петок, 14 февруари 2014 г.

Dorohedoro


Манга                                                                     
Пишува и црта: Кју Хајашида
Жанр: Хорор, трилер, црна комедија, акција, сеинен                                                                            





Каиман: Што ти рече човекот во мене?
Волшебник: Ми рече „ти не си тој.“
Каиман: Во тој случај ти не си ми повеќе од корист.


Дали сте се запрашале што би било ако Џ.К Роулинг (Harry Potter), Клајв Баркер (Hellraiser), и Квентин Тарантино (Reservoir Dogs и Pulp Fiction) имаат средба, и од таа средба произлезе заедничка соработка за некое фиктивно дело? Кју Хашијада го има дадено тој одговор во манга серијалот Dorohedoro.





Дупката е опасен град. Тоа е место каде демнеат озлогласени моторџиски банди и крупни криминалци. Дупката е воедно идеалното ловиште на волшебниците, кои ги користат жителите на градот како заморчиња во нивните експерименти на црна магија. Еден од нив е Каиман, проколнат да има глава на гуштер, оставен без сеќавања на неговиот живот пред клетвата. Но клетвата му носи и благодет: станува имун на магија. Заедно со Никаидо, девојката која го наоѓа онесвестен во улицата откако клетвата настапила, тие ловат волшебници. Секој фатен волшебник е делумно проголтан од Каиман каде се соочува со втора глава (најверојатно вистинската глава на Каиман) која треба да изврши идентификација-дали дотичниот волшебник е тој кој што го проколнал Каиман. По завршувањето на идентификацијата Каиман секогаш го поставува истото прашање: што рекол човекот во него? Без оглед на одговорот, Каиман ги погубува волшебниците. Веста за колењето на волшебниците стигнува до ушите на Ен, еден од старешините на волшебничкиот свет, кој ги назначува Шин и Нои, неговите најдобри платени убијци да тргнат по Каиман и Никаидо.


Примарна работа за која треба да и се даде заслуга на Хајашида е создавањето на интересен свет во кој добро се вклопуваат работи кои инаку не би можеле да се вклопат. Дупката е дупка во вистинска смисла на зборот. Градот, со сите свои рушевини, сиромашни населби, опасни и затемнети улички повеќе изгледа како место кое произлегува од некој дистописки сајберпанк филм. Во градот постојат две јасно изразени класи: обичните луѓе кои живеат во сиромашни услови и се честа мета на волшебниците и самите волшебници. Волшебниците се попривилегираната, елитна класа чие седиште не е во градот, туку во место кое може да биде достапно само преку нивните портали и само волшебник може да отвори портал. Но волшебниците не се типичниот вид на волшебници на кои сме навикнати. Да, тие користат некакви стари ритуали, мистични симболи, магични стапови, чудни растенија, жртвуваат змии и глувци за да создадат магија, но за разлика од волшебниците од Господарот на прстените или било која друга епска фантастика, овие волшебници се облечени во стил ала Долче и Габана, носат чевли од крокодилска кожа, имаат луксузни рачни часовници, или пак во други случаи преферираат поспортски тип на облека, возат мотори и автомобили итн. Една од уникатните карактеристики им е носењето маски, секоја маска претставува ранк на нивната припадност во општеството и ја претставува карактеристиката на најсилната магија кај носачот.


Иако на прв поглед се чини дека постои јасна граница околу тоа која е добрата, а која лошата страна, сепак таа граница станува млака кога имаме подобар увид во ликовите. Каиман има одмаздничка мисија во стилот на валканиот Хари и невестата од Kill Bill, но во тој поход ја губи главата (no pun intended) и убива луѓе кои немаат ништо лошо сторено спрема него или спрема други луѓе, а тоа создава страв кај оние блиски на Каиман кои мораат да го кријат фактот што откриле дека имаат магични способности во средина на неволшебници. Од друга страна поинаку се гледа на „негативците“ кога некои работи во минатото излегуваат на виделина, и некако тешко е да не развиеш симпатии кон тимот на Шин и Нои.


