четврток, 5 декември 2013 г.

You entered the wrong mind.

„Се' е во ред со вашиот екран. Не се обидувајте да ја промените сликата. Ние ја контролираме трансмисијата. Ја контролираме хоризонталата. Ја контролираме вертикалата. Го контролираме она што вие го слушате. Ќе ја искусите вчудоневиденоста и мистеријата која се протега од внатрешниот ум... до наворешните граници.“

The Outer Limits.

Ви текнува на The Twilight Zone? Или на The Outer Limits? Двете беа за обични луѓе кои ќе влезат во нешто натприродно, мистериозно и помалку или повеќе страшно, често поигрувајќи си го умовите на публиката околу реалноста и илузијата. Jапонската манга/аниме сцена е полна со серии од ваков калибар. Ова е дел од нив.


 за поголема трипозност







MPD Psycho. Јоусуке Кобајаши е детектив во токискиот полициски оддел на кого му е доверен случајот со еден сериски убиец кој ги распарчува своите жртви. Иако секое убиство станува се повеќе брутално, истражувачите наоѓаат докази и траги кои ги носи чекор поблиску до убиецот. Прашање на време е кога ќе го фатат. Сепак еден настан ќе го извади Кобајаши од колосек - убиецот ќе му испрати подарок на работното место. Подарокот е девојката на Кобајаши: брутално осакатена, оставена да умре пред очите на Кобајаши. На истиот ден (дали е случајност или не) Кобајаши веќе го знае идентитетот на убиецот. Се решава сам да тргне по него. Го наоѓа, и во моментот на нивната меѓусебна конфронтација нешто се случува во умот на Кобајаши. Нешто „пука“. Нешто испливува на површината. Моменти пред да го повлече чкрапалото Кобајаши вели дека се вика Нишизоно Шинѓи. Шинѓи го убива убиецот. Поради тоа, судот го осудува Кобајаши на неколку години затвор, иако Кобајаши не се сеќава на убиството, ниту на тоа зошто после апсењето се идентификува како Нишизоно Шинѓи. Кобајаши ја издржува својата казна. Пуштен на слобода, тој е пречекан од Исоно Мачи, жена која води сопствена приватна детективска агенција. Таа му нуди работа во нејзината агенција. Кобајаши добро знае дека не може повеќе да се врати на старото работно место и ја прифаќа понудата на Мачи. Таа му открива дека му е дијагностицирано ментално растројство на повеќекратна личност. Во неговата психа живеат две личности - Кобајаши и Шинѓи. Зачуден зошто токму кај него е пројавен интерес од агенцијата, Мачи му објаснува дека во Токио се појавуваат многу случаи на сериски убиства сторени од различни личности, а за трагање на психопати, потребен им е психопат. Потребен им е Шинѓи. Се чини дека токму Шинѓи е вистинскиот избор на агенцијата. Но убијците кои ги фаќа Шинѓи имаат нешто заедничко - секој убиец има вграден чип под левото око. Кобајаши/Шинѓи има таков чип. Кобајаши/Шинѓи исчезнува без трага и глас... 



Dexter meets The Outer Limits meets Takashi Miike in a bar. They make love. MPD Psycho is their love child. 



Homunculus. Сусуму Накоши е мистериозен човек. Тој живее и спие во својата кола која е паркирана спроти елитен хотел. Секој ден ја чисти и уредува. Повремено ја вози, но никој не знае каде оди во текот на денот. Повремено ги части неговите соседи-бездомници со виски. Оваа рутина ќе биде нарушена од Манабу Ито, студент по неврохирургија кој му нуди добар паричен надомест ако го подложи на трепанација - хируршки зафат на бушење дупка во черепот. За овој зафат за кој се верува дека датира од средниот век се шпекулира дека може да ја забрза циркулацијата на крвта и да го подобри притисокот во главата, а воедно и да го „разбуди“ човековото шесто сетило, односно способноста да се гледаат духови или да се движат објекти преку телекинеза. Накоши ја одбива понудата но се премислува откако Ито ќе го уцени дека ќе се погрижи колата да биде запленета од пајак-службите. После операцијата, Накоши е скептичен во можноста да се оствари нешто натприродно. Ито спроведува тестови за ефективноста на зафатот, но нема никакви резултати. На последниот ден од престојот на Накоши во клиниката на Ито, Накоши приметува нешто чудно. Ако го затвори само десното око, тој ги гледа луѓето во многу бизарни форми - некои изгледаат толку тенко небаре се прегазени од валјак, некои се полу луѓе-полу животни, некои се провидни како да се направени од вода. Овие резултати кои предизвикуваат задоволство кај Ито поради големото откритие создаваат конфузија кај Накоши - дали она што го гледа се духови, или вонземјани? Или можеби нешто позастрашувачко? Загриженоста се зголемува кога ќе дознае дека тој не бил првиот тест-субјект, а неговите претходници завршиле или во ментална институција или се самоубиле. 




Homunculus e дело на Јамамото Хидео, најмногу познат кај манга публиката преку Ichi the Killer, чија пренатрупаност со експлицитно насилство предизвика да биде забранета во многу манга библиотеки во Јапонија. Homunculus е целосна спротивност на Ichi. Но отсуството на насилство не ја намалува бизарноста на Homunculus во која Хидео дава поинаков агол за толкувањето на човековиот ум и потенцијалот кој го крие.



Uzumaki. Гошима Кирие живее во Курозучо, мало градче на источниот јапонски брег. Едно утро, одејќи накај училиштето ќе биде предупредена од нејзиното момче, Шуичи Саито дека местото е опседнато од некакво зло. Тоа зло не е битие како вампир, врколак или демон, туку од шема - узумаки или спирала, која се манифестира како во природата, така и кај луѓето. Шуичи и вели дека татко му подолго време е опседнат со спиралите, собира школки, растенија со спирални облици, собира секакви предмети во спирална форма. До толку е опседнат што не се појавил на работа од денот кога се занимава со своето хоби, а ретко се гледа со најблиските. А не е само таткото. Кирие приметува како мештаните полека навлегуваат во опседнатоста кон спиралите: соученичките ги средуваат своите коси како завиткани спирали, децата секоја вечер поминуваат кај напуштениот светилник кој после долги години се активира, а sидот е обложен со спирали, полжавски куќарки никнуваат на грбовите на некои луѓе... Курозучо полека влегува во хаос, спиралите ги навлекуваат луѓето на лудило и смрт, еден по еден, а чадот од нивните кремирања се обликува како спирала. Една ноќ Кирие ќе примети дека грнчарницата на татко и е отворена. Татко и' и објаснува дека прави глинени садови за непознат муштерија. Сите глинени садови се деформирани во спирална форма. 



