понеделник, 30 јуни 2008 г.

Шестата Јапанорама

Имав убаво претчуство за оваа Јапанорама. Одличен избор на филм и анимеа, задволително полна Точка и се разбира одлична атмосфера во услови на топла летна вечер!
~ ~ ~
Одамна се немам вака искрено смеено, како што тоа беше случај со Armchair theory! На сосема занимлив, хумористичен и деталистчки начин спакуван the ultimate рецепт за постанување на јапонски "фраер", кој успеа да не насмее сите во публиката, но и да ни покаже, дека сепак искреноста е она кое без исклучок успева кај сите!
Се надевма дека наскро ќе може да ни станат достапни и останатите делови од серијалчето Japanese Tradition!
~ ~ ~
Иако го имав гледано, Voices of a distant star сеуште ми беше занимлив. Иако главната приказна претставува една сосема обична љубовна приказна, таа е сосема добро искористена за да може авторот да ни долови едно сосема друго сознание, за релативноста на времето. Сето тоа се согледува низ комуникацијата на главните ликови, многу суптилно, без употреба на математички формули и комплексни објаснувања. За Микако поминуванешто повеќе од година, а за Нобору дури 9, но кога се во прашање искрени чуства, времето како да престанува да постои, а разликите стануваат незначителни. Во секој случај, добра тема за размилсување.
~ ~ ~
И доаѓаме до мојот фаворит на вечерта, Комедија. Во услови на мрачна атмосфера и одлична анимација, предадена ни е приказната за девојчето кое го бара Црниот Мечувалец кој живее во црната шума, за да ја спаси Ирска од Англичаните. Занимливо е што тој бара определен тип на книга како против услуга.
Во целата темнина на местото на живеење и на неговото постоење, ригидноста во односите со околината и луѓето, бизарниот начин на кој се смееше повторно читајќи го четивото кое го доби од девојчето укажа дека сепак, секој сака once in a while да избега од својата реалност и да си приушти по некое задоволство!
~ ~ ~
Огромна благодарност до Милена и Никола за несебичната поддршка и проекторот, на Точка, на сите кои присуствуваа и на сите оние кои веруваат во Јапанорама!

четврток, 26 јуни 2008 г.

Јапанорама 6!!! Не пропуштајте!!!

Летна и освежувачка Јапанорама со три кратки филмови

Петок 27 Јуни, К.Ц. Точка 21. часот

Јапанорама се враќа во летно издание со три кратки филма како вистинска свежина за летно уживање.

Комбинацијата е за сите вкусови, зачинета со хумор, естетика и фантазија.
Прво, ќе го пуштиме краткиот јапонски филм „Теорија од фотеља“ (Armchair Theory) кој не запознава со тоа како вистинските јапонски мажи им се додворуваат на девојките. Сето тоа раскажано на уникатен начин со користење на генијалниот јапонски хумор полн со паметна иронија и слатки досетки.

Вторите два пократки филмови се јапонски анимации (аниме) едниот раскажува приказна од иднината, а другиот од минатото.

„Гласови од далечната ѕвезда“ (Voices of a Distant Star) не внесува во една љубовна прикзна на далечина, која се случува во 2046г.

А филмот „Комедија“ (Kigeki) се случува во Ирска за време на војната за независност и раскажува за еден црн мечувалец кој ја знае вистинската вредност на книгите.

Траење:
• Теорија од фотеља – 30 мин
• Гласови од далечната ѕвезда – 25 мин
• Комедија – 10 мин


Се гледаме на Јапанорама 6 во Точка со почеток од 21 часот.
Организирано од Japan@mk

среда, 25 јуни 2008 г.

Аики-ДО

Во минатиот текст пишував за АИКИ, па еве да го комплетирам поимот и да напишам нешто и за ДО.

Ќе почнам секако со потеклото на зборот. Јапонците го преземале од кинезите не менувајќи ја графемата воопшто, а го смениле само изговорот кој кај кинезите звучи и е познат како ТАО (или ДАО). Графемата ТАО - 道 е составена од две други: 首 = „глава“ и 辶 = „оди“. Па без некакви дво- или повеќезначности, ТАО едноставно значи „ПАТ“ или ако сакате „ГЛАВЕН ПАТ“. На македонски, со додавање на член би добиле многу соодветен превод – „ПАТОТ“, издвојувајќи го така од некои, било кои, патишта.

Во философската мисла во Кина, овој поим постои од многу одамна, но неговото најпознато прво разгледување е направено во книгата „Тао Те Чинг“ (Книгата за Тао и Те) од Лао Це. Лао Це-овото сфаќање за ТАО е скоро идентично на она што неговите хеленски современици го имале за кај нив наречениот ЛОГОС. И ТАО и ЛОГОС имаат исто значење, а тоа е, слободно кажано: начинот по кој што е устроено постоењето. Она што ја одржува вселената, она што се наоѓа во секоја твар како закон, законот над сите закони.

Христијанската мисла ни открива дека овој ЛОГОС е всушност Исус Христос, Спасителот, Синот Божји, Зборот Божји. Преку ова учење и во нашиот јазик имаме зборче за ЛОГОСОТ т.е. за ТАО. Тоа е СЛОВО.

Со ваквото свое значење и во овој дел на светот СЛОВО го додаваме на крајот од некои зборови како на пример: природословие, богословие, или уште повеќе ги има во грчкиот јазик соодветно: биологија, кардиологија, екологија, археологија, астрологија и уште многу други...

