Сликата зборува многу повеќе од самите зборови. Таа успева да ги долови нечујните делови на нарацијата и дијалогот, кои многупати се круцијални во толкувањето на вистината и на есенцијата. Во атмосфера на исчекување, започна нашата пловидба по лавиринтите на сонот, испреплетени со силна симболика, проткајана со митолошки, религиозни и надреални елементи. Искрено, целото време пред очи ми излегуваа сликите на Bosch, на кои најмногу ме наведуваше карактеристичниот безвременски лик на девојчето, демонските статуи и целата атмосфера.
За целото време, во главата на гледачот се јавува тивката фрустрација на перцепцијата на доминантното сивило на опкружувањето, кое е сетирано во еден напуштен и зафрлен град, кој на моменти се чини дека е под вода, како некое длабоко, во потсвеста,закопано
сеќавање. Единствено нешто што претставува референца за потврда на скаменетоста на целата околина е егзистенцијата на девојчето, кое има мисија да го одгледува и чува ангелското јајце. Нејзината оддаденост на тоа е толку голема, што во ниеден момент не го доведува во прашање своето делување, и покрај секој обид за разнишување на истото, од страна намистериозниот човек кој ненадејно, но според мене ни најмалку случајно, влетува во целата таа мрачна и придушена атмосфера. Кршењето на јајцето е симбол на почеток, симбол на трансформација и еволуција на самата личност. Симболиката е насочена кон дејствијата кои се случуваат секому длабоко во потсвеста, која не секогаш дава логични констелации на лица, места и настани, а сепак изобилуваат со надреални, а кај некои и со религиски моменти. Филмот како да претставува бегство од денешниот свет на материјалните вредности, каде владеат законите на суровата логика и логичкото следство на нештата. Тој се издига високо над тоа ниво, укажува на динамиката на скриеното делување на потсвесното, каде се рушат сите конвенционални законистости.Беше вистинско задоволсвто да се види огромната посетеност и на оваа Јапанорама, што укажува на тоа дека нашево поднебје навистина има потенцијал за стварање на трајни вредности и вкоренување на традиции. Се надевам дека вака ќе продолжиме и понатаму, во Точка и наредната недела.