Доколку светот и тродимензионалноста на ликовите не е доволна, она што му дава на Dorohedoro додатна предност е и самиот цртеж. Хајашида црпи инспирации од Цутому Нихеи (Blame, Biomega) за деталите во светот и Кацухиро Отомо (Akira) за изгледот на ликовите. Комбинацијата на различни стилови се покажува како добитна за Хајашида преку која одлично ја доловува атмосферата и морничавоста во секој дел од градот-нестабилни згради, разрушени куќи небаре биле под силен артилериски оган, градежен отпад и ѓубре на секој чекор, сомнители и тмурни лица како се греат покрај запалени контејнери, гротескни појави кои се последица на експериментите на волшебниците...



А сепак во целата таа морбидност свое место наоѓа и хуморот, кој, изненадувачки добро е сместен на вистински места во стрипот. Има ситуации каде гледаме како волшебник во својот свет лета со најновиот модел на Honda летечка метла, ситуации каде еден од помошниците на Ен е гризнат од зомби и зомби помошникот служи како comic relief или моменти каде Каиман се плаши од духови и стравот го изразува како Scooby Doo. А таквите моменти не тераат да се запрашаме дали сериозноста е трол мамка на Хајашида?




Dorohedoro нуди од се' по нешто кое може да ги задоволи вкусовите на повеќе лица-фантазиски свет за оние кои сакаат да видат нешто што не паѓа во клишеата на воспоставената волшебничка фантастика, исполнет со добро смислени ликови и изненадувачки пресврти кои можат да се разберат само преку призмата на бизарните закони на магијата.










среда, 15 јануари 2014 г.

Barefoot Gen: A Story Of Hiroshima

Манга                                                                                                            
Пишува и црта: Кеиѓи Наказава
Жанр: Драма, трагедија
Број на книги: 10





















„Името на главниот лик, Ген, има неколку значења. Може да значи „корен“, или „потекло“ на нешто, но и „елементарно“ во смисла на атомски елемент, како и „извор“ на виталност и среќа. Замислував како Ген цврсто стои на тлото на запалената земја на Хирошима и го подигнува својот глас против војната и атомското оружје. Ген е моето алтер его, а неговото семејство е како моето. Епизодите во Босиот Ген се базираат на вистински настани кои ми се случија мене и на други жители на Хирошима.“

Кеиѓи Наказава


Во доцните 70 - ти, Кеиѓи Наказава, автор на стрипови за настаните во Хирошима во Втората светска војна се бореше со мноштвото издавачи и државни цензори за објавувањето на неговото дело, Hadashi No Gen (Босиот Ген), приказна за детството на Кеиѓи во времето пред и по крајот на војната поради „непристојна содржина.“ И покрај проблемите, една мала група фанови на Наказава формира волонтерска група наречена Проект Ген, помагајќи му на авторот Gen да биде преведен на англиски јазик и воедно да го објават во САД и повеќе европски земји.



1945 г. Јапонија води очајна битка на два фронта: од северот Советскиот Сојуз агресивно ги завзема помалите острови, од истокот САД немилосрдно ги бомбардира јапонските градови. Само Хирошима е поштедена од бомбардирањата. Додека повеќето жители се чудат зошто токму нивниот град е нечепнат од нападите, тоа не ги засега браќата Ген и Шинѓи, деца на родители етикетирани од заедницата како предавници поради нивните антивоени ставови. На 6 август истата година американскиот бомбардер Enola Gay ја спушта атомската бомба Little Boy врз Хирошима. 70 000 цивили загинуваат како резултат на експлозијата, меѓу кои и таткото, постарата сестра и помалиот брат на Ген, а исто толку умираат од последиците на радијацијата до крајот на годината. 