Узумаки е манга создадена од Ѓунѓи Ито кои многумина го сметаат за неприкосновен владетел на домашната хорор сцена. И со право. Ито знае да направи да се вознемириме и исплашиме од работи кои изгледаат безопасно. Uzumaki е неговиот заштитен знак кој отскокнува од стандардните натприродни појави кои вообичаено ги среќаваме во светската хорор литература/кинематографија. И тоа во само 3 книги.




Monster. Доктор Кензо Тенма има се' во животот. Тој е најдобриот неврохирург во градската болница во Дизелдорф, го чека промовирање во шеф на неврохируршкото одделение, ги ужива привилегиите од Удо Хајнеман, директорот на болницата и е верен за Ева Хајнеман, ќерката на Удо. Сето тоа ќе се распрсне како балон од сапуница за само неколку часа - во исто време ќе прими два пациента: детето Јохан Либерт со рана од куршум во главата и градоначалникот на Дизелдорф. Тенма се решава да го спаси животот на детето за сметка на градоначалникот иако непрестано ги слуша зборовите на сестрата близнак на Јохан која бара Јохан да биде убиен. Тоа го чини раскинување на свршувачката и сигурен отказ од болницата. Но отказот мора да причека - Удо Хајнеман е отруен. Полицијата го товари Тенма како глвен осомничен, но поради недостигот на докази, тој е ослободен. 9 години подоцна Тенма е шеф на неврохирургија во болницата во Дизелдорф. 9 години после трагичниот настан со Удо, Тенма има повторна средба со минатото, со Јохан Либерт, овојпат во темна уличка како смирено убива криминалец кој бил под медицинската грижа на Тенма. 



Monster е ремек делото на Наоки Урасава, мајсторот на психолошките трилери. Monster не содржи натприродни елементи и чудовишта, но не се потребни кога Урасава вешто и суптилно создава непријатна атмосфера секогаш кога ќе се појави Јохан Либерт, олицетворението на злото кај самите луѓе. Дали сакате да ја изберете мангата или аниме серијалот, нема да погрешите. Monster е еден од ретките серијали со доследна адаптација од манга кон аниме до последното поглавје. За значајноста на Monster како манга и аниме класика сведочи и информцијата дека ТВ студиото HBO (Game of Thrones) го ангажира Гиљермо дел Торо да ја режира Monster како серија пред малите екрани. 
















четврток, 17 октомври 2013 г.

Blame

 

















Blame                                                                                                  
Манга                                                                                                  
Пишува и црта: Цутому Нихеи
Жанр: научна фантастика, сајберпанк, акција, авантура,     сеинен
Број на книги: 10


Можеби на Земјата, можеби во иднината.



Во еден од претходните текстови посветив внимание на сајберпанкот, поджанр на научната фантастика кој се однесува на високиот технолошки развој во дистописки држави, голем број на политички заговори и задкулисни игри зад секој можен агол и често поставуваните прашања за врските човек - машина. Но како би изгледал сајберпанкот ако некој го превзеде мотото на "висока технологија - низок стандард" и го постави во свет неконвенционален за сајберпанк сетинг? Би изгледал како нешто излезено од мангата Blame на авторот Цутому Нихеи. Нихеи дебитира на манга сцената со Biomega, серијал исполнет со многу акција, малку дијалог, одлична атмосфера, добар цртеж исполнет со многу вчудоневидувачки детали и кул моторџија. Во 1998 година се прославува со Blame, која многумина ја нарекуваат сајберпанк верзијата на Алиса во земјата на чудата.




Еден млад човек патува со дете во еден огромен метален лавиринт. На крајот од лавиринтот има мост. На мостот се нападнати од киборзи (во светот на Blame се наречени силиконски суштества) кои ловат случајни минувачи поради нивните клетки. Детето е убиено, а другиот сопатник ги уништува напаѓачите со неговиот Гравитациски зрачен емитер (GBE), пиштол со моќ да пробие било каква површина. Почетните неколку поглавја се збунувачки бидејќи немаме претстава што точно се случува. Се' што знаеме е дека човекот се вика Кили (по условувањето на детето пред неговата смрт), тој талка од еден до друг непознат крај и често влегува во судар со познати и непознати суштества. Сепак, кога ќе дојде во град каде живеат џиновски луѓе добиваме одговор на некои мистерии - Кили е во потрага по Net Terminal Genes, генетски маркер кој го имаат оригиналните луѓе (ние), кои го отвараат пристапот до компјутерскиот терминал на Мегаструктурата позната како Град и се воедно клучот за запирањето на хаотичното ширење на Мегаструктурата од страната на Градителите. Премногу лош и збунувачки опис од моја страна, следниов опис ќе разјасни многу работи.



