петок, 20 септември 2013 г.

Хироши Јамаучи - како човекот без насмевка ја подари истата на многу генерации

Нема потреба да објаснувам што е Nintendo. Верувам дека многумина од групата имале можност да играат на NES, SNES N64, Gameboy, DS и други конзоли од оваа јапонска компанија. Но верувам дека ретко сме се запрашале кој стои зад среќата наречена Nintendo конзоли. Одговорот е - Хироши Јамаучи, човек кој никој не го видел со насмевка на неговото лице.



На 19 септември на сите gaming портали осамна веста за смртта на Јамаучи на 85 годишна возраст, поранешниот претседател на компанијата кој се повлече од функцијата во 2002 година после 53 годишно владеење. Да, Јамаучи управуваше со Nintendo цели 53 години.

Но неговото наследство продолжува да живее. Неговото владеење со железна тупаница, како и ризиците и одлуките кои ги повлекуваше во време кога видео игрите беа во зародиш беа одлучувачки во обликувањето на Nintendo какво што го знаеме. 





Почетокот

Хироши беше напуштен од својот татко на 5 годишна возраст, а набрзо потоа и од својата мајка, оставајќи за детето да се грижат неговите дедо и баба, кои секогаш се однесувале стриктно и строго кон него. Овој човек, кој донесе  радост во детствата на многу луѓе беше лишен од своето детство.

На 16 годишна возраст Јамаучи сакаше да се придружи на царската војска во Втората Светска Војна, но забраната од дедо му, како и очигледниот епилог во последните денови на војната го предомислиja. После војната Јамаучи студираше право на универзитетот во Васеда. Но животот имаше други планови за неговата кариера.

Дедото на Хироши, Секиријо, беше втор претседател на една мала семејна компанија наречена Nintendo, позната во државата како производител на карти за играње. Во 1949 година дедо му доживеа тежок срцев удар и тоа го принуди Хироши да ги напушти адвокатските амбиции и да ја превземе семејната компанија во свои раце. Да стане претседател на Nintendo. 



Превземањето контрола над компанијата

Хироши стапна на функцијата претседател во 1949 година и веднаш почна да прави коренити промени. Иако имаше 22 години, тој превзеде одлучувачки потези да си обезбеди апсолутно владеење, воспоставувајќи авторитет кој ќе го држи на власт до 2002 година. Картите за игри беа единственото нешто по кое Nintendo одржуваше репутација во домашниот бизнис, но Хироши добро знаеше дека картите не се доволни за успех на долг план. Јамаучи агресивно ja прошируваше компанијата во многу бизнис сфери, гледајќи што би било од голема корист за фирмата.

Дел од тие бизниси вклучуваа „љубовни хотели“, такси компанија и инстант оризови оброци. Тие пропаднаа.

Освен еден.



Приказна за играчките 

Во 1959 г. Хироши го направи првиот поголем чекор кој ќе го направи Nintendo тоа што е денес. Тој склучи договор со компанијата Walt Disney за принтање на ликови како Мики Маус на карти за играње наменети за деца. Хироши, препознавајќи добра прилика во сево ова, се одлучи да ги напушти бизнисите од типот на љубовните хотели и во целост да ја преобрази компанијата како фирма која нуди забава за деца и млади.

Играчките беа дела од новиот бизнис план и се покажаа како голем успех откако Јамаучи го откри скриениот талент на Гунпеи Јокои, човек со голема иновативност да создава играчки, ангажирајќи го во новосоздадениот играчки оддел. Првата играчка беше Ultra Hand - направа за зграпчување објекти која се издолжува преку стискање две рачки. Играчката беше масовен хит кај децата. Потоа на ред дојде Ultra Pitch - автомат за фрлање безбол топки. Играчката се продаваше како алва. Јокои е заслужен и за создавањето на првата џепна конзола - Game Boy. Хироши не создаваше забава, но знаеше да ја препознае и добро да процени кои продукти добро би се продале.



Незапирлива сила и месијанската улога во 80 - тите

Во 70 - тите години Atari ја направи првата видео игра, Pong. Хироши склучи договор со Atari за дистрибуција на Pong автоматите за домашниот пазар. Набрзо потоа Јамаучи ја препозна потребата неговата компанија да создаде свои игри и токму неговата одлука за влез во новосоздадената индустрија за видео игри како нов медиум за забава на деца ја обликуваше денешната верзија на Nintendo. 

Речиси сите одлуки на Јамаучи од почетокот на 80 - тите до неговото пензионирање беа круцијални во искачувањето на Nintendo на тронот на гејминг светот, меѓу кои:

1) Воспоставувањето на основачката структура на развојните тимови во Nintendo, делејќи ги вработените во посебни групи. Ваквото организирање и не е така револуционерно, но тоа што беше ефективно е одлуката да ги спротивстави меѓусебно. Секој тим беше во постојан натпревар против другите, работејќи непрестајно да направат игри кои би го задоволиле претседателот. Доколку на Јамаучи не му се допадне и најмал аспект на играта, тогаш ќе нареди гасење на проектот дури и ако е во завршна фаза на развој. Токму затоа неговите пофални зборови за одреден проект на одреден тим делуваа како да пронашле рудник со злато.

2) Препознавањето на нов талент. Хироши ризикуваше многу кога му даде шанса на Шигеру Мијамото, давајќи му задача да ја создаде првата видео игра за Nintendo. Играта е направена во 1981 г. и се вика Donkey Kong. Мијамото продолжи со работа создавајќи ги легендарните франшизи Super Mario Bros и The Legend of Zelda.

3) Tој го надгледуваше развојот на првата конзола насловена како NES (во Јапонија позната како Famicom), диктирајќи ги нејзините карактеристики, давајќи храбри финансиски ветувања за компаниите кои ги обезбедуваа компонентите на конзолата.

Резултат?

Во 1983 година САД доживеа пад на домашниот пазарза видео игри (што поради преплавеноста со многу неквалитетни конзоли и игри, што поради инфлација) доведувајќи до загуба на интересот на потенцијалните купувачи. Во 1985 година Nintendo направи промоција на NES во САД. Првата конзола стана огромен хит, остварувајќи ја доминантната положба на компанијата на запад. Nintendo ја спаси индустријата на видео игрите од изумирање.

Но успехот на Хироши и неговата компанија не застана со NES. Во деведесеттите Nintendo ја продолжи својата доминација со SNES, Game Boy, Game Boy Advanced и Nintendo 64. Иако неприкосновена, Nintendo стана инспирација за SEGA и SONY да влезат во конкуренцијата креирајќи свои конзоли, а во почетокот на 21 век и Microsoft се приклучи во трката.



Хироши се повлече од претседателската позиција во 2002 година, во време кога Nintendo ја промовираше Game Cube конзолата. Сепак со повлекувањето не исчезна и неговото влијание. Тој продолжи да работи како советник на компанијата. Интересно е што Nintendo DS, претходник на 3DS, најпрофитабилната џепна конзола на сите времиња е идеја токму на Хироши.

Чудно е што многу генерации на играчи за своите убави спомени треба да му се заблагодарат на човек кој на своја кожа не искусил детска радост и среќа, но само затоа што немаш нешто не значи дека и другите не треба да го имаат. Тоа е нешто што Хироши добро го сфати и на светот му го подари она што во животот не му беше пружено.

Збогум, легендо.