Има многу причини зошто се правени обиди Hadashi No Gen да биде маргинализиран и цензуриран во домашната јавност. Gen не е само приказ на реалноста и трагичната судбина на луѓето во Хирошима после бомбата. Gen предизвикува соочување со многу болни работи од рана која во времето на издавањето на мангата сеуште не можела да биде излечена. Ген Накаока припаѓа на семејство кое во градот било означено како предавничко и на секој начин дискриминирано од сограѓаните. За да бидат спасени од кривичен прогон, предавниците морале да дадат барем еден член од семејството да служи во војската, иако и тоа не им гарантирало некоја сигурност од понатамошни непријатности. Причината е поради ставовите на татко му Даикичи кој јавно се противел на ангажирањето на Јапонија во војната. Ова мислење наидува на негодувања не само кај воените регрутери и полиција туку и кај неговите соседи, во време на народна задоеност од национализам и верност кон боженствениот статус на императорот, верувајќи во евентуална победа против антифашистичката коалиција. Не велам дека случувањето со бомбата е оправдано, стојам на ставот дека настаните во Хирошима и Нагасаки се рамни со воено злосторство, но реалноста укажува на присуство на многу маани и непријатни вистини: никој не може да избега од сопствените гревови, нема невини страни во војна.



Иако Gen дава увид во национализмот и неправдите кои ги трпат луѓето поради неистомисленост како една од главните теми во мангата, сепак тоа паѓа во сенка на нешто што ќе ги стави луѓето на тежок испит: како  се справуваат луѓето пред лицето на еден новооткриен терор? Одговорот станува подепримирачки со секоја пролистана страна: однесувањето кај оние кои ја преживуваат експлозијата секој да се грижи за себе е на некој начин разбирливо, можеби е разбирливо што никој не доаѓа да му помогне на Ген и мајка му да ги спаси членовите на своето семејство затрупани во сопствената куќа на која се наближуваат пламените јазици, можеби е разбирливо што луѓе во организирани групи вршат грабежи врз преживеани семејства во надеж дека ќе најдат храна, можеби е разбирливо што сурово се казнуваат сирачиња само затоа што украле неколку шеќерни репи од човек кој може да си дозволи многу работи, можеби е разбирливо што луѓето од околните градои не им даваат засолниште на бегалците бидејќи не се во состојба и самите да се издржуваат... можеби и ние не би биле поинакви во таква ситуација... можеби...

А сепак во целата таа трагедија едно момче наоѓа внатрешна сила да ја спаси својата мајка од работ на самоубиство после големата трагедија, и дава воља за живот на девојка со изгорено лице која има амбиции да биде театарска глумица, му дава засолниште на дете кое го изгубило целото семејство и го чува како родено братче, му дава инспирација на тешко повреден уметник да продолжи да црта иако останува траен инвалид. Неговата борба дава светлина во многу оштетени човечки судбини и надеж она што е останато од добрина и радост да се врати кај луѓето.



„Во 1966 г. почина мајка ми во болницата за жртвите од атомската бомба во Хирошима. Кога отидов да и ги земам коските од крематориумот, се шокирав. Немаше преостанато коски во пепелта на мајка ми, како што по обичај има после кремирање. Цезиумот и ги изел коските до точка на распаѓање. Бев обземен со гнев. Се заколнав дека нема да им простам на јапонските милитаристи кои ја започнаа војната, ниту на американците кои толку лежерно ја спуштија бомбата.“


Hadashi No Gen прогонува. Gen се втиснува во умот како лош сон. Да се сеќавате на сликите од оваа манга е како да се сеќавате на настани од сопствениот живот, а не на авторот. Gen без воздржување ги опишува вистинските последици од атомската бомба. Нема мутирани Годзили или супермутанти, само трагична реалност. Но воедно носи и оптимизам. Наказава верува дека неговата приказна може да не' предупреди на злото, дека човештвото може да се поправи и да работи за заедничко добро. Ген е олицетворение на доблести како што се добрината, храброста и жртвуваноста. Вербата на Наказава во доброто би можела да се нарече наивна, но останува фактот дека уметникот зборува за своето преживување - не само за настаните кои ги доживеал, туку и за филозофско-психолошката основа на тоа преживување. Неговото дело е хумано и укажува на важноста на сочуството доколку сакаме човештвото да има иднина.  









четврток, 5 декември 2013 г.

You entered the wrong mind.

„Се' е во ред со вашиот екран. Не се обидувајте да ја промените сликата. Ние ја контролираме трансмисијата. Ја контролираме хоризонталата. Ја контролираме вертикалата. Го контролираме она што вие го слушате. Ќе ја искусите вчудоневиденоста и мистеријата која се протега од внатрешниот ум... до наворешните граници.“

The Outer Limits.

