Со оглед на тоа што аниме и манга светот е премногу богат со приказни за авантури со витези, волшебници, ренџери, бардови, некромансери, змејови и чудовишта, неправедно е да го оставам овој жанр со само еден артикл. Затоа изострете ги вашите мечеви, меморирајте ги добро магиите од вашите свитоци, изберете го најдобриот оклоп и земете си нешто за пиење од локалната крчма, бидејќи одиме во нова авантура.
The Slayers. Започната во 1989 година, The Slayers е збирка на 50 лајт новели создадени од Канзака Хаѓиме и е еден од најпопуларните аниме серијали од областа на епската фантастика во Јапонија. Бројките доволно говорат - The Slayers е адаптирана како манга со вкупен број од 27 книги, а аниме верзијата има 5 сезони со вкупен број од 104 епизоди + 5 долгометражни филмови + 6 OVA епизоди. Во The Slayers ги следиме авантурите на Лина Инверс, млада волшебничка позната по нејзината слабост кон златото, а нејзината опсесија кон златото ќе ја вовлече во невољи со многуте бандити и друмски разбојници. Во такви моменти би требало да ни падне жал за девојката која наоѓа беља таму кај што не треба, но младата волшебничка е многу снаодлива и добро знае дека магичните огнени топки се решението за излез од секоја ситуација кога си опколен со лица кои не се особено среќни што мораат да го изгубат тешко ограбеното богатство од некоја која не е во нивната група. Еден ден Лина се решава да оди во градот Атлас, а на патот е пречекана од разбојници кои ги насамарила. Подготвувајќи се да ги нападне, Лина ќе биде спречена од Гаури Габриел, наивен и глуп, но добар мечувалец кој верува дека Лина е слаба девојка неспособна самата да се грижи за себе. Кога разбојниците ќе избегаат, Лина и Гаури ќе наминат во едно мало село каде мештаните ќе побараат нивна помош во справувањето со еден змеј. Наградата е голема. Нормално, Лина не ја пропушта оваа шанса, која успева да го убие змејот со нејзината Dragon Slave магија притоа уништувајќи го речиси целото село. Лина и Гаури се спасуваат во последен момент од линч, означувајќи го почетокот на едно Dungeons and Dragons патешествие исполнето со голема доза на хумор.
The Scrapped Princess. Уште една јапонска лајт новела, овојпат од Могудан Нагајоши. Во 2003 година студиото BONES (Full Metal Alchemist: Brotherhood, Darker Than Black, Soul Eater) направи аниме адаптација од 24 епзиоди. The Scrapped Рrincess е приказна за Пацифика Касул, најмладото дете во семејството Касул. Семејството е скромно, но живеат во љубов и слога се до денот кога Пацифика ќе биде нападната од мистериозни асасини. Асасините се убиени од Шанон и Ракела, нејзините брат и сестра кои после нападот и велат дека таа не е во нивно крвно сродство, таа дури не ни потекнува од сиромашниот сталеж - имено Пацифика е ќерка на кралот и кралицата на Леинван. Пацифика е вистински наследник на тронот, но судбината има други планови. Според Гренделовото пророштво, Пацифика е девојката која „ќе го отруе светот“, односно таа ќе биде причината што светот ќе пропадне. За да не дојде до тоа, таа не смее да го доживее својот шестнаесетти роденден. Кралот издава наредба ќерката, која нема ни месец наполнето, да биде фрлена од гребен. Војникот задолжен за извршувањето на наредбата ќе се сожали на бебето и ја предава на еден од волшебниците од кралскиот дворец, кој потоа ја дава на семејството Касул. Мирот во семејството е нарушен, а Шанон и Ракела одлучуваат да избегаат со Пацифика. Каде? Таму каде што е најбезбедно за Пацифика. Но тоа е проблемот. Никој не сака да даде прибежиште на лице кое е предодредено да го уништи светот. Иако братот и сестрата водат беспоштедни битки со платеници, асасини и членови на луди верски секти кои по секоја цена сакаат да го окончаат животот на Пацифика, истата се прашува дали воопшто вреди целата таа борба, се додека еден ден се сретне со мистериозното суштество наречено Драгун.
