петок, 16 јануари 2009 г.

Bento

Додека истражував на темава добив впечаток, дека покрај познатиот факт дека Јапонците фанатично се посветуваат на работите и нештата што ги прават, тие можат да победат во било кој натпревар за вешта жена кај нас на пример. Посебно кога ги видов уметничките дела што претставуваат еден "обичен" запакуван ручек.

Бенто (弁当 или べんとう) е вообичаено домашно припремен запакуван оброк или единечна порција "за носење" од ресторан, типичен за јапонската исхрана. Содржи ориз, риба или месо и додаток од еден или повеќе видови закиселен или поинаку приготвен зеленчук. Притоа битен е изборот на храната во зависност од пригодата и временското доба, како и боите на храната, а со тоа е нејзината бенифиции за здравјето и расположението на консументот. Како контејнер може да, се користи секојдневна, обична амбалажа од пластика, потоа специјален, тематски lunch-box, па сe до уникатен, лакиран, дрвен контејнер. Колку е поубава кутијата, толку се подобрува и впечатокот за храната.

Еве и малку историја. За прв пат почнува да се прави во 12 век, потоа се популаризира во Едо периодот, кога се користи како оброк за патниците - koshibentō и или makuno-uchi bentō - оброк помеѓу чиновите на кабуки и но, додека во Меиџи периодот започнува да се продава ekibentō - оброк на железничките станици. Во периодите околу Светските војна, бенто е избегнувано, па дури и забранувано во училиштата, заради недостатокот од намирници и поради самиот одраз на богатството на фамилијата на ученикот во кутијата и храната во бенто-то. Бенто повторно добива на популарност во 80-тите години на 20. век, со популаризацијата на евтините пластични кутии за ручек, појавата на продавници за додатоци и декорации. И денес најчесто го практикуваат работниците, патниците и учениците.


Интересни се исто и контејнерите за бенто, денес ги има најчесто пластични - класични, практични или тематски - за секого понешто. Ретко се среќаваат домашно припремени бенто, и тогаш правилото би било да се заштитат и носат во furoshiki која ќе служи и како торба и како чаршаф за на маса (среќа ваша што Би објасни пост порано за furoshiki, па можам да се опуштам и да привршам со излагањето)

Еве неколку интересни сајтови за бенто, за оние кои ќе се одлучат да пробаат сами да прават вакви порции
AnatheRed's bento factory..
Adventures in Bentomaking
Cooking cute (нема да им замериме што некои од овие мајстори се Американци)

Или livejournal entries на Mushmo, Bentolunch или Bentochallenge
(ммм.... ми текна уште еден супер настан за групава, т.е. ќе беше супер ако некогаш се одржеше и cosplay... оh well, се со време, прво нека се активираат малку авторите)

Или можеби ќе ви биде интересно ова тематско бенто
Bento album covers - (freaky...по мој вкус) или пак сликичкиве од празнични честитки во храна

Но најмногу, искрено, ме изненади овој блог на една, неверојатно уметнички талентирана и посветена јапонска домаќинка, која се релаксира правејќи бенто секое утро за својата фамилија, а се лути кога нејзиниот син неблагодарно ја полни устата во рок од 10 секунди со прекрасно и грижливо приготвената храна. Срам да му е на неблагодарниот син! Секој би сакал бар да проба вакво нешто, нели?

Покрај сите овие сликички, на Flickr можат да се најдат илјадници примери, и лични и пријателски натпревари во поубав или побогат или пооригинален бенто. Јас, искрено, го посетив мојот фрижидер после овој пост во потрага по инспирација, поточно по "љубов" за моето распеано стомаче.

недела, 7 декември 2008 г.

Безвременска музика

Моментот кога Samurai Champloo станува нешто повеќе од обично аниме.



Го имав ставено on hold долго време. Вчера му се вратив и сфатив дека сум била токму помеѓу прва и втора сезона. Многу пријатно се изненадив кога серијата стана многу посериозна од она што мислев дека е.

Овој момент, песната, анимацијата и симболите...
Сепак ќе ви препорачам да го гледате.

Музиката на клипот е во изведба на Ikue Asazaki - (јапонска Вања Лазарова). Песната може да ја најдете под две имиња: Obokuri eemui и Obokuri ee umi. Тука може да го прочитате текстот. Оваа специфична мелодија и пеење е карактеристична за Окинава (Okinawa) перфектурата, која се издвојува од другите делови на Јапонија и по својот доста карактеристичен дијалект, кој е толку различен што изгледа како да се работи за друг јазик, дури и за јапонците. Пред извесно време во Јапонија постоела опсесија, односно така наречен „Окинава бум“, кога културните специфики на етно културата на Окинава биле доста модерни и барани во поразвиените делови на Јапонија. Јапонците велат дека Окинава е интересна и специфична дури и за нив.

понеделник, 1 декември 2008 г.

Токио низ калеидоскоп

Уживајте малку во видеово!



А еве и линк до сајтот на младиот јапонски режисер, па прочепкајте :)

понеделник, 17 ноември 2008 г.

Јапанорама 10 – Анимиран хорор и реална комедија

Вторник, 18 ноември 2008, Точка, 20:30

Овој вторник ја имаме десетта јубилејна и шаренолика Јапанорама.

Сладок јапонски микс на хорор аниме, саркастична комедија и „afterparty" музика и дружба.

Прво ќе го гледаме краткиот анимиран филм Kakurenbo (Криенка)– приказна за една опасна игра, која децата по потрага за авантура, сепак ја играат под улиците на Токио. Филмот е комбинација на уникатна анимација, источна мистика и хорор акција. Најинтересното за ова аниме е тоа што е направен целосно со 3D технологија, а е постигнат ефект на многу добро изведена 2D анимација.

Во вториот половина час ќе погледнеме неколку скечеви од познатото комичарско дуо во ЈапонијаRahmensна една претходна Јапанорама го гледавме нивниот краток филм armchair theory). Овој пат ќе прикажеме дел од нивната серија пародични видеа (The Japanese tradition)за традиционалните елементи на јапонската култура, видени низ визурата на белиот човек (т.н. white man concept). Нивниот суптилен приод, кој ја трансцендира пародијата на своето, пародизирајќи го оној кој ја гледа таа пародија, ни ги подотвора вратите кон вистинско разбирање на јапонскиот хумор што неретко ни изгледа луд и несфатлив.

Третиот дел од ова наше 10-то дружење ќе го посветиме на запознавање, дискутирање, делење искуства и слушање јапонска музика.

Ве чекаме во поголем број.

Овозможено од (http://japan.mk) и К.Ц.Точка