Ви текнува на The Twilight Zone? Или на The Outer Limits? Двете беа за обични луѓе кои ќе влезат во нешто натприродно, мистериозно и помалку или повеќе страшно, често поигрувајќи си го умовите на публиката околу реалноста и илузијата. Jапонската манга/аниме сцена е полна со серии од ваков калибар. Ова е дел од нив.


 за поголема трипозност







MPD Psycho. Јоусуке Кобајаши е детектив во токискиот полициски оддел на кого му е доверен случајот со еден сериски убиец кој ги распарчува своите жртви. Иако секое убиство станува се повеќе брутално, истражувачите наоѓаат докази и траги кои ги носи чекор поблиску до убиецот. Прашање на време е кога ќе го фатат. Сепак еден настан ќе го извади Кобајаши од колосек - убиецот ќе му испрати подарок на работното место. Подарокот е девојката на Кобајаши: брутално осакатена, оставена да умре пред очите на Кобајаши. На истиот ден (дали е случајност или не) Кобајаши веќе го знае идентитетот на убиецот. Се решава сам да тргне по него. Го наоѓа, и во моментот на нивната меѓусебна конфронтација нешто се случува во умот на Кобајаши. Нешто „пука“. Нешто испливува на површината. Моменти пред да го повлече чкрапалото Кобајаши вели дека се вика Нишизоно Шинѓи. Шинѓи го убива убиецот. Поради тоа, судот го осудува Кобајаши на неколку години затвор, иако Кобајаши не се сеќава на убиството, ниту на тоа зошто после апсењето се идентификува како Нишизоно Шинѓи. Кобајаши ја издржува својата казна. Пуштен на слобода, тој е пречекан од Исоно Мачи, жена која води сопствена приватна детективска агенција. Таа му нуди работа во нејзината агенција. Кобајаши добро знае дека не може повеќе да се врати на старото работно место и ја прифаќа понудата на Мачи. Таа му открива дека му е дијагностицирано ментално растројство на повеќекратна личност. Во неговата психа живеат две личности - Кобајаши и Шинѓи. Зачуден зошто токму кај него е пројавен интерес од агенцијата, Мачи му објаснува дека во Токио се појавуваат многу случаи на сериски убиства сторени од различни личности, а за трагање на психопати, потребен им е психопат. Потребен им е Шинѓи. Се чини дека токму Шинѓи е вистинскиот избор на агенцијата. Но убијците кои ги фаќа Шинѓи имаат нешто заедничко - секој убиец има вграден чип под левото око. Кобајаши/Шинѓи има таков чип. Кобајаши/Шинѓи исчезнува без трага и глас... 



Dexter meets The Outer Limits meets Takashi Miike in a bar. They make love. MPD Psycho is their love child. 



Homunculus. Сусуму Накоши е мистериозен човек. Тој живее и спие во својата кола која е паркирана спроти елитен хотел. Секој ден ја чисти и уредува. Повремено ја вози, но никој не знае каде оди во текот на денот. Повремено ги части неговите соседи-бездомници со виски. Оваа рутина ќе биде нарушена од Манабу Ито, студент по неврохирургија кој му нуди добар паричен надомест ако го подложи на трепанација - хируршки зафат на бушење дупка во черепот. За овој зафат за кој се верува дека датира од средниот век се шпекулира дека може да ја забрза циркулацијата на крвта и да го подобри притисокот во главата, а воедно и да го „разбуди“ човековото шесто сетило, односно способноста да се гледаат духови или да се движат објекти преку телекинеза. Накоши ја одбива понудата но се премислува откако Ито ќе го уцени дека ќе се погрижи колата да биде запленета од пајак-службите. После операцијата, Накоши е скептичен во можноста да се оствари нешто натприродно. Ито спроведува тестови за ефективноста на зафатот, но нема никакви резултати. На последниот ден од престојот на Накоши во клиниката на Ито, Накоши приметува нешто чудно. Ако го затвори само десното око, тој ги гледа луѓето во многу бизарни форми - некои изгледаат толку тенко небаре се прегазени од валјак, некои се полу луѓе-полу животни, некои се провидни како да се направени од вода. Овие резултати кои предизвикуваат задоволство кај Ито поради големото откритие создаваат конфузија кај Накоши - дали она што го гледа се духови, или вонземјани? Или можеби нешто позастрашувачко? Загриженоста се зголемува кога ќе дознае дека тој не бил првиот тест-субјект, а неговите претходници завршиле или во ментална институција или се самоубиле. 




