вторник, 31 март 2009 г.

Hanko 判子

Сигурно имате забележано на некои јапонски слики, обично во десниот долен агол, еден вид на печат. Тоа е hanko или „своерачниот“ потпис кој го користат јапонците.
Ханко за разлика од нашите потписи, кои можат да се направат во вид на печат, има многу поинаква смисла.

Прво, ханко го содржи само вашето презиме, а бидејќи во Јапонија презимињата многу повеќе се повторуваат, можете да си купите готово ханко од продавница специјализирана за ханко. Да бидат работите уште поинтересни, постојат само 5 фонта кои се користат за ханко, а тоа значи дека постои голема веројатност двајца господини Танака да имаат исто ханко. Можеби навидум ова не е некој проблем, но замислете што се случува кога двајцата имаат сметка во иста банка и двајцата подигаат пари со истиот потпис.

Постојат неколку типови на вакви печати кои се користат за различни потреби, а се разликуваат по формата, содржината и бојата на пастата со која се нанесуваат.
Освен Ханко, овие печати исто се познати и под името инкан. Основните типови на инкан во јапонија се следните:

Џитсу ин -'jitsu in' (実印) - е официјално регистриран печат, кој се користи за спроведување бизнис како на пример купување кола, замја и сл, или лични официјални церемонии како стапување во брак и сл. Овие ханко се стриктно пропишани како треба да изгледаат, па јапонците обично плаќаат добра пара за да им се изработи уникатно. Нивната форма е квадратна или правоаголна, никогаш округла.

Гинко ин 'ginko in' - се користи за банкарски работи, подигање пари од банка, земање кредити и сл. Обично имаат некоја специфика во зависност од банката, но најчесто луѓето овие ханко ги прават сами или некој им ги изработува поради тоа што масовно произведените не гарантираат никаква сигурност.

Митоме ин 'mitome-in' (認印) - се користат за потпишување на пратки, сметки, работни документи и слични секојдневни активности во кои не е потребно високо ниво на сигурност. Овие за разлика од другите не се чуваат во обезбедени сефови. Овие се најчесто округли или овални, и тие на повисока позиција имаат поголеми од тие на пониска, но исто така и оние на жанските се помали од оние на машките. Всушност овие печати се оние кои се најпопуларно наречени ханко. Освен овие типови јапонците имаат и лични понеофицијални ханко кои ги користат за потпишување на лични писма и сл.

Гaго ин 'Gago in'- се посебен вид ханко кои ги користат графичките дизајнери и уметниците за потпишување на нивните дела. Го содржат уметничкото име или прекар на авторот, а често нивната декорација може да содржи и некој слоган. Кај овие ханко, бидејќи користени од креативци, нема ограничувања во формата, големината и бојата на пастата со која се нанесуваат.

Владините институци користат специфични инкани, кои се посебно изработени и се разликуваат од личните. Нивната форма е најчесто квадратна или правоаголна и обично се украсени на рачките. Големината им е многу поголема од личните печати.

За користење на секој инкан потребен е сертификат за автентичност, за да може да се кориси истото.

Најпрво ханкото се користело од страна на императорот, па од неговите најблиски вазали, па се проширило на аристократијата, самураите, за во денешно време со напредокот на технологијата да може да го користи секој.

Сега, дури и странците можат да имаат ханко, напишано со катакана хирагана или со канџи.

Ова e една од најчудните и најнепрактични навики засновани на традиција, која модерните јапонци за ништо живо не ја напуштаат. Подетално за ова прочитајте тука.

понеделник, 30 март 2009 г.

Со CO2 до нови и подобрени перформанси на пластиката

Инспирирана од сé поголемата употреба на пластиката во секоја сфера на животот, но и нејзините штетни влијанија, пред сé по животната средина, ги наведува научниците да размислуваат за и да да бараат решенија за изнаоѓање на алтернативи на пластични маси, кои би имале некакви корисни влијанија по истата.



Јапонските научници Хироши Шимизу и Ли Јонгјин на институтот за истражувања во областа на нанотехнологијата (Nanotechnology Research Institute) во рамки на Националниот институт за напредна наука и технологија (National Institute of Advanced Industrial Science and Technology (AIST)) објавиле дека постигнале значаен напредок во подобрување на механичките карактеристики на пластиката, делумно направена од јаглерод диоксид, и тоа во поглед на нејзината еластичност и јакост, со мешање со други пластични маси.



