среда, 10 април 2013 г.

Сајберпанкот во земјата на изгрејсонцето.

"Модерна Јапонија едноставно беше сајберпанк. Јапонците тоа добро го знаеја и се восхитуваа поради тоа. Се сеќавам кога првпат ја посетив Шибуја, кога еден млад новинар од Токио ме  одведе таму, лицето му беше преплавено со светлината на илјадници медиумски сонца и ми рече: Гледаш ли? Ова е градот на Blade runner. И навистина беше."

Вилијам Гибсон





Секој кој се нарекува себеси отаку поради завидната листа на гледање аниме/читање манга сигурно еден ден му се протнал некој серијал за луѓе кои живеат во футуристички градови со фрапантни облакодери и живот на висока нога од една страна и сиромашни квартови каде секој гледа за себе од друга страна, а насекаде има знаци на високо развиена технологија, посебно од областа на компјутерите и кибернетиката. Ова, пријатели мои е нешто што се нарекува сајберпанк и е нешто што е добро прифатено во земјата на самураите.

Што е сајберпанк?

Прво кликнете на видеото.



Сајберпанкот е жанр во научната фантастика каде централни теми се забрзаниот технолошни развој и чудата кои ги носи со себе тој развој, посебно кибернетиката (луѓето можат да ги заменуваат своите делови од телото за вештачки/машински), но во свет кој е далеку од идеален, свет поделен помеѓу 2 класи: богатите, кои живеат како богови, можат да си дозволат се што ќе посакаат, било да се најдобрите рекреативни дроги, најновите кибренетски делови, или пак сиромашни квартови кои можат преку ноќ да ги срушат, да го протераат тамошното население оти имаат потреба од нов паркинг или трговски центар; на другата страна на оградата се маргиналците, живеат во сламовите и секој ден се борат да сврзат крај со крај како што најдобро знаат, без оглед дали е тоа хакирање на банкарски системи на богаташите, продавање кибернетски делови од сомнително потекло, извршување нарачани убиства... 

Иако секогаш можеме да сретнеме сајберпанк во аниме/манга серии, сепак сајберпанкот не потекнува од јапонската поп култура. Почетоците на овој жанр ги наоѓаме во американската научно фантастична литература, поточно во книгата "Do androids dream of electric sheep" од Филип Дик. Насловот не ви звучи познато? ОК, можеби другото име екранизирано за големото платно ќе ви биде попознато. Blade runner. Still doesn't ring a bell? 









Oва е дел од изгледот на Лос Анџелес во блиската иднина, а се во Blade runner верзијата на Л.А. "мириса" на сајберпанк: Корпорацијата Тајрел која се бави со производството на вештачки луѓе наречени репликанти, високи згради кои можат да примат до 500 лица (ова се најчесто згради за сиромашните), големи улични пазари преплавени со народ, нов јазик кој е мешавина на јазиците на народите кои живеат во градот, додека низ затемнетите улички се шета Декард, детектив со задача да трага одметнати репликанти и да ги убие.



Покрај Blade runner кој излезе во 1982 година, како друго дело заслужно за создавањето и проширувањето на овој нов жанр се издвојува и книгата Neuromancer од Вилијам Гибсон, приказна за Хенри Кејс, хакер од Чиба сити, Јапонија, чии способности ќе бидат во центарот на интересот на неколку големи моќници. Oва е воедно и првата книга која ги вметнува заткулисните игри на приватните компании, индустриската шпионажа и откривањето заговори кои можат да го потресат општеството.

Blade runner и Neuromancer како култни дела меѓу љубителите на филмови и книги во САД и Европа го најдоа своето место и во Јапонија, но како што Јапонците сакаат да ги воздигнат работите кои ги ценат up to 11, така и сајберпанкот не е исклучок. Градските светла, зградите, модата, компјутерската технологија и секако мангата/анимето.

 Шибуја, префектура во Токио


Иако има широка палета на сајберпанк серии сепак ќе се задржам само на повлијателните.



