Серијалот на текстовите за мангата, објавени во македонскиот стрип магазин "Синдром", повторно од нашиот член Јордан Коцевски продолжува. Во вториот број текстот со наслов: Кратка Историја на Мангата
Поимот манга, како дел од јапонската уметност, се јавува на крајот на 18от и почетокот на 19от век. За прв пат се појавува во форма на сликовница во делото „Shiji no yukika“ од 1798 година на пoзнатиот јапонски поет, писател и уметник Santõ Kyõden. Сепак, од овој период најценети се книгите насловени како „Hokusai Manga“ (1814) на познатиот уметник кој принтал на дрво Hokusai (во светот познат по неговата слика „Големиот бран на Канагава“). Тоа што претставува револуционерно во овие книги е асортиманот на скици на овој уметник, а кои се поврзани како приказна.
Во 1874та година се појавува првиот манга-магазин насловен како „Japan Punch“, основано од Charles Wirgman во 1862 год., а како цртач се појавува Eshinbun Nipponchi. Но поради неговиот едноставен стил на цртање магазинот доживеал само три броја. И покрај неуспехот на овој манга магазин истото било инспирација за појава на нови манга магазини, како „Marumaru Chinbun“ (1877) и „Garakuta Chinpo“ (1879). Од останатите манга магазини вреди да се спомнат „Shonen Sekai“ (1895), „Shojo Sekai“ (1905) и „Shonen Pakku“ (1905), како први манги наменети за машки, женски, односно деца. Тоа што е интересно е дека сѐ до мај 1924 година, со појавата на манга магазинот „Kodomo Pakku“, сите претходни манги биле неми, односно за прв пат во ова списание се користат балончиња за говор.
Развојот на модерната манга започнува во периодот по Втората светска војна. Во овој период видно е културното влијание од САД преку нивните стрипови, филмови и цртани (посебно цртаните од Дизни), кои внесле некои промени во стилот на цртање на мангата. Појавата на „Astro Boy“ (1952) на Osamu Tezuka претставуваше стилистичка иновација во мангата. Tezuka воведе нов „кинематографски“ пристап во кој панелите се како филм, се менува кадрирањето –после далечен следи крупен кадар, се даваат детали од акцијата, се фаќа slow motion ефект и сл. Ваквиот негов стил е практикуван во сите манги кои следат потоа.
До денешен ден се развиени (и развиваат) голем број на жанрови и поджанрови на манга, наменети за различен целен пазар, а популарноста на мангата достигнува светско ниво. За ова повеќе во наредните броеви на „Синдром“.
*Објавените цртежи се дел од Hokusai мангата.
среда, 2 јуни 2010 г.
Претплати се на:
Објави (Atom)