недела, 7 декември 2008 г.
Безвременска музика
Го имав ставено on hold долго време. Вчера му се вратив и сфатив дека сум била токму помеѓу прва и втора сезона. Многу пријатно се изненадив кога серијата стана многу посериозна од она што мислев дека е.
Овој момент, песната, анимацијата и симболите...
Сепак ќе ви препорачам да го гледате.
Музиката на клипот е во изведба на Ikue Asazaki - (јапонска Вања Лазарова). Песната може да ја најдете под две имиња: Obokuri eemui и Obokuri ee umi. Тука може да го прочитате текстот. Оваа специфична мелодија и пеење е карактеристична за Окинава (Okinawa) перфектурата, која се издвојува од другите делови на Јапонија и по својот доста карактеристичен дијалект, кој е толку различен што изгледа како да се работи за друг јазик, дури и за јапонците. Пред извесно време во Јапонија постоела опсесија, односно така наречен „Окинава бум“, кога културните специфики на етно културата на Окинава биле доста модерни и барани во поразвиените делови на Јапонија. Јапонците велат дека Окинава е интересна и специфична дури и за нив.
понеделник, 1 декември 2008 г.
понеделник, 17 ноември 2008 г.
Јапанорама 10 – Анимиран хорор и реална комедија
Овој вторник ја имаме десетта јубилејна и шаренолика Јапанорама.
Сладок јапонски микс на хорор аниме, саркастична комедија и „afterparty" музика и дружба.
Прво ќе го гледаме краткиот анимиран филм Kakurenbo (Криенка)– приказна за една опасна игра, која децата по потрага за авантура, сепак ја играат под улиците на Токио. Филмот е комбинација на уникатна анимација, источна мистика и хорор акција. Најинтересното за ова аниме е тоа што е направен целосно со 3D технологија, а е постигнат ефект на многу добро изведена 2D анимација.
Во вториот половина час ќе погледнеме неколку скечеви од познатото комичарско дуо во ЈапонијаRahmensна една претходна Јапанорама го гледавме нивниот краток филм armchair theory). Овој пат ќе прикажеме дел од нивната серија пародични видеа (The Japanese tradition)за традиционалните елементи на јапонската култура, видени низ визурата на белиот човек (т.н. white man concept). Нивниот суптилен приод, кој ја трансцендира пародијата на своето, пародизирајќи го оној кој ја гледа таа пародија, ни ги подотвора вратите кон вистинско разбирање на јапонскиот хумор што неретко ни изгледа луд и несфатлив.
Третиот дел од ова наше 10-то дружење ќе го посветиме на запознавање, дискутирање, делење искуства и слушање јапонска музика.
Ве чекаме во поголем број.
Овозможено од (http://japan.mk) и К.Ц.Точка
недела, 2 ноември 2008 г.
Помеѓу сонот и траумата
Вторник, 4 ноември од 20:30 часот во Културен Центар Точка
Јапанорама 9
Можете ли да замислите вистинско остварување на сон?
Сатоши Кон, во неговиот филм Папурика, ни покажува „остварување" на сон на целиот свет со целата негова блескавост и бизарност вклопени во едно прекрасно визуелно доживување на грозоморната шареноликост на симулакрумот.
Паприка е анимиран филм за потсвеста, желбите и стравовите на човекот, претставен преку современа психотерапија, што му овозможува на терапевтот да му помогне на пациентот, навлегувајќи во неговиот сон и водејќи го во надминување на своите трауми.
Комбинацијата на живите бои на јапонската анимација со сериозноста на навлегувањето во мистериозните мрачни предели на човековата психа, создава една безмалку шизофренична атмосфера што го допира прашањето на вистинските причинители кои би можеле да доведат до загрозување на човековиот опстанок. Неодоливата анимација, која нè преплавува со зашеметувачки бои, им дозволува на надреалните случувања да навлезат длабоко во нашите мисли без при тоа да ги алармираат одбранбените механизми за возменирувачката содржина на пораките испратени во симболиката на тие случувања.
По проекцијата, може да се запрашате, колку денешните илузии, кои секојдневно сè повеќе се материјализираат околу нас се далеку од сонување со отворени очи?
Филмот бил номиниран на многу интернационални фестивали, меѓу кои и за венецискиот златен лав, а при тоа 4 пати е наградуван.
Линкови:
Паприка на IMDB: http://www.imdb.com/title/
Рецензија за Паприка на anime news network: http://www.animenewsnetwork.
Трејлер на филмот: http://www.youtube.com/watch?
Официјален сајт на филмот: http://www.sonypictures.com/
Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. Точка