среда, 2 јуни 2010 г.

Кратка историја на мангата

Серијалот на текстовите за мангата, објавени во македонскиот стрип магазин "Синдром", повторно од нашиот член Јордан Коцевски продолжува. Во вториот број текстот со наслов: Кратка Историја на Мангата

Поимот манга, како дел од јапонската уметност, се јавува на крајот на 18от и почетокот на 19от век. За прв пат се појавува во форма на сликовница во делото „Shiji no yukika“ од 1798 година на пoзнатиот јапонски поет, писател и уметник Santõ Kyõden. Сепак, од овој период најценети се книгите насловени како „Hokusai Manga“ (1814) на познатиот уметник кој принтал на дрво Hokusai (во светот познат по неговата слика „Големиот бран на Канагава“). Тоа што претставува револуционерно во овие книги е асортиманот на скици на овој уметник, а кои се поврзани како приказна.

Во 1874та година се појавува првиот манга-магазин насловен како „Japan Punch“, основано од Charles Wirgman во 1862 год., а како цртач се појавува Eshinbun Nipponchi. Но поради неговиот едноставен стил на цртање магазинот доживеал само три броја. И покрај неуспехот на овој манга магазин истото било инспирација за појава на нови манга магазини, како „Marumaru Chinbun“ (1877) и „Garakuta Chinpo“ (1879). Од останатите манга магазини вреди да се спомнат „Shonen Sekai“ (1895), „Shojo Sekai“ (1905) и „Shonen Pakku“ (1905), како први манги наменети за машки, женски, односно деца. Тоа што е интересно е дека сѐ до мај 1924 година, со појавата на манга магазинот „Kodomo Pakku“, сите претходни манги биле неми, односно за прв пат во ова списание се користат балончиња за говор.

Развојот на модерната манга започнува во периодот по Втората светска војна. Во овој период видно е културното влијание од САД преку нивните стрипови, филмови и цртани (посебно цртаните од Дизни), кои внесле некои промени во стилот на цртање на мангата. Појавата на „Astro Boy“ (1952) на Osamu Tezuka претставуваше стилистичка иновација во мангата. Tezuka воведе нов „кинематографски“ пристап во кој панелите се како филм, се менува кадрирањето –после далечен следи крупен кадар, се даваат детали од акцијата, се фаќа slow motion ефект и сл. Ваквиот негов стил е практикуван во сите манги кои следат потоа.
До денешен ден се развиени (и развиваат) голем број на жанрови и поджанрови на манга, наменети за различен целен пазар, а популарноста на мангата достигнува светско ниво. За ова повеќе во наредните броеви на „Синдром“.

*Објавените цртежи се дел од Hokusai мангата.

четврток, 27 мај 2010 г.

„Јапанорама 16“ посветена на „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“

Денешната презентација во „Ла кања“, во организација на неформалната група македонски љубители на јапонската култура „Јапан@мк“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација - аниме

Шеснаесеттата „Јапанорама“, која ќе се одржи вечерва во „Ла кања“, ќе биде посветена на кратката јапонска анимација. Првиот дел од проекциите е закажан за 20 часот, а вториот во 21.45 часот. Притоа, паралелно ќе бидат прикажани дела посветени на антологијата на кратката анимација, насловени „Џиниус парти“ и „Аниматрикс“, кратки анимации базирани на добропознатата приказна за „Матрикс“, сите од значајни јапонски автори.

- Честопати генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку во романите, па затоа овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација - велат членовите на групата „Јапан@мк“, која ги организира ваквите дружења.

„Јапан@мк“ е неформална група македонски љубители на јапонската култура, чија цел е на едно место да се соберат луѓето што се фасцинирани од јапонската анимација - аниме, мангата (јапонски стрип), боречките вештини, јапонскиот јазик и јапонската култура воопшто. На тој начин тие ја промовираат оваа поинаква култура во земјава. Досега организирале повеќе проекции на јапонски играни, документарни и анимирани филмови, демонстрирање на јапонскиот ритуал на подготвување чај, изложба на младиот македонски манга-автор Маруко Аква Мизу, хаику-читања, посети на бонсаи-паркот, како и учество на фестивалот на црешите „Сакура“. Групата постои од февруари 2008 година, а од април истата година е активна и преку блогот japmk.blogspot.com, на кој пишуваат дваесетина членови, од кои тројца-четворица се поактивни. Нема ограничување на темите, сé додека се поврзани со Јапонија. Нивниот првичен план било блогот подоцна да прерасне во сајт, но оваа идеја сé уште чека реализација.