Ако одиме хронолошки, во еден период на Земјата човештвото креира еден многу комплексен компјутерски систем наречен Нетсфера кој раководи со машини наречени Градители, нивната задача е да градат огромни зданија кои ги знаеме како Мегаструктурата која е поделена на катови како кај зграда. Поради некоја непозната причина луѓето ја губат контролата врз Нетсферата и таа продолжува да ја врши својата работа ширејќи ја Мегаструктурата без престанок. Ова ширење предизвикува човештвото постепено да се преселува во катовите на Градот, најверојатно предизвикано поради црпењето на сите можни ресурси на Земјата од Нетсферата наменето за нови градби. Човештвото со тек на време се еволуира и адаптира за живот во свет на силиконска материја, метал и електроника, делејќи се на различни видови - едни евоуирале во тоа да бидат високи, други да бидат поиздржливи на физички повреди и радиоактивни зрачења, трети стануваат инсектоиди губејќи човечка самосвест, функционирајќи како заедница на пчели итн.   Ова е светот во кој талка Кили, кој добро знае дека Нетсферата нема да престане со проширувањето се додека не биде исклучена од некој кој го има генетскиот маркер на оригиналните луѓе. Но наоѓањето на таков маркер е невозможна мисија - оригиналните луѓе одамна се мртви, повеќето заедници каде Кили наминал немаат евиденција за некој жител со таков маркер, а и да го најде му претстои уште поголем товар - да го пронајде терминалот на Нетсферата, кој би можел да се наоѓа на било кое место во Мегаструктурата. Сепак тој не се откажува од потрагата знаејќи дека по маркерот трагаат и припадниците на The safeguard, виртуелна програма на Нетсферата, способна да запоседне силиконски тела, со мисија да ја уништи секоја можна закана на Нетсферата.


Она што е највпечатливо за Blame е самиот свет. Иако многу сај фај фанови се навикнати на сајберпанк темите од филмови и серии како Ghost In The Shell, Psycho Pass, Akira, Johnny Mnemonic за дистописки градови, огромен јаз помеѓу сиромашните и богатите и контролите на приватните корпорации врз државните институции, Нихеи се решава да го однесе сајберпанкот надвор од својата „комфор зона“, поаѓајќи од идејата дека постои неограничен потенцијал да се искористат идеите од овој поджанр на начин кој досега не бил искористен. Градот во Blame не знае за граници. Мегаструктурата не само што ја има опфатено Земјата туку и се шири кон другите планети на Сончевиот систем, асимилирајќи ги Месечината и Марс. Никој не знае колкава е големината на Градот, ни колку катови содржи. Има евиденции од разни човечки цивилизации за бројот на човечките и трансчовечките раси, но таа евиденција е некомплетна со оглед на тоа што многу малку од просторот е истражен. Секој кат е посебен свет - во некои катови важат посебни закони на физиката, некои катови се своевидни временски капсули во кои ако заглавиш, престојот од неколку минути значи дека поминале неколку години во надворешниот свет, некои катови се празни со антигравитационо поле, но се премногу големи и за да стигнеш на следниот кат потребно е да поминеш дистанца долга најмалку 100 000 километри, а некои катови во себе содржат необична фауна на сајберsверови и џиновски бубачки. Секој кат е едно бизарно изненадување за Кили кој најдобро знае дека и засолништата кои ги нудат човечките заедници претставуваат лажна сигурност. Недовербата е неговиот најголем сојузник.



Дијалозите во Blame се сведени на минимум. Нарацијата е препуштена на сликите. Наместо да се опише дека пиштолот на Кили е моќен, Нихеи на неколку страници покажува колкава е моќта на Гравитацискиот емитер. Наместо да стои опис „Мегаструктурата е огромна и мрачна“ Нихеи прикажува како Кили талка низ лавиринт или под темни неба со месеци, а одвреме навреме тишината е прекината со бучавата на машините или звукот на експлозии. Да се каже дека цртежот ја надополнува приказната е неточно бидејќи токму цртежот е клучен во спроведувањето на приказната. Затоа добро е да се посвети внимание на дејствата на ликовите и деталите на некои места бидејќи постои добра шанса да се пропушти битен дел од приказната. Самиот цртеж е и повеќе од импресивен. Лавиринти од ескалатори, метални кули-игли, машински блокови кои ја менуваат својата местоположба, комплекс згради „закачени“
наопаку се само дел од величествените и бизарни зданија во Blame. Со оглед на тоа што Нихеи студирал архитектура не е изненадување што многу често сретнуваме интересни градби во текот на целата серија.


Blame е исполнет со многу акција. Многу јасно се прикажани и лесни се за следење. Нема да сретнете досадни реплики насред борби, иритирачки флешбекови и дијалози. Само чиста, хард кор акција проследена со разорната моќ на Гравитацискиот емитер на Кили секогаш кога на патот ќе му се испречат силиконски суштества, Safeguard војници или полициски авторитети од организираните заедници.


Ретко која манга може истовремено да понуди интензивна акција, неверојатна уметност и ментална гимнастика во обид да се склопат делчињата од сложувалката на Градот. Иако содржи многу малку дијалог, а ликовите не се добро разработени поради тоа што се always on the rails, Blame е мало освежување кое отстапува од многу манга/аниме клишеа.














петок, 20 септември 2013 г.

Хироши Јамаучи - како човекот без насмевка ја подари истата на многу генерации

Нема потреба да објаснувам што е Nintendo. Верувам дека многумина од групата имале можност да играат на NES, SNES N64, Gameboy, DS и други конзоли од оваа јапонска компанија. Но верувам дека ретко сме се запрашале кој стои зад среќата наречена Nintendo конзоли. Одговорот е - Хироши Јамаучи, човек кој никој не го видел со насмевка на неговото лице.



На 19 септември на сите gaming портали осамна веста за смртта на Јамаучи на 85 годишна возраст, поранешниот претседател на компанијата кој се повлече од функцијата во 2002 година после 53 годишно владеење. Да, Јамаучи управуваше со Nintendo цели 53 години.

Но неговото наследство продолжува да живее. Неговото владеење со железна тупаница, како и ризиците и одлуките кои ги повлекуваше во време кога видео игрите беа во зародиш беа одлучувачки во обликувањето на Nintendo какво што го знаеме. 





Почетокот

Хироши беше напуштен од својот татко на 5 годишна возраст, а набрзо потоа и од својата мајка, оставајќи за детето да се грижат неговите дедо и баба, кои секогаш се однесувале стриктно и строго кон него. Овој човек, кој донесе  радост во детствата на многу луѓе беше лишен од своето детство.

На 16 годишна возраст Јамаучи сакаше да се придружи на царската војска во Втората Светска Војна, но забраната од дедо му, како и очигледниот епилог во последните денови на војната го предомислиja. После војната Јамаучи студираше право на универзитетот во Васеда. Но животот имаше други планови за неговата кариера.

