четврток, 21 јуни 2012 г.

Berserk

                                                                       


Манга                                                                                                                          

Пишува:Кентаро Миура                                                                                                                         
Црта:Кентаро Миура
Жанр:Eпска фантастика,хорор,акција,сеинен    
Издавач:Hakusensha
Излегува за списанието Young animal
Година на издавање:1990



До пред едно 5 години не бев тип што сакаше манги.Од јапонската поп култура преферирав само аниме како единствено нешто прифатливо за убивање време додека студирав.Се утепував од гледање носталгични серии како Robotech,Sailor moon,Digimon,а подоцна и од поновите како Ninja scroll,Escaflowne,Samurai сhamploo итн итн,се додека еден ден разгледувајќи книги на тезгите кај МОБ успеав да видам цд со скенови од манга верзијата на Akira,мојот прв насилен аниме филм.Не се двоумев многу и го купив и со Аkira полека почнав да влегувам во светот на манга стриповите.Бидејќи бев новајлија секогаш барав препораки од членови на странски манга форуми на кои дела да им дадам приоритет и сите беа едногласни-Berserk под итно.Го послушав советот,најдов квалитетни скенови на thespectrumnet;резултат-со Berserk сме неразделни веќе 4 години.



Што е Berserk?Серијал од епски пропорции кој излегува веќе 20 години,најдоброто што може да го понуди епската фантастика во стрип издание(тоа што Конан Варваринот беше за нашето детство тоа е Berserk за нас во денешно време) со аниме екранизација од 25 епизоди во 1997 година и нова аниме екранизација во вид на филмови почнувајќи од 2012 година,еден куп роба за diehard фанови,две видео игри и со база на обожаватели од целиот свет.Ова не би се случило ако кариерата на Миура завземеше друг правец.Кентаро Миура беше еден од најнадежните млади мангаки кон крајот на 80те.Неговиот труд беше ценет од страна на Weekly shonen magazine кои почнаа да ја издаваат Noa,една од првите негови манги.Но односите набргу се нарушија после несогласувањата на Миура со еден од главните уредници на списанието по што набргу доби клоца и тука се случува пресвртот.После кратка пауза во 1989 година издаде стрип од 48 страни со наслов Berserk prototype кој му донесе неколку признанија и награди,по што Миура направи неколку корекции во приказната на Prototype за потоа истата да ја објави во Jets comics под легендата позната како Berserk,а од 1992 година Berserk е безбедно вдомен во Young animal,списание каде Миура може без проблеми и притисоци да го црта и пишува своето дело како сака и да го диктира темпото на излегување на секое поглавје.



Сместена во Мидланд,земја инспирирана од Европа во мрачниот средновековен период Berserk е приказна за Гатс,воин познат како Црниот Мечувалец придружуван од Пак (мал и иритирачки,но корисен елф кој исцелува повреди) кој оди од град во град во потрага по било каква трага која ќе го доведе поблиску до наоѓањето на петте врховни демони наречени Божјата рака.Наминувајќи во еден град добива информација дека локалниот моќник барон поседува бехелит,предмет во облик на јајце кој служи како средство за повикување на Божјата рака.После долга и исцрпувачка битка со баронот за кој се испоставува на крај дека е апостол(демон во служба на Божјата рака) баронот го користи бехелитот за да побара помош од своите господари.Гатс е заинтересиран да се соочи само со еден од нив,демон по име Фемто,но Фемто го совладува без мака,а Божјата рака се повлекува носејќи го баронот во пеколот.Гатс полека се наслонува на еден sид и додека Пак му ги лечи раните гледаме како тој со тага на лицето се навраќа на своето минато,време кога тој беше платен војник,припадник на Четата на соколот предводена од харизматичниот водач Грифит/Фемто,сега дел од Божјата рака;а воедно овој флешбек го означува и почетокот на една приказна која 20 години е далеку од епилог.



Berserk е една од моите најомилени манги и колку и да го ценам господинот Миура што на светот му ја има дадено можеби најдобрата епска фантастика во стрип формат должен сум да не ги занемарам лошите страни кои во последно време се доста видливи.Мојата намера во оваа рецензија е да го покажам доброто и лошото на Berserk што е можно пообјективно,а воедно да им укажам на оние кои имаат намера да се втурнат во Berserk-верзумот што да очекуваат.



Што е тоа што го чини Berserk одличен?

1)Ликовите.Иако Berserk почнува со потрагата на Гатс по Божјата рака тука не треба да го бараме вистинскиот почеток;ниту пак кога Гатс,војник кој живее само за да се бори освојува замок со група платеници кога во еден момент напредокот на освојувачите е спречен од најдобриот војник на замокот Базусо;но не за долго бидејќи Гатс лесно го убива во борба еден на еден.Оваа борба не поминува незабележано од Грифит,младиот заповедник на Четата на соколот кој му приоѓа на Гатс и му нуди прием во четата.Гатс,после тешко убедување станува нов член и овој момент го означува почетокот на сагата,настан кој не само што претходи на походот на Гатс по Божјата рака туку и почеток на можеби најдобриот однос во смисла на пријателство,лојалност,посветеност,пожртвуваност и предавство.Грифит и Гатс се ликови кои согласно разликите добро се поклопуваат меѓусебно.Од една страна го имаме Гатс,груб и суров непочитувач кон авторитетите,воин без цел,а од друга страна го имаме Грифит,шармантен,речит и паметен командант како го менува Гатс и му дава цел во животот и да му биде десна рака во неговото патешествие како би основал свое кралство.По описот звучи како Грифит да го користи Гатс како алатка што е на некој начин точно,но има исклучок-Грифит во секој аспект се прикажува себеси пред сите како "Исус со меч";сите се чувствуваат смирено со него,сите чувствуваат спокој со него,сите гледаат во него спасител,но таа маска паѓа кога Грифит му се доверува на Гатс бидејќи во него го гледа единствениот пријател со кого може да биде свој и во целост искрен,како амбициозен мегаломанијак спремен да постигне се и сешто,макар да е по висока цена.Гатс и Грифит се поим за тоа како треба да се создава приказна центрирана на развојот на ликовите и нивната приказна е маестрално раскажана во најдобриот arc на Berserk:The golden age.