Akira. Најзначајната манга на Кацухиро Отомо. Akira е приказна за Ново Токио, град кој се oпоравува после третата светска војна, но е само бледа сенка на својата стара верзија. Јапонија не е повеќе уставна монархија туку полициска држава. Политичарите се само марионетки на војската која го има главниот збор во државните работи, полициски пунктови се поставени на секој чекор, младината е незадоволна од животот и протестира на улици, протести кои се крваво задушени. Канеда и Тетсуо се членови на банда моторџии кои секоја ноќ се тркаат со ривалски банди во тунелите на градот. Една ноќ Тетсуо ќе се удри во едно дете кое по става е дете, но по лик изгледа како старец. Набрзо потоа на местото се појавуваат војници кои го приведуваат Тетсуо и детето без никакво образложение. Канеда, бесен поради игнорантиот однос на полицијата за овој инцидент се решава сам да го најде Тетсуо. Со помош на подземниот отпор, Канеда не само што ќе го најде Тетсуо, туку и ќе открие работи поврзани со нелегални експерименти под заштита на владата. Во 1988 излегува аниме филмот и бележи голем успех како дома така и на западот, отворајќи ја вратата за комерцијализирањето на аниме/манга серијалите на запад. Warner bros сака да направи live action верзија, и по протекот на одредени информации за содржината на филмот изгледа ќе добиеме уште еден Dragonball Z: Evolution. Сега за сега проектот е во development hell што е добро.

Ghost in the shell.



Секој кој имал следено MTV или VIVA кон крај на 90-ти, почеток на 2000 има налетано на ова спотче, и како и секој кој почнал да гледа аниме се обидувал да открие од каде се овие сцени. Сцените се од филмот Ghost in the shell, базиран на истоимената манга на Мамору Ошии. Приказната е сместена во Токио, во 2033 година, време во кое технологијата ги бриши границите помеѓу човекот и машината и ги прати доживувањата на Мотоко Кусанаги, мајорка на Сектор 9, посебен оддел на министерството за внатрешни работи кое се бави со случаи на хакирање, компјутерски криминал и индустриска шпионажа. Кусанаги ќе добие задача да го најде и фати хакерот под името Куклар. Како што ја води истрагата, така Кусанаги доаѓа до сознанија дека ова не е обичен случај, туку случај кој води до откривање на матните работи на неколку компании (not surprised) и работи кои можат да го редефинираат односот човек - машина. GITS е голема инспирација за The matrix. Исто како Akira и GITS не е имун на желбите на Холивуд за нова екранизација. Последната вест е дека Стивен Спилберг сака да ја режира LAM верзијата.



Ergo Proxy. Aниме серија за Рил Мејер, детективка која живее во Ромдо, град од затворен тип. Затворен е поради потребата да се заштити од надворешниот свет кој е уништен поради прекумерното загадување. Ромдо е утописки град, во него живеат не само луѓе туку и ауторејви (андроиди) во мирна коегзистенција. Утопијата ќе биде нарушена после серија на убиства извршени од ауторејви поради нивното заразување со вирусот Когито. Овој вирус предизвикува андроидите да стекнат самосвест како човечката. Рил ја добива задачата да ја истражи поврзаноста на овие случаи. По назначувањето таа ќе биде нападната од мистериозно суштество за кое подоцна ќе открие дека се нарекува Прокси. Овој настан ќе ја доведе и до Винсент, мистериозен емигрант кој неодамна се преселил во Ромдо откако претходно живеел во Моск, друг град од затворен тип. Рил верува дека Винсент е поврзан со убиствата и појавата на Проксито. 



Blame. Сајберпанк верзија на Алиса во земјата на чудата. Чудно зарем не. Многу необична манга серија во скоро сите погледи - нарација, ликови и светот каде се одвива дејствието. Приказната е за Кили, авантурист кој талка низ пространствата на огромниот вештачки свет наречен Градот, свет кој постојано се проширува. Тој е во потрага по генетскиот маркер на оригиналните луѓе (ние). Тој маркер овозможува пристап до Нетсферата, централната компјутерска мрежа на Градот и воедно дава опција да се запре хаотичното ширење на Градот. Но за да дојде до Нетсферата прво ќе мора да го помине безбедносниот систем создаден од неа наречен The safeguard, виртуелна програма способна да запоседне силиконски тела.












петок, 2 ноември 2012 г.

