Јас сум фан на Doctor Who, легендарна тв серија за Докторот, последниот припадник на Временските господари, како патува со неговиот Тардис на различни локации во различни временски периоди. Исто така сум фан на необични FPS игри како Dishonored, каде имав можност да одам на различни локации низ Dunwall, град кој потсетува на викторијански Лондон, извршувајќи атентаторски мисии против очигледните негативци. Oд неодамна и дадов шанса и на серијата Firefly, класична вестерн приказна сместена во вселената. Се прашувате, зошто ги спомнувам во блог посветен за јапонска поп култура. Тоа е затоа што, иако се во различни медиуми, сепак содржат елементи (некој повеќе, некој помалку) од правецoт наречен стимпанк, правец кој има свое место и во нашата омилена јапонска поп култура.
Што е стимпанк?
Стимпанкот е ретро - футуризам. ОК, можеби ова не е баш најдобриот збор за да го објаснам ова. Стимпанкот е поджанр на научната фантастика каде водената пареа го има главниот збор во технолошниот развој. Замислете свет каде никој не ја користи денешната модерна технологија и нејзините придобивки. Нема нуклеарна моќ која во повеќето развиени земји е главен извор за снабдување со електрицитет и топлина, или пак соларна енергија која се црпи од сонцето, или пак стандардната електрична енергија. На нивно место (сеуште) се користи водената пареа, првиот енергетски извор потребен за покренување на средствата за транспорт и функционирањето на сите видови машинерија. Овој поджанр наоѓа инспирација на самиот почеток на научно фантастичниот жанр, во времето кога Жил Верн, писател од 19 - тиот век, воодушевен од индустриската револуција, пишувал за летачки балони, подморници и ракети со човечки екипаж кон месечината кои се движат благодарение на машини и мотори на парен погон. Во сличен стил пишува и Херберт Џорџ Велс, уште еден пионер на научната фантастика, префрлувајќи го стимпанкот во 20 -тиот век, за ден денес да видиме дека овој правец добро се држи во доста книги, филмови, тв серии и видео игри. Стимпанкот е токму тоа -добиваш впечаток дека времето не мрднало подалеку од средината на 19 - тиот век, било да е за технологија, архитектура, облека, музика или начин на однесување.
Во претходниот текст пишував за статусот и влијанието кое сајберпанкот го има во Јапонија. Но покрај сајберпанкот, свој култен статус ужива и стимпанкот, иако не толку како сајберпанкот, но сепак е присутен и очигледна е неговата припадност во јапонската поп култура и нормално, во мангата/анимето.
Time to put this into a retro overdrive.
Кои се најпознатите стимпанк аниме серии и филмови?
Full metal alchemist. FMA е приказна за браќата Едвард и Алфонс Елрик кои се обидуваат да ја вратат во живот нивната мајка преку моќта на алхемијата, односно со помош на човечка трансмутација која е забранета во круговите на алхемијата, но за жал нивниот обид завршува катастрофално. Едвард ја губи својата лева нога, а Алфонс го губи своето тело. За да го спаси тоа што е останато од помалиот брат, Едвард ја жртвува својата десна рака за да ја врати душата на својот брат од светот на мртвите и ја префрлува во железен оклоп. Неколку дена подоцна, скршени и без идеја, им приоѓа државниот алхемичар Рој Мустанг со понуда да се приклучат на државните алхемичари со надеж дека Едвард ќе може да го врати брат му во нормалната состојба со помош на напредокот на полето на алхемијата.
Laputa: Castle in the sky. Првиот филм во продукција на студо Ghibli, основана од Хајао Мијазаки откако го напушти Nippon animation. Шиита е девојче кое е придружувано од војници на владиниот цепелин на државата Муска кој е нападнат од пирати. Девојчето ја искористува ситуацијата да избега од цепелинот и паѓа од него. Нејзиниот пад е ублажен од чудниот амулет кој сјае на нејзиниот врат. Штом стапне на земјата таа е прифатена од Пазу, момче кое работи во локалниот рудник на неговиот град. Откако ќе им избегаат на пиратите и војниците, двајцата ќе најдат засолниште кај рударот Пом, кој ќе им каже дека амулетот е изработен од кристалот етерниум кој се користел за напојување на небесните градови, места кои ги има само во митовите. Еден од тие градови е и Лапута. Пазу и Шиита се решаваат да го најдат градот додека нивниот чекор е следен од пиратите и владата.
Howl's moving castle. Уште еден филм на Мијазаки. Ова е приказна за Софи, шеширџијка, која еден ден ќе се сретне со волшебникот Хаул додека оди да ја посети сестра си. Нејзината средба со волшебникот ќе биде забележана од жената која се нарекува Вештерка на Пустелијата. Таа ќе се појави во нејзиниот дуќан и ќе и фрли клетва која ќе ја направи старица. За да се ослободи од клетвата, Софи мора да оди во подвижниот замок на Хаул со надеж дека тој ќе и помогне работите да се вратат на своето место.
Last exile. Добредојдовте во Престер, свет каде индустриската револуција го има достигнато својот врв, посебно во делот со воздушниот транспорт каде доминираат леталата познати како vanship. Клаус и Лави работат како воздушни курири со задача да пренесуваат писма и други поштенски пратки во време на голема војна помеѓу државите Анаторај и Дисит кои војуваат околу пограничниот регион познат како Големиот поток. Нивниот сон е еден ден да го прелетаат Големиот поток, но неговото остварување ќе мора да почека бидејќи во нивните животи ќе упадне мистериозната девојка Алвиса која им кажува дека мора да ја однесат на платеничкиот брод Силвана, а за која подоцна откриваат дека таа е клучот за завршувањето на војната.
Steamboy. Еден од поновите проекти на Кацухиро Отомо, авторот на Akira, овој филм е еден од најскапите аниме филмови со 10 години поминати во продукција. Сместена во средината на 19 век, Steamboy е приказна за Реј Стим, млад човек кој работи во текстилна работилница во Манчестер, Англија и дел од слободното време го посветува на своите изуми, подготвувајќи се за својата прва изложба на Големиот саем. Пред изложбата добива пакет испратен од неговиот дедо кој живее во САД. Пакетот содржи една метална топка и писменце со инструкции да не открива никому дека го добил пакетот. Денот кога топката е во неговите раце е денот кога животот му се менува од корен.
Samurai 7. Samurai 7 е базиран на истоимениот класичен филм на Акира Куросава. За оние кои не го гледале филмот, The seven samurai е филм за едно село кое секоја година е ограбувано од бандити. Селаните, не можејќи да ја трпат оваа состојба одат од град до град барајќи самураи кои би се нафатиле да им го одбранат селото и полињата, со таа разлика што самураите се борат против steam - powered gun wielding роботи.