четврток, 5 август 2010 г.

Јапонците на одмор во странство

Овој пат ќе се позанимавам со Јапонската култура на одење на одмор. Јапонците важат како нација која е најмногу “лишена” од годишните одмори. Според една "студија", Јапонците имаат најмал број на денови во годината за одмор, од тие денови користат најчесто само половина, а на годишно ниво во просек користат по само 9 дена одмор, што е далеку зад останатите земји.
По втората светска војна и појавата на јапонското економско чудо, јапонскиот животен стандард доживеа значителен пораст. Линијата на потребите на Јапонците, се согледува во следново: во ‘50тите години, за Јапонците било достигнување да ги поседуваат трите С – senpuku, sentakyu и suihanki (вентилатор, машина за перење и електричен уред за варење на ориз); во ‘60тите, пак, доминирале трите К – kaa, kura и kara terebi (автомобил, клима уред и колор телевизор); додека веќе во ’70тите, во кои се случува и јапонското економско чудо, достигнување биле трите Џ – jueru, jetto и jutaku (накит, прекуокеански одмор и куќа).
Имено, по либерализацијата на прекуморските патувања во Јапонија по 1964тата, по оддржувањето на летните олимписки игри во Токио, бројот на Јапонци кои одат на одмор во странство константно расте, за да достигне некоја бројка од 15 мил до средината на ‘90тите од минатиот век. (ова пред се’ се должи на поволниот курс на Јенот, особено по потпишувањето на Plaza D’accord). Надолен тренд оваа појава доживува во 1997 година, поради рецесијата и слабеењето на Јенот. Веќе во 2000тата има нов рекод, од 17,8 мил Јапонци кои одат на странски одмори, за да во 2001, има повторно намалување на бројот, пред се’ поради терористичките напади во САД.
Според најпоследните статистики, во првата половина на 2010 најмногу Јапонци имаат отидено на одмор во Кореа и Кина, и тоа над 3 милиони. По пола милион јапонски туристи првава половина од годината заминале на Хаваи, Тајван, во Хонг Конг, остатокот од САД и Гуам. Од европките земји, најмногу ги имало во Франција, па Шпанија и Германија. Рецесијата се чини дека нема некое големо влијание врз патувањата на Јапонците во странство, напротив, постојат големи промоции на прекуморскиот туризам во Јапонија.
Наспроти понудата на странските туристички дестинации, самата јапонска влада оди кон тоа да се стимулира земањето на платен одмор, пред се’ за да го подгрее домашниот туризам (а и ради појавата на karoshi;)). Речиси 50% неискористените одмори, според владината калкулација, во случај во целост да се реализираат, би резултирало со 1,5 мил. нови работни места, како и 12 трилиони Јени приходи... но тоа е веќе друга приказна. ;)

сабота, 24 јули 2010 г.

MaxXJapan.com

Само на кратко, да ви презентирам нов портал направен ентузијастички од некои од членовите на нашата група. Нашиот блог сеуште функционира, но порталов е повеќе наменет за online социјализација за сите љубители на Јапонија. Отворен е и форум, што мислевме дека многу фали, со различни теми. Се надеваме дека ќе живне ^_^

Па се гледаме на http://maxxjapan.com/



вторник, 13 јули 2010 г.

Поздравувањето и поклонувањето во Јапонија

Додека чекаме некој да ни се смилости и да ни даде простор за проекции за Јапанорама, да не седи празен блогов, имам да ви споделам еден интересен пост за значењето на поклонувањето (не дарувањето, туку учтивото наклонување) во Јапонија. Денес го читав на интересниот блог за јапонскиот јазик и култура Tofugu.


Накратко, поклонувањето е сосема природно и длабоко врзано за јапонската култура. Не она смешно поклонување од 45 степени што го среќаваме во анимето, туку кратки, учтиви поклонувања со кои јапонците си покажуваат почит еден кон друг. И не само почит. Во Јапонија со поклонувањето се покажува наклоност, понизност, благодарност, извинување, признание и честитка. Длабочината и должината зависат од рангот и социјалниот статус на оној кој изразува почит и оној кон кого се изразува почит. Кога не се познаваат лицата најдобро е, кога ќе се разменат бизнис-картичките како што прават во Јапонија на почетокот од претставувањето, да се утврди кој има повисок статус, а и кој е постар. Годините исто се од особена важност за покажување чест.

