


Ќе почнам секако со потеклото на зборот. Јапонците го преземале од кинезите не менувајќи ја графемата воопшто, а го смениле само изговорот кој кај кинезите звучи и е познат како ТАО (или ДАО). Графемата ТАО - 道 е составена од две други: 首 = „глава“ и 辶 = „оди“. Па без некакви дво- или повеќезначности, ТАО едноставно значи „ПАТ“ или ако сакате „ГЛАВЕН ПАТ“. На македонски, со додавање на член би добиле многу соодветен превод – „ПАТОТ“, издвојувајќи го така од некои, било кои, патишта.
Во философската мисла во Кина, овој поим постои од многу одамна, но неговото најпознато прво разгледување е направено во книгата „Тао Те Чинг“ (Книгата за Тао и Те) од Лао Це. Лао Це-овото сфаќање за ТАО е скоро идентично на она што неговите хеленски современици го имале за кај нив наречениот ЛОГОС. И ТАО и ЛОГОС имаат исто значење, а тоа е, слободно кажано: начинот по кој што е устроено постоењето. Она што ја одржува вселената, она што се наоѓа во секоја твар како закон, законот над сите закони.
Христијанската мисла ни открива дека овој ЛОГОС е всушност Исус Христос, Спасителот, Синот Божји, Зборот Божји. Преку ова учење и во нашиот јазик имаме зборче за ЛОГОСОТ т.е. за ТАО. Тоа е СЛОВО.
Со ваквото свое значење и во овој дел на светот СЛОВО го додаваме на крајот од некои зборови како на пример: природословие, богословие, или уште повеќе ги има во грчкиот јазик соодветно: биологија, кардиологија, екологија, археологија, астрологија и уште многу други...
Па можеме да направиме аналогија со употребата и во јапонскиот јазик. Кога треба да се именува некој процес кој се бави со откривање на суштината, сржта на нештата му се додава зборчето ДО, многу слично, ако не и исто како кај наставките –логија или –словие, кои кај нас најчесто се преведуваат како „наука за...“. Е сега, во помодерно време имаме прифатено да мислиме дека поимите наука и уметност се различни, па дури и спротивни работи, но во минатото мислам дека овие поими не биле толку далеку со своите значења. Би рекол, како „варијации на тема“ се. И, ако се замислиме подобро околу нив можеби и сега ќе можеме така блиски да ги доживееме.
Кога јапонците ќе речат „Садо“ или „Чадо“ (Уметноста на чајот), „Кадо“ (Вештина на аранжирање цвеќиња), или „Будо“ (Наука за војување) мислат на еден поим изразен со „ДО“ а не на три различни како што се гледа од преводите... Значи тие три – уметност, наука и вештина се една иста работа...
„Аикидо“, еве, оставам да си го преведете сами, имајќи го во предвид објаснувањето за АИКИ од претходниот текст.
Кога се работи за странски зборови, овој метод, разбирливо, се усложнува, но скоро без исклучок донесува одлични резултати.
Во секоја енциклопедија можете да прочитате како вообичаено се преведува овој јапонски поим сочинет од три слога:
Смислата на овој поим ја даваат првите два слога заедно, а третиот слог, ДО, е тука за да го дооформи поимот и да направи целина чие значење ќе го изложам тука.
Најпрво, малку историја. Од каде доаѓа АИКИ? Претците на оние што сега прават
Сите знаеме дека за да се влезе во борба со цел да се уништи противникот, не е доволна само сирова сила, но средновековните јапонци изгледа дека отишле најдалеку во осознавањето на деталите на борбата за своето време. Зачувани се белешки од школата во Такеда кланот во кои се зборува за секцирање на лешеви заради запознавање на човечкото тело и неговите слабости. Значи, со цел да бидат што е можно поефикасни, тие ги ширеле своите знаења во областа на медицината, а и не само таму. И да не должам, јасно ви е дека кон оваа работа пристпувале со најголема сериозност.
Запознавајќи ги можностите и слабостите на човекот, се развиле исклучителни вештини на борење и војување. Но, како и секаде, и во Јапонија не се сите генијални, па големите откритија и пронајдоци се случуваат ретко. Еден таков ОГРОМЕН пронајдок во областа на борењето е принципот АИКИ. Иако Јапонците сигурно би сакале, пронаоѓањето на овој принцип не може да му се припише никому конкретно, а всушност неможе ни воопштено на јапонците, оти тие многу научиле од кинезите, кои се далеку постара култура (истиот принцип на борба се користи во кинеската вештина ТАИ ЧИ ЧУАН). Како и да е, во кланот Такеда, запишано е дека принцот Теиџун, ја создал вештината на борење која ја нарекол АИКИ ЏУЏУЦУ, а потоа, по дворецот Даито се формирало името ДАИТО РЈУ АИКИ ЏУЏУЦУ.