Дедото на Хироши, Секиријо, беше втор претседател на една мала семејна компанија наречена Nintendo, позната во државата како производител на карти за играње. Во 1949 година дедо му доживеа тежок срцев удар и тоа го принуди Хироши да ги напушти адвокатските амбиции и да ја превземе семејната компанија во свои раце. Да стане претседател на Nintendo. 



Превземањето контрола над компанијата

Хироши стапна на функцијата претседател во 1949 година и веднаш почна да прави коренити промени. Иако имаше 22 години, тој превзеде одлучувачки потези да си обезбеди апсолутно владеење, воспоставувајќи авторитет кој ќе го држи на власт до 2002 година. Картите за игри беа единственото нешто по кое Nintendo одржуваше репутација во домашниот бизнис, но Хироши добро знаеше дека картите не се доволни за успех на долг план. Јамаучи агресивно ja прошируваше компанијата во многу бизнис сфери, гледајќи што би било од голема корист за фирмата.

Дел од тие бизниси вклучуваа „љубовни хотели“, такси компанија и инстант оризови оброци. Тие пропаднаа.

Освен еден.



Приказна за играчките 

Во 1959 г. Хироши го направи првиот поголем чекор кој ќе го направи Nintendo тоа што е денес. Тој склучи договор со компанијата Walt Disney за принтање на ликови како Мики Маус на карти за играње наменети за деца. Хироши, препознавајќи добра прилика во сево ова, се одлучи да ги напушти бизнисите од типот на љубовните хотели и во целост да ја преобрази компанијата како фирма која нуди забава за деца и млади.

Играчките беа дела од новиот бизнис план и се покажаа како голем успех откако Јамаучи го откри скриениот талент на Гунпеи Јокои, човек со голема иновативност да создава играчки, ангажирајќи го во новосоздадениот играчки оддел. Првата играчка беше Ultra Hand - направа за зграпчување објекти која се издолжува преку стискање две рачки. Играчката беше масовен хит кај децата. Потоа на ред дојде Ultra Pitch - автомат за фрлање безбол топки. Играчката се продаваше како алва. Јокои е заслужен и за создавањето на првата џепна конзола - Game Boy. Хироши не создаваше забава, но знаеше да ја препознае и добро да процени кои продукти добро би се продале.



Незапирлива сила и месијанската улога во 80 - тите

Во 70 - тите години Atari ја направи првата видео игра, Pong. Хироши склучи договор со Atari за дистрибуција на Pong автоматите за домашниот пазар. Набрзо потоа Јамаучи ја препозна потребата неговата компанија да создаде свои игри и токму неговата одлука за влез во новосоздадената индустрија за видео игри како нов медиум за забава на деца ја обликуваше денешната верзија на Nintendo. 

Речиси сите одлуки на Јамаучи од почетокот на 80 - тите до неговото пензионирање беа круцијални во искачувањето на Nintendo на тронот на гејминг светот, меѓу кои:

1) Воспоставувањето на основачката структура на развојните тимови во Nintendo, делејќи ги вработените во посебни групи. Ваквото организирање и не е така револуционерно, но тоа што беше ефективно е одлуката да ги спротивстави меѓусебно. Секој тим беше во постојан натпревар против другите, работејќи непрестајно да направат игри кои би го задоволиле претседателот. Доколку на Јамаучи не му се допадне и најмал аспект на играта, тогаш ќе нареди гасење на проектот дури и ако е во завршна фаза на развој. Токму затоа неговите пофални зборови за одреден проект на одреден тим делуваа како да пронашле рудник со злато.

2) Препознавањето на нов талент. Хироши ризикуваше многу кога му даде шанса на Шигеру Мијамото, давајќи му задача да ја создаде првата видео игра за Nintendo. Играта е направена во 1981 г. и се вика Donkey Kong. Мијамото продолжи со работа создавајќи ги легендарните франшизи Super Mario Bros и The Legend of Zelda.

3) Tој го надгледуваше развојот на првата конзола насловена како NES (во Јапонија позната како Famicom), диктирајќи ги нејзините карактеристики, давајќи храбри финансиски ветувања за компаниите кои ги обезбедуваа компонентите на конзолата.

Резултат?

Во 1983 година САД доживеа пад на домашниот пазарза видео игри (што поради преплавеноста со многу неквалитетни конзоли и игри, што поради инфлација) доведувајќи до загуба на интересот на потенцијалните купувачи. Во 1985 година Nintendo направи промоција на NES во САД. Првата конзола стана огромен хит, остварувајќи ја доминантната положба на компанијата на запад. Nintendo ја спаси индустријата на видео игрите од изумирање.

Но успехот на Хироши и неговата компанија не застана со NES. Во деведесеттите Nintendo ја продолжи својата доминација со SNES, Game Boy, Game Boy Advanced и Nintendo 64. Иако неприкосновена, Nintendo стана инспирација за SEGA и SONY да влезат во конкуренцијата креирајќи свои конзоли, а во почетокот на 21 век и Microsoft се приклучи во трката.



Хироши се повлече од претседателската позиција во 2002 година, во време кога Nintendo ја промовираше Game Cube конзолата. Сепак со повлекувањето не исчезна и неговото влијание. Тој продолжи да работи како советник на компанијата. Интересно е што Nintendo DS, претходник на 3DS, најпрофитабилната џепна конзола на сите времиња е идеја токму на Хироши.

Чудно е што многу генерации на играчи за своите убави спомени треба да му се заблагодарат на човек кој на своја кожа не искусил детска радост и среќа, но само затоа што немаш нешто не значи дека и другите не треба да го имаат. Тоа е нешто што Хироши добро го сфати и на светот му го подари она што во животот не му беше пружено.

Збогум, легендо.



четврток, 1 август 2013 г.