Секое поклонување во зависност од намената, дури и има сопствено име. Според Tofugu, поклонувањата се делат на
  • Климање со глава - секогаш нанапред, спрема блиски пријатели или пониски по ранг, колеги на пример.
  • Eshaku (会釈) - поклон за поздравување, со наклон од околу 15 степени, е поклон за не толку блиски пријатели и колеги од ист ранг
  • Keirei (敬礼) - поклон за покажување почит, со наклон од околу 30 степени, е поклон за вашиот шеф или луѓе кои воопшто не ги познавате
  • Saikeirei 最敬礼 - поклон за покажување најголема чест, со наклон од околу 45 степени, е најчесто поклон за покажување почит кон Императорот, или извинување кога сакате да покажете колку длабоко жалите за својата грешка.
  • Поклон на земја, наведнување на коленици - е поклон кој денес ретко се користи, порано го користеле традиционално самураите, или при особено очајни извинувања. Денес се користи само во вежбањето на боречки вештини.





Често е тешко да се дефинира кој прв треба да се поклони. Без исклучок, културно е да се врати на поклон. Меѓутоа, во Јапонија можат да се забележат и неколку „смешни“ ситуации на поклонување.
Во продавница на пример, вработените длабоко се поклонуваат. За тоа се платени, па не мора да им се врати со поклон.
Користејќи телефон, јапонците често се поклонуваат, барем со мало климање на главата, што не е воопшто чудно кога ќе сфатите колку време поминуваат во поклонување во живо.
Кога испраќаат некого со воз на пример, јапонците својата посветеност и верност ја покажуваат со тоа што се поклонуваат длабоко и стојат наведнати, (особено во љубовни врски) се’ додека не замине возот, колата или лифтот (?)
Често можат да се видат континуирани поклонувања, едно по едно, бидејќи луѓето не сакаат да бидат надмашени во тоа. Секогаш постои она „враќање на поклон“ кога некој ќе ви се поклони. За среќа секое враќање е помало и помало, па не оди до бесконечност.

среда, 2 јуни 2010 г.

Кратка историја на мангата

Серијалот на текстовите за мангата, објавени во македонскиот стрип магазин "Синдром", повторно од нашиот член Јордан Коцевски продолжува. Во вториот број текстот со наслов: Кратка Историја на Мангата

Поимот манга, како дел од јапонската уметност, се јавува на крајот на 18от и почетокот на 19от век. За прв пат се појавува во форма на сликовница во делото „Shiji no yukika“ од 1798 година на пoзнатиот јапонски поет, писател и уметник Santõ Kyõden. Сепак, од овој период најценети се книгите насловени како „Hokusai Manga“ (1814) на познатиот уметник кој принтал на дрво Hokusai (во светот познат по неговата слика „Големиот бран на Канагава“). Тоа што претставува револуционерно во овие книги е асортиманот на скици на овој уметник, а кои се поврзани како приказна.

Во 1874та година се појавува првиот манга-магазин насловен како „Japan Punch“, основано од Charles Wirgman во 1862 год., а како цртач се појавува Eshinbun Nipponchi. Но поради неговиот едноставен стил на цртање магазинот доживеал само три броја. И покрај неуспехот на овој манга магазин истото било инспирација за појава на нови манга магазини, како „Marumaru Chinbun“ (1877) и „Garakuta Chinpo“ (1879). Од останатите манга магазини вреди да се спомнат „Shonen Sekai“ (1895), „Shojo Sekai“ (1905) и „Shonen Pakku“ (1905), како први манги наменети за машки, женски, односно деца. Тоа што е интересно е дека сѐ до мај 1924 година, со појавата на манга магазинот „Kodomo Pakku“, сите претходни манги биле неми, односно за прв пат во ова списание се користат балончиња за говор.

Развојот на модерната манга започнува во периодот по Втората светска војна. Во овој период видно е културното влијание од САД преку нивните стрипови, филмови и цртани (посебно цртаните од Дизни), кои внесле некои промени во стилот на цртање на мангата. Појавата на „Astro Boy“ (1952) на Osamu Tezuka претставуваше стилистичка иновација во мангата. Tezuka воведе нов „кинематографски“ пристап во кој панелите се како филм, се менува кадрирањето –после далечен следи крупен кадар, се даваат детали од акцијата, се фаќа slow motion ефект и сл. Ваквиот негов стил е практикуван во сите манги кои следат потоа.
До денешен ден се развиени (и развиваат) голем број на жанрови и поджанрови на манга, наменети за различен целен пазар, а популарноста на мангата достигнува светско ниво. За ова повеќе во наредните броеви на „Синдром“.

*Објавените цртежи се дел од Hokusai мангата.