Манга
Левата рака на Бога,десната рака на ѓаволот
Пишува:Казујо Умезу
Црта:Казујо Умезу
Жанр:Хорор,натприроден трилер,мистерија,сеинен
Пред да ја започнам рецензијава запознајте се со Казујо Умезу.Ова необично човече кое секогаш носи маица со црвено-бели пруги(има илјадници вакви маици и не,не е навивач на Црвена Sвезда) за лежерниот манга читател надвор од Јапонија не значи нешто,но во Јапонија ако прашате било кој ќе добиете одговор дека човеков има статус на легенда и бог.Зошто?Како што Осаму Тезука е запаметен како таткoто на мангата така и Умезу има оставено свој белег како таткото на хорор мангата.Роден на 03.08.1936 година во Префектурата Вакајама неговото семејство се сели во едно мало градче сместено длабоко на планините на Префектурата Нара,каде татко му секоја ноќ пред спиење го заплашувал со приказни од локалните легенди за змијолики жени,зли духови и метаморфозни души,нешто што ќе му послужи како главна инспирација во творењето манги.На 19 години ја објавува својата прва манга Mori no Kyodai(Деца во шумата),своеврсна верзија на Ивица и Марица.Подоцна се впушта во светот на новоформираното андерграунд движење на гекига мангите(манга која ги отфрла детските карактеристики за да ги замени со доста повозрасна содржина како noir,hard sci-fi и horror).Неговите манги со мрачна тематика и често зачинети со натприродни елементи ќе му станат препознатлив заштитен знак и на таквиот стил му останува верен дури и кога ќе почне да црта и пишува манги за shoujo публика.
Голем успех забележува во седумдесеттите со The drifting clasroom,во која се раскажува за Такамацу Шо и неговата борба за преживување откако тој со соучениците и наставниците ќе бидат отсечени од остатокот на светот после еден катастрофален земјотрес.Отворајќи си ја на овој начин вратата кон бесмртноста во манга светот и меѓу своите читатели,својот статус на легенда го зацврстува со 14 years,Reptilia,The left hand of God,the right hand of the devil,подоцна инспирирајќи многу манга автори како Ѓунѓи Ито(Gyo,Uzumaki),Хитоши Ивааки(Kiseijuu) итн.Да докаже дека неговата креативност не е ограничена само на полето на мангата во седумдесеттите го издава својот прв музички албум Yami no album(The darkness album) каде е комплетен автор изведувајќи концерти во живо низ целата држава(во моментов е пејач на 3 различни поп бендови).
Во 1995 г. мораше да се повлече од својата кариера како мангака поради теносиновитис,но тоа не го спречи својата енергија да ја канализира во музичката индустрија,телевизијата и филмот(секогаш пишува сценарија за филмски и сериски проекти базирани на негови дела и добива улоги во истите).
Неодминлив податок:Пред 2 години си изгради куќа во областа Кичиѓооѓи,Мусашино сити,предградие во Токио.Куќата е правена по негов вкус и е многу необична и се вика Makoto-chan house.Неговите комшии негодуваа за време градењето на куќата,а подоцна го тужеа пред суд поради нејзиниот вознемирувачки изглед.За голема жал на хејтерите Умезу го доби спорот.
За престојната Ноќ на вештерките во овој текст посебно внимание има Левата рака на Бога,десната рака на ѓаволот.
