четврток, 12 август 2010

Seagaia Ocean Dome - совршената плажа во секој дел од годината

Лоциран во Miyazaki, Miyazaki, на југот на Јапонија, со целата своја велелепност, се простира најголемиот затворен воден парк во светот, Seagaia Ocean Dome, дел од Sheraton Seagaia Ocean Resort. Паркот е со импозантни димензии од 300m должина и 100m широчина, има покрив кој се отвора и затвора во зависност од временските услови, што овозможува убаво сино небо дури и во облачни денови. Темпреатурата на воздухот е 30оC, а додека на водата 28oC, што претставуваат идеалните услови за летно време.
Инспирацијата за еден ваков импозантен објект се секако не многу топлите врнежливи лета во Јапонија, проследени со голема влажност на воздухот. Во 2007 година бил затворен заради реновирање, за да во 2009, по реотварањето на објектот, посетеноста му се вдвои.
Самиот објект, освен симулација на перфектна плажа, нуди и многу други пропратни содржини, како на пример, активен вулкан, хај-тек машинерија за правење на вештачки бранови, како и плажа со ситен бел мермерен песок, идентичен на вистинскиот, но кој не се прилепува за стапалата (OMG).
Еве и некое сличе од овој објект, кој е впишан во Гинисовата книга на рекорди:

петок, 06 август 2010

Иц коктејл тајм!

Летото, кога се во прашање софистицираните пијалоци, се врзува најчесто за коктелите. Овој пат ќе се позанимаваме со типовите на коктели карактеристични за Јапонија и типичните алкохолни пијалоци кои се користат за таа цел.
Типичните јапонски коктели се базираат генерално на sake, shochu и јапонско виски, но има и коктели базирани на пиво. За сакето се вели дека е идеална база за мешање со пијалоци кои имаат ниска до средна концентрација на алкохол. Лесно и хармонично се вклопува со многу алкохоли, при тоа давајќи им специфичен вкус на коктелите. Во денешно време, кога сакето е достапно насекаде, коктелите добиваат нова димензија, токму поради несекојдневната сензација која ја дава вкусот на саке коктелот.
Шоучу-то, кое е слично на сакето, се користи исто така коктели, и тоа од типот Korui (кое се добива со повеќекратна дестилација). Во денешно време shochu коктелите се продаваат во конзерви и се наречени “Chu-hai”, а може да се најдат скоро секаде во Јапонија, од автомати за пијалоци на улиците, разни типови на маркети, па дури и во киосците во метрото. Ги има со разни вкусови: грејпфрут, лимон, лајм, праска, јагода, слива и многу други.

четврток, 05 август 2010

Јапонците на одмор во странство

Овој пат ќе се позанимавам со Јапонската култура на одење на одмор. Јапонците важат како нација која е најмногу “лишена” од годишните одмори. Според една "студија", Јапонците имаат најмал број на денови во годината за одмор, од тие денови користат најчесто само половина, а на годишно ниво во просек користат по само 9 дена одмор, што е далеку зад останатите земји.
По втората светска војна и појавата на јапонското економско чудо, јапонскиот животен стандард доживеа значителен пораст. Линијата на потребите на Јапонците, се согледува во следново: во ‘50тите години, за Јапонците било достигнување да ги поседуваат трите С – senpuku, sentakyu и suihanki (вентилатор, машина за перење и електричен уред за варење на ориз); во ‘60тите, пак, доминирале трите К – kaa, kura и kara terebi (автомобил, клима уред и колор телевизор); додека веќе во ’70тите, во кои се случува и јапонското економско чудо, достигнување биле трите Џ – jueru, jetto и jutaku (накит, прекуокеански одмор и куќа).
Имено, по либерализацијата на прекуморските патувања во Јапонија по 1964тата, по оддржувањето на летните олимписки игри во Токио, бројот на Јапонци кои одат на одмор во странство константно расте, за да достигне некоја бројка од 15 мил до средината на ‘90тите од минатиот век. (ова пред се’ се должи на поволниот курс на Јенот, особено по потпишувањето на Plaza D’accord). Надолен тренд оваа појава доживува во 1997 година, поради рецесијата и слабеењето на Јенот. Веќе во 2000тата има нов рекод, од 17,8 мил Јапонци кои одат на странски одмори, за да во 2001, има повторно намалување на бројот, пред се’ поради терористичките напади во САД.
Според најпоследните статистики, во првата половина на 2010 најмногу Јапонци имаат отидено на одмор во Кореа и Кина, и тоа над 3 милиони. По пола милион јапонски туристи првава половина од годината заминале на Хаваи, Тајван, во Хонг Конг, остатокот од САД и Гуам. Од европките земји, најмногу ги имало во Франција, па Шпанија и Германија. Рецесијата се чини дека нема некое големо влијание врз патувањата на Јапонците во странство, напротив, постојат големи промоции на прекуморскиот туризам во Јапонија.
Наспроти понудата на странските туристички дестинации, самата јапонска влада оди кон тоа да се стимулира земањето на платен одмор, пред се’ за да го подгрее домашниот туризам (а и ради појавата на karoshi;)). Речиси 50% неискористените одмори, според владината калкулација, во случај во целост да се реализираат, би резултирало со 1,5 мил. нови работни места, како и 12 трилиони Јени приходи... но тоа е веќе друга приказна. ;)