Претходно, полипропилен карбонатот (PPC) кој научниците сакале да го подобрат, не бил особено корисен, и во него биле додавани алифатни полиестри како секундарни и терцијални состојки, како би можеле да му ја контролираат микроструктурата на PPC-то, а CO2 бил само околу 30% од тежината. Како резултат на истражувањето, во институтот е успешно е развиен PPC наречен aлифатен поликарбонат, кој има не само подобрени механички својства, туку и зголемена резистентност на топлина.

Шемата за синтетизирање на пластика од јаглерод диоксид е стара околу 40 години и е откриена од страна на Проф. Шохеи Инуе од Токискиот Универзитет за Наука. Она кое ја ревитализира идејата за PPC е фактот што со негово производство се јавува алтернатива за досега познатата пластика за општа намена базирана на нафта, како што е полиетилен, полипропилен и полистирен. Новоразвиената и подобрена пластика базирана на јаглерод диоксид треба да придонесе кон превенција на глобалното затоплување, како и редуцирање на зависноста од изворите на нафта. Во Кина веќе се изградени пилот фабрики за масовно производство на оваа пластика со пари од државниот буџет. Но пластиката добиена од овие фабрики е далеку од практично употреблива поради лошите механички својства на истата.

Повеќе околу оваа проблематика може да се прочита на сајтот на AIST.

Првата сликичка е молекул на пропилен карбонат, а втората на полиетилен.

Cosplay


Cosplay (jap. コスプレ kosupure) опишува Маскен тренд , кој дојде за време на 90-те со Мангата , Аниме-Бумот од Јапонија до Америка и Европа. Зборот Cosplay е јапонската кратенка од англиските зборови costume и play.

Со Cosplay-от се претставува една фигура што пооригинално преку костимот и односот. Фигурата во тоа може да биде од Манга, Аниме , Видео игра или Филм. Тука може слободно да се шири креативноста и фантазијата без поставуванје граници, за да може костимите на учесниците да бидат од поголем квалитет. Најчесто учесниците во Cosplay-от се меѓу 15 до 25 години.

Исто така се одржуваат и Cosplay натпревари каде учесниците може да се истакнат преку мала драма, песна од серијата или групата што ја претставуваат и многу друго.

Најголемиот Cosplay фестивал е од јапонскиот тв-канал TV Aichi организираниот World Cosplay Summit, кој се одржува годишно во Нагоја и на кој учествуваат Cosplay-ери од целиот свет.

петок, 27 март 2009 г.

Црешов Цвет - Sakura

Црешовиот Цвет (Sakura) е еден од најважните симболи во Јапонската култура.

Секоја година во периодот на цутењето на црешовиот цвет (средина или крај на Март се’ до почеток на Мај) јапонците заедно со нивното семејство, пријатели или колеги се облекуваат традиционално во кимоно и одат на пикник во парк под црешовите дрва.

Црешовиот цвет е симбол на нежната убавина на жената. Затоа, ако во периодот на црешовиот цвет се роди женско дете тоа ќе го носи името Sakura .
edit:
Да се надеваме и на овогодишно успешно празнување на Сакура - јапонскиот фестивал на црешите и во Скопје како и ланската година. Мислам дека сите едвај чекаме да уживаме под јапонските цреши на ул. Максим Горки.

вторник, 24 март 2009 г.