Приказната почнува со две деца,девојчето Изуми и нејзиниот помал брат Соу како спијат во својата соба додека надвор има јака бура.Изуми се буди со голема главоболка и почнува да плаче.Болката се засилува и од очите на Изуми и излегуваат ножици.Ова сепак е само кошмар на Соу од кој навреме се буди.После кратко време некој им тропа на прозорецот,а тоа е една од другарките на Изуми,која и кажува дека бурата ја збришала куќата на нивниот наставник Нори и ја вика да дојде за да видат што точно се случило.Кога доаѓаат на самото место гледаат како куќата ја нема,а се што останало е добро вкопаниот подрум.Изуми го тера Соу да се симне долу и да го испита теренот како казна што ги следел наместо да остане дома.Исплашен и тресејќи се од студ Соу полека навлегува во подрумот.Сопнувајќи се од еден пар зарѓани ножици ќе падне врз детски череп по што бега од местото како ѓавол од крст.Безбедно се враќа дома,како и сестра му,но тој не знае дека Изуми со себе ги носи ножиците од подрумот.Соу се враќа на спиење и сонува како го гледа новиот наставник кој ќе го замени Нори како разговара со мајка му за трансферот во новото училиште.Полека се врти кон Соу само за да види дека лицето му е деформирано и без уста,нос и очи.Следното утро Соу и Изуми одат на училиште и се однесуваат како да ништо не се случило.На првиот час директорот го запознава класот со новиот наставник.Изуми ја има честа да му врачи букет рози како знак за добредојде.И само што ги предава и се лоши и паѓа на подот.Превиткувајќи се во голем бол децата трчаат по училишниот лекар кој само што пристигнува станува сведок на нешто надвор од секаква логика-Изуми повраќа кал,толку многу што за кратко време поплавува пола училница.Децата се исплашени до смрт,а само Соу се прибира доволно за да им помогне на возрасните да ја однесат Изуми во болница.Неколку другарки на Изуми се решаваат да ја посетат,а во чекалната ги пресретнува расплачениот Соу кој им покажува дека Изуми не само што не е стабилизирана,туку нејзината состојба преминува од бизарна во надвор од овој свет кога им ги покажува седумте детски скелети што Изуми ги поврати од својата уста.До овој момент си мислев дека Умезу само си игра со читателот и кога тогаш ќе се појави некој да каже "ова е само сон" но децата,докторите и останатиот персонал не сонуваат ист сон ниту страдаат од халуциногени наркотици,ова навистина се случува.Овој кошмар излезен од вонбрачното дете на Exorcist и Alien нема крај-Изуми од системот исфрла безбол палка,безбол топче,неколку робот играчки,трицикл и весник.Една од медицинските сестри ќе ја види насловната страна на весникот каде стои вест објавена пред 30 години за сериски убиец кој користел ножици како свое оружје и грабнувал мали деца чии тела никогаш не биле пронајдени.Соу верува дека ова е знак за враќањето на убиецот и се сомнева дека новиот наставник има некаква врска со настанов;и заедно со другарките на Изуми трагаат по вистината.Ова е само почетокот...
Умезу уште од самиот старт ги отвара картите и веднаш не фрла во дувлото на sверот;нема лесен почеток,нема вообичаено запознавање на ликовите,за нивните навики и начин на живот кои по обичај се опишувани пред "почетокот на бурата" во повеќето хорор дела;едноставно нема простор и време кога ти се случуваат нешта кои веднаш би те шизнале на место.Приказната е повеќе во стил на бизарна хорор истражувачка авантура бидејќи целото дејство е гледано од очите на малиот Соу наместо вообичаениот протагонист да биде возрасна личност.Темпото е доста динамично и ослободено од филери,затоа народе немојте да прескокнувате страници ако ова ви е на read list.
Клучниот столб на кој се потпира "Левата рака на Бога" е атмосферата.Било да сте штотуку навлезени во хорор жанрот или сте веќе хард кор хорор фан на кој му е здосадено од веќе видената "црнецот секогаш го папа и плавушата се качува горе наместо да оди по колата и го папа" шема Левата рака на Бога може да ве внесе во фазон да почувствувате страв,да чувствувате тензија и напнатост како да следите високоадреналински трилер ако не сте до толку исплашени или цело време да викате WTF is this во случај ако и ова не може да ве изненади.Во секој случај нема да ве остави рамнодушни.Уште една карактеристика:секоја секција по хорор филинг варира по желба на авторот.Во една книга знае да претера со пролевањето крв и грозоморноста ала Клајв Баркер,за во друга книга драстично да го смени тонот како психолошки мајндфак а да не се пролее капка крв.
Кон сето ова одлично се вклопува цртежот.Кадрите се филмски и даваат чувство на тензија и неудобност(сцените со ножици кои распараат детски очи не можат да ви ја дигнат косата?Не грижете се,има други нешта кои можат тоа да го предизвикаат,и кришум чекаат зад секоја страна).Мала забелешка е претераната сконцентрираност на мастило на секој кадар,правејќи го цртежот доста "масен" но сепак е мал проблем кој може да се стави настрана.
Во сушниот период за хорор филмови,кога Jason,Jigsaw и Freddie Crueger се филмската верзија на рециклирањето на Super Mario игрите,а Вес Крејвен и Роб Зомби од немање идеи се повикуваат на стара слава добро е да се најде алтернатива во облиците на Kiseijuu,Gyo,Cat diary,MPD psycho и други хорор манги.Уште подобро е да се следат нивните траги кои водат до "изворот на злото" и мастермајндот позади него,нешто што ми ја врати вербата дека таму некаде сеуште постојат хорори со првобитната идеја да те исплашат,а не да заморат.
Хорорљупци,навалете!
Хорорљупци,навалете!
Нема коментари:
Објави коментар