Со што се одликува овој принцип, кој велам дека е огромен пронајдок во боречките вештини? Сите сме слушнале за она: „да се искористи силата на противникот“, но малкумина помислиле што навистина значи тоа, а уште помалку разбрале, искусувајќи го непосредно!
Да видиме прво што е Аики Џуџуцу. Ако името на јапонскиот дворец Даито го замениме со име на некој наш македонски град, еве на пример Берово, целиот (слободен) превод на Daito Ryu Aiki Jujutsu, би бил: „Беровска школа за сило-ускладувачка вештина на борење со голи раце“. Знам дека, како и на мене, сигурно ви звучи смешно, но замислете си дека кога јапонец го кажува тоа име токму вака го разбира. За него, ниту еден збор од ова долго име не е егзотичен странски збор, ниту некаков општоприфатен интернационализам, туку највообичаено генеричко име кое непосредно го објаснува тоа за што и се однесува.
Преведувањето на јапонските „канџи“ слогови (графемите) не е баш едноставна работа. Поимот Џуџуцу (柔術) е добар пример за тоа. Ако буквално го преведеме, би добиле: ЏУ(柔) = нежно и ЏУЦУ(術) = вештина, уметност – и ќе испадне „Нежна вештина“. Но дали е тоа соодветен превод? Не баш. Потребно е малку пошироко познавање, како за јазикот, така и за јапонската култура општо, за да се „фати“ значењето на некој слог во одредена комбинација. Во случајов „нежно“ означува дека вештината е БЕЗ УПОТРЕБА НА ОРУЖЈЕ, а не дека е „нежна“ според нашето разбирање на тој збор! Понатаму, во овој контекст „вештина“ се однесува на боречка вештина и добиваме дека ЏУЏУЦУ всушност е ВЕШТИНА НА БОРЕЊЕ СО ГОЛИ РАЦЕ. (за тоа дека џуџуцу не се вика џиуџица и слично, можете да прочитате детална анализа тука)
Да се вратиме на АИКИ.
Овој принцип, основачот на аикидото Морихеи Уешиба го научил од својот учител, Сокаку Такеда токму низ учењето на Daito ryu Aiki Jujutsu. Погоре во примерот токму за ова име, сигурно веќе приметивте дека АИКИ го преведов како „сило-ускладување“ или „ускладување на силата“. Да потсетам:
АИ = хармонизација, складно здружување, а
КИ = енергија.
За ваквиот слободен превод, некој може да ми забележи дека премногу е избанализиран, посебно кога се работи за зборчето КИ(氣).
КИ е навистина и најтежок поим за преведување, затоа што значењето кое го има не е баш егзактно, всушност низ времето имало и повеќе различни значења кои му биле придодавани. Нема да се обидувам да направам детална анализа на поимот КИ бидејќи би била многу долга. Само ќе наведам неколку нешта кои можат да ве воведат во комплексноста на овој поим. Најпрво, тој води потекло од Кина (познат како ЧИ), и означува „универзална живото-движечка сила или енергија“. Јапонците го преземале и монограмот (графемата) и изговорот со мали незначителни измени, но значењето останало потполно исто. Треба да се знае дека и самите кинези, а и јапонците после нив, имале дури и различни философи со противречни ставови околу значењето на КИ, но да речеме дека она што го наведов е најраспространето. Ако ги оставиме философите за момент и сакаме да погледнеме што вели народниот гениј за ова прашање ќе се повикаме повторно на етимологијата. Етимолошки (во кинескиот јазик), зборчето КИ(氣) е составено од други две зборчиња – „пареа“(气) и „ориз“(米), и всушност ја означува пареата која се издига од топлиот зготвен ориз. Мислам дека „вистинското“ значење треба да се бара токму некаде меѓу пареата од топлиот ориз и универзалната живото-движечка сила или енергија.