Shigurui - revisited

Shigurui
Манга
Жанр: Историска драма, трагедија, сеинен
Пишува: Норио Нанѓо
Црта: Такајуки Јамагучи
Број на книги: 15




















„Самурајот не беше господар на својот живот. Кога воин влегува во службата на својот господар, нема поголема чест од онаа да си го даде животот за него. Феудалното општество, во својот совршен облик беше сочинувано од мал број садисти и голем број мазохисти.“


„Турнирот во замокот Суруга“ - Норио Нанѓо





Кога започнав со пишување рецензии за јапамк блогот, првиот текст ми беше посветен за манга серијалот Shigurui, нетипична манга за самураите. Текстот беше „сиромашен“ со оглед на моето тогашно слабо искуство за рецензирачки текстови, па се решив на Shigurui да му ја дадам правдата која ја заслужува.


 клик на видеото



Јапонија, 1630 година. Земјата се опоравува по завршувањето на граѓанската војна и воедно крајот на Сенгоку периодот (100 години војна помеѓу расцепканите јапонски државички). Феудалниот владетел Таданага Токугава, трет брат на шогунот Иемицу Токугава, озлогласен поради неговата декаденција и суровост организира турнир во мечување во неговиот замок Суруга. Турнирот е неконвенционален и во спротивност со многу правила бидејќи во борбите ќе се користат вистински мечеви наместо дрвени, а секоја борба мора да заврши со смртта на еден од дуелистите. И покрај противењата на неговите советници, владетелот не отстапува од своите планови да направи сензационална претстава за масите. Многу самураи и ронини доаѓаат од различни страни на штотуку обединетата држава. Секој има свој мотив за учеството. Гласниците на владетелот ја најавуваат првата борба и ги повикуваат првите мечувалци - Ирако Сеиген и Геносуке Фуѓики. Сеиген е слеп и мора да се ослони на неговата љубовница Ику за да се појави на арената. Фуѓики е еднорак. Публиката е збунета и гневна истовремено - не само што Таданага ги прекршил правилата, туку и се исмејува со традицијата, правејќи циркус со беспомошни лица. Сите се гневни, освен ветераните кои и погледнале на војната во лице и преживеале. Тие знаат дека овие навидум беспомошни луѓе на арената зрачат со силен борбен дух и неуморна желба нивното сечило повторно да вкуси крв. Се е подготвено за првата борба, и како што сите очекуваат првиот удар на тапанот да го означи почетокот на двобојот, така сцената помеѓу противниците се префрлува на едно друго место и време, време кога Сеиген и Фуѓики беа ученици на Ивамото Коган, еден од најпознатите самураи од крајот на Сенгоку периодот и најдобриот мечувалец во земјата.




Shigurui според мене е најдобрата манга за самураи иако во многу аспекти се прикажани во „негативно“ светло и содржат работи кои за мнозинството љубители на манга и аниме ќе остават горчлив вкус. Дури и за оние кои се хард кор фанови на насилство.

Дали напишав „негативно“? Попрецизен опис би бил реалистично. Мнозинството љубители на аниме и манга сигурно имаат некој зацртан идеал во главата за тоа што е самурај и што значи да се биде самурај - воин кој е верен до смрт на својот господар, воин кој ја слуша секоја наредба на својот господар и не се осмелува да го доведе во прашање неговиот авторитет, воин со благороден кодекс на однесување и војување со силно чувство за посветеност кон вредностите на неговото општество. Изгледа премногу чисто, зарем не? Да, така би изгледало доколку ги гледаме со „романтичарски“ наочари. Вистината зборува поинаку. Колку и да сакаме да идеализираме одредена група поради нешта кои се убави на хартија, историските толкувања ја покажуваат другата страна, вообичаена за времето кога самураите биле на висока нога - обични луѓе од крв и месо, со лоши и перверзни склоности за она што е добро, праведно и чесно во нивните очи.





Фрлете ги преку прозорец добрините и доблестите на Химура Кеншин (Rurouni Kenshi), силното чувство за одмазда на Огами Ито (Lone Wolf and Cub), потрагата по титулата „неприкосновен меѓу неприкосновените“ (Vagabond) и заштитата на слабите против силните (The Seven Samurai), бидејќи тие се трнот во окото на вистинските самураи и нивните господари во немилосрдниот среден век. Да погледне човек како стојат работите од нивен агол е исто како да седите со саканата личност во омилениот ресторан, за подоцна некој незначаен објект или мисла ве клоцне во свеста, будејќи ве насред постапокалиптична пустелија потсетувајќи ве дека ова што го гледате никогаш нема да ви се тргне од поглед.



Самурај како титула им припаѓа на оние кои се родени во семејства на самураи, но исто така е цел на оние со амбиција да се оттргнат од класите на кои претходно им припаѓале (земјоделци, поети, уметници, трговци, лекари) со надеж дека ќе го напуштат животот под „чизмата“ на угнетувачите, само за да бидат добро потсетени дека едно скалило погоре во ланецот на исхраната не значи многу се додека мечот на феудалните господари (daimiyo) им виси над главите на самураите и не се знае кога тој меч ќе замавне. Сеиген и Фуѓики како деца од сиромашните слоеви се прибрани во куќата на Ивамото Коган и секој на свој начин го поплочува патот кон целта да биде самурај. А зошто да не, кога ја имаат честа да учат од најголемиот самурај од војната, Коган, кој покрај титулата ја доделува својата огромна куќа, големите земјени површини за ориз и својата ќерка, Мие на достојниот наследник. Но оваа награда доаѓа и со отров, отров кој Коган го има здобиено од војната и неговите господари. Добро знаејќи дека никогаш нема да има слобода над својот живот поради правилата за служба кон феудалните владетели, чувството на несигурност дека смртта го демне и може да го зграпчи дури и во состојба на некоја глупа баналност создава пореметување кое со тек на годините се таложи, правејќи од Коган човек опседнат да сее смрт, зло и пакост кон други во времиња на мир. Пореметеноста на еден лудак се пренесува на неговите ученици, нивната пореметеност кон другите класи оправдувајќи ги како зачувување на својата чест и така во круг. Токму ова е причината зошто во Shigurui е тешко да се најде лик за кој можеш да навиваш. Кој би сакал да се поистовети со монструми?