Homunculus e дело на Јамамото Хидео, најмногу познат кај манга публиката преку Ichi the Killer, чија пренатрупаност со експлицитно насилство предизвика да биде забранета во многу манга библиотеки во Јапонија. Homunculus е целосна спротивност на Ichi. Но отсуството на насилство не ја намалува бизарноста на Homunculus во која Хидео дава поинаков агол за толкувањето на човековиот ум и потенцијалот кој го крие.



Uzumaki. Гошима Кирие живее во Курозучо, мало градче на источниот јапонски брег. Едно утро, одејќи накај училиштето ќе биде предупредена од нејзиното момче, Шуичи Саито дека местото е опседнато од некакво зло. Тоа зло не е битие како вампир, врколак или демон, туку од шема - узумаки или спирала, која се манифестира како во природата, така и кај луѓето. Шуичи и вели дека татко му подолго време е опседнат со спиралите, собира школки, растенија со спирални облици, собира секакви предмети во спирална форма. До толку е опседнат што не се појавил на работа од денот кога се занимава со своето хоби, а ретко се гледа со најблиските. А не е само таткото. Кирие приметува како мештаните полека навлегуваат во опседнатоста кон спиралите: соученичките ги средуваат своите коси како завиткани спирали, децата секоја вечер поминуваат кај напуштениот светилник кој после долги години се активира, а sидот е обложен со спирали, полжавски куќарки никнуваат на грбовите на некои луѓе... Курозучо полека влегува во хаос, спиралите ги навлекуваат луѓето на лудило и смрт, еден по еден, а чадот од нивните кремирања се обликува како спирала. Една ноќ Кирие ќе примети дека грнчарницата на татко и е отворена. Татко и' и објаснува дека прави глинени садови за непознат муштерија. Сите глинени садови се деформирани во спирална форма. 



Узумаки е манга создадена од Ѓунѓи Ито кои многумина го сметаат за неприкосновен владетел на домашната хорор сцена. И со право. Ито знае да направи да се вознемириме и исплашиме од работи кои изгледаат безопасно. Uzumaki е неговиот заштитен знак кој отскокнува од стандардните натприродни појави кои вообичаено ги среќаваме во светската хорор литература/кинематографија. И тоа во само 3 книги.




Monster. Доктор Кензо Тенма има се' во животот. Тој е најдобриот неврохирург во градската болница во Дизелдорф, го чека промовирање во шеф на неврохируршкото одделение, ги ужива привилегиите од Удо Хајнеман, директорот на болницата и е верен за Ева Хајнеман, ќерката на Удо. Сето тоа ќе се распрсне како балон од сапуница за само неколку часа - во исто време ќе прими два пациента: детето Јохан Либерт со рана од куршум во главата и градоначалникот на Дизелдорф. Тенма се решава да го спаси животот на детето за сметка на градоначалникот иако непрестано ги слуша зборовите на сестрата близнак на Јохан која бара Јохан да биде убиен. Тоа го чини раскинување на свршувачката и сигурен отказ од болницата. Но отказот мора да причека - Удо Хајнеман е отруен. Полицијата го товари Тенма како глвен осомничен, но поради недостигот на докази, тој е ослободен. 9 години подоцна Тенма е шеф на неврохирургија во болницата во Дизелдорф. 9 години после трагичниот настан со Удо, Тенма има повторна средба со минатото, со Јохан Либерт, овојпат во темна уличка како смирено убива криминалец кој бил под медицинската грижа на Тенма. 