Claymore. Не верувам дека има некоја посебна потреба за претставување со оглед на тоа што овој серијал е еден од најпопуларните манга серијали на западот. За понеупатените, Claymore e манга создадена од Јаги Норихиро која ги следи доживувањата на Клер, припадничка на тајна група позната како Организацијата, која има за цел да ги истреби чудовиштата познати како „Јома“ кои ги јадат луѓето и можат да го променат својот изглед, односно да личат на луѓето кои ги изеле, а нивната способност за копирање се гледа и по фактот што можат да ги присвојат сеќавањата на своите жртви, правејќи ги целосно непрепознатливи за обичните луѓе. Освен за Клејморките кои уште како деца се тренирани и подложни на мутации од Организацијата за нивно специјализирање во борбата со Јомите. Иако во Claymore можат да се најдат траги на инспирација од дела како „Црвената Соња“ и „Конан варваринот“, можеби најголемата инспирација на Јаги за карактеристиките на организацијата и Клејморките и нивната улога во светот во кој се воспоставени е книжевниот серијал The Witcher од полскиот писател Анджеј Сапковски. Сличностите се неверојатни - луѓето живеат во средновековен свет исполнет со чудовишта, за да се одбранат од чудовишта потребно е да се наслонат на групи кои регрутираат деца кои ги подложуваат на ригорозен тренинг во мечување и преживување, а ги ослободуваат нивните натприродни способности преку мутациски процеси како би имале поголеми шанси за рамноправна битка со чудовиштата, а наместо благодарност за нивната улога како заштитници тие се презирани и неприфатени од обичните луѓе.
The Vision of Escaflowne. Еден од најдобрите аниме серијали во деведесеттите и малку подзаборавен од новите генерации, The Vision of Escaflowne е приказна за Хитоми, обична средношколка која во слободно време се занимава со толкување на тарот карти (не, читањето од кафе шоља не и е специјалност). Еден ден ќе примети како едно момче ќе се бори со змеј на школскиот спортски терен. Откако момчето ќе го убие змејот, Хитоми ќе му пријде, а тој ќе и се претстави дека се вика Ван и ја носи во неговиот свет кој се вика Гаиа. Хитоми е воодушевена од новооткриениот свет и е изненадена кога ќе види дека над небото на Гаиа јасно може да се види Земјата и месечината, која според жителите на Гаиа се вика Мистичната месечина. Ван, нејзиниот водич во Гаиа е принц на кралството Фанелија, а моментот кога тој убива змеј го означува моментот дека е подготвен да биде крал. Но кога треба да биде крунисан, дворецот ќе биде нападнат од замаскирани Гаимелефи (џиновски роботи, со тоа што роботите функционираат преку магични кристали). Ван ги совладува непријателите со помош на сопствениот Гаимелеф кој се вика Ескафлон, но оваа победа е минорна - Фанелија е нападната со сите сили од Империјата Заибах. Нападот е немилосрден, а целото кралство е во пламен. Принцот заедно со Хитоми и мала група воини е присилена на егзил, а за време на егзилот Хитоми ќе сфати дека нејзиното доаѓање на Гаиа и помагањето на Ван во напорите да го врати своето кралство не е случајно.
Demon King and Hero. Режирана од Такахаши Такео, Demon King and Hero е серија за вечната војна помеѓу луѓето и демоните. Двете страни не знаат колку долго се води војната, ниту пак зошто се води. Легендарниот Херој, кој нема име туку секој го условува како Херој оди во замокот на демонскиот крал во обид да ја заврши војната еднаш засекогаш. Но кога ќе влезе во замокот го чека изненадување - демонскиот крал е всушност кралица, а кралицата му нуди предлог кој може да ја заврши војната на мирен начин, пред се користејќи ги своите големи познавања во економијата како начин за мирна завршница наведувајќи дека со убивањето на кралицата човечките кралства можат многу лесно да се свртат едни против други и така да настане нов конфликт. Херојот ја прифаќа алијансата со кралицата, добро знаејќи дека овој сојуз нема да наиде на одобрување било кај луѓето, било кај демоните. Покрај тоа што серијата е од истиот тим кој стои зад Spice and Wolf вреди да се спомене големата количина и квалитет на самиот plot.
Speaking of plot...
Speaking of plot...
Queen's Blade. Ова беше очекувано. You can't have a plot and high fantasy without Queen's Blade. Сместена во континент без име, Queen's Blade е приказна за Леина, ќерка на војводата Венс која треба да ја наследи семејната благородничка титула. Но Леина не е задоволна од тоа. Сака нешто повеќе во животот, како на пример учество во Queen's Blade турнирот. Победничката на турнирот ќе биде кралица на континентот до следниот турнир, кој се одржува на секои 4 години. Сепак, едно е да се има амбиција, а друго е да се има способност за тоа, нешто што и фали на Леина. Иако нема вештини како нејзината најстара сестра, Леина постојано се обидува да избега од својот дом како би се пријавила на турнирот. Бегствата и се неуспешни бидејќи плановите за тоа секогаш и се откривани се додека не ги вкрсти патиштата со Листи при еден од нејзините обиди за бегство. Серијата не е нешто посебно и е просечна со неколку смешни моменти, но кажете ми, кога последен пат сте виделе во аниме девојка во скуден оклоп да се бори со демонка која прска киселина од нејзините гради?
Нема коментари:
Објави коментар