Да, ова е прикажување сурови настани, без никакви цензури, нешто препознатливо за фановите на серии од типот на Game of Thrones. И нормално Shigurui како серија би била лесно отфрлена поради тоа. Но самата нарација која создава чувство кај читателот дека чита книга (во мангата нема многу дијалози, речиси се' се сведува на раскажување) лесно го внесува во тој свет иако претстојат соочувања со настани кои и тоа како ќе го изместат од зоната на комфорот.


Но ако има нешто што најмногу се издвојува кај Shigurui покрај ликовите се цртежот и насилството. Кога сте виделе последен пат во манга или аниме да има ликови кои се целосна спротивност на вообичаените ликови кои ги среќаваме во аниме/манга во смисла на реалистични анатомски црти? А токму тоа придонесува за поголема вознемиреност од аспект на насилството. ОК, не сме имуни на шок случки во аниме/манга, сме се навикнале на насилни сцени, прскање крв на тони, глави летање итн. Но колку и да сме сигурни дека ништо не може да не изненади во пореметено насилство само затоа што во еден период од животот сме ги гледале Elfen Lied, Hokuto no Ken, Berserk или Gantz, ништо не може да не подготви за Shigurui. Кога има сцени на сечење со катани, ние не гледаме претерано насилство со леење крв и по некое црево, ние го гледаме целиот „пакет“ - графичко прикажување на отсекување на месо, нерви и коски од раце и нозе, кршење заби, откорнување вилици, сечење граден кош со исправена половина небаре гледаме човечки модел на час по биологија.



Shigurui не е за секого. Како што веќе наведов има работи кои знаат да ве демотивираат да поминете преку првото поглавје. Но ако наведеното не ве одвраќа, тогаш ова е дело за вас. Shigurui  звучи како лудило, но сепак е прекрасно лудило.













петок, 19 јули 2013 г.

Магии и мечеви: Втора рунда

Со оглед на тоа што аниме и манга светот е премногу богат со приказни за авантури со витези, волшебници, ренџери, бардови, некромансери, змејови и чудовишта, неправедно е да го оставам овој жанр со само еден артикл. Затоа изострете ги вашите мечеви, меморирајте ги добро магиите од вашите свитоци, изберете го најдобриот оклоп и земете си нешто за пиење од локалната крчма, бидејќи одиме во нова авантура.





The Slayers. Започната во 1989 година, The Slayers е збирка на 50 лајт новели создадени од Канзака Хаѓиме и е еден од најпопуларните аниме серијали од областа на епската фантастика во Јапонија. Бројките доволно говорат - The Slayers е адаптирана како манга со вкупен број од 27 книги, а аниме верзијата има 5 сезони со вкупен број од 104 епизоди + 5 долгометражни филмови + 6 OVA епизоди. Во The Slayers ги следиме авантурите на Лина Инверс, млада волшебничка позната по нејзината слабост кон златото, а нејзината опсесија кон златото ќе ја вовлече во невољи со многуте бандити и друмски разбојници. Во такви моменти би требало да ни падне жал за девојката која наоѓа беља таму кај што не треба, но младата волшебничка е многу снаодлива и добро знае дека магичните огнени топки се решението за излез од секоја ситуација кога си опколен со лица кои не се особено среќни што мораат да го изгубат тешко ограбеното богатство од некоја која не е во нивната група. Еден ден Лина се решава да оди во градот Атлас, а на патот е пречекана од разбојници кои ги насамарила. Подготвувајќи се да ги нападне, Лина ќе биде спречена од Гаури Габриел, наивен и глуп, но добар мечувалец кој верува дека Лина е слаба девојка неспособна самата да се грижи за себе. Кога разбојниците ќе избегаат, Лина и Гаури ќе наминат во едно мало село каде мештаните ќе побараат нивна помош во справувањето со еден змеј. Наградата е голема. Нормално, Лина не ја пропушта оваа шанса, која успева да го убие змејот со нејзината Dragon Slave магија притоа уништувајќи го речиси целото село. Лина и Гаури се спасуваат во последен момент од линч, означувајќи го почетокот на едно Dungeons and Dragons патешествие исполнето со голема доза на хумор.


The Scrapped Princess. Уште една јапонска лајт новела, овојпат од Могудан Нагајоши. Во 2003 година студиото BONES (Full Metal Alchemist: Brotherhood, Darker Than Black, Soul Eater) направи аниме адаптација од 24 епзиоди. The Scrapped Рrincess е приказна за Пацифика Касул, најмладото дете во семејството Касул. Семејството е скромно, но живеат во љубов и слога се до денот кога Пацифика ќе биде нападната од мистериозни асасини. Асасините се убиени од Шанон и Ракела, нејзините брат и сестра кои после нападот и велат дека таа не е во нивно крвно сродство, таа дури не ни потекнува од сиромашниот сталеж - имено Пацифика е ќерка на кралот и кралицата на Леинван. Пацифика е вистински наследник на тронот, но судбината има други планови. Според Гренделовото пророштво, Пацифика е девојката која „ќе го отруе светот“, односно таа ќе биде причината што светот ќе пропадне. За да не дојде до тоа, таа не смее да го доживее својот шестнаесетти роденден. Кралот издава наредба ќерката, која нема ни месец наполнето, да биде фрлена од гребен. Војникот задолжен за извршувањето на наредбата ќе се сожали на бебето и ја предава на еден од волшебниците од кралскиот дворец, кој потоа ја дава на семејството Касул. Мирот во семејството е нарушен, а Шанон и Ракела одлучуваат да избегаат со Пацифика. Каде? Таму каде што е најбезбедно за Пацифика. Но тоа е проблемот. Никој не сака да даде прибежиште на лице кое е предодредено да го уништи светот. Иако братот и сестрата водат беспоштедни битки со платеници, асасини и членови на луди верски секти кои по секоја цена сакаат да го окончаат животот на Пацифика, истата се прашува дали воопшто вреди целата таа борба, се додека еден ден се сретне со мистериозното суштество наречено Драгун.