Monster е ремек делото на Наоки Урасава, мајсторот на психолошките трилери. Monster не содржи натприродни елементи и чудовишта, но не се потребни кога Урасава вешто и суптилно создава непријатна атмосфера секогаш кога ќе се појави Јохан Либерт, олицетворението на злото кај самите луѓе. Дали сакате да ја изберете мангата или аниме серијалот, нема да погрешите. Monster е еден од ретките серијали со доследна адаптација од манга кон аниме до последното поглавје. За значајноста на Monster како манга и аниме класика сведочи и информцијата дека ТВ студиото HBO (Game of Thrones) го ангажира Гиљермо дел Торо да ја режира Monster како серија пред малите екрани. 
















четврток, 17 октомври 2013 г.

Blame

 

















Blame                                                                                                  
Манга                                                                                                  
Пишува и црта: Цутому Нихеи
Жанр: научна фантастика, сајберпанк, акција, авантура,     сеинен
Број на книги: 10


Можеби на Земјата, можеби во иднината.



Во еден од претходните текстови посветив внимание на сајберпанкот, поджанр на научната фантастика кој се однесува на високиот технолошки развој во дистописки држави, голем број на политички заговори и задкулисни игри зад секој можен агол и често поставуваните прашања за врските човек - машина. Но како би изгледал сајберпанкот ако некој го превзеде мотото на "висока технологија - низок стандард" и го постави во свет неконвенционален за сајберпанк сетинг? Би изгледал како нешто излезено од мангата Blame на авторот Цутому Нихеи. Нихеи дебитира на манга сцената со Biomega, серијал исполнет со многу акција, малку дијалог, одлична атмосфера, добар цртеж исполнет со многу вчудоневидувачки детали и кул моторџија. Во 1998 година се прославува со Blame, која многумина ја нарекуваат сајберпанк верзијата на Алиса во земјата на чудата.




Еден млад човек патува со дете во еден огромен метален лавиринт. На крајот од лавиринтот има мост. На мостот се нападнати од киборзи (во светот на Blame се наречени силиконски суштества) кои ловат случајни минувачи поради нивните клетки. Детето е убиено, а другиот сопатник ги уништува напаѓачите со неговиот Гравитациски зрачен емитер (GBE), пиштол со моќ да пробие било каква површина. Почетните неколку поглавја се збунувачки бидејќи немаме претстава што точно се случува. Се' што знаеме е дека човекот се вика Кили (по условувањето на детето пред неговата смрт), тој талка од еден до друг непознат крај и често влегува во судар со познати и непознати суштества. Сепак, кога ќе дојде во град каде живеат џиновски луѓе добиваме одговор на некои мистерии - Кили е во потрага по Net Terminal Genes, генетски маркер кој го имаат оригиналните луѓе (ние), кои го отвараат пристапот до компјутерскиот терминал на Мегаструктурата позната како Град и се воедно клучот за запирањето на хаотичното ширење на Мегаструктурата од страната на Градителите. Премногу лош и збунувачки опис од моја страна, следниов опис ќе разјасни многу работи.



Ако одиме хронолошки, во еден период на Земјата човештвото креира еден многу комплексен компјутерски систем наречен Нетсфера кој раководи со машини наречени Градители, нивната задача е да градат огромни зданија кои ги знаеме како Мегаструктурата која е поделена на катови како кај зграда. Поради некоја непозната причина луѓето ја губат контролата врз Нетсферата и таа продолжува да ја врши својата работа ширејќи ја Мегаструктурата без престанок. Ова ширење предизвикува човештвото постепено да се преселува во катовите на Градот, најверојатно предизвикано поради црпењето на сите можни ресурси на Земјата од Нетсферата наменето за нови градби. Човештвото со тек на време се еволуира и адаптира за живот во свет на силиконска материја, метал и електроника, делејќи се на различни видови - едни евоуирале во тоа да бидат високи, други да бидат поиздржливи на физички повреди и радиоактивни зрачења, трети стануваат инсектоиди губејќи човечка самосвест, функционирајќи како заедница на пчели итн.   Ова е светот во кој талка Кили, кој добро знае дека Нетсферата нема да престане со проширувањето се додека не биде исклучена од некој кој го има генетскиот маркер на оригиналните луѓе. Но наоѓањето на таков маркер е невозможна мисија - оригиналните луѓе одамна се мртви, повеќето заедници каде Кили наминал немаат евиденција за некој жител со таков маркер, а и да го најде му претстои уште поголем товар - да го пронајде терминалот на Нетсферата, кој би можел да се наоѓа на било кое место во Мегаструктурата. Сепак тој не се откажува од потрагата знаејќи дека по маркерот трагаат и припадниците на The safeguard, виртуелна програма на Нетсферата, способна да запоседне силиконски тела, со мисија да ја уништи секоја можна закана на Нетсферата.