Rurouni Kenshin

Манга                                                                                                     
Пишува и црта: Нобухиро Вацуки
Издавач: Shueisha
Излегува за списанието Weekly shounen jump
Број на книги: 28 (комплетирано)
Жанр: Историска фикција, акција, авантура, романса, шонен















Порано заедно се боревме за еден идеал. Не за моќ или слава, туку за да создадеме мирен свет каде сите ќе живеат без страв. Ако го заборави идеалот, тогаш зошто се бореше?

Химура Кеншин


 Ако прашам било кој отаку кои шонен стрипови му се познати (самиот отаку не мора да е шонен фан, може да биде дури и кежуалец) меѓу првите 3 сигурно ќе ги стави One piece, Naruto и Bleach. Тоа е нормално бидејќи овие наслови повеќе од 10 години се најискомерцијализираните стрипови од земјата на изгрејсонцето. Но пред нивното појавување во Weekly shonen jump имаше стрип кој не само што беше најфамозен и најпродаван додека излегуваше за WSJ туку и после 13 години од неговиот епилог е една од најпродаваните манги како дома така и во странство со преку 170 репринтирани изданија само во Јапонија + важи за манга со најбројна женска публика поради идеалното вклопување на шоѓо елементите во стрип кој е првенствено наменет за машка публика (големата тројка може да се обидува, ама овој статус и е недостижен). Зборувам за Rurouni Kenshin или во неговиот оригинален наслов "Романтичната приказна за самурајот од периодот Меиѓи".




Приказната започнува на крајот на Bakumatsu (последната јапонска граѓанска војна) и го следи најголемиот самурај во таа војна Химура "Хитокири" Батосаи (Хитокири на јапонски значи асасин) кој после војната мистериозно исчезнува. Крајот на војната е воедно и крајот на Едо периодот (добата на владеењето на самураите) и почетокот на Меиѓи периодот (излегувањето на Јапонија од изолација долга 250 години и нејзино забрзано модернизирање). Годините минуваат, а Химура е само легенда, се додека не се расчуе дека повторно е виден во Токио како убива недолжни граѓани. Загрижена за својата безбедност и неспособноста на полицијата да го спречи убиецот, младата Каору Камија (учителка и сопственик на школа за мечување) се решава да ги земе работите во свои раци и самата да се справи со опасниот Хитокири. Сепак таа не му е дорасната на неговите вештини + типот е горостас и пред убиецот да и ја запечати судбината во последен момент е спасена од еден слабичок самурај облечен во парталава пурпурна хакама, со долга црвена коса замотана во репче, 2 лузни кои формираат крст на неговиот лев образ и досадна навика да прави "хм" израз на зачуденост секогаш кога ќе се најде во незгодна ситуација. Скитникот се претставува себеси како Химура, фамозниот Хитокири од војната, и се пресметува со измамникот за да го исчисти своето име од делата за кои го товарат, а кои не ги извршил. Единствениот начин да се утврди кој е вистинскиот Химура е да се види кој од нив ја владее Hitten mitsurugi ryu вештината (стил на мечување кој датира од времето на Сенгоку периодот) , вештина каде еден поединец може да совлада повеќе. Ако сте длабоко навлезени во шонен жанрот веќе знаете- послабиот, понаивниот и понесмасниот е badass in disguise. Вистинскиот Химура го победува лажниот и не само тоа, тој открива дека лажниот Химура е дел од група рекетари кои сакаат да и го одземат школото на Каору. После ова Каору му се заблагодарува на Химура Батосаи, сега познат како Rurouni Kenshin (ронин- самурај без господар/скитник; Кеншин- ново презиме под кое Химура се решава да се презива) и му нуди да живее со неа и заедно да ја водат школата. Ова е почетокот на приказната за Кеншин, самурај порано познат како безмилосен убиец, сега самурај со јасна цел да ги штити обичните луѓе од неправди.