Па можеме да направиме аналогија со употребата и во јапонскиот јазик. Кога треба да се именува некој процес кој се бави со откривање на суштината, сржта на нештата му се додава зборчето ДО, многу слично, ако не и исто како кај наставките –логија или –словие, кои кај нас најчесто се преведуваат како „наука за...“. Е сега, во помодерно време имаме прифатено да мислиме дека поимите наука и уметност се различни, па дури и спротивни работи, но во минатото мислам дека овие поими не биле толку далеку со своите значења. Би рекол, како „варијации на тема“ се. И, ако се замислиме подобро околу нив можеби и сега ќе можеме така блиски да ги доживееме.

Кога јапонците ќе речат „Садо“ или „Чадо“ (Уметноста на чајот), „Кадо“ (Вештина на аранжирање цвеќиња), или „Будо“ (Наука за војување) мислат на еден поим изразен со „ДО“ а не на три различни како што се гледа од преводите... Значи тие три – уметност, наука и вештина се една иста работа...

„Аикидо“, еве, оставам да си го преведете сами, имајќи го во предвид објаснувањето за АИКИ од претходниот текст.


вторник, 17 јуни 2008 г.



ОК, следниве неколку параграфи се посветени на мојата голема љубов - чајот, и јапонската церемонија на служење на истиот :-) Станува збор за мошне опширна и проучувана тема, па овој пост е само кус вовед кој би требало да биде продолжен со уште неколку постови.


јапонски естетски форми...

Ќе почнам сосема далеку од практичното изведување на церемонијата, имено од некои јапонски естетски концепти. Овие се претставени преку учењето на повеќе јапонски традиционални уметнички форми именувани: Chado (Начинот на Чајот), Kado (Начинот на Цветот), Shodo (Начинот на Калиграфијата), Sodo (Начинот на Кимоното), Kodo (Начинот на Мирисот) и Kado (Начинот на Поезијата). Претпоставувам приметивте дека обете Начинот на Цвеќето и Начинот на Поезијата се именувани Kado; со темава ќе се позанимавам некој друг пат, а ако некој веќе знае зошто двете се истоименувани - чекам коментар :-) Приметувате и дека јапонските термини завршуваат на “do” кој додаден на било кој друг самостоен збор дава до знаење дека станува збор за одредена јапонска традиционална уметност. Суфиксот “do” го акцентуира постојаниот духовен стремеж да се искуси есенцијата на уметноста. А како што есенцијата на уметноста се наоѓа во духовниот и практичниот стремеж, во сите јапонски традиционални уметност процесот станува позначаен од финалниот резултат бидејќи нуди непроценливо искуство, додека резултатот се смета за логичен, можеби и тривијален крај кој зависи само од процесот.


патот на чајот од Кина во Јапонија...

Традицијата вели дека јапонскиот монах Ајсеи (Eisai, 1141-1215) во 1168та донел семчиња на чајна грмушка од Кина. Нив ги засадил во дворот на неговиот храм. Се смета дека оттогаш Начинот на Чајот се поврзува со т.н. ринѕаи (Rinzai) учење кое го промовирал Ајсеи (едно од учењата на зен - директен огранок на Ch'an будизмот од Кина). Во тој период во Јапонија чајот се сметал за дел од кинеската култура трансформиран од страна на ринѕаи учењето, бидејќи истото било мошне поврзано со кинеската култура. Во истото доба Кинезите веќе знаеле дека чајот ги хармонизира функциите на човечкото тело, иако не секогаш пиењето на чајот била исклучиво духовна дејност. Во Јапонија пак се прочуло дека чајот е олицетворение на зен. Таму било познато дека ринѕаи зен учењето се стреми кон развивање на спонтана форма на сатори (satori, јапонскиот еквивалент на зборот просветлување). Зен учењето немало само влијание на церемонијата на служење на чајот, туку и на калиграфијата, како и Начинот на Уредување на јапонската градина.



Начинот на Чајот во 16тиот век...

Како што е забележано во писмените извори, Sen Rikyu, најпрочуениот познавач на чајот во 16тиот век, рекол дека чајот ги претставува четирите највисоки идеали – состојбата на хармонија, почитта, девственоста (во смисла на неприсуство на излишното, нечистото, она што расипува) и состојбата на смиреност и сосредоточеност.

Основниот архитектонски концепт за јапонската градина и просторот во кој се изведува служењето на чајот се поврзуваат токму со него.

Како некои од најзначајните елементи во Начинот на Чајот во 16тиот век се промовираат сервирањето и примањето на сад со чај како симболи на искреност и внимание. Ова е поврзано со концептот ichigo, ichie (еден живот, една можност) давајќи до знаење дека токму таа една можност треба да се искористи за да се постигне висок квалитет на живеење кој во јапонската култура се поврзува со духовниот развој. Духовниот развој пак, самиот по себе го промовира концептот на давање на убави нешта и способноста истите да бидат соодветно примени.

Преку Начинот на Чајот секојдневните активности како аранжирање, чистење, сервирање, пиење и споделување биле подигнати на едно сосема друго ниво од она кога ним не им се обраќа посебно внимание – ниво на естетска ритуализација која во јапонската култура и денес го потхранува духовниот развој и претставува една од основите на квалитетното живеење.

***

Пиењето на чај го има задржано својот статус во Јапонија како “воодушевување од убавото во прозаичното секојдневно живеење”. Сепак, чајните куќи имаат помалку и помалку посетители од помладите генерации, кои по откривањето на кафето, го преферираат кофеинот наместо танинот :( Но, надежта не е изгубена! Секогаш ќе има луѓе кои по прoбување на кафето, стануваат уште поубедени во чајот како финален избор (count me here, please :-)