петок, 2 ноември 2012 г.

Rurouni Kenshin

Манга                                                                                                     
Пишува и црта: Нобухиро Вацуки
Издавач: Shueisha
Излегува за списанието Weekly shounen jump
Број на книги: 28 (комплетирано)
Жанр: Историска фикција, акција, авантура, романса, шонен















Порано заедно се боревме за еден идеал. Не за моќ или слава, туку за да создадеме мирен свет каде сите ќе живеат без страв. Ако го заборави идеалот, тогаш зошто се бореше?

Химура Кеншин


 Ако прашам било кој отаку кои шонен стрипови му се познати (самиот отаку не мора да е шонен фан, може да биде дури и кежуалец) меѓу првите 3 сигурно ќе ги стави One piece, Naruto и Bleach. Тоа е нормално бидејќи овие наслови повеќе од 10 години се најискомерцијализираните стрипови од земјата на изгрејсонцето. Но пред нивното појавување во Weekly shonen jump имаше стрип кој не само што беше најфамозен и најпродаван додека излегуваше за WSJ туку и после 13 години од неговиот епилог е една од најпродаваните манги како дома така и во странство со преку 170 репринтирани изданија само во Јапонија + важи за манга со најбројна женска публика поради идеалното вклопување на шоѓо елементите во стрип кој е првенствено наменет за машка публика (големата тројка може да се обидува, ама овој статус и е недостижен). Зборувам за Rurouni Kenshin или во неговиот оригинален наслов "Романтичната приказна за самурајот од периодот Меиѓи".




Приказната започнува на крајот на Bakumatsu (последната јапонска граѓанска војна) и го следи најголемиот самурај во таа војна Химура "Хитокири" Батосаи (Хитокири на јапонски значи асасин) кој после војната мистериозно исчезнува. Крајот на војната е воедно и крајот на Едо периодот (добата на владеењето на самураите) и почетокот на Меиѓи периодот (излегувањето на Јапонија од изолација долга 250 години и нејзино забрзано модернизирање). Годините минуваат, а Химура е само легенда, се додека не се расчуе дека повторно е виден во Токио како убива недолжни граѓани. Загрижена за својата безбедност и неспособноста на полицијата да го спречи убиецот, младата Каору Камија (учителка и сопственик на школа за мечување) се решава да ги земе работите во свои раци и самата да се справи со опасниот Хитокири. Сепак таа не му е дорасната на неговите вештини + типот е горостас и пред убиецот да и ја запечати судбината во последен момент е спасена од еден слабичок самурај облечен во парталава пурпурна хакама, со долга црвена коса замотана во репче, 2 лузни кои формираат крст на неговиот лев образ и досадна навика да прави "хм" израз на зачуденост секогаш кога ќе се најде во незгодна ситуација. Скитникот се претставува себеси како Химура, фамозниот Хитокири од војната, и се пресметува со измамникот за да го исчисти своето име од делата за кои го товарат, а кои не ги извршил. Единствениот начин да се утврди кој е вистинскиот Химура е да се види кој од нив ја владее Hitten mitsurugi ryu вештината (стил на мечување кој датира од времето на Сенгоку периодот) , вештина каде еден поединец може да совлада повеќе. Ако сте длабоко навлезени во шонен жанрот веќе знаете- послабиот, понаивниот и понесмасниот е badass in disguise. Вистинскиот Химура го победува лажниот и не само тоа, тој открива дека лажниот Химура е дел од група рекетари кои сакаат да и го одземат школото на Каору. После ова Каору му се заблагодарува на Химура Батосаи, сега познат како Rurouni Kenshin (ронин- самурај без господар/скитник; Кеншин- ново презиме под кое Химура се решава да се презива) и му нуди да живее со неа и заедно да ја водат школата. Ова е почетокот на приказната за Кеншин, самурај порано познат како безмилосен убиец, сега самурај со јасна цел да ги штити обичните луѓе од неправди.