Rurouni Kenshin е самурајска манга, и самурајски манги во Јапонија можеш со лопата да ги ринеш, но оваа е посебна. За самураите, ако не користиме историски читанки можеме да дознаеме преку мангата, но само за периодите кога тие го имале главниот збор (Сенгоку и Едо) и ретко се запрашуваме што се случило со нив. За тоа мораме да се вратиме во средината на 19-тиот век,период кога во Јапонија сеуште е на власт Токугава шогунатот (иако таа власт се повеќе и повеќе слабее) и се наоѓа на крстопат, дали државата да го задржи своето уредување (власта да е во рацете на феудални владетели поддржани од самураите, земја со 4 кастински систем) или да излезе од својата изолација стара 2,5 века и да се отвори кон светот. Беше избрана втората опција. Е сега, пред да излезат хард кор љубителите на самураи како Јапонија со втората одлука изгубила прмногу од својот идентитет, гордост, чесност, достоинство (овие одлики претежно важеле за самураите) и на тој начин се проституирала, да ви кажам нешто. Точно е дека Јапонија со транзицијата изгуби доста ако гледаме од перспектива на самураите, но Јапонија не е само земја на самураи. Веќе спомнав дека Јапонија во Едо периодот била земја со 4 кастински систем, односно имало 4 класи- земјоделци, трговци, уметници и самураи како елитна државна класа. И како што елитната класа знае како да ја злоупотреби својата положба така и самураите не се исклучок од правилото, додека другите класи сакале нејќеле морале да ги трпат нивните неправди. Едо периодот важел за време кога сите форми на домашна уметност цветале, но се останато било во застој. Економијата останала феудална каде земјоделецот зависел од својот господар самурај; државата се изолирала од светот не можејќи да развива трговски односи со други држави по наредба на Токугава шогунатот поради страв од странско влијание врз народот, влијание кое би го натерало да се спротивстави на својот властодржец; христијанството и други религии освен шинто и будизам биле забранети, а нивните следбеници прогонувани; немало правен систем кој би ги казнувал самураите ако посегнале по нечиј живот само затоа што им ја "навредиле" честа итн. После 250 години статус кво народот донесува одлука за промена на систем кој веќе нема место во нивната земја, одлука поради која во 1868 г. ќе почне последната граѓанска војна помеѓу шинсенгумите (поборници на изолационизмнот) и патриотите (приврзаници на императорот, поборници на модернизацијата). Војната завршува во 1869 г. со победа на патриотите кои за Јапонија се тоа што за модерна Турција е Кемал Ататурк.




Кеншин е одлично олицетворение на оваа транзиција. Од мали нозе е трениран да биде самурај под будното око на Хико Сеиѓуро (негова задача била да ја пренесе Hitten mitsurugi вештината на својот налседник) и како таков да гo воведе во светот на самураите. Сепак младиот Химура станува свесен за несовршеноста на самураите и нивните зулуми, па исто како и народот и тој мора да одбере страна во војната (дали ќе се држи настрана од конфликтот по наредба на учителот или ќе и помогне на некоја од страните во војната). Цврсто уверен дека неговото знаење во Hitten mitsurugi стилот е клучен за стекнување мир (овој стил се нарекувал уште и "Црниот брод на земјата" и се верувало дека чија војска ќе има припадници со таа вештина тогаш таа војска ќе победи) се решава да им се придружи на патриотите. Следејќи ги нивните наредби учевствува во многу битки и атентати добивајќи го прекарот Хитокири, да биде страв и трепет за противниците. Самураите се победени, иронично од самурај, мирот е постигнат, но по која цел? Химура е прогонуван од ужасите на војната и лицата на тие кои ги убил, а се сомневал дека не заслужуваат смрт. Ова откровение ќе го натера да талка низ земјата, да решава проблеми без убивање и да го штити животот на луѓето по секоја цена и да не ги одзема на неговите душмани; принцип за кој се надева дека ќе го искупи од гревовите на минатото; принцип кој го чува со својот sakabatou меч, меч со затапено сечило, меч кој го штити животот.




Сепак да се живее со таква филозофија не е лесно. Името на Кеншин и неговите дела ги привлекува негативците како ајкула која се дразни со крв и често го предизвикуваат на дуели. Некои од нив се непријатели од минатото, шинсенгумите; некои од нив се лица за кои Кеншин правпат слуша; некои се борат со него за да видат дали се подобри од најдобриот; некои заради одмазда, но имаат иста цел- не само да го убијат Кеншин, туку и да видат дали можат да го вратат назад како ладнокрвниот Хитокири. Шонен како шонен навикнати сме јунакот на крај на секоја битка да биде победник, но поентата не е во победата, шонен јунакот ќе ја добие било со лесно или тешко, поентата е до каде може нашиот шонен јунак да одолее на предизвиците на душманите. Дали ќе остане човекот кој го штити животот или ќе го разбуди демонот во себе?




