Се прикажуваат објави со етикета Makoto Shinkai. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Makoto Shinkai. Прикажи ги сите објави

среда, 8 април 2009 г.

Нова сезона на Јапанорама со 5 сантиметри во секунда

Петок, 10 април 2009, Културен центар ЦК, 20.30.часот
Со бавното будење на црешите, полека се враќаме со проекциите на јапонски аниме и играни филмови.

Во новата Јапанорама бр. 11 ќе уживаме на нова локација. Овој пат Културен центар ЦК ги отвора своите врати за новата сезона на проекции. И додека, Јапонците моментално уживаат во ханами, во цутењето на црешите по парковите, храмовите и светилиштата низ Јапонија, ние ќе се обидеме да ви ја претставиме убавината на растењето и животот низ розовите облаци од црешови цветови на нашата нова проекција во Скопје.

Едно од ремек-делата на Mаkoto Shinkai, а веќе ги споменавме She and her cat, и Voices of a distant star (кој го прикажувавме на Јапанорама 6), e и прекрасната драма 5 centimeters per second. Целото име на анимираниот филм е 5 Centimeters Per Second: a chain of short stories about their distance (秒速5センチメートルアチェインオブショートストリーズアバウトゼアディスタンス Byōsoku Go Senchimētoru a chein obu shōto sutorīzu abauto zea disutansu) Опфаќа 3 сегменти насловени како Cherry Blossom (桜花抄 Ōkashō), Cosmonaut (コスモナウト Kosumonauto), и 5 Centimeters per Second (秒速5センチメートル Byōsoku 5 Senchimētoru) со вкупна должина од околу 1 час.

Дејството се одвива околу Takaki Touno, во 90-тите години на минатиот век во Јапонија и раскажува за неговото пријателство и разделба со Akari Shinohara, за нивниот однос низ растењето, проткаено со едно постојано тажно расположение. Дејството е всушност недостаток од дејство, од акција; раскажува повеќе за тоа како светот ги менува луѓето, наместо за тоа како луѓето го менуваат светот.

Анимацијата е, очекувано, фантастична. Рачно нацртаните сцени се доволни да го привлечат вниманието - доволно за да ви ја доловат убавината на животот и емоциите.
Сето тоа надополнето со прекрасната пиано музика на Tenmon.

Како што вели Shinkai, за разлика од неговите претходни дела, во ова нема вклучено ниту sci-fi, ниту фантастични елементи. Се сконцентрирал на прикажувањето на реалниот свет, низ една поинаква перспектива, низ секојдневните борби со времето, просторот, луѓето, љубовта.



Погледнете го трејлерот и деталните информации на ANN

Се надеваме дека ќе бидете предизвикани да дознаете што има всушност брзина од 5 цм/сек. овој петок, во Културен центар ЦК (на ул. Илинденска бр. 38, поранешна Точка, до ИТ маркетот, кај Влада на Република Македонија)

Овозможено од Japan@mk - http://japan.mk во соработка со К.Ц. ЦК

вторник, 10 март 2009 г.

Таа и нејзината мачка

Пред повеќе од пола година, на сред работно време, еден добар пријател ми испрати линк до филмчево. Тие 5 минути се премалку за да сметаме дека би ни одзело нешто од нашето драгоцено работно време, а во случајов носат со себе толку убави моменти, за кои стварно се запрашувате дали е возможно сите да се концентрирани во тој временски период.

She and Her Cat (彼女と彼女の猫 Kanojou to kanojou no neko?)



Makoto Shinkai со својот оригинален стил, на некои познат од неговите дела "Voices of a Distant Star" (кој го пуштавме на една јапанорама), "The Place Promised in Our Early Days" и прекрасниот "5 Centimeters per Second", започнал токму со ова парче, кое е чиста поезија раскажана со филмски јазик. Носталгичноста и раскажувањето се присутни во сите негови дела, и секогаш успева со своите слики да нè вовлече во една состојба блиска на сон, но толку многу реална и полна со емоции блиски до сеќавањето на детските чисти фантазии.

Овој краток филм е уште поинтересен, зашто е изработен монохроматски и поради тоа многу потсеќа на реален неанимиран филм, а во исто време целата атмосфера, мекиот глас кој раскажува, звуците од секојдневните активности, црно белите слики што се надополнуваат една со друга оцртувајќи го целосно кругот на промената и текот на времето се исполнети со убавина, која во толкава мера може да се наоѓа само во очите на набљудувачот.

Препорачувам да ги гледате и другите негови филмови, а можеби на некоја следна јапанорама ќе го прикажуваме „5 сантиметри во секунда“. А целосниот транскрипт на овој филм, доколку ви бега титлот при гледањето, може да го прочитате тука.