Rurouni Kenshin е самурајска манга, и самурајски манги во Јапонија можеш со лопата да ги ринеш, но оваа е посебна. За самураите, ако не користиме историски читанки можеме да дознаеме преку мангата, но само за периодите кога тие го имале главниот збор (Сенгоку и Едо) и ретко се запрашуваме што се случило со нив. За тоа мораме да се вратиме во средината на 19-тиот век,период кога во Јапонија сеуште е на власт Токугава шогунатот (иако таа власт се повеќе и повеќе слабее) и се наоѓа на крстопат, дали државата да го задржи своето уредување (власта да е во рацете на феудални владетели поддржани од самураите, земја со 4 кастински систем) или да излезе од својата изолација стара 2,5 века и да се отвори кон светот. Беше избрана втората опција. Е сега, пред да излезат хард кор љубителите на самураи како Јапонија со втората одлука изгубила прмногу од својот идентитет, гордост, чесност, достоинство (овие одлики претежно важеле за самураите) и на тој начин се проституирала, да ви кажам нешто. Точно е дека Јапонија со транзицијата изгуби доста ако гледаме од перспектива на самураите, но Јапонија не е само земја на самураи. Веќе спомнав дека Јапонија во Едо периодот била земја со 4 кастински систем, односно имало 4 класи- земјоделци, трговци, уметници и самураи како елитна државна класа. И како што елитната класа знае како да ја злоупотреби својата положба така и самураите не се исклучок од правилото, додека другите класи сакале нејќеле морале да ги трпат нивните неправди. Едо периодот важел за време кога сите форми на домашна уметност цветале, но се останато било во застој. Економијата останала феудална каде земјоделецот зависел од својот господар самурај; државата се изолирала од светот не можејќи да развива трговски односи со други држави по наредба на Токугава шогунатот поради страв од странско влијание врз народот, влијание кое би го натерало да се спротивстави на својот властодржец; христијанството и други религии освен шинто и будизам биле забранети, а нивните следбеници прогонувани; немало правен систем кој би ги казнувал самураите ако посегнале по нечиј живот само затоа што им ја "навредиле" честа итн. После 250 години статус кво народот донесува одлука за промена на систем кој веќе нема место во нивната земја, одлука поради која во 1868 г. ќе почне последната граѓанска војна помеѓу шинсенгумите (поборници на изолационизмнот) и патриотите (приврзаници на императорот, поборници на модернизацијата). Војната завршува во 1869 г. со победа на патриотите кои за Јапонија се тоа што за модерна Турција е Кемал Ататурк.




Кеншин е одлично олицетворение на оваа транзиција. Од мали нозе е трениран да биде самурај под будното око на Хико Сеиѓуро (негова задача била да ја пренесе Hitten mitsurugi вештината на својот налседник) и како таков да гo воведе во светот на самураите. Сепак младиот Химура станува свесен за несовршеноста на самураите и нивните зулуми, па исто како и народот и тој мора да одбере страна во војната (дали ќе се држи настрана од конфликтот по наредба на учителот или ќе и помогне на некоја од страните во војната). Цврсто уверен дека неговото знаење во Hitten mitsurugi стилот е клучен за стекнување мир (овој стил се нарекувал уште и "Црниот брод на земјата" и се верувало дека чија војска ќе има припадници со таа вештина тогаш таа војска ќе победи) се решава да им се придружи на патриотите. Следејќи ги нивните наредби учевствува во многу битки и атентати добивајќи го прекарот Хитокири, да биде страв и трепет за противниците. Самураите се победени, иронично од самурај, мирот е постигнат, но по која цел? Химура е прогонуван од ужасите на војната и лицата на тие кои ги убил, а се сомневал дека не заслужуваат смрт. Ова откровение ќе го натера да талка низ земјата, да решава проблеми без убивање и да го штити животот на луѓето по секоја цена и да не ги одзема на неговите душмани; принцип за кој се надева дека ќе го искупи од гревовите на минатото; принцип кој го чува со својот sakabatou меч, меч со затапено сечило, меч кој го штити животот.




Сепак да се живее со таква филозофија не е лесно. Името на Кеншин и неговите дела ги привлекува негативците како ајкула која се дразни со крв и често го предизвикуваат на дуели. Некои од нив се непријатели од минатото, шинсенгумите; некои од нив се лица за кои Кеншин правпат слуша; некои се борат со него за да видат дали се подобри од најдобриот; некои заради одмазда, но имаат иста цел- не само да го убијат Кеншин, туку и да видат дали можат да го вратат назад како ладнокрвниот Хитокири. Шонен како шонен навикнати сме јунакот на крај на секоја битка да биде победник, но поентата не е во победата, шонен јунакот ќе ја добие било со лесно или тешко, поентата е до каде може нашиот шонен јунак да одолее на предизвиците на душманите. Дали ќе остане човекот кој го штити животот или ќе го разбуди демонот во себе?




Многу трнлив пат за нашиот самурај, но иако трнлив тоа е пат на кој чекори со неговите пријатели. Неговите пријатели се необични, не зборувам за аниме/манга необичност на лик туку тоа дека во секој од нив можеме да приметиме дека имаат судбоносна поврзаност со Кеншин. На пример Каору води школа за мечување која го има истото мото на Кеншин, да го користи мечот за добро. Во една прилика ќе се бори со Сагара Саносуке, уличен тепач за кој дознаваме дека се борел на истата страна со Кеншин само за да биде предаден од оние кои ги поддржувал. Во друга прилика Кеншин ќе го спаси Јахико, дете сираче на самурај кое останало без семејната титула поради распушањето на самураите. И покрај трагедијата Јахико во Кеншин гледа херој и го следи неговиот идеал во иднина, и покрај омразата кон патриотите Сано е секогаш рамо до рамо со Кеншин кога му треба помош во борбите, и покрај слабиот одзив на ученици и затворањето школи за мечување Каору го удомува и се приврзува за Кеншин бидејќи веруваат. Веруваат во мечот кој го штити животот.



2 коментари:

Al3k рече...

Секоја чест за познавањето... со мерак да ги чита човек постовите и секако има многу што да научи :). Продолжи со добрата работа.
Поздрав.

Max Legend рече...

Fala