Плутон
Пишува:Наоки Урасава,Осаму Тезука
Црта:Наоки Урасава
Жанр:Научна фантастика,детективски трилер,сеинен
Издавач:Shogakukan
Списание:Big comic original
Година на издавање:2003
Управникот:Детективу.....вие сте робот?
Гешихт:Да.
Управникот:Пффт,дојдовме до тоа да не можеме да разликуваме робот од човек.
Гешихт:Има едноставен начин да се идентификува робот.
Управникот:Стварно?По што?
Гешихт:Ние не правиме непромислени работи.
За да ја почнам оваа рецензија,морам да ги запознаам оние кои сега првпат слушаат за Осаму Тезука "богот на мангата".Тезука е првиот мангака,автор е на доста познати класици како "Black Jack","The phoenix","Kimba the white lion","Buddha" и "Astroboy".Последново испадна негова научнофантастична верзија на Пинокио за авантурите на Aтом,момче робот кое мирно коегзистира со луѓето и ги штити од зли роботи и вонземски освојувачи.Во 2003 година,најдобриот автор на психолошките/напнатите трилер манги Наоки Урасава се реши да го преаработи "Astroboy" по негов терк.Со позајмување на неколку ликови и концепти,Урасава го направи zа "Astroboy" тоа што Роналд Мур го направи за "Battlestar Galactica" или Кристофер Нолан за "Batman:The dark knight",трансформирајќи една весела детска авантура во мрачен трилер.
Во Швајцарија е прогласена тридневна жалост поради свирепото убиство на Мон Блан,робот чувар на еден од националните паркови на Швајцарските Алпи.Истрагата за убиството му е доверена на инспекторот робот во хуманоидна форма Гешихт,припадник на германскиот детективски огранок на ЕУРОПОЛ.На местото на злосторството има само една трага-на главата на Мон Блан се поставени рогови.Во Шкотска,воениот робот Север #2 за првпат се вработува како цивилен работник,како батлер во служба на композиторот Пол Данкан.По некое време,недалеку од замокот се формира бура,а Север #2 насетува дека бурата е нешто повеќе од тоа и оди да провери.Од неговото тело не останува ништо,а на местото каде беше бурата стои карпа во облик на глава со рогови.Гешихт бара помош од роботот криминалец Брау 1589 кој поради убиство на човек својата казна ја издржува во посебно затворско одделение.Роботот му открива дека роговите на жртвите го симболизираат Плутон,римскиот бог на смртта и го предупредува Гешихт дека убиецот за своја цел ги има членовите на "големата седумка"(најсилните роботи на светот,учесници во 39-тата Блискоисточна војна),меѓу кои спаѓа и тој.
Се прашувате зошто го ставив зборот "убиство" наместо "уништување" кој би бил поприкладен за насилна смрт на робот.Одговорот лежи во коренитата промена која го има зафатено футуристичкото општество-роботите не се бесплатна работна сила обврзана да се покорува на трите закони на роботиката од Исак Асимов(1)Роботот не смее да повреди човек или преку недејствување да допушти повреда на човек;2)Роботот мора да ги почитува сите наредби што му ги дава човек,освен оние наредби кои се во спротивност со првиот закон;3)Роботот мора да го штити својот живот се додека таквата заштита не е во спротивност со првиот и вториот закон).Тие ги уживаат правата и слободите како и секој човек,од најосновните па се до правото за основање семејство,заработување плата за својата работа и годишен одмор.Се поголем број од нив се одлучува да добие фацијална промена која ќе му овозможи почовечки изглед,а за уште попродлабочено бришење на границата природна-вештачка свест имплантираат емотивни чипови кои им овозможуваат да чувствуваат тоа што и ние чувствуваме.
Но доста со политичко-правниот аспект.Наместо вообичаеното "роботот добива самосвест и се бунтува против своите креатори" или "човекот сурово ги експлоатира роботите" Pluto дава поинаква димензија на односот човек-робот и ретка прилика да прочитаме приказна каде роботите разбираат работи како сочуство,љубов,милост и даваат се од себе,преку алтруистички дела да го направат светот подобро место за живеење,а поголемиот дел од товарот паѓа на плеќите на дел од роботите од "големата седумка".
Учествувајќи во 39-тата Блискоисточна војна на страната на Соеднинетите Тракиски Држави под изговор дека во Персија се кршат правата на роботите и се произведуваат роботи за масовно уништување(политичката позадина нескриено алудира на Американската инвазија на Ирак во 2003 г.),"големата седумка" го искусува ужасот на војната,колку и да се трудат не можат да ги избришат спомените од илјадници нивни мртви соборци и роботи кои биле подложни на експерименти од непријателот и наместо електрични овци сонуваат кошмари.Нивното искуство со тоа што значи да си обземен во виорот на војната ги тера да направат промена од 360 степени(Мон Блан го посветува својот живот на чување на природата,Север #2 од најдобро вооружениот робот преферира да не се бори повеќе и поминува доста време усовршувајќи го свирењето клавир кај господар Данкан).
Разликите во пристапот кон Astroboy/Pluto кај Тезука и Урасава е видлива и кај цртежот-Тезука е пионер на мангата и творецот на карикираното прикажување на ликовите со големи очи,тенки вратови,преедноставен дизајн и сето тоа личи наивно и детски и веројатно за поновите генерации манга публика тоа би ги одвратило од понатамошно читање.Урасава од друга страна го тера својот стил од Monster-едноставно,но реално портретирање на ликовите,секој од нив со карактеристична црта,а стрип кадрите се флуидни и даваат филмски тон.
Додека ги пролистував страниците имав впечаток дека го читам Blade runner во стрип издание.Роботите како што наведов имаат изборено свое место под сонцето,но и понатаму се чувствува дискриминација(на секој јавен објект се поставени пунктови за раздвојување на луѓе и роботи,незадоволни и гневни граѓани создаваат анти роботски групи по урнекот на американската ККК).Приказната е детективски noir,со бавно темпо и одлична атмосфера.Признавам,Гешихт не е Декард и иако е робот не е робот во смисла да работи рамодушно како што би работела обична машина,со него ќе доживеете доста tearjerking моменти,а сцените каде вози по улиците на мегалополисите на Еврофедерацијата,испрашува сведоци,бара докази итн.,сето тоа фино надополнето со локации низ Персиските сламови,Амстердам,Токио,Истанбул,Берлин,Австралија,Грција и Швајцарија во својот футуристички лик прекрасно се вклопува со музиката на Вангелис за истоимениот филм.
Pluto пријатно ме изненади.Барајќи добра научнофантастична приказна,наидов на нешто што го разбуди топлото чувство кога ќе се потсетам на стариот добар шмек на sci-fi филмовите од осумдесеттите,вметнувајќи ретко искористени теми од манга која датира од пеесетите,но чие ехо сеуште се слуша.Дефинитивно манга која по својот успешен спој на цртеж,дијалози,дејство и ликови не можам да најдам ама баш никаква замерка.
ПС:Ако не сакате да се мачите со читање на Pluto пред компјутер,Viz Media,еден од поголемите дистрибутери на манги на западниот пазар пред една година го комплетираше Pluto во хартиено издание.Pluto брои вкупно 8 книги,сите се со врвен квалитет и во стандарден манга формат.