Harajuku - епицентарот на токиската (јапонската) улична мода

Гледајќи ги сликите од Harajuku(原 宿), се добива впечаток дека за момент се селиме во една поинаква димензија, каде она кое е неконвенционално во обичниот свет станува секојдневие. Во претхоните записи, споменав дека Harajuku е моден епицентар на Tokyo, каде за тинејџерите помодарци "is a must" преку викендите... Своето место како моден епицентар е мошне вредно да биде посетено и од страна на туристите, бидејќи тука се наоѓа Takeshita-dori, која се ословува како "тесна уличка која е преплавена со фешнбл тинејџери и бутици и кафулиња". Преку неделата, и не може да се видат сите тие "модни изрази", па ако некој сака да биде сведок на сето тоа, најдобро е да се најде таму преку викенд, како што споменав погоре, а поготово во недела. Посебниот начин на облекување, може да се толкува како обид да се изрази посебноста на секој од тинејџерите, кои се надеваат дека ќе бидат забележани од страна на фотографи од различни списанија. Странските туристи со изнена-дување гледаат на младите "маскирани" луѓе, и тоа особено доколку немаат претходни сознанија за модата и lifestyle-от во овој дел. Варијациите во имиџот кој може да ги фати објективот варираат од Gothic lolita па се до некои варијанти на аутфит под влијание на Visual-kei и Јrock-от, како и т.н. Ganguro, Gyaru, Kogal и kawaii (cute) fashion. Се' на се', еден спонтан Косплеј, создаден од мешавина на бои и стилови, емо фризурки, офарбани во различни бои, со симпатични аксесоари и накит... И најзанимливо е што самиот стил на облекување не е дефиниран од големи брендови, иако самиот стил наметнал големи имиња да бидат производители на облеката и аксесоарите...
На овој клик, како и на овој клик може да погледате некоја фотка плус. Искрено, не сум приврзаник на ј-рокот, т.е. вижуал кеј-от , ама убави ми се на око сите тие девојки и момчиња кои даваат се' од себе да изгледаат поинаку од другите, целокупниот вложен труд и ентузијазам.
На следниве сајтови, пак, може да се најде по некое занимливо парче облека и додадок, како и некоја откачена ташничка, која мене искрено, заедно со печовите, греачите за раце и кратките карирани сукњички ми прават најмногу ќеиф: lolita-kisama, chicki, metamorphose elegant..., candy fruit, babyssb, и т.н.

Компактен концепт на живеење

Низ следниве неколку сликички ви го претставувам концептот на куќа-коцка со димензии 3х3х3м. Верувале или не - во 27 м3, Joe Nagasaka и неговиот Schemata architectural office успеале да сместат дневен престој, спална соба, трпезарија, комплетна бања па дури и гостинска соба (hint:вратничката што се гледа на дното на коцката од надвор :)) Тушот, клозетската школка и трпезариската маса „излегуваат“ од подот на куќата.













Идејата е коцката да може да се смести во било која средина - фабрика, планина, плажа. Оригинално и иновативно, во секој случај.

понеделник, 23 март 2009 г.

Да промениме нешто (нема врска со изборите)

Нешто ми фалат постови, ми фали активност на блогов, и првото нешто што го начекав а-ла јапонско го закачив. Извините ако не ви се допаѓа, ама дајте малку живо-живо!

Да продолжам со постов :)



Што не ќе измислат... Да претпоставиме дека е поврзано со некое традиционално лекување, или така нешто, чудово е капа за туширање која служи за повторно растење на косата кај оние што почнале да ја губат со годините и сл. Не ми е јасно, ама наводно ја полните од горната страна со топла вода, а „дизајнот“ овозможува ширење на порите на главата и повторно растење на коса (о.О) BTW, капава чини 90$. Се надевам се исплаќа за тие пари. Доброволци?

Link

вторник, 10 март 2009 г.

Таа и нејзината мачка

Пред повеќе од пола година, на сред работно време, еден добар пријател ми испрати линк до филмчево. Тие 5 минути се премалку за да сметаме дека би ни одзело нешто од нашето драгоцено работно време, а во случајов носат со себе толку убави моменти, за кои стварно се запрашувате дали е возможно сите да се концентрирани во тој временски период.

She and Her Cat (彼女と彼女の猫 Kanojou to kanojou no neko?)



Makoto Shinkai со својот оригинален стил, на некои познат од неговите дела "Voices of a Distant Star" (кој го пуштавме на една јапанорама), "The Place Promised in Our Early Days" и прекрасниот "5 Centimeters per Second", започнал токму со ова парче, кое е чиста поезија раскажана со филмски јазик. Носталгичноста и раскажувањето се присутни во сите негови дела, и секогаш успева со своите слики да нè вовлече во една состојба блиска на сон, но толку многу реална и полна со емоции блиски до сеќавањето на детските чисти фантазии.

Овој краток филм е уште поинтересен, зашто е изработен монохроматски и поради тоа многу потсеќа на реален неанимиран филм, а во исто време целата атмосфера, мекиот глас кој раскажува, звуците од секојдневните активности, црно белите слики што се надополнуваат една со друга оцртувајќи го целосно кругот на промената и текот на времето се исполнети со убавина, која во толкава мера може да се наоѓа само во очите на набљудувачот.

Препорачувам да ги гледате и другите негови филмови, а можеби на некоја следна јапанорама ќе го прикажуваме „5 сантиметри во секунда“. А целосниот транскрипт на овој филм, доколку ви бега титлот при гледањето, може да го прочитате тука.