, метал или било што што е податливо за негова изработка и истото виси на крајот од врвцата на која е обесено sagemono-то. Но пред да кажеме што е sagemono (или inro) да кажеме зошто.
На сите досега сретнати интернет страни стои горе-долу еден ист текст кој се сведува на следното: Верувале или не јапонците сепак се живи луѓе и како такви од време на време знаат да ја упрскаат работата. Имено, кога нивните кројачи го креирале кимоното случајно или намерно заборавиле да вметнат џебови. Како поснаодлива половина од човештвото жените овој недостаток и не ги погодил многу. Своите потрепштини ги навирале во главно по ракави, појас или кај ќе им се видело згодно. Но затоа мажите го сфатиле проблемот и во својата бескрајна мудрост го создале sagemono-то, што е у ствари јапонски прародител на денешната педеруша. Се состои од неколку кутичиња нанижани на врвца кои се затвараат едно со друго. Врвцата се затега или разлабавува со прстен (ojime) и се протнува под појасот, а оној дел кој доаѓа над него бил украсен со netsuke, кое покрај декоративната улога служи и за тоа целиов склоп да не се лизне низ појасот.
Како и се друго што паѓа во око на душманите, завидливите комшии и младите невести, така и сето ова експресно влегло на листата на опрема за кинџурење. Изработката станува се подобра и подобра, изборот на материјалите и техниките на обработка разновидни, па некаде околу XIX век овој вид мајсторство го достигнува врвот. Отприлика тогаш јапонците го соблекуваат кимоното за да си облечат оделце ама за среќа оваа вештина не паѓа во заборав туку напротив – поради својата убавина и врвно мајсторство продира на запад.
Денес, после 3 – 4 века од неговото појавување, со изработка на netsuke се занимаваат луѓе ширум светот. Времето го менува и начинот на изработка па сега се користат од обични длета, преку забарски машини па се до најразлични мали брусилки. Интересот кај колекционерите (меѓу кои и јапонското царско семејство) е значителен па некои парчиња достигнуваат безобразно висока цена. Се на се земено, ова е занаетчиска форма која на наша среќа е далеку од мртва.
Еве и неколку линка:
http://www.janeljacobson.com/index.html
http://atarunetsuke.blogspot.com/
1 коментар:
Знаеш дека женските кимона имаат една тајна, а тоа е зашто служат дупките од под мишките до појасот. Тоа место претставувало таен пролаз за машката рака до градите без тоа никој да го забележи :)
Објави коментар