среда, 10 април 2013

Сајберпанкот во земјата на изгрејсонцето.

"Модерна Јапонија едноставно беше сајберпанк. Јапонците тоа добро го знаеја и се восхитуваа поради тоа. Се сеќавам кога првпат ја посетив Шибуја, кога еден млад новинар од Токио ме  одведе таму, лицето му беше преплавено со светлината на илјадници медиумски сонца и ми рече: Гледаш ли? Ова е градот на Blade runner. И навистина беше."

Вилијам Гибсон





Секој кој се нарекува себеси отаку поради завидната листа на гледање аниме/читање манга сигурно еден ден му се протнал некој серијал за луѓе кои живеат во футуристички градови со фрапантни облакодери и живот на висока нога од една страна и сиромашни квартови каде секој гледа за себе од друга страна, а насекаде има знаци на високо развиена технологија, посебно од областа на компјутерите и кибернетиката. Ова, пријатели мои е нешто што се нарекува сајберпанк и е нешто што е добро прифатено во земјата на самураите.

Што е сајберпанк?

Прво кликнете на видеото.



Сајберпанкот е жанр во научната фантастика каде централни теми се забрзаниот технолошни развој и чудата кои ги носи со себе тој развој, посебно кибернетиката (луѓето можат да ги заменуваат своите делови од телото за вештачки/машински), но во свет кој е далеку од идеален, свет поделен помеѓу 2 класи: богатите, кои живеат како богови, можат да си дозволат се што ќе посакаат, било да се најдобрите рекреативни дроги, најновите кибренетски делови, или пак сиромашни квартови кои можат преку ноќ да ги срушат, да го протераат тамошното население оти имаат потреба од нов паркинг или трговски центар; на другата страна на оградата се маргиналците, живеат во сламовите и секој ден се борат да сврзат крај со крај како што најдобро знаат, без оглед дали е тоа хакирање на банкарски системи на богаташите, продавање кибернетски делови од сомнително потекло, извршување нарачани убиства... 

Иако секогаш можеме да сретнеме сајберпанк во аниме/манга серии, сепак сајберпанкот не потекнува од јапонската поп култура. Почетоците на овој жанр ги наоѓаме во американската научно фантастична литература, поточно во книгата "Do androids dream of electric sheep" од Филип Дик. Насловот не ви звучи познато? ОК, можеби другото име екранизирано за големото платно ќе ви биде попознато. Blade runner. Still doesn't ring a bell? 









Oва е дел од изгледот на Лос Анџелес во блиската иднина, а се во Blade runner верзијата на Л.А. "мириса" на сајберпанк: Корпорацијата Тајрел која се бави со производството на вештачки луѓе наречени репликанти, високи згради кои можат да примат до 500 лица (ова се најчесто згради за сиромашните), големи улични пазари преплавени со народ, нов јазик кој е мешавина на јазиците на народите кои живеат во градот, додека низ затемнетите улички се шета Декард, детектив со задача да трага одметнати репликанти и да ги убие.



Покрај Blade runner кој излезе во 1982 година, како друго дело заслужно за создавањето и проширувањето на овој нов жанр се издвојува и книгата Neuromancer од Вилијам Гибсон, приказна за Хенри Кејс, хакер од Чиба сити, Јапонија, чии способности ќе бидат во центарот на интересот на неколку големи моќници. Oва е воедно и првата книга која ги вметнува заткулисните игри на приватните компании, индустриската шпионажа и откривањето заговори кои можат да го потресат општеството.

Blade runner и Neuromancer како култни дела меѓу љубителите на филмови и книги во САД и Европа го најдоа своето место и во Јапонија, но како што Јапонците сакаат да ги воздигнат работите кои ги ценат up to 11, така и сајберпанкот не е исклучок. Градските светла, зградите, модата, компјутерската технологија и секако мангата/анимето.

 Шибуја, префектура во Токио


Иако има широка палета на сајберпанк серии сепак ќе се задржам само на повлијателните.