Claymore. Не верувам дека има некоја посебна потреба за претставување со оглед на тоа што овој серијал е еден од најпопуларните манга серијали на западот. За понеупатените, Claymore e манга создадена од Јаги Норихиро која ги следи доживувањата на Клер, припадничка на тајна група позната како Организацијата, која има за цел да ги истреби чудовиштата познати како „Јома“ кои ги јадат луѓето и можат да го променат својот изглед, односно да личат на луѓето кои ги изеле, а нивната способност за копирање се гледа и по фактот што можат да ги присвојат сеќавањата на своите жртви, правејќи ги целосно непрепознатливи за обичните луѓе. Освен за Клејморките кои уште како деца се тренирани и подложни на мутации од Организацијата за нивно специјализирање во борбата со Јомите. Иако во Claymore можат да се најдат траги на инспирација од дела како „Црвената Соња“ и „Конан варваринот“, можеби најголемата инспирација на Јаги за карактеристиките на организацијата и Клејморките и нивната улога во светот во кој се воспоставени е книжевниот серијал The Witcher од полскиот писател Анджеј Сапковски. Сличностите се неверојатни - луѓето живеат во средновековен свет исполнет со чудовишта, за да се одбранат од чудовишта потребно е да се наслонат на групи кои регрутираат деца кои ги подложуваат на ригорозен тренинг во мечување и преживување, а ги ослободуваат нивните натприродни способности преку мутациски процеси како би имале поголеми шанси за рамноправна битка со чудовиштата, а наместо благодарност за нивната улога како заштитници тие се презирани и неприфатени од обичните луѓе.

The Vision of Escaflowne. Еден од најдобрите аниме серијали во деведесеттите и малку подзаборавен од новите генерации, The Vision of Escaflowne е приказна за Хитоми, обична средношколка која во слободно време се занимава со толкување на тарот карти (не, читањето од кафе шоља не и е специјалност). Еден ден ќе примети како едно момче ќе се бори со змеј на школскиот спортски терен. Откако момчето ќе го убие змејот, Хитоми ќе му пријде, а тој ќе и се претстави дека се вика Ван и ја носи во неговиот свет кој се вика Гаиа. Хитоми е воодушевена од новооткриениот свет и е изненадена кога ќе види дека над небото на Гаиа јасно може да се види Земјата и месечината, која според жителите на Гаиа се вика Мистичната месечина. Ван, нејзиниот водич во Гаиа е принц на кралството Фанелија, а моментот кога тој убива змеј го означува моментот дека е подготвен да биде крал. Но кога треба да биде крунисан, дворецот ќе биде нападнат од замаскирани Гаимелефи (џиновски роботи, со тоа што роботите функционираат преку магични кристали). Ван ги совладува непријателите со помош на сопствениот Гаимелеф кој се вика Ескафлон, но оваа победа е минорна - Фанелија е нападната со сите сили од Империјата Заибах. Нападот е немилосрден, а целото кралство е во пламен. Принцот заедно со Хитоми и мала група воини е присилена на егзил, а за време на егзилот Хитоми ќе сфати дека нејзиното доаѓање на Гаиа и помагањето на Ван во напорите да го врати своето кралство не е случајно.

Demon King and Hero. Режирана од Такахаши Такео, Demon King and Hero е серија за вечната војна помеѓу луѓето и демоните. Двете страни не знаат колку долго се води војната, ниту пак зошто се води. Легендарниот Херој, кој нема име туку секој го условува како Херој оди во замокот на демонскиот крал во обид да ја заврши војната еднаш засекогаш. Но кога ќе влезе во замокот го чека изненадување - демонскиот крал е всушност кралица, а кралицата му нуди предлог кој може да ја заврши војната на мирен начин, пред се користејќи ги своите големи познавања во економијата како начин за мирна завршница наведувајќи дека со убивањето на кралицата човечките кралства можат многу лесно да се свртат едни против други и така да настане нов конфликт. Херојот ја прифаќа алијансата со кралицата, добро знаејќи дека овој сојуз нема да наиде на одобрување било кај луѓето, било кај демоните. Покрај тоа што серијата е од истиот тим кој стои зад Spice and Wolf  вреди да се спомене големата количина и квалитет на самиот plot.


Speaking of plot...


Queen's Blade. Ова беше очекувано. You can't have a plot and high fantasy without Queen's Blade. Сместена во континент без име, Queen's Blade е приказна за Леина, ќерка на војводата Венс која треба да ја наследи семејната благородничка титула. Но Леина не е задоволна од тоа. Сака нешто повеќе во животот, како на пример учество во Queen's Blade турнирот. Победничката на турнирот ќе биде кралица на континентот до следниот турнир, кој се одржува на секои 4 години. Сепак, едно е да се има амбиција, а друго е да се има способност за тоа, нешто што и фали на Леина. Иако нема вештини како нејзината најстара сестра, Леина постојано се обидува да избега од својот дом како би се пријавила на турнирот. Бегствата и се неуспешни бидејќи плановите за тоа секогаш и се откривани се додека не ги вкрсти патиштата со Листи при еден од нејзините обиди за бегство. Серијата не е нешто посебно и е просечна со неколку смешни моменти, но кажете ми, кога последен пат сте виделе во аниме девојка во скуден оклоп да се бори со демонка која прска киселина од нејзините гради?






сабота, 13 јули 2013 г.

Магии и мечеви

Аниме светот е голем. Не зборувам за бројот на наслови кои излегуваат секоја година, а поради кои Јапонија се смета за анимиран Боливуд поради квантитетот на аниме наслови, туку поради широкиот спектар на жанрови опфатен од нив - во основа, нема ограничување на можностите. Во последните неколку текстови посветив внимание претежно на научно фантастични серии, па сега е добро време да се заменат футуристичките хај тек уреди со малку магија и мечување.