Е сега, се сеќавате ли на она: „да се искористи силата на противникот“? Колку и да ја шириме расправата за КИ, сепак, веднаш би нè приземјила само една ситуација на борба во која би се нашле спротиставени со противник кој одлучил да не попушта. Со таков „потсетник“ во своето секојдневие, средновековните јапонци-воини го употребувале помот КИ во тесно одредено поле – полето на борбите. Во борба, напаѓачот напаѓа со сила која се чувствува со едно од петте прости сетила – сетилото за допир, и најчесто резултира со болка. Затоа преводот на АИКИ го срочив како „сило-ускладување“. Секако дека ваквиот превод не ги опфаќа сите аспекти на АИКИ, затоа што и поимот АИ е повеќезначен. Тој, како што наведов, значи „хармонија“ и содржи значења како: складност, вклопување, изедначување, соединување... Сето ова го подразбирам.
АИКИ трпело различни толкувања и мистифицирања од различни причини. Дури и при создавањето на аикидото, влијанието од Шинто сектата Оомото кјо, на која Морихеи Уешиба бил активен член и близок човек на нејзиниот водач Онисабуро Дегучи, одиграло голема улога и врз толкувањата на АИКИ кои самиот Морихеи ги изложувал во разни прилики. Но, ако за Морихеи и би можел некој да каже дека „бил забеган“ во однос на толкувањата на „АИКИ“, за неговиот учител, Сокаку Такеда, сигурно не може ни да се помисли тоа. Тој имал непосредно искуство во борби и војувања, и кај него никако не можело да се создаде било какво мистифицирање на нештата, а тоа да биде на штета на здраворазумието, затоа што тоа би можело да го чини повреда и дури и живот! Не велам дека тој немал свои верувања и начини да си објасни нешто што не го знаел, ама директното искуство му дозволувало да ги има осознаено овие нешта непосредно - на сетилно ниво.
Најпосле, да се обидам малку поопипливо да опишам што всушност значи „да се искористи силата на противникот“. Ќе замам за пример еден напад кој ќе се состои од некакво замавнување на раката со цел да удри. Таа рака има одредена сила бидејќи има маса и забрзување, а силата има две карактеристики: интензитет и насоченост. По физика сите сме учеле како може да се влијае на одредена сила. Според интензитетот може да се засилува и да се ослабува. Да се засилува може бескрајно (секако само во непостоечките идеални услови), а да се ослаби може до поништување. Влијанието се врши со надворешна сила која во однос на оваа може да доаѓа од различни правци, а тоа е и вториот начин на кој може да се влијае на силата т.е. на нејзината насоченост. Оттука, на раката која има цел да удри може да се одговори на неколку начини:
Е, ова последново е идеалот АИКИ!
Да се следат со микрометарска прецизност сите движења на напаѓачот, така што нема да се влијае на него директно (аплицирајќи сила) туку индиректно – позиционирањето да го „провоцира“ секое негово следно движење, ТОА е АИКИ! Да се вклопите во движењата на напаѓачот како да сте станале негова сенка, движејќи се заедно со него – ТОА е АИКИ! Да бидете во хармонија со движењата на напаѓачот, не обидувајќи се да бутнете или повлечете во ниту еден момент – ТОА е АИКИ! Кога скијачот флексибилно се прилагодува на нерманините на теренот – и тоа е блиско на АИКИ! Кога кошаркарите се трудат без да направат лична грешка да дадат кош, ускладувајќи ги движењата со сите услови на теренот – и тоа е блиско на АИКИ.
Менталниот став, емоционалната насоченост и подготвеност, нивото на суета, смиреноста, итн. се чинители кои во борба се многу важни, а би можеле да ги вклучиме кога зборуваме за АИКИ затоа што АИКИ може да го има во секое од нив. Затоа што:
АИКИ Е ПРИНЦИП НА ДЕЛУВАЊЕ!
А АИКИДО Е ПРИМЕНА или НАУКА ЗА ТОЈ ПРИНЦИП !
Во борба, а и надвор од борба во било која ситуација.
Кога би зборувале за аикидо како боречка вештина која се тренира, освен тоа што треба да знаеме најпрво што е АИКИ, треба да бидеме свесни и дека практикувањето на овој принцип е идеал кон кој се стремиме и всушност тој стремеж, тој напор, тој пат го нарекуваме АИКИДО.
(Текстот е превземен од мојот блог со моја дозвола)
Доколку имате некои прашања, предлози или сакате да ни се придружите во креирањето на овој колаборативен блог пишете ни на japonija@goo…