Накратко, поклонувањето е сосема природно и длабоко врзано за јапонската култура. Не она смешно поклонување од 45 степени што го среќаваме во анимето, туку кратки, учтиви поклонувања со кои јапонците си покажуваат почит еден кон друг. И не само почит. Во Јапонија со поклонувањето се покажува наклоност, понизност, благодарност, извинување, признание и честитка. Длабочината и должината зависат од рангот и социјалниот статус на оној кој изразува почит и оној кон кого се изразува почит. Кога не се познаваат лицата најдобро е, кога ќе се разменат бизнис-картичките како што прават во Јапонија на почетокот од претставувањето, да се утврди кој има повисок статус, а и кој е постар. Годините исто се од особена важност за покажување чест.
Секое поклонување во зависност од намената, дури и има сопствено име. Според Tofugu, поклонувањата се делат на
- Климање со глава - секогаш нанапред, спрема блиски пријатели или пониски по ранг, колеги на пример.
- Eshaku (会釈) - поклон за поздравување, со наклон од околу 15 степени, е поклон за не толку блиски пријатели и колеги од ист ранг
- Keirei (敬礼) - поклон за покажување почит, со наклон од околу 30 степени, е поклон за вашиот шеф или луѓе кои воопшто не ги познавате
- Saikeirei 最敬礼 - поклон за покажување најголема чест, со наклон од околу 45 степени, е најчесто поклон за покажување почит кон Императорот, или извинување кога сакате да покажете колку длабоко жалите за својата грешка.
- Поклон на земја, наведнување на коленици - е поклон кој денес ретко се користи, порано го користеле традиционално самураите, или при особено очајни извинувања. Денес се користи само во вежбањето на боречки вештини.
Често е тешко да се дефинира кој прв треба да се поклони. Без исклучок, културно е да се врати на поклон. Меѓутоа, во Јапонија можат да се забележат и неколку „смешни“ ситуации на поклонување.
Во продавница на пример, вработените длабоко се поклонуваат. За тоа се платени, па не мора да им се врати со поклон.
Користејќи телефон, јапонците често се поклонуваат, барем со мало климање на главата, што не е воопшто чудно кога ќе сфатите колку време поминуваат во поклонување во живо.
Кога испраќаат некого со воз на пример, јапонците својата посветеност и верност ја покажуваат со тоа што се поклонуваат длабоко и стојат наведнати, (особено во љубовни врски) се’ додека не замине возот, колата или лифтот (?)
Често можат да се видат континуирани поклонувања, едно по едно, бидејќи луѓето не сакаат да бидат надмашени во тоа. Секогаш постои она „враќање на поклон“ кога некој ќе ви се поклони. За среќа секое враќање е помало и помало, па не оди до бесконечност.
Нема коментари:
Објави коментар