- Активностите не запираат, бидејќи секогаш се наоѓа некој што има барем малку време и желба да направи нешто за групата. Од година во година, од месец во месец, се пријавуваат сé повеќе членови кои пројавуваат интерес за нешто што е дел од јапонската култура. Изненадени сме, на пример, од тоа колкав дел од младината во Македонија знае што се аниме и манга, следејќи ги притоа актуелните наслови од таа култура - велат од „Јапан@мк“ и додаваат дека на „Јапанорама“ често доаѓаат и голем број посетители што не се членови на групата.

(превземено од Нова Македонија)

сабота, 22 мај 2010 г.

Jапанорама 16 - Genius Party (part 1) vs Animatrix

Како што често генијалноста на големите писатели се гледа повеќе во нивните раскази отколку романи, овој пат се одлучивме да ви ја претставиме генијалноста на кратката јапонска анимација, double feature. За среќа постојат доволно добри автори и доволно храбри продуцентски куќи - во случајов Madhouse Studios и Studio 4oC, кои често прават интересни компилации од аниме. Од многуте интересни наслови, одлучивме овој пат да пресечеме - од едната страна се Genius Party, првиот дел авторските дела посветени на Антологијата на кратката анимација, a од друга страна Animatrix, кратките анимации базирани на добропознатата приказна за Matrix, секако, повторно од значајни јапонски автори.


Genius Party (part 1) vs Animatrix


Еве го и распоредот на прикажување:
20.00h
Genius Party (Genius Party) 5min
The Second renaissance pt.1 (Animatrix) 10min
The Second renaissance pt.2 (Animatrix) 10min
Shanghai dragon (Genius Party) 15min
Kid's story (Animatrix) 10min
Program (Animatrix) 10min
Deathtic 4 (Genius Party) 15min

Пауза од 30min

21.45h
World record (Animatrix) 10min
Beyond (Animatrix) 10min
Doorbell (Genius Party) 15min
Detective story (Animatrix) 10min
Matriculated (Animatrix) 10min
Limit cycle (Genius Party) 15 min

Уживајте повторно со Јапан@мк и Ла Кања, во среда 26.05.2010 во 20.00 часот
Овој пат аниме-ата остануваат со англиски subs.

Линкови за Genius Party (2007): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site
Линкови за Animatrix (2003): IMDB, ANN, MAL, Wikipedia, Official site

среда, 19 мај 2010 г.

Манга, повеќе од јапонски стрип

Не е прв пост за дефиницијата на манга-та, ама сепак, секој придонес се важи. Особено овој, заради местото што го добил во стрип заедницата на Македонија. Фала многу на Јордан Коцевски за текстот објавен во македонскиот магазин Синдром, посветен на македонската стрип култура и уредуван од екипата на Макстрип интернет порталот
Наједноставното објаснување за тоа што претставува мангата би било дека тоа е јапонски стрип. Тогаш зошто ако мангата претставува стрип се нарекува со сосема поинакво име. Тоа се должи на фактот што и покрај тоа што мангата е стрип, сепак постојат бројни карактеристики кои ја прават поразлична од останатите стрипови. Првата воочлива разлика помеѓу мангата и стрипот е во форматот на изданијата. Стандардниот формат на интегралните изданија на мангите се помали во однос на стандардните интегрални изданија на пр. на Marvel и DC. Втората воочлива разлика е веднаш откако ќе го отворите изданието –а тоа е начинот на кој се читаат мангите. На место вообичаеното читање од лево на десно, мангите се читаат обратно –од десната кон левата страна. Ова и е причина поради која американските изданија имаат предупредување на последната страна од мангата (дека тоа не е прва) и упатство за читање.
Но и покрај овие разлика, она што навистина го прави јапонскиот стрип манга е стилот на цртање. Имено самиот манга стил на цртање е присутен во Јапонија уште од крајот на 18от век, но непосредно по Втората светска војна следи негова примена во јапонската стрип култура со одредени адаптации под влијанието на американските стрипови, со што во Јапонија почнува и појавата на модерните манги. Денес овој поим се однесува на јапонскиот стрип, нацртан и објавен во Јапонија, додека анимираните филмови цртани во манга стил се познати под името аниме. Карактеристично за манга стилот на сликање е специфичниот дизајн и изглед на личностите, пред сè лицето и експресиите, и тоа дека секогаш се црно-бели. Веднаш ќе познаете дека се работи за манга кога ќе ги видите крупните очи на личностите, нивното мало носе, и не нагласените усни, често претставени со само една црта. Покрај ова уникатноста на мангата е препознатлива по начинот на кој се дизајнира таблата и распоредот на сцените; балончиња за текст со различна форма како резултат на емоционална состојба на личноста која зборува; сцени во кои посебно внимание се посветува на позадината, а не на личноста; сцени со апстракна позадина; честа употреба на „линии на движење“ итн. Токму од овие причини мангата го носи ова име, а не називот јапонски стрип.