2)Светот.Комплетен,конзистентен и на одличен начин ги вклопува филозофските идеали на каузалноста,политичките погледи на апсолутизмот,монотеизмот на католичката црква,добрината и корумпираноста на човечката природа во еден мрачен,депресивен свет со своја митологија.



3)Цртежот.Првите 3 книги се генеричен манга стил на цртање,од четвртата книга Миура малку по малку почнува да го менува својот стил давајќи пореалистични црти на околината,за да се добие драстично подобрување од 13 книга,за по секоја книга деталот на секој град,село,човек и чудовиште(чудовиштата во Berserk се најдобро нацртаните чудовишта во историјата на мангата) да е неверојатно абнормален.Колку да видите дека Миура се труди да го доведе својот цртеж најблиску до перфекција е фактот што помина 3 месеци цртајќи битка од масовни пропорции.



4)Акцијата.Сеинен стриповите секогаш важат за стрипови со најдобрите,најкрвавите и најбруталните сцени што воопшто можат да се пренесат на хартија.Berserk високо котира на таа листа,било за мали борби каде Гатс ја докажува својата вештина,супериорност и агилност,било за судир помеѓу војски.Миура знае како да направи крвав спектакл.



5)Музиката.Анимето од 1997 година беше само еден вовед во Berserk и додека служеше како една голема рекламна кампања со наслов "за повеќе читајте ја мангата" неправедно е да го исклучам елементот кој за мене беше клучен дел од душата на аниме серијата-саундтракот на Сусуму Хирасава.Во недостиг на подобар опис бујрум траката "Behelit".



Што е тоа што го чини Berserk лош?

1)Пеколот наречен "till next time".Кога ќе стигнете на последната страна на било кое поглавје од Berserk таму има инфо кога треба да излезе следното.Има две опции-или ќе има точен датум или ќе пишува "до следното видување".Ако е ова второво,тогаш имам лоши вести за вас-не очекувајте ново поглавје едно 2-3 месеци.А знаејќи каква дрога е Berserk(штом почнете да го читате губете два дена во низа за да стигнете до последната страна) ќе почнете да си кубете коси зошто нема повеќе и ќе го пцуете Миура зошто работи ко Црногорец.За ова постојат неколку причини:

а)Миура не работи со асистенти(токму така,сите слики ги црта сам и не бара сценаристи за помош околу дијалозите).Е сега,тоа не му претставуваше некој проблем бидејќи пред 5 години Berserk излегуваше еднаш месечно,но како што се зголемија апетитите за усовршување на цртањето тој постави барање до Young animal да му се овозможи да си работи на своето без никакво временско ограничување.Не барајте спас во Young animal дека ќе сменат нешто,да зафркнеш работа со Миура е како да си ја утепал својата кокошка која несе златни јајца.

б)Idolmaster,со други зборови опседнатоста на авторот со симулатор за музички продуценти.Не се зезам.Миура се зарази со оваа игра од денот од кога е излезена,а да биде полошо се погрижи Namco(креаторите на Idolmaster) со нивните продолженија и спинови.Дали треба да ми е мило што Миура сеуште не се навлекол на Final Fantasy?

в)Новото Berserk аниме.Планот е ова аниме да не биде во класичен ТВ формат туку да излегува во вид на филмови,по 2-3 филма на годишно ниво.Миура внимателно го набљудува проектот и се појавува како консултант за одредени сегменти.

г)Guin saga.Серијал на книги кој се смета за најмаратонскиот серијал на епска фантастика,со досега 120 издадени книги(последната е издадена во 2009,а поради смртта на авторот серијата си остана со отворен крај).Guin saga е една од главните инспирации на Berserk.Во 2010 година Миура изјави дека со 33-от том е завршена само првата половина од приказната.

2)Доста со причина бр.1,време е за причина бр.2 или шоненизација.Без специфични спојлери Berserk во последните неколку години во некои работи стана класична шонен авантура,Гатс е херој кој секогаш победува во невозможни ситуации(не дека тоа го немаше и порано ама сега во шонен пакување)+некои иритантни другари кои служат како comic relief,што до одредена мера дава оптимистички тон на манга во која такво нешто не е потребно.



Berserk е меч со две оштрици;во еден момент ќе ве воодушеви како што ниедна манга не ве воодушевила,во друг момент знае да ве натера да се откажете од понатамошно читање поради омразената "till next time",но ако го тргнеме настрана нашето неспокојство и дозволиме Миура да ја ткае приказната како што ја замислил тогаш нема да ни смета временскиот распон и неговиот обид да остави траен белег кој ќе го паметат и подоцнежните генерации.