Многу трнлив пат за нашиот самурај, но иако трнлив тоа е пат на кој чекори со неговите пријатели. Неговите пријатели се необични, не зборувам за аниме/манга необичност на лик туку тоа дека во секој од нив можеме да приметиме дека имаат судбоносна поврзаност со Кеншин. На пример Каору води школа за мечување која го има истото мото на Кеншин, да го користи мечот за добро. Во една прилика ќе се бори со Сагара Саносуке, уличен тепач за кој дознаваме дека се борел на истата страна со Кеншин само за да биде предаден од оние кои ги поддржувал. Во друга прилика Кеншин ќе го спаси Јахико, дете сираче на самурај кое останало без семејната титула поради распушањето на самураите. И покрај трагедијата Јахико во Кеншин гледа херој и го следи неговиот идеал во иднина, и покрај омразата кон патриотите Сано е секогаш рамо до рамо со Кеншин кога му треба помош во борбите, и покрај слабиот одзив на ученици и затворањето школи за мечување Каору го удомува и се приврзува за Кеншин бидејќи веруваат. Веруваат во мечот кој го штити животот.



сабота, 6 октомври 2012 г.

Почитувајте ги претците

Уште еден значаен културен летен настан за Јапонија е O-bon или само Bon будистичкиот фестивал, еден од трите големи фестивали на лантерните во Јапонија. Тогаш се оддава почит на душите на починатите - еднаш во годината душите се враќаат во своите родни места и заедно со сите членови на својата фамилија се радуваат на животот, минат и сегашен. Трите летни денови не се национален празник, но вообичаено тогаш се земаат слободни денови како летен одмор и целата фамилија се собира во родните куќи, се чистат и средуваат гробовите на претците и се молат за душите на претците кои повторно ги посетуваат семејните олтари.

Името Bon потекнува од санскрит зборот Ullambana (или urabon'e) што означува големо патење. Потекнува од приказната за Мокурен, ученикот на Буда, чија мајка, кога починала, паднала во Царството на Гладните Души, а тој ја избавил од таму принесувaјќи подароци на многуте будистички свештеници кои молеле за нејзината душа. Денес се слави како потсетување на благодарноста која треба да ја чувствуваме кон нашите претци.

Овoj фестивал со 500 годишна традиција, вообичаено започнувал на 15тиот ден од седмиот лунарен месец и така се’ уште се слави само на Окинава, додека во другите региони започнува околу 15 јули или 15 август.

Пред да започне Бон фестивалот потребни се припреми, како чистење и средување на гробовите и фамилијарните олтари. На првиот ден на Бон фестивалот се пречекуваат за прв пат душите на оние кои починале во последната година - mukae-bon. Се носат цвеќиња и понади до гробовите и се палат лантерните кои ги земаат душите и ги носат до фамилијарните олтари, а некаде пред влезовите на куќите се палат и огнови. Наредните денови се изрекуваат сутри и цело семејство се моли, и се оди на гости кај роднините и кај оние кон кои се чувствува голема благодарност, а притоа за мртвите се зборува се’ најдобро и пофално. Последниот ден лантерните и огновите повторно се палат за да ги вратат душите во гробовите, односно okuri-bon.

Еден особено значаен елемент е Bon Odori или танцувањето за време на Бон фестивалот, зашто се верува дека душите играат заедно со саканите, во хармоничен и мирен танц. Оригиналниот религиско значење со тек на времето исчезнало, а денес најчесто се поврзува со летото. Секој може да се вклучи во играњето, машко, женско, младо и старо. Секој регион си има посебен танц, со посебно значење и приказна и различна музика, но секогаш во традионални елементи, со традиционални облеки и со таико тапани.

Уште една значајна традиција на Бон фестивалот е Tourou Nagashi - луѓето палат свеќички во хартиени лантерни и ги испраќаат душите пуштајќи ги лантерните долж течението на реките. Со  фестивалот на лантерните се означува и крајот на сезоната на ханаби (огнометите) со кои се заплашуваат душите кои можеби залутале во близина на реките.

Бон фестивалот, како будистички фестивал се слави и во Кина, Хаваи, Малезија, како и во Аргентина, САД и Канада.