Она што е највпечатливо за Blame е самиот свет. Иако многу сај фај фанови се навикнати на сајберпанк темите од филмови и серии како Ghost In The Shell, Psycho Pass, Akira, Johnny Mnemonic за дистописки градови, огромен јаз помеѓу сиромашните и богатите и контролите на приватните корпорации врз државните институции, Нихеи се решава да го однесе сајберпанкот надвор од својата „комфор зона“, поаѓајќи од идејата дека постои неограничен потенцијал да се искористат идеите од овој поджанр на начин кој досега не бил искористен. Градот во Blame не знае за граници. Мегаструктурата не само што ја има опфатено Земјата туку и се шири кон другите планети на Сончевиот систем, асимилирајќи ги Месечината и Марс. Никој не знае колкава е големината на Градот, ни колку катови содржи. Има евиденции од разни човечки цивилизации за бројот на човечките и трансчовечките раси, но таа евиденција е некомплетна со оглед на тоа што многу малку од просторот е истражен. Секој кат е посебен свет - во некои катови важат посебни закони на физиката, некои катови се своевидни временски капсули во кои ако заглавиш, престојот од неколку минути значи дека поминале неколку години во надворешниот свет, некои катови се празни со антигравитационо поле, но се премногу големи и за да стигнеш на следниот кат потребно е да поминеш дистанца долга најмалку 100 000 километри, а некои катови во себе содржат необична фауна на сајберsверови и џиновски бубачки. Секој кат е едно бизарно изненадување за Кили кој најдобро знае дека и засолништата кои ги нудат човечките заедници претставуваат лажна сигурност. Недовербата е неговиот најголем сојузник.



Дијалозите во Blame се сведени на минимум. Нарацијата е препуштена на сликите. Наместо да се опише дека пиштолот на Кили е моќен, Нихеи на неколку страници покажува колкава е моќта на Гравитацискиот емитер. Наместо да стои опис „Мегаструктурата е огромна и мрачна“ Нихеи прикажува како Кили талка низ лавиринт или под темни неба со месеци, а одвреме навреме тишината е прекината со бучавата на машините или звукот на експлозии. Да се каже дека цртежот ја надополнува приказната е неточно бидејќи токму цртежот е клучен во спроведувањето на приказната. Затоа добро е да се посвети внимание на дејствата на ликовите и деталите на некои места бидејќи постои добра шанса да се пропушти битен дел од приказната. Самиот цртеж е и повеќе од импресивен. Лавиринти од ескалатори, метални кули-игли, машински блокови кои ја менуваат својата местоположба, комплекс згради „закачени“
наопаку се само дел од величествените и бизарни зданија во Blame. Со оглед на тоа што Нихеи студирал архитектура не е изненадување што многу често сретнуваме интересни градби во текот на целата серија.


Blame е исполнет со многу акција. Многу јасно се прикажани и лесни се за следење. Нема да сретнете досадни реплики насред борби, иритирачки флешбекови и дијалози. Само чиста, хард кор акција проследена со разорната моќ на Гравитацискиот емитер на Кили секогаш кога на патот ќе му се испречат силиконски суштества, Safeguard војници или полициски авторитети од организираните заедници.


Ретко која манга може истовремено да понуди интензивна акција, неверојатна уметност и ментална гимнастика во обид да се склопат делчињата од сложувалката на Градот. Иако содржи многу малку дијалог, а ликовите не се добро разработени поради тоа што се always on the rails, Blame е мало освежување кое отстапува од многу манга/аниме клишеа.