Ќе почнам секако со потеклото на зборот. Јапонците го преземале од кинезите не менувајќи ја графемата воопшто, а го смениле само изговорот кој кај кинезите звучи и е познат како ТАО (или ДАО). Графемата ТАО - 道 е составена од две други: 首 = „глава“ и 辶 = „оди“. Па без некакви дво- или повеќезначности, ТАО едноставно значи „ПАТ“ или ако сакате „ГЛАВЕН ПАТ“. На македонски, со додавање на член би добиле многу соодветен превод – „ПАТОТ“, издвојувајќи го така од некои, било кои, патишта.
Во философската мисла во Кина, овој поим постои од многу одамна, но неговото најпознато прво разгледување е направено во книгата „Тао Те Чинг“ (Книгата за Тао и Те) од Лао Це. Лао Це-овото сфаќање за ТАО е скоро идентично на она што неговите хеленски современици го имале за кај нив наречениот ЛОГОС. И ТАО и ЛОГОС имаат исто значење, а тоа е, слободно кажано: начинот по кој што е устроено постоењето. Она што ја одржува вселената, она што се наоѓа во секоја твар како закон, законот над сите закони.
Христијанската мисла ни открива дека овој ЛОГОС е всушност Исус Христос, Спасителот, Синот Божји, Зборот Божји. Преку ова учење и во нашиот јазик имаме зборче за ЛОГОСОТ т.е. за ТАО. Тоа е СЛОВО.
Со ваквото свое значење и во овој дел на светот СЛОВО го додаваме на крајот од некои зборови како на пример: природословие, богословие, или уште повеќе ги има во грчкиот јазик соодветно: биологија, кардиологија, екологија, археологија, астрологија и уште многу други...
Па можеме да направиме аналогија со употребата и во јапонскиот јазик. Кога треба да се именува некој процес кој се бави со откривање на суштината, сржта на нештата му се додава зборчето ДО, многу слично, ако не и исто како кај наставките –логија или –словие, кои кај нас најчесто се преведуваат како „наука за...“. Е сега, во помодерно време имаме прифатено да мислиме дека поимите наука и уметност се различни, па дури и спротивни работи, но во минатото мислам дека овие поими не биле толку далеку со своите значења. Би рекол, како „варијации на тема“ се. И, ако се замислиме подобро околу нив можеби и сега ќе можеме така блиски да ги доживееме.
Кога јапонците ќе речат „Садо“ или „Чадо“ (Уметноста на чајот), „Кадо“ (Вештина на аранжирање цвеќиња), или „Будо“ (Наука за војување) мислат на еден поим изразен со „ДО“ а не на три различни како што се гледа од преводите... Значи тие три – уметност, наука и вештина се една иста работа...
„Аикидо“, еве, оставам да си го преведете сами, имајќи го во предвид објаснувањето за АИКИ од претходниот текст.
Нема коментари:
Објави коментар