Пребарувајќи по старите постови, забележав само еден пост кој се однесува на
Visual Kei движењето во Јапонија. Во овој пост јас само би се задржала на суштината која стои позади овој стил и би обработила неколку гранки на истиот.
ТерминологијаТерминот Вижуал Кеи самиот по себе означува Визуелен Стил (kei – style in Japanese). Претставува движење во јапонската рок и поп музика (најчесто означена како Jrock и Jpop ) кое го зема својот замав во доцните 80-ти години и до ден денешен се обидува да го најде својот пат низ останатите земји од светот. Во последно време Вижуал Кеи станува се попопуларен и поприфатен како во Јапонија така и во Јужна Кореа, Русија, САД и некои Европски држави како, Германија, Франција, Шпанија, Словенија,скандинависките земји итн.
Како што самото име на стилот кажува, Вижуал Кеи претставува визуелен начин на изразување на музичарите кои го подржуваат овој стил. Без разлика на жанрот на музика кои тие го свират, (поп, рок, метал, панк, електро) ако станува збор за Вижуал Кеи бенд, тука секако постои нешто што тие би сакале да го изразат преку нивната визуелна појава. Најчесто носат ексцентрична, впечатлива, понекогаш дури и агресивна облека, прават необични фризури и носат тешка шминка што прави мажите да изгледаат женствено, и се разбира, тоа е намерно. Сепак, тоа нема никаква врска со сексуалната определба на еден Вижуал Кеи музичар.
Позадина
Едно од најпоставуваните прашања во врска со Вижуал Кеи е: Зошто мажите се облекуваат како жени и дали воопшто постојат жени помеѓу Вижуал Кеи артистите?
Да, жени учествуваат во Вижуал Кеи движењето.
Exist Trace и
Danger Gang се само едни од нив. Но доколку се направи компарација помеѓу женските Вижуал Кеи артисти и машките, очигледно е дека најголем дел од мажите се стремат кон женствен изглед, додека пак жените се стремат по помажествен изглед (секако, секогаш постојат исклучоци). Тука се поставува прашањето, на што се должи оваа андрогеност? Според некои извори, идејата зад Вижуал Кеи води потекло од историјата. Некои велат дека концептот потекнува од Кабуки театарот од Едо периодот кога на жените не им било дозволено да учествуваат во претставите, па женските улоги ги играле мажи кои биле облечени и нашминкани како жени. Други пак велат дека целата идеја Вижуал Кеи ја црпи од фактот што гејшите во почетокот биле мажи.
Но, што станува сега со женските Вижуал Кеи артисти кои се облекуваат како мажи? Според некои, тоа е резултат на интеграцијата на жената во општеството, нејзиното стекнување еднакви права со мажите, право на едукација и работа.
На крај може да се дојде до еден заклучок дека постојат различни сфаќања и интерпретации на „поентата“ на овој стил. Крајниот резултат е: андрогени мажи и жени, кои вложуваат напор и волја во усогласувањето на нивната визуелна појава со тематиката на нивната музика. Сега полот не е важен, важно е она што нивната музика го пренесува. И повторно, не може да се истакне само едното или само другото. Музиката и визуелниот ефект се еднакво важни за Вижуал Кеи.
Освен историските и традиционални корени, огромно влијание врз изгледот на Вижуал Кеи артистите има глам рокот кој потекнува од Америка, панкот, гот субкултурата, па дури и сајберпанкот.
Малку историја
За пионери на Вижуал Кеи се сметаат бендовите
X-Japan,
D'erlanger ,
Luna Sea,
Buck-Tick,
Penicillin,
Malice Mizer и
Color.
Терминот Вижуал Кеи води потекло од едно од слоганите на X-Japan: “Psychedelic violence crime of visual shock” .
X-Japan се сметаат за почетници на ова движење, но некои не се согласуваат и велат дека овој стил постоел и пред нив. Повеќе информации за почетоците и стилот на овој бенд, како и изјави од страна на членовите на бендот можете да прочитате тука.
The Visual Kei Phenomenon.
Денес постојат огромен број на Вижуал Кеи бендови кои прават најразлична музика, постојат голем број на под-гранки на Вижуал Кеи. Едни од најпознатите бендови денес се:
Dir En Grey,
The Gazette,
An Café,
Mucc,
Moi Dix Mois,
D’esparirsRay ,
L’Arc~en~Ciel , и др. Меѓу најпознатите соло изведувачи пак се наоѓаат
Gackt и
Miyavi.
Гранки на Вижуал Кеи:
Преземено од
http://mm-content-blah.blogspot.com/ и
Visual kei (reportaje escrito x mi)
Коте Коте Кеи (Kote Kote Kei) : Типична слика за традиционалниот олд-скул Вижуал Кеи. Кожни детално исработени костими, екстремни, големи фризури (во јаки бои, најчесто тапирани), бели лица, јака шминка, тежок црн eyeliner и кармин. Овој стил вклучува рози, крстови и крв. Пример: Phantasmagoria, Due Le Quartz, Baiser, Metis Gretel итн.
Ошаре Кеи (Oshare Kei): Овој збор во Јапонскиот јазик означува елегантно или пак некој со стил. Се карактеризира со светли и јаки бои, шарени костими, фризури во повеќе бои, најзастапени: сина, зелена, розева, виолетова. Изгледаат весело, шарено, разиграно и детинесто. Пример: An Café, SuG , Aicle, Ayabie, Lolita23q, итн.
Ангура Кеи(Angura Kei): Доаѓа од зборот „underground“. Се карактеризираат со традиционален јапонски изглед: кимоно, лепези, но една темна варијанта од сето тоа. Пример: Inugami Circus-dan, Byakura, Kagrra, Dokusatsu terrorist, Onmyouza, итн.
Ерогуро Кеи (Eroguro Kei): Доаѓа од зборовите Erotic Grotesque. Ерогуро во суштина е уметничко движење во 20-тите и 30-тите години во Јапонија. Делува мрачно, црни костими, црна шминка, неприродно, извештатено, злобно. Пример: Mucc, Kagerou, Cali Gari, UnsraW, Candy Spooky Theatre, итн.
Широнури Кеи (Shoronuri Kei): Наликуваат на училишни банди, носат училишни униформи или традиционална Јапонска облека, рефлектираат темно детство. Се карактеризираат со бели лица и црни очи и усни. Пример: Cosmo - Shiku, итн.
Нагоја Кеи (Nagoya Kei): Претставува огледало на стилот популарен во близина на Нагоја, Јапонија. Делува мрачно, инспирирано од Британските панк, рок бендови. Пример: Deadman, Kein, the Studs, Girugamesh, итн.
Шибуја Кеи (Shibuya Kei): Води потекло од Шибуја. Најдобро е опишано како микс на џез, поп и електропоп. Пример: Muchi Muchi Anago
Курофуку Кеи (Kurofuku Kei): Доаѓа од јапонските зборови kuroi fuku = темна облека. Речиси е еднаков на Нагоја Кеи, освен што не изгледа толку „формално“ и „трезно“. Пример: Luna Sea.
Ирјоo Кеи (Iryou Kei): Облечени се како лекари и болничари. Носат бели мантили и медицинска опрема. Пример: Lulu, Sex – Android.
Освен овие, постојат и: Elegant Aristocrat Gothic Kei (Lareine, Malice Mizer); Deburo Kei ( D’espairsRay); White Kei ( Alice Nine), Koi Kei (Miyavi, Gackt, The Gazette); Toroteru Kei (Hide, Miyavi, Jun); Cosplay Kei; Neo Visual (Clothoid Doll, Exist Trace, Danger Gang) Ouji Kei (Versailles).