Guin Saga. Сите знаеме за Толкин и неговото епохално дело „Господарот на прстените.“ Голем број знае за Џорџ Мартин и неговата „Песна за мразот и огнот.“ Солиден број знае за Роберт Џордан и неговото „Тркало на времето.“ Но само мал број знае за Каору Куримото, односно Имаока Сумијо. Сумијо е писателката на „Сагата на Гвин“, најголемиот серијал на книги од областа на епската фантастика. А кога мислам на „голем“, мислам на 126 книги објавувани во временски распон од најмалку 30 години. Во 2009 година беше направен аниме серијал од 26 епизоди во продукција на Satelight Studios. Guin Saga започнува со инвазијата на кралството Монгаул врз кралството Перос. Под превезот на ноќта војските на Монгаул го освојуваат слабото кралство, војската на Перос е уништена, кралот и кралицата убиени, а само нивните деца, Линда и Ремус се спасени од масакр. Изгубени во дивина, без засолниште и храна, тие се лесен плен за опасните sверови кои демнат во мракот. Но во последен момент се спасени од воин вешт во начините на мечување. Кога опасноста ќе биде расчистена децата гледаат дека воинот има глава на леопард. Но тоа не е единствената необичност - воинот не се сеќава на ништо до моментот кога ги среќава децата, освен тоа дека се вика Гвин, дека е одличен мечувалец и во главата му се врти зборот Aurra. Гвин се нуди да им помогне на децата во намерата да си го вратат назад изгубениот дом од окупаторите, а во многуте патешествија Гвин ќе открие многу работи за својот живот, како на пример познавањето на јазиците и обичаите кај многу народи и раси и неговите стратешки способности во справувањето со четите на Монгаул, поставувајќи го прашањето - дали Гвин бил нешто повеќе од обичен воин пред да го изгуби сеќавањето?



Тhe Twelve Kingdoms. Базирана на истоимената лајт новела, „Дванаесетте кралства“ е приказна за Јоко Накаѓима, обична средношколка која еден ден ќе биде нападната од чудни суштества, но во исто време ќе биде заштитена од мистериозен лик кој ќе и се претстави како Кеики, истовремено заколнувајќи и се на верност, а ќе и помогне да помине низ портал кој ја води нејзе и неколку нејзини пријатели во непознат свет. А тој свет нема топло да ги пречека - ќе бидат гонети од војници и чудни sверови, народот во секое село и град зборува на непознат јазик, но работите се менуваат кога Јоко ќе биде доведена во дворецот на човек кој го зборува нејзиниот јазик. Тој се вика Шорију, и тој како и Јоко потекнува од Земјата, во другиот свет позната како Каикјаку. Шорију и објаснува на Јоко дека овој свет има 12 острови, а секој од нив има кралство. Секое кралство има свој крал со кирин, суштества кои служат како заштитници на кралевите. После смртта на кралот, кирините одат во потрага по лица кои треба да седнат на тронот, и само кирините знаат кого треба да одберат. Еден од кирините е токму Кеики и во тој момент Јоко дознава каков товар судбината и става на нејзините плеќи. Серијалот е епска фантастика, но наместо од Толкин или други западни автори, овој серијал е инспириран од кинеската митологија.


Moribito: Guardian of the Spirit.  Moribito е уште еден серијал на книги, овојпат од Нахоко Уехаши, а IP Productions кое стои зад Ghost in the Shell: SAC направи серија од 26 епизоди. Moribito ја следи приказната на Балса, жена копјаник која лебот го заработува како телохранител. Еден ден ќе намине во империјата Јого барајќи ковач кој може да и го среди копјето. Таа е сведок на една несреќа кога принцот на кралството, Чагум, ќе падне во реката додека е придружуван од кралската поворка. Балса го спасува детето и ќе биде поканета од втората царица на прием во палатата како знак на благодарност. Сепак Балса увидува дека втората царица имала скриена намера со приемот - имено таа ќе побара од Балса да го земе Чагум со себе и да го штити од лицата на полицијата и администрацијата бидејќи царот тајно наложил Чагум да биде погубен. Иако на почеток Балса се противи на оваа идеја, сепак на крајот легнува на брашното и го зема Чагум под своја заштита иако добро знае дека царот нема да ја остави на мира и дека ќе нареди секое дрво и камен да се преврти до крајот на светот прашувајќи се - зошто царот сака да посегне по животот на своето дете? 


Bastard!! Замислете дека сакате да напишете дело во кое можете да ги вметнете работите кои ги сакате како главни елементи во приказната. Тоа му појде од рака на Казуши Хагивара, страствен играч на Dungeons and Dragons и љубител на хеви металот. Резултатот од спојката на овие две нешта се вика Bastard!!, манга серијал од 1988 година кој за жал сеуште нема добиено епилог. Во Bastard!! Јавачите на Хаосот го напаѓаат замокот Металикана бидејќи таму е заробена божицата на злото, Антракс. Свештениците се свесни дека ниту една војска или волшебник може да ги спречи да го освојат замокот, па така главниот свештеник се решава на очајнички чекор - мора да го ослободи Дарк Шнајдер, најмоќниот волшебник кој е заробен во телото на малото момче Луше. Но за да биде ослободен од заточеништвото, Луше мора да биде бакнат од девица, а единствената девица во замокот е ќерката на главниот свештеник, Јоко. Извршувајќи ја својата должност, Јоко го бакнува Луше, не знаејќи дека нејзината скриена симпатија се претвора во едно дрско, арогантно магаре со огромно его наречено Дарк Шнајдер. Волшебникот лесно ги уништува војските на јавачите на Хаосот, но свештениците се исплашени - и тоа со право. 15 години пред неговото заробување, Дарк Шнајдер бил генералот на Јавачите на Хаосот и водач на огромна војска на војници и волшебници во обид да го покори светот. Но Шнајдер сега нема интерес да биде владетел откако ќе увиди дека Јавачите имаат нов водач и се свртени против него. Сега Шнајдер мора да се соочи со неговите поранешни соборци - секси елфицата Аршес Неи, воинот Кал-Су, нинџа мајсторот Гаара и мрачниот свештеник Абигејл. Мангата не делува многу сериозно и има доста смешни моменти (на пример Дарк Шнајдер, кој е одличен шармер сака да ја заведе Јоко облечен како Дедо Мраз) и ситуации на breaking the fourth wall (Шнајдер ќе му објасни на Гаара дека тој е главниот херој, а сите споредни негативци се предодредени да загинат).