Akira. Најзначајната манга на Кацухиро Отомо. Akira е приказна за Ново Токио, град кој се oпоравува после третата светска војна, но е само бледа сенка на својата стара верзија. Јапонија не е повеќе уставна монархија туку полициска држава. Политичарите се само марионетки на војската која го има главниот збор во државните работи, полициски пунктови се поставени на секој чекор, младината е незадоволна од животот и протестира на улици, протести кои се крваво задушени. Канеда и Тетсуо се членови на банда моторџии кои секоја ноќ се тркаат со ривалски банди во тунелите на градот. Една ноќ Тетсуо ќе се удри во едно дете кое по става е дете, но по лик изгледа како старец. Набрзо потоа на местото се појавуваат војници кои го приведуваат Тетсуо и детето без никакво образложение. Канеда, бесен поради игнорантиот однос на полицијата за овој инцидент се решава сам да го најде Тетсуо. Со помош на подземниот отпор, Канеда не само што ќе го најде Тетсуо, туку и ќе открие работи поврзани со нелегални експерименти под заштита на владата. Во 1988 излегува аниме филмот и бележи голем успех како дома така и на западот, отворајќи ја вратата за комерцијализирањето на аниме/манга серијалите на запад. Warner bros сака да направи live action верзија, и по протекот на одредени информации за содржината на филмот изгледа ќе добиеме уште еден Dragonball Z: Evolution. Сега за сега проектот е во development hell што е добро.

Ghost in the shell.



Секој кој имал следено MTV или VIVA кон крај на 90-ти, почеток на 2000 има налетано на ова спотче, и како и секој кој почнал да гледа аниме се обидувал да открие од каде се овие сцени. Сцените се од филмот Ghost in the shell, базиран на истоимената манга на Мамору Ошии. Приказната е сместена во Токио, во 2033 година, време во кое технологијата ги бриши границите помеѓу човекот и машината и ги прати доживувањата на Мотоко Кусанаги, мајорка на Сектор 9, посебен оддел на министерството за внатрешни работи кое се бави со случаи на хакирање, компјутерски криминал и индустриска шпионажа. Кусанаги ќе добие задача да го најде и фати хакерот под името Куклар. Како што ја води истрагата, така Кусанаги доаѓа до сознанија дека ова не е обичен случај, туку случај кој води до откривање на матните работи на неколку компании (not surprised) и работи кои можат да го редефинираат односот човек - машина. GITS е голема инспирација за The matrix. Исто како Akira и GITS не е имун на желбите на Холивуд за нова екранизација. Последната вест е дека Стивен Спилберг сака да ја режира LAM верзијата.



Ergo Proxy. Aниме серија за Рил Мејер, детективка која живее во Ромдо, град од затворен тип. Затворен е поради потребата да се заштити од надворешниот свет кој е уништен поради прекумерното загадување. Ромдо е утописки град, во него живеат не само луѓе туку и ауторејви (андроиди) во мирна коегзистенција. Утопијата ќе биде нарушена после серија на убиства извршени од ауторејви поради нивното заразување со вирусот Когито. Овој вирус предизвикува андроидите да стекнат самосвест како човечката. Рил ја добива задачата да ја истражи поврзаноста на овие случаи. По назначувањето таа ќе биде нападната од мистериозно суштество за кое подоцна ќе открие дека се нарекува Прокси. Овој настан ќе ја доведе и до Винсент, мистериозен емигрант кој неодамна се преселил во Ромдо откако претходно живеел во Моск, друг град од затворен тип. Рил верува дека Винсент е поврзан со убиствата и појавата на Проксито. 



Blame. Сајберпанк верзија на Алиса во земјата на чудата. Чудно зарем не. Многу необична манга серија во скоро сите погледи - нарација, ликови и светот каде се одвива дејствието. Приказната е за Кили, авантурист кој талка низ пространствата на огромниот вештачки свет наречен Градот, свет кој постојано се проширува. Тој е во потрага по генетскиот маркер на оригиналните луѓе (ние). Тој маркер овозможува пристап до Нетсферата, централната компјутерска мрежа на Градот и воедно дава опција да се запре хаотичното ширење на Градот. Но за да дојде до Нетсферата прво ќе мора да го помине безбедносниот систем создаден од неа наречен The safeguard, виртуелна програма способна да запоседне силиконски тела.












Нема коментари: