четврток, 1 август 2013

Shigurui - revisited

Shigurui
Манга
Жанр: Историска драма, трагедија, сеинен
Пишува: Норио Нанѓо
Црта: Такајуки Јамагучи
Број на книги: 15




















„Самурајот не беше господар на својот живот. Кога воин влегува во службата на својот господар, нема поголема чест од онаа да си го даде животот за него. Феудалното општество, во својот совршен облик беше сочинувано од мал број садисти и голем број мазохисти.“


„Турнирот во замокот Суруга“ - Норио Нанѓо





Кога започнав со пишување рецензии за јапамк блогот, првиот текст ми беше посветен за манга серијалот Shigurui, нетипична манга за самураите. Текстот беше „сиромашен“ со оглед на моето тогашно слабо искуство за рецензирачки текстови, па се решив на Shigurui да му ја дадам правдата која ја заслужува.


 клик на видеото



Јапонија, 1630 година. Земјата се опоравува по завршувањето на граѓанската војна и воедно крајот на Сенгоку периодот (100 години војна помеѓу расцепканите јапонски државички). Феудалниот владетел Таданага Токугава, трет брат на шогунот Иемицу Токугава, озлогласен поради неговата декаденција и суровост организира турнир во мечување во неговиот замок Суруга. Турнирот е неконвенционален и во спротивност со многу правила бидејќи во борбите ќе се користат вистински мечеви наместо дрвени, а секоја борба мора да заврши со смртта на еден од дуелистите. И покрај противењата на неговите советници, владетелот не отстапува од своите планови да направи сензационална претстава за масите. Многу самураи и ронини доаѓаат од различни страни на штотуку обединетата држава. Секој има свој мотив за учеството. Гласниците на владетелот ја најавуваат првата борба и ги повикуваат првите мечувалци - Ирако Сеиген и Геносуке Фуѓики. Сеиген е слеп и мора да се ослони на неговата љубовница Ику за да се појави на арената. Фуѓики е еднорак. Публиката е збунета и гневна истовремено - не само што Таданага ги прекршил правилата, туку и се исмејува со традицијата, правејќи циркус со беспомошни лица. Сите се гневни, освен ветераните кои и погледнале на војната во лице и преживеале. Тие знаат дека овие навидум беспомошни луѓе на арената зрачат со силен борбен дух и неуморна желба нивното сечило повторно да вкуси крв. Се е подготвено за првата борба, и како што сите очекуваат првиот удар на тапанот да го означи почетокот на двобојот, така сцената помеѓу противниците се префрлува на едно друго место и време, време кога Сеиген и Фуѓики беа ученици на Ивамото Коган, еден од најпознатите самураи од крајот на Сенгоку периодот и најдобриот мечувалец во земјата.




Shigurui според мене е најдобрата манга за самураи иако во многу аспекти се прикажани во „негативно“ светло и содржат работи кои за мнозинството љубители на манга и аниме ќе остават горчлив вкус. Дури и за оние кои се хард кор фанови на насилство.

Дали напишав „негативно“? Попрецизен опис би бил реалистично. Мнозинството љубители на аниме и манга сигурно имаат некој зацртан идеал во главата за тоа што е самурај и што значи да се биде самурај - воин кој е верен до смрт на својот господар, воин кој ја слуша секоја наредба на својот господар и не се осмелува да го доведе во прашање неговиот авторитет, воин со благороден кодекс на однесување и војување со силно чувство за посветеност кон вредностите на неговото општество. Изгледа премногу чисто, зарем не? Да, така би изгледало доколку ги гледаме со „романтичарски“ наочари. Вистината зборува поинаку. Колку и да сакаме да идеализираме одредена група поради нешта кои се убави на хартија, историските толкувања ја покажуваат другата страна, вообичаена за времето кога самураите биле на висока нога - обични луѓе од крв и месо, со лоши и перверзни склоности за она што е добро, праведно и чесно во нивните очи.





Фрлете ги преку прозорец добрините и доблестите на Химура Кеншин (Rurouni Kenshi), силното чувство за одмазда на Огами Ито (Lone Wolf and Cub), потрагата по титулата „неприкосновен меѓу неприкосновените“ (Vagabond) и заштитата на слабите против силните (The Seven Samurai), бидејќи тие се трнот во окото на вистинските самураи и нивните господари во немилосрдниот среден век. Да погледне човек како стојат работите од нивен агол е исто како да седите со саканата личност во омилениот ресторан, за подоцна некој незначаен објект или мисла ве клоцне во свеста, будејќи ве насред постапокалиптична пустелија потсетувајќи ве дека ова што го гледате никогаш нема да ви се тргне од поглед.



Самурај како титула им припаѓа на оние кои се родени во семејства на самураи, но исто така е цел на оние со амбиција да се оттргнат од класите на кои претходно им припаѓале (земјоделци, поети, уметници, трговци, лекари) со надеж дека ќе го напуштат животот под „чизмата“ на угнетувачите, само за да бидат добро потсетени дека едно скалило погоре во ланецот на исхраната не значи многу се додека мечот на феудалните господари (daimiyo) им виси над главите на самураите и не се знае кога тој меч ќе замавне. Сеиген и Фуѓики како деца од сиромашните слоеви се прибрани во куќата на Ивамото Коган и секој на свој начин го поплочува патот кон целта да биде самурај. А зошто да не, кога ја имаат честа да учат од најголемиот самурај од војната, Коган, кој покрај титулата ја доделува својата огромна куќа, големите земјени површини за ориз и својата ќерка, Мие на достојниот наследник. Но оваа награда доаѓа и со отров, отров кој Коган го има здобиено од војната и неговите господари. Добро знаејќи дека никогаш нема да има слобода над својот живот поради правилата за служба кон феудалните владетели, чувството на несигурност дека смртта го демне и може да го зграпчи дури и во состојба на некоја глупа баналност создава пореметување кое со тек на годините се таложи, правејќи од Коган човек опседнат да сее смрт, зло и пакост кон други во времиња на мир. Пореметеноста на еден лудак се пренесува на неговите ученици, нивната пореметеност кон другите класи оправдувајќи ги како зачувување на својата чест и така во круг. Токму ова е причината зошто во Shigurui е тешко да се најде лик за кој можеш да навиваш. Кој би сакал да се поистовети со монструми?



Да, ова е прикажување сурови настани, без никакви цензури, нешто препознатливо за фановите на серии од типот на Game of Thrones. И нормално Shigurui како серија би била лесно отфрлена поради тоа. Но самата нарација која создава чувство кај читателот дека чита книга (во мангата нема многу дијалози, речиси се' се сведува на раскажување) лесно го внесува во тој свет иако претстојат соочувања со настани кои и тоа како ќе го изместат од зоната на комфорот.


Но ако има нешто што најмногу се издвојува кај Shigurui покрај ликовите се цртежот и насилството. Кога сте виделе последен пат во манга или аниме да има ликови кои се целосна спротивност на вообичаените ликови кои ги среќаваме во аниме/манга во смисла на реалистични анатомски црти? А токму тоа придонесува за поголема вознемиреност од аспект на насилството. ОК, не сме имуни на шок случки во аниме/манга, сме се навикнале на насилни сцени, прскање крв на тони, глави летање итн. Но колку и да сме сигурни дека ништо не може да не изненади во пореметено насилство само затоа што во еден период од животот сме ги гледале Elfen Lied, Hokuto no Ken, Berserk или Gantz, ништо не може да не подготви за Shigurui. Кога има сцени на сечење со катани, ние не гледаме претерано насилство со леење крв и по некое црево, ние го гледаме целиот „пакет“ - графичко прикажување на отсекување на месо, нерви и коски од раце и нозе, кршење заби, откорнување вилици, сечење граден кош со исправена половина небаре гледаме човечки модел на час по биологија.



Shigurui не е за секого. Како што веќе наведов има работи кои знаат да ве демотивираат да поминете преку првото поглавје. Но ако наведеното не ве одвраќа, тогаш ова е дело за вас. Shigurui  звучи како лудило, но сепак е прекрасно лудило.